Како може Божјиот дух да влијае на тебе
”НА ПОЧЕТОКОТ Бог го создаде небото и Земјата. Земјата се покажа безоблична и пуста, и беше темнина над водената длабочина; а Божјата делотворна сила се движеше таму-ваму над површината на водата.“ (1. Мојсеева 1:1, 2). Овој библиски стих го истакнува извонредниот начин на кој сите живи извлекле корист од светиот дух. Тој дух бил активен за време на создавањето, и благодарение на неговата активност, Земјата станала прекрасен дом за човештвото.
Но, луѓето можат од светиот дух да добијат многу повеќе. Инспирираната пословица вели: ”Послушајте ја мојата опомена! Гледај, го излевам пред вас својот дух, сакам да ве поучам со своите зборови“ (Пословици 1:23, Ст). Во наше време, Божјите собрани ”зборови“ се достапни во Библијата, а запишани се од луѓе кои ”биле поттикнати од Светиот Дух“ (2. Петрово 1:21; Марко 12:36; 2. Тимотеј 3:16). Кога некој понизен човек ја чита Библијата, извлекува корист од светиот дух.
Светиот дух и делото на проповедање
Кога некој од Јеховините сведоци ќе наврати во вашиот дом за да разговара за добрата вест за Царството, светиот дух може да влијае на вас на еден друг начин. Откаде го знаеме тоа? Па, кога Исус Христос почнал да ја проповеда добрата вест, на себе ги применил зборовите од пророк Исаија, кога рекол: ”Духот на Јехова е на мене, бидејќи ме помаза да им ја објавам добрата вест на сиромашните, (. . .) да ја огласам Јеховината година на милост.“ (Лука 4:18, 19; Исаија 61:1, 2). Да ‚ Исус бил помазан со свет дух да ја проповеда добрата вест.
Освен тоа, Исус претскажал дека проповедањето на добрата вест ќе продолжи по неговата смрт. Тој прорекол: ”Оваа добра вест за Царството ќе се проповеда по целата населена Земја за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“ (Матеј 24:14). Кратко време пред да се вознесе на небото, Исус им го дал на своите следбеници овој налог: ”Одете (. . .) и направете ученици од сите народи, крстејќи ги во името на Таткото и Синот и светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав.“ (Матеј 28:19, 20). Значи, по Христовото вознесување на небото, неговите ученици го продолжиле делото на проповедање и поучување предводено од духот. Јеховините сведоци денес ги имитираат тие први ученици така што по целиот свет ја проповедаат добрата вест.
Крштението и светиот дух
Кога лицето поволно реагира на добрата вест, Исус рекол дека треба да се крсти ”во името на Таткото и Синот и светиот дух.“ Така светиот дух уште повеќе дејствува на новите ученици. Изразот ”во името на“ всушност значи ”со овластување“ или ”признавање на положбата на . . .“a Според тоа, да се биде крстен во името на Таткото значи безприговорно да се признае Божјата сувереност во нашите животи. Крстењето во името на Синот значи прифаќање на Исус како Откупител, Пример, и Цар. Крстењето во името на светиот дух вклучува да имаме доверба во духот и да се подложиме на неговата сила.b
Светиот дух во твојот живот
За жал, нечесноста, неморалот, насилството и сеопштото беззаконие кои ги гледаме во ”христијанските“ земји, го изнесуваат фактот дека повеќето од оние кои се изјаснуваат како христијани, всушност му се спротивставуваат на светиот дух. Но, оние кои му се подложуваат се богато благословени. Како прво, тие сериозно го сфаќаат она што го читаат во Библијата која е инспирирана од духот и тоа го применуваат во своите животи. Така добиваат мудрост, увид, расудување, остроумност, знаење и способност на размислување (Пословици 1:1-4). Тоа се драгоцени вредности во нашите тешки времиња.
Светиот дух исто така им помага на таквите лица да ги пребродат тешките проблеми. Во старо време, Бог му покажал на својот народ како да извршат една многу тешка задача. Јехова рекол дека таа ќе биде извршена ”не со сила ниту со моќ, туку со (неговиот) дух“ (Захарија 4:6, Ст). Ако му се подложуваме на Бог и неговиот дух, и ние ќе добиеме помош да извршиме задачи и ги совладаме препреките кои инаку би биле преголеми за нас (Матеј 6:33; Филипјаните 4:13).
Понатаму, Божјиот дух ни помага да уживаме една слобода која овој свет општо земено не ја познава. Апостол Павле напишал: ”Каде е Јеховиниот дух, таму е слободата.“ (2. Коринтјаните 3:17). Оние кои му се подложуваат на Божјиот свет дух се ослободени од лажната религија, суеверието, стравот од иднината, и од многу други заробувачки фактори. Божјиот дух навистина е сила која влијае на добро! Тој може дури и да ги промени луѓето. Библијата го спомнува тоа кога вели: ”Плодот на духот е: љубов, радост, мир, трпеливост, благост, доброта, верност, кроткост, воздржливост. Против овие не постои закон.” (Галатјаните 5:22, 23, Ст). Колку поинаков би бил овој свет кога секој би дозволил на него да дејствува Божјиот дух!
Како група, вистинските христијани исто така уживаат ”единство на Духот во врска со мирот“ (Ефесјаните 4:3, ДК). Единството и мирот денес се ретки особини. Но, тие постојат таму каде што дејствува Божјиот дух. Навистина, обединувачката врска на светиот дух меѓу Јеховините сведоци ги довела луѓето од сите раси, јазици и националности во вистинско ”братство“ (1. Петрово 2:17, Дуда-Фуќак).
Божјиот дух и ти
Дали ја уочуваш придобивката од поседувањето на мудроста дадена од Бог и од уживањето на вистинската слобода? Зарем не би било прекрасно да се има божествена помош во решавањето на проблемите и негувањето на љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување? Тогаш подложи се на силата на Божјиот свет дух. Но, како можеме да го сториме тоа?
Допушти Божјата реч, Библијата, да делува на твојот ум и срце. Поврзи се со оние кои дозволиле светиот дух да влијае на нивните животи. Сега преземи чекори да ја научиш и вршиш Божјата волја. А ”Бог, изворот на надеж, нека ви даде потполна радост и мир во верата, да напредувате во надежта со силата на Светиот Дух“ (Римјаните 15:13, Ст).
[Фусноти]
a Спореди го англискиот израз ”во името на законот“. Види исто така Матеј 10:41 во преводот Даничиќ-Караџиќ, каде Исус ги употребил зборовите ”во име пророчко“ и ”во името праведничко“.
b Види го Петровиот говор пред Евреите на Денот на духови 33. н. е. ‚ во кој им објаснил многу аспекти од улогата на Исус и светиот дух во животот на крстените верници. По неговиот говор, 3 000 души се крстиле во името на Таткото, Синот и светиот дух (Дела на апостолите 2:14-42).