Објавителите на Царството известуваат
”Секој библиски стих што го прочита ми го допре срцето“
”РЕЧТА Божја е жива и има моќ“, рекол апостол Павле (Евреите 4:12, NW). Тоа се докажало вистинито во животот на една жена од Виетнам која била воспитана како будист. Еве ја нејзината приказна.
”Моите родители кои сѐ уште се во Виетнам, се номинални будисти, така што бев одгледувана како будист сѐ до мојот брак на 22-годишна возраст. Семејството на мојот сопруг се обиде да ме присили да се крстам во католичка црква. Рекоа дека свекрва ми која е мртва била спречена да отиде на небото бидејќи јас бев будист! Отпрвин одбив да го сторам тоа, но подоцна се крстив за да бидат задоволни. Мешутоа, длабоко во срцето се чувствував смешно бидејќи го мразев лицемерието во католичката црква. Таа не беше поинаква од будистичката религија. Исто толку беше вмешана во војна и политика и двете религии го поддржуваа обожавањето на претците.
Да останев во Виетнам, ќе имав многу малку шанси да ја спознам вистината. Пораснав во време кога политичките побуни го зафатија Јужен Виетнам, а живеев во едно гратче доста оддалечено од Сајгон. Затоа беше благослов да се биде во состојба да се побегне за Австралија.
Бев една од оние кои имаа поголема среќа на чамецот. Со моето бебе од два месеца в раце, морав да трчам во темнината да избегам од полицијата и да се качам на мало рибарско кајче. После седум дена на море, стигнавме во Малезија, каде останавме неколку месеци во логор за бегалци пред да дојдеме во Австралија.
По две и пол години во Австралија, дојдов во допир со Јеховините сведоци во нивната служба од куќа до куќа. На првата посета прифатив редовна библиска студија бидејќи на тоа гледав како на добра прилика да научам англиски. Но однесувањето на Сведокот кој ме пронајде и вистината што ми ја предаде многу ме импресионира. Секој библиски стих што го прочита ми го допре срцето, и не можев да видам лицемерство во Јеховината организација. По година ипол проучување на Библијата, го предадов својот живот на Јехова и се крстив.
Морам да кажам дека вистината целосно го измени мојот поглед на животот. Сопругот ми е неверник, но Јехова ми помагал и ме поддржувал, заедно со моето мало семејство. Тој ми беше мојот Голем Учител и ме научи да станам подобра сопруга и мајка. Постојано му благодарам на Јехова што ми помогнал да излезам од духовната темнина во светлината на библиската вистина.“
Навистина, Божјата инспирирана Реч силно влијаела на добро во овој случај. Проучување на Библијата и применување на наученото му дава значење и цел на животот и води до вечен живот во Божјиот нов свет. Како што Бог го инспирал Мојсеј да изјави: ’зашто тие не се за вас празни зборови, туку ваш живот“ (5. Мојсеева 32:47).