Единаесетто поглавје
„Пастири според моето срце“
1, 2. а) Што може да се случи ако едно стадо овци не е заштитено? б) Што сѐ морал да прави еден пастир во библиски времиња?
ХИРОЈАСУ од Јапонија бил мал кога мајка му купила овен и овца. Тој се грижел за нив, а овцата раѓала по две јагниња годишно, и така стадото почнало да расте. Кога Хиројасу имал 12 години, стадото веќе броело 12-13 овци. Тој се присетува: „Едно утро, додека уште бев во кревет, ги слушнав како блеат, но не излегов веднаш. Кога на крајот сепак станав, имаше што да видам — глутница диви кучиња бегаа откај моите јагниња кои лежеа со распорени утроби! Целиот избезумен, се стрчав да видам што се случи со мајката. Кога ја најдов, сѐ уште дишеше, но лежеше во локва крв. На крајот, преживеа само овенот. Бев скршен. Требаше да станам веднаш штом ги слушнав дека блеат. Немаше шанси сами да се одбранат од кучињата“.
2 Во библиски времиња, речиси сите знаеле што прави еден овчар, односно пастир. Тој требало да ги носи овците на паша и да води сметка да бидат добро нахранети. Освен тоа, ги штител од грабливи животни и ги барал оние што залутале (1. Сам. 17:34-36). Пастирот ги водел на мирно место каде што можеле да се одморат. Исто така, им помагал кога се јагнеле, а потоа се грижел за јагненцата. Многу библиски писатели, меѓу кои и Еремија, ги споредувале со пастири луѓето што биле задолжени да се грижат за народот, сеедно дали станувало збор за владетелите или за оние што предводеле во обожавањето на Јехова.
3. За што ги користел Еремија изразите „пастир“ и ‚пасење‘?
3 Некои во христијанското собрание можеби мислат дека старешините ја исполнуваат својата улога на пастири само кога ги посетуваат своите браќа за да им помагаат и да ги храбрат. Но, Еремија ги користел изразите „пастир“ и ‚пасење‘ за да укаже на сите аспекти на односот што постоел меѓу надгледниците на Јуда и народот. Бог честопати ги осудувал кнезовите, пророците и свештениците во Јуда нарекувајќи ги лоши пастири затоа што не биле заинтересирани за доброто на обичниот народ (Ерем. 2:8). За да ги остварат своите лични интереси, тие ги малтретирале, ги заведувале и ги занемарувале „овците“. Поради тоа што бил запоставен, Божјиот народ се нашол во бедна духовна состојба. Јехова објавил дека тие лажни пастири ги чека неволја, и го уверил својот народ дека ќе му даде други пастири кои совесно ќе се грижат за стадото и навистина ќе го штитат. (Прочитај Еремија 3:15; 23:1-4.)
4. Кој се грижи за Божјето стадо денес, и со каков став?
4 Ова Божје ветување првенствено се исполнило на Големиот Пастир на Јеховините овци, Исус, кој станал Глава на христијанското собрание. Тој рекол дека е „добриот пастир“, кој покажува вистинско сочувство кон оние што ги води (Јован 10:11-15). Денес Јехова се грижи за своето стадо на Земјата користејќи пастири кои служат под водството на Исус. Во нив спаѓаат некои помазани браќа од верниот и разборит роб, како и совесните и вредни старешини од ‚големото мноштво‘ (Отк. 7:9). Овие пастири се трудат да бидат самопожртвувани како Исус. Исто како него, тие сакаат да ги хранат „овците“ и со љубов да се грижат за собранието. Но, тешко на оние што не постапуваат така, туку ги запоставуваат своите браќа, господарат над нив или, пак, се груби и вообразени! (Мат. 20:25-27; 1. Пет. 5:2, 3). Да видиме подетално што очекува Јехова од христијанските пастири денес и што учиме од списите на Еремија во врска со исправните ставови и мотиви кои треба да ги имаат старешините додека ги исполнуваат своите одговорности. Ќе разгледаме како треба да пружаат помош и заштита, да поучуваат во собранието и надвор од него, и да служат како судии.
ПАСТИРИТЕ ГО ШТИТАТ СТАДОТО
5-7. а) Што очекува Јехова од старешините во врска со грижата за неговите овци, и зошто? б) Како можат старешините да покажат вистинска љубов кон своите браќа, вклучувајќи ги и оние што застраниле?
5 Апостол Петар го нарекол Јехова „пастирот и чувар на [нашите] души“ (1. Пет. 2:25). Што чувствува Јехова кон своите „овци“? Ќе добиеме одговор на ова прашање ако се вратиме во времето на Еремија. Откако ги осудил лошите пастири, кои го занемарувале и го расеале стадото, Јехова рекол дека ќе ‚ги собере‘ своите овци и ќе ги врати на нивното пасиште. Тој ветил дека ќе им постави добри пастири „што ќе ги пасат“ и ќе ги штитат од грабливи непријатели (Ерем. 23:3, 4). Јасно, Јехова ги смета своите овци за скапоцени. Така било во минатото, а така е и денес. Бог платил висока цена за да добијат вечни благослови (1. Пет. 1:18, 19).
6 Исто како дословните пастири, и христијанските надгледници треба совесно да се грижат за собранието. Ако служиш како старешина, дали го забележуваш макар и најмалиот знак дека нешто не е во ред со некој од твоите браќа, и дали си спремен веднаш да му помогнеш? Мудриот цар Соломон напишал: „Треба добро да знаеш какво е твоето стадо. Грижи се со сето срце за своите стада“ (Изр. 27:23). Во овој стих се зборува за длабокиот интерес што го покажуваат дословните пастири кон овците, но, општо земено, истото може да се примени и на грижата што ја покажуваат духовните пастири во собранието. Ако служиш како старешина, дали свесно се бориш против секоја склоност да гледаш од високо на другите? Штом самиот апостол Петар ги советувал старешините да не ‚господарат над оние што се Божја сопственост‘, очигледно постои голема веројатност некој старешина да го прави токму тоа. На кој начин можеш ти да му помогнеш на ‚стадото да се одмори‘, како што е проречено во Еремија 33:12? (Прочитај.) Би можел ли да им обрнеш внимание на самохраните родители, вдовиците, семејствата со очув или маќеа, постарите, а и помладите кои можеби имаат посебна потреба од помош?
7 Исто како што пастирот понекогаш ги бара вистинските овци, така и пастирот во собранието одвреме-навреме треба да ги бара и да им помага на поединци кои од некоја причина се оддалечиле од стадото. За да го прави ова, потребно е да биде самопожртвуван и понизен. Добриот пастир спремно одвојува време за да се грижи за потребите на оние што му се доверени да ги надгледува. Би било убаво собраниските старешини искрено да се прашаат: ‚Дали повеќе се трудам да ги охрабрам и да ги зајакнам објавителите, наместо да ги осудувам или да ги критикувам? Дали навистина сакам да се подобрам?‘ Понекогаш не е доволно старешините само еднаш да разговараат со некој брат или сестра за да им помогнат да гледаат на работите како што гледа Бог. Ако не прифаќаат лесно некој библиски совет (а не само личното мислење на некој од старешините), сети се дека и Врховниот Пастир и Надгледник, Јехова, стрпливо ‚зборувал‘ со својот непослушен народ и се трудел да му помогне (Ерем. 25:3-6). Повеќето Божји слуги денес не прават лоши работи, но, кога е потребен совет, старешината мора да го даде исто како што би го дал Јехова.
8. Како можат духовните пастири да го следат примерот на Еремија?
8 Додека сѐ уште имало надеж Евреите да се вратат кај Јехова, Еремија се молел за нив. Тој му рекол на Бог: „Сети се дека стоев пред тебе и зборував добро за нив за да го одвратам твојот гнев од нив“ (Ерем. 18:20). Од овие зборови можеш да видиш дека Еремија го барал доброто кај своите браќа, а не нивните грешки. Денес, христијанските надгледници треба да покажуваат сличен став сѐ додека не стане сосема јасно дека некој, без трошка каење, решил во своето срце да постапува неисправно. Исто така, пожелно е да ги пофалуваат другите за доброто што го прават, а и да се молат за нив и со нив (Мат. 25:21).
Какво ветување дал Бог преку Еремија во врска со духовните пастири? Како можат христијанските надгледници да му пружат помош и заштита на собранието?
ПАСТИРИ КОИ ГИ ПОУЧУВААТ ДРУГИТЕ
9, 10. Зошто добриот пастир, односно собранискиот старешина, треба да ги поучува другите?
9 Како што стои во Еремија 3:15, христијанските пастири треба да ги „пасат“, односно да ги хранат другите „со знаење и со разборитост“. Тоа значи дека треба да ги поучуваат (1. Тим. 3:2; 5:17). Јехова му ветил на својот народ дека добрите пастири ќе го прават токму тоа. Тој ги поттикнал Евреите да ги прифатат поуките и исправките од пророкот Еремија. (Прочитај Еремија 6:8.) За да бидат здрави, овците треба да се хранат. И на Божјите слуги им треба духовна храна и водство од Библијата за да останат духовно здрави.
10 Во врска со поучувањето, старешините имаат двократна улога — да им помагаат и на оние што веќе се во собранието и на оние што сѐ уште не се вистински христијани. Во врска со втората група, не заборавај: една од главните причини зошто постои христијанското собрание е да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство. Затоа, старешините мора да бидат ревносни проповедници (Ерем. 1:7-10). На тој начин ја исполнуваат својата лична одговорност кон Бог, но им даваат добар пример и на своите браќа. Ако си ти старешина, зарем не си увидел од прва рака дека, кога редовно проповедаш со различни браќа и сестри, имаш можност да им помогнеш да поучуваат уште повешто, а и самиот да се подобриш во тој поглед? Освен тоа, собранието многу се охрабрува кога гледа како старешините ревносно предводат во проповедањето, и ова може да им помогне на сите објавители да напредуваат.
11, 12. На што мора да обрне внимание старешината кој сака да биде добар пастир?
11 Сите поуки што старешините му ги даваат на собранието мора да се темелат на Библијата за да бидат здрава духовна храна. Значи, за да поучуваат делотворно, мора трудољубиво да ја проучуваат Божјата Реч. Спореди ја оваа мисла со она што го истакнал Еремија кога кажал зошто водачите на неговиот народ не си ја вршеле добро задачата. Тој рекол: „Пастирите се однесуваат неразумно и не го бараат Јехова. Затоа не постапуваат разборито и сите стада им се распрснаа“ (Ерем. 10:21). Оние што требало да го поучуваат народот не ги следеле библиските начела и не го барале Бог. Затоа не постапувале со вистинска мудрост. А со уште поостри зборови Еремија ги разоткрил таканаречените пророци. (Прочитај Еремија 14:14, 15.)
12 За разлика од тие лажни пастири, христијанските надгледници го проучуваат примерот на Исус и се трудат да го следат. Затоа можат да му служат на стадото како мудри пастири. Точно, не е секогаш лесно да најдат време редовно да проучуваат ако се земе предвид дека мораат да исполнат најразлични одговорности. Сепак, доколку служиш како старешина, дали си цврсто уверен дека поуките што ги даваш ќе бидат корисни, вистинити и полни со знаење и разборитост само ако се темелат на Божјата Реч и на упатствата од верниот и разборит роб? Ако мислиш дека во последно време не проучуваш доволно длабоко и темелно како порано, што ќе сториш за и понатаму да се разликуваш од лажните пастири во времето на Еремија?
13. Што му помогнало на Еремија делотворно да поучува, и што можат денешните христијански пастири да научат од него?
13 Поучувањето на Еремија било особено делотворно затоа што користел споредби. Се разбира, Јехова му давал упатства што да каже и што да направи. Во една прилика, Еремија скршил стомна удирајќи ја од земја и објавил дека на ист начин ќе бидат скршени Ерусалим и неговите жители (Ерем. 19:1, 10, 11). Ова сигурно оставило неизбришлив впечаток врз оние што го гледале! Во друга ситуација, Еремија си направил дрвен јарем, а потоа го носел на вратот за да покаже на симболичен начин дека неговиот народ ќе мора да му се подложи на Вавилон и на јаремот што ќе му го стави тоа царство (Ерем., погл. 27 — 28). Се разбира, Јехова денес не бара од старешините да направат нешто толку драматично за да врежат некои поуки во умот на објавителите. Сепак, зарем не си благодарен кога во своето поучување вклучуваат соодветни споредби и вистински искуства? Добро обмислените споредби и примери можат да остават многу силен впечаток врз слушателите и да им дадат силна мотивација.
14. а) Зошто Еремија го спомнал ‚балсамот во Галад‘? б) Како можат христијанските старешини да им помогнат на своите браќа да останат духовно здрави?
14 Еремија увидел дека народот во негово време имал потреба и од духовно лекување. Тој прашал: „Зар нема балсам во Галад? Зар таму нема лекар?“ (Ерем. 8:22). Во Галад, кој се наоѓал источно од реката Јордан, имало вистински балсам. Ова мирисливо растително масло било прочуено по своите лековити својства и честопати се користело за ублажување и лечење на рани. Но, немало никаков духовен лек. Зошто? Еремија напишал: „Пророците прорекуваат лажно, а свештениците го угнетуваат народот, користејќи ја својата власт. А мојот народ го сака тоа“ (Ерем. 5:31). Како е денес? Зарем не се согласуваш дека навистина има „балсам во Галад“, односно во твоето собрание? Утехата што ни ја даваат грижливите христијански пастири кога со љубов нѐ потсетуваат на библиските начела, кога се трудат да нѐ зајакнат и се молат за нас и со нас е слична на тој лековит балсам (Јак. 5:14, 15).
За кои аспекти од поучувањето на старешините во твоето собрание си особено благодарен? Зошто нивното поучување е делотворно?
„ВАКА ВЕЛИ ЈЕХОВА“
15, 16. Зошто им е потребно внимание и на вистинските и на духовните стада?
15 Замисли си колку се радува еден пастир кога ќе се родат здрави јагниња! Тоа е вистинска награда за неговата неуморна работа и грижа за стадото. Но, тој знае дека, за да останат здрави и да напредуваат, на тие јагниња ќе им треба внимание. Пастирот е должен да им обезбеди добра храна. Освен тоа, јагнињата се раѓаат со долги опашки на кои обично се насобира многу ѓубре и прашина. Бидејќи пастирот сака да останат чисти и здрави, понекогаш мора да им ги потсече опашките. Меѓутоа, ова го прави вешто за да не им предизвика непотребна болка. И духовните пастири со љубов и внимание се грижат за членовите на своето собрание (Јован 21:16, 17). Исто така, старешините многу се радуваат кога заинтересираните лица прават чекори за да станат вистински христијани. Христијанските надгледници сакаат сите овци, и младите и старите, да бидат здрави и добро нахранети, па затоа без престан им посветуваат внимание и им помагаат кога има потреба. Меѓу другото, тие ги потсетуваат своите браќа на она што ‚го вели Јехова‘, односно на советите од Библијата (Ерем. 2:2, 5; 7:5-7; 10:2; Тит 1:9).
16 На Еремија му била потребна смелост за да ја објавува Божјата порака. Собраниските надгледници исто така треба да бидат смели, особено кога има потреба да им пристапат на браќата и да разговараат со нив за да ги заштитат. На пример, можеби некој духовен пастир гледа дека мора да стори нешто за да спречи некое ‚штотуку родено јагне‘, па дури и постара „овца“ да се извалка од нечистотијата на Сатановиот свет. Понекогаш оној што се наоѓа во опасност не ни помислува да бара совет. Сепак, би можел ли еден совесен пастир да стои со скрстени раце и да гледа како некоја овца упаѓа во неволја? Во никој случај! Сигурно ќе го сфати тоа сериозно, и нема да се прави дека сѐ е во ред кога очигледно не е така, бидејќи неговиот соверник е во опасност да го изгуби добриот однос со Јехова (Ерем. 8:11).
17. Кога и како би можел еден пастир да обрне посебно внимание на некоја овца?
17 Ако некоја невнимателна овца полека се оддалечи од стадото, еден буден пастир брзо ќе ја врати на безбедно. (Прочитај Еремија 50:6, 7.) Понекогаш и некој старешина ќе мора со љубов, но цврсто, да ги советува оние кои се доведуваат во опасност. На пример, можеби забележува дека двајца што се свршени поминуваат време заедно, без присуство на трето лице, на места каде што чувствата лесно можат да ги понесат. Еден љубезен старешина кој покажува разбирање би можел да им помогне да не се најдат во такви опасни ситуации. Иако треба да внимава да не ги обвинува, би било добро да им објасни што би можело да се случи и како тоа би ги навело да направат нешто што Јехова го мрази. Исто како Еремија, верните старешини го осудуваат она што го осудува Бог. Така го следат примерот на Јехова, кој, без да биде груб, го молел народот преку својот пророк велејќи: „Не правете ги, ве молам, тие гадости што ги мразам!“ (Ерем. 5:7; 25:4, 5; 35:15; 44:4). Дали вистински ја цениш грижата која пастирите со љубов ја покажуваат кон стадото?
18. Кои се добрите резултати од трудот што го вложуваат духовните пастири?
18 За жал, Еремија не го слушале сите оние што ги советувал. Но, имало и такви што го послушале. На пример, еднаш тој морал да му даде директен и јасен совет на својот писар и пријател Варух (Ерем. 45:5). Каков бил резултатот? Варух останал во Божјата милост и го преживеал уништувањето на Ерусалим. Слично е и денес. Кога ги гледаат добрите резултати од тоа што им помагаат на соверниците, собраниските старешини се охрабрени и понатаму ‚да се посветуваат‘ на животоважното ‚поттикнување и поучување‘ (1. Тим. 4:13, 16).
КАЗНА „КОЛКУ ШТО Е ПОТРЕБНО“
19, 20. Каква одговорност имаат старешините кон оние што грешат?
19 Денес, надгледниците се и во улога на духовни судии. Во ретки прилики, тие мора да разговараат со лица што намерно грешат, со цел да им помогнат да се покаат. Јехова ги опоменувал престапниците љубезно, но без заобиколување, да ги остават своите грешни мисли и постапки (Ерем. 4:14). Меѓутоа, ако некој во собранието не сака да прекине со гревот, надгледниците мораат да преземат мерки за да го заштитат стадото од можното расипувачко влијание. Во склад со библиската заповед, тие можеби ќе мора да го исклучат престапникот, бидејќи Јехова очекува во вакви ситуации да постапат според неговата правда. Добриот цар Јосија дал одличен пример во врска со ова. Тој ‚го бранел правото на страдалникот и на сиромавиот‘. Со тоа покажал дека ја сака правдата исто како што ја сака Бог. Осврнувајќи се на неговите постапки, Јехова можел да праша: „Зар тоа не значи човек да ме познава мене?“ Јосија постапувал праведно, и затоа ‚му било добро‘. Зарем не се чувствуваш посигурно кога старешините се трудат да го следат примерот на Јосија? (Ерем. 22:11, 15, 16).
20 Можеш да бидеш уверен дека Јехова ги казнува „колку што е потребно“ оние што грешат (Ерем. 46:28). Затоа, во зависност од околностите и од ставот што го покажуваат соверниците, старешините можеби ќе мораат да ги советуваат, да ги опоменуваат или да ги укорат. Некогаш ќе мора и да исклучат некој престапник што не се кае. Во таков случај, старешините не се молат јавно за оној што е исклучен и продолжува да греши, бидејќи тоа веќе нема смислаa (Ерем. 7:9, 16). Сепак, ќе го следат Божјиот пример така што ќе му кажат како може повторно да ја стекне Божјата милост. (Прочитај Еремија 33:6-8.) Иако исклучувањето може да биде болно, можеме да бидеме уверени дека Божјите мерила се праведни и дека се за доброто на сите (Плач 1:18).
21. Во каква состојба треба да биде Божјето стадо, и како можеш ти да придонесеш за тоа?
21 Кога собраниските пастири ги знаат и ги применуваат Божјите мерила од Библијата, стадото ќе биде нахрането, здраво и заштитено (Пс. 23:1-6). Еремија ни кажува многу за ставовите и мотивите (и за исправните и за неисправните) кои треба или, пак, не треба да ги имаат старешините додека ја исполнуваат сериозната одговорност да се грижат за Божјите овци. Затоа, секој од нас може да се праша: ‚Ќе покажувам ли и понатаму ценење за поуките, водството и заштитата што Јехова му ги дава на својот народ, така што ќе ги поддржувам пастирите кои се грижат за стадото хранејќи го „со знаење и со разборитост“?‘ (Ерем. 3:15; 23:4).
Во кои ситуации надгледниците треба да постапат смело? Што очекува Јехова од христијанските старешини кога служат како судии?
[Фуснота]