Покажувај вера која се темели на вистина
”Без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (ЕВРЕИТЕ 11:6).
1, 2. Како била ставена на испит верата на Адам, и со каков резултат?
ВЕРАТА бара повеќе отколку само верување дека Бог постои. Првиот човек, Адам, не се сомневал во постоењето на Јехова Бог. Бог комуницирал со Адам најверојатно преку Својот Син, Речта (Јован 1:1-3, ДК; Колосјаните 1:15-17). Сепак, Адам го изгубил изгледот за вечен живот бидејќи пропуштил да го послуша Јехова и да покажува вера во него.
2 Се чинело дека идната среќа на Адам е во опасност кога неговата жена, Ева, не го послушала Јехова. А самата помисла дека ќе ја изгуби, ја ставило на испит верата на првиот човек! Дали Бог можел да го реши тој проблем на таков начин со што би се обезбедила натамошната среќа и благосостојба на Адам? Со тоа што ѝ се придружил на Ева во престапот, Адам очигледно покажал дека не мислел така. Наместо сериозно да бара божествено водство, тој се обидел да го реши проблемот на свој начин. Со тоа што пропуштил да покажува вера во Јехова, Адам си нанел смрт на себе и на целото свое потомство (Римјаните 5:12).
Што е вера?
3. Како библиската дефиниција за верата се разликува од дефиницијата дадена од еден речник?
3 Еден речник ја дефинира верата како ”цврсто верување во нешто за кое нема доказ“. Меѓутоа, без да ја поддржува таа мисла, Библијата го нагласува токму спротивното. Верата се темели на факти, на реалности, на вистина. Светото писмо вели: ”Верата е загарантирано очекување на работи на кои се надеваме, очигледен доказ за стварности, иако не се гледаат“ (Хебреите 11:1, NW). Човекот кој има вера, има гаранција дека сѐ што Бог ветува е како да е практично исполнето. Убедливиот доказ на невидените стварности е толку силен што се вели дека верата е еднаква со тој доказ.
4. Како едно дело ја поддржува библиската дефиниција за вера?
4 Во преводот New World Translation, причинската форма на хебрејскиот глагол а́ман понекогаш се преведува со ”вера“. Според делото Theological Wordbook of the Old Testament, ”во срцето на значењето на коренот е идејата на сигурност (...) спротивно на современите концепти на вера како нешто можно, во кое се полага надеж дека е вистинито, но не е сигурно“. Истото дело кажува: ”Изведената форма а́мен ’навистина‘ е пренесена во Новиот завет во зборот амен кој е ист со англискиот збор ’амен‘. Исус често го употребувал тој збор (Мт 5:18, 26, итн.) за да ја нагласи сигурноста на некоја работа.“ Зборот преведен со ”вера“ во Христијанските грчки списи исто така значи вера во нешто што е цврсто темелено на факт или на вистина.
5. Како грчкиот збор преведен со ”загарантирано очекување“ во Евреите 11:1 се употребувал во древните деловни документи, и какво значење има тоа за христијаните?
5 Грчкиот збор преведен со ”загарантирано очекување“ во Евреите 11:1 (хипо́стасис) обично се употребувал во древните папирусни деловни документи за да се изрази мислата на нешто кое гарантира идно поседување. Научниците Молтон и Милиген го предложуваат преводот: ”Верата е правото на сопственост на работите за кои се надеваме“ (Vocabulary of the Greek Testament). Очигледно, ако некој го има правото да поседува имот, може да го има ’загарантираното очекување‘ дека еден ден неговата надеж да го добие ќе се оствари.
6. Кое е значењето на грчкиот збор преведен со ”очигледен доказ“ во Евреите 11:1?
6 Грчкиот збор во Евреите 11:1, преведен со ”очигледен доказ“ (е́ленкос) ја навестува идејата на давање докази за да се покаже нешто, особено нешто што е спротивно на она отколку што се чини. Позитивниот или конкретниот доказ го разјаснува она што претходно било не можело да се распознае, а со тоа го побива она што само изгледало. Значи и во Хебрејските и во Грчките списи, верата секако не е ”цврсто верување во нешто за кое нема доказ“. Напротив, верата се темели на вистина.
Темелена на основни вистини
7. Како Павле и Давид ги опишуваат оние кои го порекнуваат Божјето постоење?
7 Апостолот Павле навел една основна вистина кога напишал дека ’невидливите особини [на Творецот] (...) набљудувани по нивните дела, се забележуваат од постанокот на светот. Така [противниците на вистината] немаат изговор‘ (Римљанима 1:20, Ст). Да, ”небесата ја кажува славата Божја“, и ”полна е земјата со [негови] богатства“ (Псалми 19:1; 104:24, ДК). Но, што ако некој не сака да ги земе предвид доказите? Псалмистот Давид рекол: ”Заради својата надуеност злобникот не истражува [”бидејќи е арогантен“, The New English Bible]; сите негови помисли се: ’Нема Бог‘“ (Псалми 10:4, NW; 14:1, ДК). Делумно, верата се темели на фундаменталната вистина дека Бог постои.
8. Како може да влијае на верата спознанието дека Јехова е достоен за доверба?
8 Јехова не само што постои; тој е исто така достоен за доверба, па можеме да имаме доверба во неговите ветувања. Тој рекол: ”Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане“ (Исаија 14:24; 46:9, 10). Тоа не се безначајни зборови. Постои јасен доказ дека стотици пророштва забележани во Божјата Реч се исполниле. Со ваквото просветлување, оние кои покажуваат вера исто така се способни да го препознаат исполнувањето на многу други библиски пророштва кои се во тек (Ефесјаните 1:18). На пример, тие го гледаат исполнувањето на ”знакот“ на Исусовата присутност, вклучувајќи го и забрзаното проповедање на воспоставеното Царство, како и претскажаното ширење на вистинското обожавање (Матеј 24:3-14; Исаија 2:2-4; 60:8, 22). Тие знаат дека наскоро народите ќе извикаат ”Мир и безбедност!“ и дека набрзо после тоа Бог ќе ги ’уништи оние кои ја уништуваат земјата‘ (1. Солунјаните 5:3, Ба; Откровение 11:18, Ба). Колкав благослов е да се има вера темелена на пророчки вистини!
Плод на светиот дух
9. Каков е односот помеѓу верата и светиот дух?
9 Вистината на која се темели верата се наоѓа во Библијата и претставува плод на Божјиот свет дух (2. Самоилова 23:2, ДК; Захарија 7:12; Марко 12:36). Тогаш, логично е дека верата не може да постои одвоено од делувањето на светиот дух. Затоа Павле можел да напише: ”Плодот на Духот [ја вклучува] (...) верата“ (Галатјаните 5:22). Но, многу луѓе ја одбиваат божествената вистина, а со тоа го заразуваат својот живот со телесни желби и гледишта кои го жалостат Божјиот дух. Според тоа, ”не сите имаат вера“, затоа што немаат основа на која би ја развиле (2. Солунјаните 3:2; Галатјаните 5:16-21; Ефесјаните 4:30).
10. Како некои од првите Јеховини слуги покажале дека имаат вера?
10 Меѓутоа, меѓу потомците на Адам, некои поединци покажувале вера. Во 11. поглавје до Евреите се споменуваат Авел, Енох, Ное, Авраам, Сара, Исак, Јаков, Јосиф, Мојсеј, Рахава, Гедеон, Варак, Самсон, Ефтај, Давид и Самоил, заедно со многу други безимени слуги на Јехова, кои ’примиле сведоштво преку верата‘. Забележи што било направено ’со вера‘. Со вера Авел ’му принел на Бога подобра жртва‘, а Ное ’го направил ковчегот‘. Со вера Авраам ’послушал да појде до местото, што сакал да го добие во наследство‘. И со вера Мојсеј ’го напуштил Египет‘ (Евреите 11:4, 7, 8, 27, 29, 39).
11. На што укажува Дела 5:32 во врска со луѓето кои не го слушаат Бог?
11 Очигледно дека сите тие Јеховини слуги правеле повеќе отколку само да веруваат во постоењето на Бог. Со тоа што покажувале вера, имале доверба во него како Оној кој ”ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Тие направиле така како што Божјиот дух ги водел да прават, постапувајќи по точното спознание на вистината која тогаш била на располагање, иако била ограничена. Колку поинаку од Адам, кој не постапувал по вера темелена на вистина или во согласност со водството од светиот дух. Оние кои не го слушаат Бог, не се водени од светиот дух (Дела на апостолите 5:32).
12. (а) Во што имал вера Авел, и како го покажал тоа? (б) Што не добиле претхристијанските сведоци на Јехова и покрај нивната вера?
12 За разлика од својот татко Адам, богобојазливиот Авел имал вера. Очигледно од своите родители научил за првото пророштво кое било изговорено: ”[Јас, Јехова Бог] ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу семето твое и семето нејзино; тоа ќе ти стои на главата а ти ќе го каснеш во петата“ (1. Мојсијева 3:15, ДК). Со тоа Бог ветил дека ќе го уништи злото и дека ќе ја обнови праведноста. Како требало да се исполни тоа ветување, Авел не знаел. Но, неговата вера дека Бог ги наградува оние кои сериозно го бараат Него, била доволна јака да го поттикне да принесе жртва. Најверојатно многу размислувал за пророштвото и верувал дека ќе биде неопходно пролевање на крв за да се исполни ветувањето и човештвото да се издигне до совршенство. Според тоа, животинската жртва на Авел била прикладна. Меѓутоа, и покрај нивната вера, Авел и другите Јеховини претхристијански сведоци ’не го добиле исполнувањето на ветувањето‘ (Хебреите 11:39, NW).
Усовршување на верата
13. (а) Што научиле Аврам и Давид за исполнувањето на ветувањето? (б) Зошто може да се рече дека ’вистината дошла преку Исус Христос‘?
13 Повремено низ вековите, Бог открил додатни вистини за тоа како ветувањето во врска со ’семето на жената‘ ќе биде исполнето. На Авраам му било кажано: ”Преку твоето семе сигурно ќе бидат благословени сите народи на Земјата“ (1. Мојсеева 22:18, NW). Подоцна, на крал Давид му било речено дека ветеното Семе ќе дојде преку неговата кралска линија. Во 29 н.е., тоа Семе се појавило во личноста на Исус Христос (Псалми 89:3, 4, ДК; Матеј 1:1; 3:16, 17). За разлика од неверниот Адам, ”последниот Адам“, Исус Христос, бил примерен во покажувањето на вера (1. Коринтјаните 15:45). Животот го поминал во предадена служба на Јехова и исполнил многу пророштва кои го претскажувале Месијата. Со тоа, Исус ја направил уште појасна вистината за ветеното Семе и ги остварил работите кои биле навестени преку Мојсеевиот Закон (Колосјаните 2:16, 17). Затоа можело да се рече дека ’вистината дошла преку Исус Христос‘ (Јован 1:17, NW).
14. Како им покажал Павле на Галатјаните дека верата примила нови димензии?
14 Бидејќи вистината дошла преку Исус Христос, постоел зголемен темел на кој можело да се втемели вера во ”ветувањето“. Верата станала поцврста и, така да се каже, примила нови димензии. Во врска со тоа Павле им рекол на другите помазани христијани: ”Но Писмото сѐ препушти под надзор на гревот, за да ветувањето кое доаѓа од верата во Исус Христос им се даде на оние кои покажуваат вера. Меѓутоа, пред да дојде верата, бевме чувани под закон, препуштени во поглед на верата која требаше да се открие. Според тоа, Законот станал наш воспитувач кој води до Христос, за да би можеле да бидеме оправдани поради верата. Но сега, бидејќи дојде верата, не сме повеќе под воспитувач. Вие сите сте всушност, синови Божји преку вашата вера во Христос Исус“ (Галатјаните 3:22-26, NW).
15. Само како можела верата да биде усовршена?
15 Израелците покажувале вера во Божјите постапувања со нив преку Законот на сојузот. Но сега таа вера требало да се зголеми. Како? Со покажување на вера во духовно помазаниот Исус до кого требало да ги води Законот. Само на тој начин претхристијанската вера можела да биде усовршена. Колку било важно за тие први христијани да ’го држат својот поглед вперен во нивниот Главен Посредник и Усовршител на верата‘! (Хебреите 12:2, NW). Всушност, сите христијани треба да го прават истото.
16. Како дошол светиот дух во зголемена мера, и зошто?
16 Со оглед на зголеменото спознание на божествената вистина и усовршената вера која произлегла од тоа, дали и светиот дух требало да дојде во зголемена мера? Да. На Пентакост 33 н.е., Божјиот дух, ветениот помошник за кого што зборувал Исус, бил излиен врз неговите ученици (Јован 14:26; Дела на апостолите 2:1-4). Светиот дух тогаш делувал врз нив на еден потполно нов начин како Христови помазани браќа. Нивната вера, како плод на светиот дух, била зајакната. Тоа ги опремило за претстојното огромно дело на создавање ученици (Матеј 28:19, 20).
17. (а) Како дошла вистината и како била усовршувана верата од 1914? (б) Каков доказ имаме за делувањето на светиот дух од 1919?
17 Верата дошла кога Исус се претставил себеси како предодреден Цар пред повеќе од 1 900 години. Но, бидејќи сега владее како небесен Цар, нашиот темел за вера — откриена вистина — мошне пораснала, а со тоа се усовршила нашата вера. Исто така, делувањето на светиот дух се засилило. Јасен доказ за тоа имало во 1919, кога светиот дух повторно ги оживеал Божјите предадени слуги од состојба блиска на неактивност (Језекиил 37:1-14; Откровение 11:7-12). Тогаш бил поставен темелот за духовен рај, кој низ следните децении станувал сѐ повидлив и пославен од година в година. Дали можело да постои поголем доказ за делувањето на Божјиот свет дух?
Зошто да ја испитуваме својата вера?
18. Како израелските извидници меѓусебно се разликувале во верата?
18 Набрзо по ослободувањето на Израелците од ропството во Египет, 12 мажи биле испратени да ја испитаат Хананската земја. Меѓутоа, на десетмина од нив им недостигала вера и се сомневале во Јеховината способност да го исполни своето ветување дека ќе ја даде земјата на Израел. Биле мотивирани од она што го гледале, од телесни работи. Меѓу дванаесетмината, само Исус Навин и Халев покажале дека одат по вера, а не по гледање. (Спореди 2. Коринтјаните 5:7.) Бидејќи покажувале вера, помеѓу сите оние мажи само тие преживеале да влезат во Ветената Земја (4. Мојсеева 13:1-33; 14:35-38).
19. Како темелот на кој треба да ја градиме верата денес е подлабок од кога и да е порано, но сепак што би требало да правиме?
19 Денес ние стоиме на границите на Божјиот нов свет на праведноста. Ако сакаме да влеземе во него, неопходна е вера. Среќни сме што темелот на вистината на која што може да се заснова таа вера никогаш не бил подлабок. Ја имаме целата Божја Реч, примерот на Исус Христос и неговите помазани следбеници, поддршката на милиони духовни браќа и сестри и поддршката од Божјиот свет дух во невидена мера. Сепак, добро правиме ако ја анализираме својата вера и ако преземеме чекори да ја зајакнеме додека уште можеме.
20. Кои прашања е добро да си ги поставиме?
20 Можеби ќе речеш: ’Па, јас верувам дека ова е вистината‘. Но колку е јака твојата вера? Запрашај се: ’Дали Јеховиното небесно Царство за мене е толку реално како и човечките влади? Дали ја признавам и дали целосно ја поддржувам Јеховината видлива организација и нејзиното Водечко тело? Дали можам со очите на верата да видам дека народите се сега постројуваат во конечната позиција за Армагедон? Дали мојата вера може поволно да се спореди со онаа на ’големиот облак од сведоци‘, споменати во Евреите 11. поглавје?‘ (Евреите 12:1, NW; Откровение 16:14-16).
21. Како верата ги мотивира оние кои ја имаат, и како се благословени? (Вклучи ги и коментарите од рамката.)
21 Оние кои поседуваат вера темелена на вистина, поттикнати се на акција. Слично на прифатливите жртви кои ги принесувал Авел, нивните жртви на фалба му се угодни на Бог (Евреите 13:15, 16). Како и Ное, проповедник на праведност кој бил послушен на Бог, тие следат еден праведен пат како проповедници на Царството (Евреите 11:7; 2. Петрово 2:5). Како Авраам, оние кои имаат вера која се темели на вистина го слушаат Јехова и покрај неприлики, па дури и по цена на својот живот или животот на своите блиски. Како и Јеховините верни слуги од старо време, оние со вера денес се богато благословени и се под грижата на својот љубезен небесен Татко (Матеј 6:25-34; 1. Тимотеј 6:6-10).
22. Како може верата да биде зајакната?
22 Ако си ти слуга на Јехова, но сметаш дека твојата верата на некој начин е слаба, што можеш да сториш? Зајакни ја верата со марливо проучување на Божјата Реч и нека твојата уста ги излева водите на вистината кои го исполнуваат твоето срце (Приче Саламунове 18:4, ДК). Ако твојата вера редовно не се зајакнува, може да стане слаба, неактивна, па дури и мртва (1. Тимотеј 1:19; Јаков 2:20, 26). Биди одлучен никогаш да не се случи тоа со твојата вера. Моли за помош од Јехова со зборовите: ”Помогни ми кадешто ми е потребна вера!“ (Марко 9:24, NW).
Како гласат твоите одговори?
◻ Што е вера?
◻ Зошто не може да постои верата одвоена од вистината и од светиот дух?
◻ Како Исус Христос станал Усовршител на нашата вера?
◻ Зошто треба да анализираме колку е јака нашата вера?
[Рамка на страница 13]
ОНИЕ КОИ ИМААТ ВЕРА . . .
◻ Зборуваат за Јехова (2. Коринтјаните 4:13).
◻ Вршат дела како оние на Исус (Јован 14:12).
◻ Тие се извор на охрабрување за другите (Римјаните 1:8, 11, 12).
◻ Го победуваат светот (1. Јованово 5:5).
◻ Немаат причина да се плашат (Исаија 28:16, ДК).
◻ Очекуваат бескраен живот (Јован 3:16).