ЛЕКЦИЈА 52
Зошто е важно да внимаваме на облеката и на изгледот?
Кога станува збор за облеката и изгледот, сите ние имаме различен вкус. Ако се држиме за некои едноставни библиски начела, не само што ќе можеме да се облекуваме по свој вкус туку и ќе го радуваме Јехова со нашиот изглед. Да разгледаме некои од тие начела.
1. Кои начела можат да ни помогнат кога носиме одлуки во врска со облеката и изгледот?
Библијата ги поттикнува христијаните да се „облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити“. Освен тоа, ако сме чисти и уредни, ќе може да се види дека го почитуваме Бог, односно дека сме му оддадени (1. Тимотеј 2:9, 10). Да ги разгледаме овие четири начела. 1) Треба да се облекуваме пристојно. Како што веројатно си забележал на собраниските состаноци, Јеховините сведоци имаат различни вкусови во поглед на облекувањето. Сепак, со својата облека и фризура покажуваме дека го почитуваме Богот на кој му служиме. 2) Да се облекуваме скромно значи нашата облека да не биде провокативна ниту со неа да свртуваме преголемо внимание кон себеси. 3) Покажуваме разборитост така што не ги следиме последните модни трендови. 4) Од нашиот изглед треба секогаш да се гледа дека го почитуваме вистинскиот Бог, односно дека оддадено му служиме (1. Коринќаните 10:31).
2. Како нашиот изглед може да влијае врз соверниците?
Иако имаме право да избереме каква облека ќе носиме, сепак треба да размислиме како со нашиот изглед ќе влијаеме врз другите. Не би било во ред со нашиот изглед да предизвикаме некој да се чувствува непријатно. Библијата нѐ поттикнува: „Секој од нас нека му угодува на својот ближен во она што е добро за изградување“. (Прочитај Римјаните 15:1, 2.)
3. Како може со нашиот изглед да придонесеме другите да бидат привлечени кон вистината?
Ние се трудиме во секоја прилика да бидеме соодветно облечени. Но, особено внимаваме на тоа кога сме на собраниските состаноци и во служба. Не би сакале со нашиот изглед да им го одвлекуваме вниманието на луѓето од важната порака што им ја пренесуваме. Наместо тоа, сакаме да го украсуваме „во сѐ учењето на нашиот Спасител“ (Тит 2:10).
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Во овој дел ќе разгледаме како може со облеката и изгледот да покажеме дека сме вистински христијани.
Со нашата облека и со нашиот изглед покажуваме дали ги почитуваме оние што имаат некаков авторитет. Иако Јехова гледа што имаме во срцето, сепак и со нашиот изглед треба да покажеме дека го почитуваме
4. Кога внимаваме на нашиот изглед, покажуваме почит кон Јехова
Која е најважната причина зошто внимаваме на нашиот изглед? Прочитај Псалм 47:2, а потоа разговарајте за овие прашања:
Како тоа што знаеме дека го претставуваме Јехова треба да влијае врз начинот на кој се облекуваме?
Дали сметаш дека е разумно тоа што внимаваме на нашиот изглед кога присуствуваме на состаноците и учествуваме во службата? Зошто мислиш така?
5. Како да носиме мудри одлуки во врска со облеката и изгледот
Не е важно дали нашата облека е скапа или не, туку важно е секогаш да биде чиста и соодветна на приликата. Прочитај 1. Коринќаните 10:24 и 1. Тимотеј 2:9, 10. Потоа, разговарајте зошто не сакаме да носиме облека која е...
неуредна или премногу лежерна.
претесна, разголена или провокативна.
Како христијани, ние не сме обврзани да го држиме Мојсеевиот закон. Но, од него може многу да научиме за тоа како Јехова гледа на работите. Прочитај 5. Мојсеева 22:5, а потоа разговарајте за ова прашање:
Зошто жените не треба да изгледаат и да се облекуваат како мажи, а мажите како жени?
Прочитај 1. Коринќаните 10:32, 33 и 1. Јованово 2:15, 16, а потоа разговарајте за овие прашања:
Зошто треба да ни биде важно дали со својот изглед вознемируваме некој од собранието или од местото каде што живееме?
Како се облекуваат и дотеруваат луѓето во местото каде што живееш ти?
Што мислиш, дали некои од тие начини на облекување би биле несоодветни за еден христијанин? Зошто мислиш така?
Секој од нас може да има свој стил на облекување и истовремено да му угоди на Јехова
НЕКОИ ВЕЛАТ: „Мое право е како ќе се облекувам“.
Што мислиш ти за ваквиот став?
ШТО НАУЧИ:
Кога носиме добри одлуки во врска со облеката и изгледот, покажуваме почит кон Јехова и кон другите.
Како би одговорил?
Зошто на Јехова му е важно како се облекуваме и дотеруваме?
Кои се некои начела според кои треба да се водиме кога носиме одлуки во врска со нашиот надворешен изглед?
Како со нашиот изглед може да влијаеме врз тоа какво мислење ќе имаат луѓето за нас како Јеховини сведоци?
ИСТРАЖУВАЈ
Дознај каква порака може да им остава нашата облека на другите.
Прочитај зошто е важно добро да размислиш дали да се тетовираш.
Разгледај уште некои начела што можат да ти помогнат при изборот на облека.
„Го славиш ли Бог со својот начин на облекување?“ (Стражарска кула од септември 2016)
Што ѝ помогнало на една побожна жена да не ги осудува другите кога станува збор за облеката и изгледот?
„Облеката и дотерувањето ми беа камен на спрепнување“ (Разбудете се! од 8 април 2004)