Новата книга восхитува милиони
ЕДНА одлика на конгресите „Љубители на слободата“, кои почнаа минатиот јуни, беше предавањето „Најголемиот човек кој некогаш живеел“. Врвна точка беше објавувањето на книгата со истиот наслов. Преку шест милиони луѓе ширум светот веќе присуствуваа на оваа серија конгреси и го слушнаа предавањето кое со мали измени се појавува во претходните две статии од ова списание.
Преку 12 милиони примероци од книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел се отпечатени на околу 60 јазици. Достапна е дури и на источноевропските јазици, на албански, македонски, полски, руски, словенечки, српски, унгарски и хрватски. Особено беа восхитени над 74 000-те присутни на седумте конгреси во Советскиот Сојуз што можеа да ја добијат на руски јазик.
Потекло на книгата
Материјалот во книгата првобитно се појави во вид на серија, во 149 последователни изданија на Стражарска кула, почнувајќи од изданието од 1 април 1985. Многу читатели рекоа дека биле жалосни кога серијата заврши со изданието од 1 јуни 1991. На Мелиса, 12-годишно девојче од Италија, ѝ навреле солзи во очите кога го прочитала последниот извештај во Стражарска кула. „Ноќта пред конгресот“, рече таа, „го молев Јехова за книга со животот на Исус. Кога беше објавена книгата, ракоплескав колку што можев да издржам.“
Материјалот кој излегуваше како серија во Стражарска кула, е издаден и обликуван во новата, убаво илустрирана книга од 448 страници и со 133 поглавја. Беа направени напори да се изнесе секој Исусов говор и секој настан што е забележан во неговиот земски живот, вклучувајќи ги сите негови споредби и чуда. Колку што беше можно, сѐ е раскажано по редоследот по кој се случило. На крајот од секое поглавје се наведени библиските стихови на кои се темели поглавјето.
Некој може да помисли: ‚Па, веќе ја имам прочитано книгата затоа што ја читав серијата во Стражарска кула‘. Но, читателите на Стражарска кула го добиваа извештајот за Исусовиот живот во мали делови претставени во статии што излегуваа секои две седмици во период од повеќе од шест години. Иако статиите беа информативни во облик на серија, замисли колку е возбудливо да се прочита целиот извештај за кратко време и да се види потполната слика на најголемиот човек кој некогаш живеел!
Ја зајакнува верата
„Ја прочитав публикацијата за две недели“, известува една жена од Вашингтон (Д.К., САД)). „Додека читав, од очите ми течеа солзи. Ќе престанев да читам, па се молев и плачев. Ме правеше да се чувствувам како да сум токму таму со Исус, дека страдам заедно со него. Сѐ уште ми доаѓаа солзи на очите кога ќе помислев на она што го прочитав, дури и една седмица откако ја прочитав книгата. Се чувствувам уште поблиску до Јехова заради тоа што го дал својот Син.“
„Денес завршив со книгата за Исус“, напиша една жена од Питсбург (Пенсилванија, САД). „Беше прекрасна. Ми наидоа солзи во очите додека ги читав последните неколку поглавја. Читањето на книгата наеднаш беше толку убаво. Не можам да опишам како точно се чувствував — само тоа дека многу ми се допадна!“
Прекрасните илустрации во книгата придонесуваат за влијанието што го има на емоциите, како што забележува еден благодарен читател: „Се чувствувам како скоро да ги слушам како плачат по мртвото дете (47. поглавје) или како да знаеме што размислувал Исус кога жената со крвавење го допрела и била излечена (46. поглавје). Изразите на лицата им се толку вистински што боли. (...) Наместо читањето да биде секојдневна обврска, оваа книга е повеќе како разонода или како наслада на крајот од денот. Начинот на кој е напишана книгата, земајќи ги предвид ставовите и чувствата, не само што ни кажува што Исус направил, туку ни дава краток преглед за тоа што тој мислел и чувствувал.“
Разновидни користи
Многумина почнаа да ја користат книгата во својата семејна библиска студија. „Имаме три мали деца“, пишуваат едни родители од Силвертон (Орегон, САД), „и оваа книга е перфектна за нашата секојдневна ‚вечерна семејна студија‘. Навистина е прикладно што внимателно ја проучуваме биографијата на нашиот љубезен Цар, Христос Исус.“
Една тинејџерка од Јапонија објаснува: „Татко ми ни чита додека се одмораме после вечерата. Како семејство, читаме од почеток, но јас одлучив секоја вечер, пред да си легнам, да читам по едно поглавје од крајот на книгата. Меѓутоа, книгата е толку возбудлива што честопати часовникот покажува еден наутро, пред да забележам колку е доцна“.
Многумина се восхитени од многуте поединости што се опфатени во извештаите. „Научив многу работи кои не ги знаев“, напиша една жена Сведок. Во едно писмо од Калифорнија (САД), стои: „Мојата сопруга и јас сме преку 35 години во вистината и можеме отворено да кажеме дека не сме имале публикација што е толку возбудлива како оваа.“
Книгата треба да помогне да се урне лагата дека Јеховините сведоци не веруваат во Исус. Еден благодарен читател вака коментира: „Не можев да ја оставам, зашто тоа беше најголемото побивање на незнаењето на оние кои велат дека Јеховиниот народ не верува или дека не му оддава чест на Исус Христос. Сега можеме само да им го ставиме в раце овој одговор на нивното незнаење.“
Сигурно дека оваа книга ќе има важно место во службата на Јеховините сведоци. „Ѝ дадов еден примерок на една жена со која ја проучувам Библијата,“ напиша една жена Сведок, „а влијанието што го имаше на неа изгледа како чудо. Таа проучува веќе една година, и имав проблеми околу тоа да ја доведам на состаноци“. Откако заинтересираната жена прочитала 45 поглавја од новата книга, објасни Сведокот, „ми рече дека ќе дојде на состанокот в недела зашто било време да заземе свој став“.
Вредни одлики
Во суштина, Најголемиот човек кој некогаш живеел дава коментар на Евангелијата. Дадени се објаснувања за многуте работи коишто Исус ги кажал и поучувал, па затоа книгата може да се употреби како вредно средство за истражување, затоа што се држи блиску до библиските извештаи.
Една посебно добра одлика е таа што во основа сѐ е раскажано по хронолошки ред. Имајќи го тоа на ум, самото листање на страниците може да се покаже како вистинска помош во одредувањето кога се случиле одредени настани во текот на Исусовата служба. Читателите на Евангелијата често се соочуваат со она што се чини како противречност. Новата книга, без да го свртува задолжително вниманието кон нив, ги усогласува во своето излагање.
Како христијани, секако не би сакале да го занемариме внимателното проучување на животот на нашиот верен Пример, Исус Христос. Затоа, одблизу да ги разгледаме евангелиските извештаи со помош на новата книга Најголемиот човек кој некогаш живеел.