Библиското гледиште за мирот и безбедноста
Многу луѓе ги земаат здраво за готово очигледната настроеност кон поголемо светско единство и мирот и безбедноста кое тоа може да ги донесе. Се надеваат дека таквото движење ќе доведе до подобар свет. Но Библијата укажува дека се работи за нешто многу подлабоко од она што се гледа на прв поглед.
ТЕМАТА за мир и безбедност е од особен интерес за христијаните поради она што апостол Павле под инспирација го напишал до едно христијанско собрание од првиот век. Неговите зборови се забележани во Библијата во 1. Солуњанима 5:3 (Превод Бакотиќ): ”Зашто кога луѓето ќе речат: ’Мир и безбедност!‘, тогаш ненадејно ќе ги нападне пропаст, како породилни болки на трудна жена, и нема да побегнат.“ Овој стих подигнува важни прашања.
Мир и безбедност — увод во што?
Ако го читаш контекстот на горе цитираните зборови на Павле, ќе видиш дека оние кои велат ”мир и безбедност“ не се сосема будни христијани, туку поправо поединци кои се заспани во однос на она кое навистина се случува. Тие се наоѓаат во опасна ситуација, но не се свесни за тоа бидејќи мислат дека работите се поправаат. Но, Павле рекол за христијаните: ”А за времињата и годините, браќа, нема потреба да ви се пишува“ (1. Солунјаните 5:1). Да, треба да бидеме свесни за Божјиот распоред на настани. Зошто? Затоа што Павле рекол дека тоа време на ненадејно уништување, наречено ’ден Господов [Јеховин, New World Translation of the Holy Scriptures]‘, доаѓа ’како крадец во ноќно време‘ (1. Солунјаните 5:2).
Што вклучува претскажаното говорење за мир и безбедност? Јасно е дека мора да е повеќе отколку само зборување. Луѓето зборувале за мир скоро онолку колку што воделе војни. Зборовите на Павле мора да се однесуваат на време кога изгледа дека народите постигнуваат мир и безбедност на еден извонреден начин. Но тоа претставува само маска. Привидниот мир и безбедност кој води во ненадејно уништување очигледно не е ниту вистински мир ниту вистинска безбедност.
Исус исто така зборувал за ова ненадејно уништување. Го нарекол ”голема неволја каква што не била од постанокот на светот досега ниту ќе биде“. Неколку стотици години пред Исус, и пророкот Даниел зборувал за тоа и го опишал како ’тешко време, какво што немало откако постојат луѓето, па сѐ до денес‘ (Матеј 24:21, Даничиќ-Караџиќ; Даниел 12:1).
Сеедно дали се нарекува голема неволја или тешко време — и во двата случаја, според пророштвата, тоа ќе ја избрише секоја трага од Сатанскиот земски систем. Наместо да означува божествено одобрување, прореченото говорење за мир и безбедност води токму до спротивното! (Спореди Софонија 3:8.)
Временските елементи се откриени
Дали неодамнешните очигледни движења кон поголемо светско единство и надежите за мир и безбедност кои произлегуваат од нив, претставуваат исполнување на пророчкото предупредување на Павле? Како што ова списание често пати укажало, од 1914 сме сведоци на исполнувањето на бројни библиски пророштва кои се однесуваат на Исусовата небесна присутност во царска сила (Матеј 24, 25. поглавје; 2. Тимотеј 3:1-5; Откровение 6:1-8). Исус укажал на тоа дека Јеховиниот ден, кога ќе дојде ненадејно уништување врз злите, ќе настапи додека сѐ уште се живи членовите од генерацијата од оние кои биле сведоци на почетокот на ова време (Лука 21:29-33).
Апостол Павле изнел и еден временски елемент. Тој рекол: ”Додека луѓето ќе зборуваат: ’Мир и сигурност‘, токму тогаш ненадејно на нив ќе се собори пропаста.“ Овој превод на зборовите на Павле од преводот Стварност јасно покажува дека големата неволја настапува ”додека луѓето ќе зборуваат“. Како крадец во ноќта — неочекувано — пропаста ќе удри кога најмалку ќе се очекува, кога вниманието на повеќето луѓе ќе биде свртено кон мирот и безбедноста на кои се надеваат. Според тоа, иако во моментов не можеме со сигурност да кажеме дали сегашнава ситуација на мир и безбедност ги исполнува зборовите на Павле — или до кој степен говорењето за мир и безбедност уште ќе треба да се развијат — фактот дека таквото зборување сега се слуша во мера како никогаш досега, ги предупредува христијаните на потребата да се остане буден во секое време.
’Судир‘ меѓу светските сили
Кога зборувал за тешкото време, пророкот Даниел исто така навел еден временски знак. Тој покажал дека тешкото време ќе настапи на крајот од долготрајниот судир помеѓу двата светски блока, едниот наречен ”северен цар“, а другиот ”јужен цар“ (Даниел 11:5-43). Од крајот на Втората светска војна, овие моќни блокови се претставени со капиталистичкиот ”јужен цар“ и социјалистичкиот ”северен цар“.
Даниел претскажал дека горкото соперништво помеѓу овие два блока, какво што е забележано во текот на изминатите 45 години, ќе биде како ’судир‘, како двајца борачи кои се борат за предимство. Во поново време се чини како судирот да се намалил. На пример во мај минатата година, советскиот министер за надворешни работи објави крај на студената војна. Во јуни, списанието Time пишуваше за конференцијата на врвот помеѓу Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз и го забележа следново: ”Некои од спогодбите за контрола на оружјето и нуклеарни проби пред неколку години би изгледале како извонредно достигнување. Сега, дури ако се земат предвид и сите аргументи, изгледа дека се оди кон попуштање на затегнатоста.“
Дали ова привидно пријателство помеѓу двете суперсили е привремено или трајно, ќе покаже времето. Но, едно е јасно. Временскиот период којшто Исус го споменал, доста изминал. А она што се случува во светот укажува дека сме близу до настаните кои ги претскажале апостол Павле и пророкот Даниел. И покрај тоа што најновите развои во политиката до одреден степен се должат на влијанието на црквите на т.н. христијанство, тие нема да доведат до траен мир. Знаците покажуваат дека ќе доведат токму до спротивното за народите од овој свет.
[Слики на страница 6]
Времето ќе покаже колку долго ќе трае привидното пријателство помеѓу двете суперсили
[Извор на слика]
Мисија на СССР при ОН