Кој Бог треба да се обожава?
ЗА РАЗЛИКА од животните, ние луѓето го имаме својството да обожаваме. Тоа е дел од нашата градба уште од раѓање. Имаме и чувство за моралност, совест која нѐ упатува на тоа што е исправно, а што е погрешно. На различни начини, секој од нас ја следи таа совест, а при што, многу луѓе бараат водство од некој бог или богови.
Во текот на изминатите две столетија, некои светски интелектуалци го оспорувале постоењето на семоќен Бог и Творец. Во 1844, Карл Маркс изјавил дека религијата е „опиум за народот“. Подоцна, Чарлс Дарвин ја произвел теоријата на еволуција. Потоа дошла болшевичката револуција. Во Источна Европа атеизмот стана официјална државна политика, и се тврдеше дека религијата ќе изумре со генерацијата од 1917. Но тие атеисти не можеа да го изменат начинот на кој луѓето се создадени. Тоа се покажа со повторното појавување на религијата во Источна Европа во нашево време.
Меѓутоа, како што вели Библијата, постојат многу кои „се викаат богови, или на небото или на земјата, како што има многу богови и многу господи“ (1. Коринћанима 8:5, ДК). Низ вековите човештвото обожавало мноштво богови. Постоеле богови на плодноста, на љубовта, на војната и на виното и на пијанките. Само во хиндуистичката религија има милиони богови.
Тројства на богови цветале во Вавилон, Асирија и Египет, како и во будистичките земји. И таканареченото христијанство има свое „свето“ Тројство. Исламот, одбивајќи го Тројството, „нема бог освен Алах“. Освен тоа, дури и оние кои му се подбиваат на концептот за невидлив семоќен Бог имаат свои сопствени богови. На пример, во Филипјаните 3:19, за луѓето кои се фатени во замка на материјалистичките цели Библијата вели дека ‚нивниот бог е стомакот‘.
Повеќето луѓе го обожаваат богот или боговите на земјата или општеството кадешто се родиле случајно. Тоа покренува прашања. Дали сите облици на обожавање водат до исто место — како патиштата до планински врв? Или, дали повеќето мистични патишта на религијата водат во пропаст — како патишта во провалија? Дали постојат повеќе исправни начини на обожавање или само еден? Дали постојат многу богови вредни за фалба или постои само еден Семоќен Бог кој е достоен за нашата исклучителна оддаденост и обожавање?
Појавата на лажни богови
Горните прашања го заслужуваат нашето поблиско разгледување. Зошто? Затоа што најстариот пишан авторитет за религија, Библијата, опишува како еден лажен бог, кој дејствувал преку една змија, ги намамил нашите први претци на погубен пат. До ден-денес ние ги искусуваме жалосните последици од неговата стратегија (1. Мојсеева 3:1-13, 16-19; Псалми 51:5, ДК). Исус, „Божјиот Син“, зборувал за тој бунтовен бог како за „владетел на овој свет“. Еден од Исусовите апостоли го нарекол „бог на овој систем“ (Јован 1:34; 12:31; 16:11; 2. Коринтјаните 4:4, сите NW). Во Откровение 12. поглавје, 9. стих, тој е опишан како „првобитната змија, кој е наречен Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена Земја“ (NW). Светското царство на лажна религија лежи под контрола на Сатана.
Сатана е најголемиот измамник (1. Тимотеј 2:14). Тој вешто ја злоупотребува човечката вродена желба за обожавање преку популаризирање на многу видови божества — духови на претци, идоли, икони и Богородици. Под негово покровителство дури е и обожавањето на човечки богови, како што се победничките владетели, победоносните генерали и филмските и спортските ѕвезди (Дела на св. апостоли 12:21-23). Добро ќе направиме ако сме будни, одлучни да го бараме и обожаваме единствено вистинскиот Бог, кој всушност „не е далеку од секого меѓу нас“ (Дела на св. апостоли 17:27).
Тогаш, кој е единствениот Бог кого треба да го обожаваме? Пред околу 3 000 години, библискиот псалмист го опишал како „Највишиот (...), Семоќниот (...), мој Бог во кого се надевам“, и го нарекол со неговото славно име — „Јехова“ (Псалми 91:1, 2, NW). Мојсеј порано за него рекол: „Јахве е наш Бог, Јахве е еден“ (Поновљени закон 6:4, Стварност). А пророкот Исаија го цитирал самиот Бог со зборовите: „Јас, Јахве ми е името, својата слава на друг не ја давам, ниту честа своја на кипови“ (Изаија 42:8, Ст).
Јехова Бог има намера да го чисти своето име од сиот срам со кој лажниот бог Сатана го извалкал. Тој опишал како ќе го направи тоа во 1513 пр.н.е., кога го употребил својот пророк Мојсеј да го ослободи народот Израел од египетското угнетување. Во таа прилика, Бог го поврзал своето име Јехова со зборовите: „Ќе се покажам тоа што ќе се покажам“ (2. Мојсеева 3:14, 15, NW). Тој сакал да се оправда пред египетскиот фараон, но прво му рекол на тој злобен владетел: „А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја“ (2. Мојсеева 9:16).
Ситуацијата денес е слична. Како фараонот од старо време, богот на овој свет, Сатана, му се противи на Јехова Бог и подмолно води духовна војна против оние луѓе кои ја љубат праведноста и вистината (Ефесјаните 6:11, 12, 18). Повторно, Бог има намера да го возвиши своето име и покрај противењето на Сатана. Меѓутоа, пред да ја покаже својата сила со уништувањето на Сатана и сите негови дела, Јехова ги испраќа своите обожаватели да го објават Неговото име по целата Земја. Тоа сведочење за неговото име е битен дел од вистинското обожавање.
Соодветно на тоа, Бог самиот рекол дека тие обожаватели ќе бидат негови сведоци, Јеховини сведоци, ‚народ што го создал за Себеси; тој ќе ја разгласува славата Негова‘ (Исаија 43:10-12, 21). Како тие ја разгласуваат фалбата за Јехова? Проповедаат и поучуваат јавно и од куќа до куќа, објавувајќи ја добрата вест дека Јеховиното Царство, со кое владее неговиот Син, Исус Христос, ќе донесе вечни благослови за послушното човештво на Земјава. Затоа, ‚не престануваат‘ да го обожаваат Бог, како што правеле вистинските христијани во првиот век (Дела на св. апостоли 5:42; 20:20, 21). Дали при тоа се радуваат на божествени благослови? Следниве страници ќе одговорат на тоа.