ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • bt погл. 11 стр. 85-92
  • „Полни со радост и со свет дух“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Полни со радост и со свет дух“
  • ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Одвоени „за делото“ (Дела 13:1-12)
  • „Збор на охрабрување“ (Дела 13:13-43)
  • „Одиме кај незнабошците“ (Дела 13:44-52)
  • Варнава — ‚синот на утехата‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Инспириран образец на христијанско мисионерско дело
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • „Зборуваа смело во името на Јехова“
    ,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
  • Варнава и Павле им помагаат на луѓе во далечни места да станат ученици
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2018)
Повеќе
,Сведочи темелно за Божјето Царство‘
bt погл. 11 стр. 85-92

ЕДИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Полни со радост и со свет дух“

Павле се справува со противници што не сакаат да ја прифатат добрата вест

Се темели на Дела 13:1-52

1, 2. Што било посебно во врска со патувањето на кое требало да тргнат Варнава и Савле, и како нивната служба помогнала да се исполни Дела 1:8?

ОВА е посебен ден за собранието во Антиохија. Од сите тамошни пророци и учители, светиот дух ги избрал токму Варнава и Савле да ја однесат добрата вест во далечни местаa (Дела 13:1, 2). Се разбира, некои и порано биле испраќани на вакви задачи. Но, во минатото мисионерите патувале во краеви каде што христијанството веќе имало пуштено корени (Дела 8:14; 11:22). Овој пат, Варнава и Савле — заедно со Јован Марко, кој ќе им биде помошник — ќе заминат во земји каде што повеќето луѓе сѐ уште ја немаат слушнато добрата вест.

2 Околу 14 години пред тоа, Исус им го рекол следново на своите ученици: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Тоа што Варнава и Савле биле избрани да служат како мисионери уште повеќе го забрзало исполнувањето на овие пророчки зборови на Исус!b

Одвоени „за делото“ (Дела 13:1-12)

3. Зошто било тешко да се оди на далечен пат во првиот век?

3 Денес, благодарение на современите превозни средства, како што се автомобилот и авионот, луѓето можат да поминат големи далечини за само час или два. Но, во првиот век од н.е. не било така. Во тоа време, оние што патувале по копно главно пешачеле, и тоа честопати низ нерамни предели. Било многу напорно да се пешачи по цел ден и да се поминат само 30-ина километри!c Затоа Варнава и Савле, кои несомнено се радувале на новата задача, сигурно биле свесни дека таа од нив ќе бара труд и големи жртви (Мат. 16:24).

ПАТУВАЊЕТО ВО ПРВИОТ ВЕК

Во древниот свет, патувањето по копно било побавно, понапорно и веројатно поскапо отколку патувањето со брод. Сепак, до многу места можело да се стигне само пеш.

Патникот можел за еден ден да пропешачи 30-ина километри. Притоа бил изложен на секакви временски услови — сонце, дожд, жега и студ — па дури и на опасноста да биде нападнат од крадци. Апостол Павле напишал дека често патувал и дека бил „во опасност од реки, во опасност од разбојници“ (2. Кор. 11:26).

Во Римското Царство постоела разгранета мрежа од поплочени патишта. Покрај главните патишта имало ноќевалишта кои биле оддалечени едно од друго на околу еден ден одење. Меѓу нив имало гостилници, каде што можеле да се набават основните работи. Писателите од тоа време ги опишуваат овие ноќевалишта и гостилници како нечисти места во кои имало влага и болви и кои биле преполни со луѓе. Тие места биле на лош глас бидејќи во нив престојувале луѓе од дното на општеството. Сопствениците на ноќевалиштата честопати ги ограбувале патниците, а меѓу другите услуги, им нуделе и проститутки.

Без сомнение, христијаните се труделе максимално да ги избегнуваат ваквите места. Но, кога патувале во земји каде што немале роднини или пријатели, веројатно не им преостанувало ништо друго, освен да преспијат во некое вакво ноќевалиште.

4. а) Под чие водство биле избрани Варнава и Савле, и како реагирале нивните соверници на ова? б) Како можеме да ги поддржуваме оние на кои им се дадени задачи во собранието?

4 Но, зошто светиот дух конкретно заповедал Варнава и Савле да бидат одвоени „за делото“? (Дела 13:2). Библијата не го дава одговорот. Сепак, знаеме дека светиот дух го водел избирањето на овие мажи. Ништо не покажува дека пророците и учителите во Антиохија имале некаков приговор на таа одлука. Напротив, тие едногласно ја поддржале. Замисли како мора да се чувствувале Варнава и Савле кога нивните духовни браќа, без ронка завист, постеле и се молеле, па ги положиле рацете врз нив и ги отпуштиле! (Дела 13:3). И ние треба да ги поддржуваме оние на кои им се дадени задачи во христијанското собрание, меѓу кои спаѓаат и мажите кои се поставени за надгледници. Наместо да им завидуваме, треба особено да ги цениме „со љубов поради нивната работа“ (1. Сол. 5:13).

5. Опиши што правеле Павле и неговите соработници за да сведочат на островот Кипар.

5 Откако пешачеле до Селеукија, пристаниште во близина на Антиохија, Варнава и Савле се качиле на брод за островот Кипар, кој бил оддалечен околу 200 километри.d Бидејќи бил родум од Кипар, Варнава сигурно со душа чекал да им ја пренесе добрата вест на луѓето во својот крај. Откако стигнале во Саламис, град на источниот брег на островот, овие мажи не губеле време, туку веднаш почнале „да ја објавуваат Божјата реч во еврејските синагоги“e (Дела 13:5). Варнава и Савле го минале Кипар од крај до крај, при што најверојатно сведочеле во поголемите градови. Во зависност од тоа по кој пат оделе, овие мисионери можеби пропешачиле околу 160 километри!

ВО ЕВРЕЈСКИТЕ СИНАГОГИ

Зборот „синагога“ дословно значи „собирање, собир“. Во почетокот се однесувал на заедница или собрание од Евреи, но, со текот на времето, почнал да го означува и местото или градбата каде што се собирале Евреите.

Се смета дека синагогите почнале да се појавуваат или во текот на 70-годишното изгнанство на Евреите во Вавилон или веднаш потоа. Тоа биле места каде што верниците добивале поука, го славеле Бог и му се молеле, ги читале Писмата и биле поттикнати да живеат според нив. Во првиот век од н.е., во секој град во Палестина имало синагога. Во поголемите градови имало повеќе од една, а во Ерусалим имало многу.

По изгнанството во Вавилон, многу Евреи не се вратиле во Палестина. Освен тоа, мнозина патувале во други земји од деловни причини. Веќе во 5 век пр.н.е., имало еврејски заедници во 127-те покраини на Персиското Царство (Ест. 1:1; 3:8). Со време, биле основани еврејски заедници и во градовите низ целото Средоземје. Овие распрснати Евреи станале познати под името Дијаспора, а и самите основале синагоги во сите места каде што се населиле.

Во синагогите, секоја сабота се читал и се објаснувал Законот. Се читало од подиум, кој од три страни бил опкружен со седишта. Секој оддаден Евреин можел да чита, да проповеда и да ги охрабрува присутните.

6, 7. а) Кој бил Сергиј Павле, и зошто Варисус сакал да го спречи да ја слушне добрата вест? б) Како се справил Савле со противењето на Варисус?

6 Во првиот век од н.е., Кипар бил потонат во лажни верувања и обичаи. Ова особено станало очигледно кога Варнава и Савле стигнале во Пафос, на западниот брег на островот. Таму се сретнале со Варисус — „еден гаталец, лажен пророк“, кој бил „со проконзулот Сергиј Павле, разборит човек“.f Во првиот век, голем број угледни Римјани — дури и еден „разборит човек“ како Сергиј Павле — честопати барале помош од гатачи или астролози кога требало да донесат важна одлука. Меѓутоа, Сергиј Павле се заинтересирал за пораката за Царството и замолил „да ја чуе Божјата реч“. Ова воопшто не му се допаднало на Варисус, кој бил познат и под називот Елим, што значи „гаталец“ (Дела 13:6-8).

7 Варисус се противел на пораката за Царството. Всушност, единствен начин да ја заштити својата влијателна положба како советник на Сергиј Павле бил „да го одврати проконзулот од верата“ (Дела 13:8). Но, Савле немал намера да дозволи еден дворски магионичар да го спречи Сергиј Павле да ја слуша пораката. Затоа, што направил? Извештајот вели: „А Савле, кој се викаше и Павле, откако се исполни со свет дух, продорно го погледна [Варисус] и рече: ’Сине ѓаволски, полн со секаква измама и пакост, непријателу на секоја праведност, зарем нема да престанеш да ги искривуваш правите Јеховини патишта? И затоа, еве, Јеховината рака доаѓа врз тебе: ќе ослепиш и некое време нема да го гледаш сонцето‘. И веднаш падна на него густа магла и темнина, па одеше наоколу барајќи луѓе за да го водат за рака“.g Кој бил резултатот од ова чудо? Проконзулот, откако видел што се случило, станал верник, бидејќи бил восхитен од Јеховиното учење (Дела 13:9-12).

Еден брат, кој во раката држи отворена Библија, ја брани вистината на суд пред еден судија.

Исто како Павле, и ние смело ја браниме вистината кога се соочуваме со противење

8. Како ќе покажеме дека сме смели како Павле?

8 Павле не се исплашил од Варисус. Исто како него, и ние не треба да се плашиме кога противниците се обидуваат да ја поткопаат верата на оние што се интересираат за пораката за Царството. Се разбира, начинот на кој зборуваме треба секогаш да биде „пријатен, зачинет со сол“ (Кол. 4:6). Но, истовремено, не сакаме да го доведеме во опасност духовното добро на заинтересираното лице само за да избегнеме расправии. Освен тоа, не треба да дозволиме стравот да нѐ спречи да ја разоткриваме лажната религија, која и понатаму ги искривува „правите Јеховини патишта“, како што правел и Варисус (Дела 13:10). Исто како Павле, смело да ја објавуваме вистината и да им помогнеме на искрените луѓе. Иако можеби нема да биде толку очигледно дека Јехова ни помага како што било во случајот со Павле, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе го употреби својот свет дух за да ги привлече достојните лица кон вистината (Јован 6:44).

„Збор на охрабрување“ (Дела 13:13-43)

9. Како Павле и Варнава дале одличен пример за оние што предводат во собранието денес?

9 Очигледно, се случила една промена кога овие мисионери си заминале од Пафос и се качиле на брод за Перга, која се наоѓала на брегот на Мала Азија, на оддалеченост од околу 250 километри. Дела 13:13 се осврнува на нив со изразот „Павле и оние што беа со него“. Одовде може да се заклучи дека оттогаш натаму Павле веројатно презел водство во она што го правеле како група. Сепак, ништо не покажува дека Варнава му завидувал на Павле поради тоа. Напротив, двајцата продолжиле заедно да ја извршуваат Божјата волја. Павле и Варнава се одличен пример за оние што предводат во собранието денес. Наместо да се натпреваруваат за поголем углед, христијаните се сеќаваат на зборовите на Исус: „Сите вие сте браќа“. Тој исто така рекол: „Кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Мат. 23:8, 12).

10. Опиши го патувањето од Перга до писидиска Антиохија.

10 Откако стигнале во Перга, Јован Марко ги оставил Павле и Варнава и се вратил во Ерусалим. Не е кажано зошто си заминал толку ненадејно. Како и да е, Павле и Варнава продолжиле понатаму, патувајќи од Перга до писидиска Антиохија, град во провинцијата Галатија. Ова било напорно патување затоа што писидиска Антиохија се наоѓала на надморска височина од околу 1.100 метри. Опасните планински превои биле озлогласени и поради честите разбојнички заседи. Згора на сето тоа, Павле веројатно не бил добар со здравјето.h

11, 12. Како Павле се обидел да ги заинтересира своите слушатели кога зборувал во синагогата во писидиска Антиохија?

11 Во писидиска Антиохија, Павле и Варнава влегле во синагогата во сабота. Извештајот вели: „По јавното читање на Законот и на Пророците, настојниците на синагогата испратија по нив, велејќи: ’Луѓе, браќа, ако имате некаков збор на охрабрување за народот, кажете го!‘“ (Дела 13:15). Тогаш Павле станал да зборува.

12 Тој им се обратил на присутните со следниве зборови: „Луѓе, Израелци и вие останатите, кои се боите од Бог“ (Дела 13:16). Меѓу оние што го слушале имало Евреи и преобратеници во еврејската вера. Како успеал Павле да ги заинтересира овие слушатели кои не ја сфаќале улогата на Исус во Божјата намера? Прво, тој дал краток преглед на историјата на еврејскиот народ. Објаснил како Јехова го возвишил народот додека биле „дојденци во египетската земја“ и како, по нивното избавување, околу 40 години ги поднесувал во пустината. Павле, исто така, раскажал како Израелците ја зазеле Ветената земја и како Јехова им ја разделил со ждрепка (Дела 13:17-19). Некои сметаат дека апостолот ги кажал овие работи осврнувајќи се на некои делови од светите списи што веројатно биле прочитани кратко пред тоа како дел од службата во саботниот ден. Ако е така, тогаш ова е уште еден пример за тоа дека Павле знаел како на сите луѓе да им биде сѐ (1. Кор. 9:22).

13. Како би можеле да допреме до срцето на оние што нѐ слушаат?

13 И ние треба да се трудиме да ги заинтересираме за пораката луѓето на кои им проповедаме. На пример, ако знаеме на која религија ѝ припаѓа човекот со кого разговараме, ќе можеме да зборуваме на тема што посебно го интересира. Освен тоа, можеме да цитираме делови од Библијата кои веројатно му се познати. Може да имаме успех и ако човекот сам прочита одредени стихови од својата Библија. Труди се да најдеш начин да им допреш до срцето на оние што те слушаат.

14. а) Како Павле почнал да зборува за добрата вест за Исус, и кое предупредување го дал? б) Како реагирал народот на говорот на Павле?

14 Во продолжение, Павле зборувал за тоа како лозата на царевите во Израел водела до спасителот, Исус, чие доаѓање го најавил Јован Крстител. Потоа опишал како Исус бил убиен и подигнат од мртвите (Дела 13:20-37). „Затоа браќа“, им рекол на крајот, „знајте дека преку него ви се објавува простување на гревовите и дека преку него секој што верува е прогласен за невин.“ А потоа им го дал следново предупредување: „Гледајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците: ’Гледајте, вие кои имате презир, чудете се и исчезнете! Зашто, јас правам дело во вашите денови во кое не би поверувале дури и ако некој ви раскаже сѐ за него‘“. Говорот на Павле наишол на крајно поволна реакција. „Народот ги молеше да им зборуваат за тоа наредната сабота“, вели Библијата. Освен тоа, откако бил „распуштен собирот во синагогата, многу Евреи и богобојазливи преобратеници во еврејската вера“ тргнале по Павле и Варнава (Дела 13:38-43).

„Одиме кај незнабошците“ (Дела 13:44-52)

15. Што се случило следната сабота откако Павле го изнел својот говор?

15 Следната сабота, „речиси целиот град“ се собрал да го слуша Павле. Ова не им се допаднало на некои Евреи, кои почнале „со хулење да противречат“ на она што тој го зборувал. Тогаш Павле и Варнава смело им рекле: „Речта Божја требаше најпрво вам да ви биде кажана. Но бидејќи вие ја отфрлате и не се сметате себеси за достојни за вечен живот, еве, одиме кај незнабошците. Зашто, Јехова вака ни заповеда: ’Те поставив за светлина на народите, да бидеш спасение до крајот на земјата‘“ (Дела 13:44-47; Иса. 49:6).

Павле и Варнава се истерани од писидиска Антиохија од страна на непријателски настроени противници.

„Тие почнаа да ги прогонуваат Павле и Варнава... А учениците беа полни со радост и со свет дух“ (Дела 13:50-52)

16. Како реагирале Евреите на силните зборови на мисионерите, и што направиле Павле и Варнава кога се соочиле со нивното противење?

16 Незнабошците кои слушале се радувале, и сите кои исправно гледале на вечниот живот станале верници (Дела 13:48). Наскоро Јеховината Реч се раширила низ целиот крај. Но, Евреите реагирале на сосема поинаков начин. Всушност, мисионерите им рекле дека, иако Божјата Реч прво им била проповедана ним, тие самите избрале да го отфрлат Месијата, и затоа ги чекала осуда од Бог. Евреите ги подбуцнале угледните жени и водечките мажи во тој град, па тие почнале „да ги прогонуваат Павле и Варнава“ и ги истерале од својот крај. Што направиле Павле и Варнава? Извештајот вели: „Го истресоа правот од своите нозе за сведоштво против нив и отидоа во Иконија“. Дали тоа било крај за христијанството во писидиска Антиохија? Се разбира дека не! Учениците кои останале биле „полни со радост и со свет дух“ (Дела 13:50-52).

17-19. Како може да го следиме добриот пример на Павле и Варнава, и како тоа ќе ни донесе радост?

17 Од начинот на кој овие верни Божји слуги се справиле со противењето учиме нешто многу важно. Ние не престануваме да проповедаме, дури и кога угледни луѓе од светот се обидуваат да нѐ спречат да ја објавуваме нашата порака. Освен тоа, забележи дека Павле и Варнава го истресле „правот од своите нозе“ кога луѓето од Антиохија ја отфрлиле нивната порака. Ова не значело дека им биле лути на жителите на овој град. Напротив, така само покажале дека нема да сносат одговорност за она што ќе им се случи на тие луѓе. Овие мисионери сфатиле дека немаат контрола над тоа како ќе реагираат другите на пораката. Но, она што можеле да го контролираат било дали самите ќе продолжат да проповедаат. И, тие навистина продолжиле кога стигнале во Иконија!

18 Што се случило со учениците кои останале во Антиохија? Точно, мнозина во тој град се противеле на пораката. Но, радоста на учениците не зависела од тоа дали другите ја прифаќаат добрата вест. Исус рекол: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28). Учениците во Антиохија биле решени да го прават токму тоа.

19 Исто како Павле и Варнава, никогаш да не заборавиме дека ние сме должни да ја проповедаме добрата вест. Дали оние што нѐ слушаат ќе ја прифатат пораката или не, зависи само од нив. Доколку ни се чини дека нема голем одѕив кај оние на кои им проповедаме, да извлечеме поука од учениците во првиот век. Ако ја цениме вистината и дозволиме да нѐ води светиот дух, и ние ќе бидеме радосни, дури и кога се соочуваме со противење (Гал. 5:18, 22).

ВАРНАВА — „СИН НА УТЕХАТА“

Јосиф, левит родум од Кипар, бил христијанин кој во првиот век предводел во собранието во Ерусалим. Апостолите му дале уште едно име кое одговарало на неговиот карактер — Варнава, што значи „син на утехата“ (Дела 4:36). Кога ќе видел дека некому од соверниците му треба помош, Варнава веднаш се трудел да помогне.

Варнава приложува две ќесиња со пари.

На Педесетница 33 год. од н.е., биле крстени 3.000 нови ученици. Веројатно мнозина од нив дошле во Ерусалим за празникот и не планирале да останат во градот толку долго колку што останале. За да бидат згрижени овие луѓе, на собранието му биле потребни материјални средства. Затоа Варнава продал едно парче земја и великодушно ги приложил парите кај апостолите (Дела 4:32-37).

Како зрел христијански надгледник, Варнава спремно им помагал на другите. Токму тој му помогнал и на новообратениот Савле од Тарс, иако сите други ученици се плашеле од него затоа што порано ги прогонувал (Дела 9:26, 27). Варнава реагирал понизно кога Павле им дал строг совет нему и на Петар во врска со тоа како еврејските и нееврејските христијани треба да постапуваат едни со други (Гал. 2:9, 11-14). Од овие неколку примери се гледа дека Варнава навистина живеел во склад со своето име — „син на утехата“.

a Види ја рамката „Варнава — ’Син на утехата‘“.

b Во ова време, имало собранија барем до сириска Антиохија, која била на околу 550 километри северно од Ерусалим.

c Види ја рамката „Патувањето во првиот век“.

d Во првиот век, еден брод можел да плови околу 150 километри на ден доколку ветровите биле поволни. Но, ако временските услови не биле добри, таквото патување можело да трае многу подолго.

e Види ја рамката „Во еврејските синагоги“.

f Кипар бил под управа на Римскиот сенат. Главниот управител на островот бил тамошен висок службеник кој ја носел титулата проконзул.

g Оттука натаму, за Савле се употребува името Павле. Некои сметаат дека тој решил да го користи ова римско име во чест на Сергиј Павле. Сепак, тоа што го задржал ова име и откако си заминале од Кипар укажува на едно друго објаснување — имено, Павле, кој бил „апостол испратен кај другите народи“, оттогаш решил да го користи римското име кое веројатно го имал уште од детството. Можеби се решил за името Павле и затоа што грчкиот изговор на неговото хебрејско име, Савле, е многу сличен на изговорот на еден грчки збор што нема убаво значење (Рим. 11:13).

h Неколку години подоцна, Павле го напишал своето писмо до Галатите. Во него, тој пишува: „Првиот пат ви ја објавив добрата вест [кога] бев болен“ (Гал. 4:13).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели