Здравјето и среќата — можеш ли да ги имаш?
СЀ ДОДЕКА постојат несовршени мажи и жени, тие копнеат по здравје и среќа. Иако тоа се сигурно две најважни човечки желби, тие се покажале недостижни.
Луѓето многу размислувале и понудиле многу совети во таа потрага. Д-р Денис Џафе забележал: ”Клучот за трајно здравје и лекување денес често лежи во нашето лично однесување.“ Абрахам Линколн еднаш коментирал: ”Луѓето се среќни онолку колку што ќе одлучат да бидат.“ Дали се согласуваш? Колку силно ја посакуваш среќата? Колку постигнувањето на среќата зависи од поседувањето на добро здравје?
Луѓето насекаде барале среќа, следејќи навидум бескрајни траги. Ја испитувале филозофијата, психологијата и метафизиката. Во својата потрага по среќа некои ја испитувале науката, уметноста и музиката. Сепак, без сомнение дека главниот дел од вистинската среќа е поврзан со поседувањето на добро здравје. ”Ако имаш здравје, имаш скоро сѐ“, гласела една популарна телевизиска реклама.
Следејќи го овој начин на постигнување на среќа (т.е. преку доброто здравје), многу луѓе испитале разновидни здравствени теории, како ортодоксни така и неортодоксни. Скоро секоја јавна библиотека ги покажува бескрајните можности за диети со пропишан начин на исхрана и начини на лекување. ”Напишани се многу книги за здравјето, почнувајќи уште од старо време“, забележал познатиот специјалист за срце д-р Пол Дадли Вајт. ”Една од најдобрите била Regiment of Helthe, напишана пред околу илјада години.“
И покрај сето тоа, потрагата по здравјето и среќата била разочарувачка за повеќето луѓе. Дали тоа те изненадува, со оглед на тоа колку наводно напредна станала нашата цивилизација? Очигледно дека науката не им ставила крај на болеста, стареењето и смртта.
Но, дали ќе биде ново изненадување за тебе ако дознаеш дека сѐ уште немаме начин за мерење на среќата и дека не постои добра дефиниција за тоа што е среќа? Во едно предавање на тема ”Размислувања за среќата“, Пјер Тајар де Шарден заклучил: ”Со векови тоа било тема на безброј книги, испитувања, поединечни и заеднички експерименти, еден по друг; и за жал, постигнувањето на едногласност претставувало тотално промашување. На крајот, за многумина од нас, единствениот практичен заклучок кој произлегува од целокупната расправа е дека е безвредно да се продолжи со трагањето.“
Дали и ти мислиш така за среќата? Постави си неколку лични, но искрени прашања. Дали си сега вистински среќен? Или, дали вистинската среќа може да се најде само на небото? Дали постојат какви и да било сигурни изгледи дека можеме да имаме здравје и среќа, и тоа токму овде на Земјава?