ПОГЛАВЈЕ 85
Исус лекувал во сабота
Фарисеите го мразеле Исус и барале причина да го уапсат. Тие велеле дека не смее да лекува болни луѓе во сабота, на денот за одмор. Една сабота, Исус видел слеп човек како проси на улица. Тогаш им рекол на учениците: „Гледајте како овој човек ќе оздрави со Божја помош“. Исус плукнал на земја, направил кал и со неа му ги намачкал очите на човекот. Потоа му рекол: „Оди, измиј си ги очите во езерцето Силоам“. Откако човекот го направил тоа, за првпат во животот можел да гледа.
На луѓето не им се верувало што се случило. Тие рекле: „Ова ли е човекот што седеше и просеше, или само личи на него?“ Тој одговорил: „Јас сум тој. Бев слеп од раѓање, ама сега гледам!“ Луѓето го прашале: „Како прогледа?“ Кога им кажал што се случило, тие го одвеле кај фарисеите.
Човекот им раскажал на фарисеите: „Исус ми стави кал на очите и ми кажа да се измијам. Јас го послушав, и еве, сега гледам“. Фарисеите му рекле: „Штом Исус лекува на денот за одмор, неговата моќ не е од Бог“. Но, други рекле: „Ако неговата моќ не беше од Бог, воопшто немаше да може да лекува“.
Фарисеите ги викнале родителите на човекот и ги прашале: „Како тоа вашиот син сега гледа?“ Тие биле исплашени бидејќи фарисеите се заканувале дека секој што ќе поверува во Исус ќе биде исклучен од синагогата. Затоа одговориле: „Не знаеме. Прашајте го него“. Фарисеите продолжиле да го испрашуваат човекот, и на крајот тој им рекол: „Ама ви кажав сѐ што знам. Зошто уште ме прашувате?“ Фарисеите биле гневни и го исфрлиле надвор.
Подоцна, Исус го нашол човекот и го прашал: „Веруваш ли во Месијата?“ Тој одговорил: „Да знаев кој е тој, ќе верував“. Исус му рекол: „Јас сум Месијата“. Колку добар бил Исус! Освен што го излекувал човекот, му помогнал и да стекне вера во него.
„Вие сте во заблуда, бидејќи не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ“ (Матеј 22:29)