Дали е исправно да се одмаздуваш?
На еден автопат во САД, едно возило бавно се тргало настрана за да го пропушти другото возило да помине. Возачот на втората кола се одмаздил пукајќи во возилото кое погрешило и убил недолжен патник.
Една тинејџерка ја изгубила улогата во училишната драма заради друга девојка. Таа ѝ вратила со тоа што на нејзиното момче му рекла дека девојката излегува со некое друго момче од друго училиште. На тој начин го уништила односот на таа девојка со тоа момче.
МНОГУ луѓе сметаат дека е оправдано да се одмаздуваат кога мислат дека на погрешен начин се постапило со нив. На овој или на оној начин, тие го следат мотото: ”Не гневи се, туку врати мило за драго“. Денес љубовта спрема ближниот е на ниско ниво, а во пораст е одмаздувачкиот дух (Матеј 24:12).
Но, како ти гледаш на одмаздата? Доколку ѝ веруваш на Библијата, можеби сметаш дека одмаздата во принцип е погрешна. Но со оглед на тоа што живееме во еден безбожен свет, можеби сметаш дека простувањето, наспроти одмаздувањето, честопати е неостварливо. Како реагираш кога некој ќе те излаже или нападне? Дали си осветољубив кога те занемаруваат или зборуваат понижувачки пред другите за тебе? Дали се одмаздуваш или простуваш?
Одмаздувачкиот став нанесува болка
Се разбира, постојат различни степени на навреди. Но, повеќето луѓе кои сакаат да вратат некому, не биле ниту нападнати ниту им било нанесено некое злосторство. ”Навредите“ цитирани на почетокот од статијава биле прилично безначајни, иако изгледале големи во мислите на оние кои решиле да се одмаздат.
Библијата пишува дека не треба да развиваме осветољубив став. Во Изреките 24:29 се советува: ”Не вели: ’Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему.‘“ Зошто не? Како прво, таквиот став е емоционално и физички штетен. Одмаздливите мисли го одземаат душевниот мир и го спречуваат здравото размислување. Разгледај го овој новински извештај: ”Двајца фармери стрелаа од своите камионети и се убија на едно паркиралиште, и така му ставија крај на едно 40-годишно крваво непријателство кое започнало уште кога биле деца.“ Замисли само, низ целиот нивни живот размислувањето на тие двајца мажи било отруено со огорчен, одмаздлив дух! (Изреките 14:29, 30).
Друга причина зошто да не се развива осветољубив дух е тоа што оние кои згрешиле — дури оние кои сериозно погрешиле — можат да се променат. На пример, апостол Павле едно време ’го одобрил убиството‘ на ученикот Стефан и ’уште дишел со застрашувања и убиства против учениците на Господа‘. Но се променил. Со години подоцна, апостол Петар — чиј живот порано бил во опасност од страна на Павле — го нарекол ”нашиот љубен брат Павле“ (Дела на апостолите 8:1; 9:1; 2. Петрова 3:15, Стварност). Христијаните можеле да се обидат да му се одмаздат на Павле, особено кога чекал ослепен во Дамаск (Дела на апостолите 9:3-15). Каква трагична грешка би било тоа!
Затоа, Павле можел да даде добар совет во Римјаните 12:20: ”Ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го“. Зошто? Затоа што ако му се одмаздиме на непријателот, го затврднуваме неговиот однос и го овековечуваме меѓусебното непријателство. Но ако му правиме добро на оној кој нѐ навредува или ни нанесува болка, можеме да го омекнеме неговиот однос и така поранешниот непријател да го претвориме во пријател.
Препознавањето на своите сопствени недостатоци исто така ни помага да ја совладаме огорченоста која води до желба за одмазда. Псалмистот прашал: ”Кога би гледал на грешките, О Јах, О Јехова, кој би останал?“ (Псалми 130:3, New World Translation of the Holy Scriptures). Сите ние сме нанеле болка или сме навредиле други. Зарем не ни било драго кога другите не настојувале да ни вратат мило за драго? Тогаш, зарем не би требало да постапиме со слична воздржаност? Исус советувал: ”Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12).
Вистина, во Библијата пишува: ”Мразете го злото“ (Псалми 97:10, Даничиќ-Караџиќ; Амос 5:15). Но, таа не вели да го мразиме оној кој го прави злото. Всушност, Исус ни заповедал: ”Љубете ги непријателите свои, (...) и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“ (Матеј 5:44). Ако вратиме навреда за навреда, го имитираме духот на престапникот. Старата изрека гласи: ”Немој да велиш: ’Ќе се одмаздам за злото‘; чекај на Јахве, и тој ќе те спаси“ (Изреке 20:22, Ст). Каков мудар став! Колку е подобро да се покажеме како победници со тоа што ќе се спротивставиме на искушението да ги имитираме престапниците (Јован 16:33; Римјаните 12:17, 21).
Казна — од кого?
Се разбира, некои дела се посериозни од личните навреди или болки. Но, што ако сме ние жртва на злосторство? Нормално е да сметаме дека во име на правдата нешто мора да се стори. Но што? Во некои општества, не било необично лично да се средуваат работите и да се примени одмазда. Но таквите општества често завршувале расцепени од крвави караници. Денес, ниту Божјите закони, а во повеќето случаи, ниту човечките закони не дозволуваат поединци лично да се одмаздуваат за злосторствата, и тоа од добри причини. Таквото лично насилство само создава поголемо насилство.
Тогаш, дали жртвата на злосторството треба да седи и пасивно да ја поднесе навредата? Не мора да значи. Кога нашата личност или имот се повредени, постојат власти кај кои можеме да се обратиме. Можеби би сакал да викнеш полиција. Ако е тоа на работното место, оди кај претпоставениот. Во училиштето, можеби би сакал да одиш кај директорот. Тоа е една причина зошто тие постојат — да ја поддржуваат правдата. Библијата ни кажува дека државните власти се ’Божји служители и со гнев се одмаздуваат на оној што прави зло‘ (Римјаните 13:4). Правдата бара владата да ја примени својата власт, да го прекине престапот и да ги казни престапниците.
Вистина, понекогаш правдата бавно се извршува. Еден писател кој бил уморен од животот, рекол: ”Правдата е како воз кој речиси секогаш доцни.“ Всушност, понекогаш возот никогаш не стигнува. Извршителите на неправдата можат да бидат толку моќни што властите не можат да ги контролираат. Сепак, мудро е да се самовоздржуваш. ”Безумниот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува“, пишува во Библијата (Соломонови изреки 29:11).
Одмазда — од кого?
Воздржувањето од одмазда ќе ни донесе користи, и можеме мирно да чекаме, знаејќи дека ако мора да се подели правда, Бог ќе го стори тоа во вистинското време. Јехова е свесен дека неконтролираниот престап доведува до неправда (Проповедник 8:11). Тој нема да дозволи закоравените злобници да го угнетуваат човештвото засекогаш. Затоа апостол Павле нѐ советувал: ”Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: ’Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам — вели Господ [Јехова, NW]‘“ (Римјаните 12:19). Всушност, Библијата зборува за ден на одмазда од страна на Творецот. Каков ќе биде тој ден на одмазда? И врз кого ќе биде извршена Божјата одмазда? За тоа ќе дискутираме во следната статија.
[Рамка на страница 4]
За да ги контролираш чувствата на одмазда, запомни дека
□ Бог е заинтересиран за правдата
□ штетно е да се задржува осветољубив став
□ љубезноста често ги намалува проблемите со другите
□ нам лично ни биле простени многу грешки
□ оние кои грешат можат да се променат
□ светот го победуваме со тоа што се спротивставуваме на неговите постапки