Што значи Божјето Царство за многумина
ИСУС ХРИСТОС честопати зборувал за Божјето Царство. Во тој поглед историчарот Х. Џ. Велс напишал: „Значајна е огромната истакнатост која Исус му ја дал на поучувањето за она коешто тој го нарекол Небесно Царство, и неговата прилична безначајност во постапката и учењето на повеќето христијански цркви. Оваа наука за Царството Небесно, кое било главното Исусово учење и кое игра толку мала улога во христијанските верувања, секако е едно од најреволуционерните науки кои некогаш ја поттикнале и измениле човечката мисла.“
Зошто црквите толку малку зборуваат за Божјето Царство? Една причина би можела да биде таа што постои несигурност околу Царството. Кои гледишта во врска со него биле застапувани?
Како се гледало на Царството?
Некои го поистоветувале Божјето Царство со Католичката црква. Откако бискупите го прифатиле цар Константин за свој поглавар на концилот во Никеја во 325 г.н.е., црквата се вмешала во политиката, а на луѓето им било речено дека Царството веќе е дојдено. Encyclopædia Britannica објаснува дека според теологијата на Августин (354–430 н.е.), „Божјето Царство веќе започнало на овој свет со установувањето на црквата“ и дека „веќе е присутно во сакраментите“ на црквата“.
Други гледаат на Божјето Царство како на човечко достигнување. Истата енциклопедија вели: „Реформираните цркви . . . наскоро станаа институционални територијални цркви, кои пак ги потиснаа крајните очекувања во поглед на доаѓањето на Божјето Царство“. Х. Џ. Велс напишал: „Луѓето ја преместија клучната улога на својот живот од Божјето царство и човечкото братство врз навидум поживите Франција и Англија, Света Русија, Шпанија, Прусија . . . Тие беа вистинските и живи богови на Европа.“
Исто така и во денешно време Царството станало световно. Encyclopædia Britannica објаснува: „Карактеристичен е основниот став дека човекот мора сам да се подготви за идното совршено општество на еден творечки и организиран начин, и дека ‚надевањето‘ и ‚очекувањето‘ се заменети со човечка иницијатива“. Во поглед на „социјалното евангелие“, истиот прирачник продолжува: „Ова движење ја сметаше христијанската порака за Божјето Царство воглавно како поттик за реорганизација на световните општествени услови во етичка смисла на Божјето Царство“.
Многу Евреи исто така го сметаат Царството за човечко достигнување. Во 1937 на една конференција на Реформираните рабини во Колумбус (Охајо, САД), било речено: „Сметаме дека е наша историска задача да соработуваме со сите луѓе на воспоставување на Божјето царство, на универзално братство, правда, вистина и мир на Земјата. Тоа е наша месијанска цел“.
Друго нашироко прифатено гледиште е дека Божјето Царство е состојба на срцето на поединецот. На пример, Јужниот баптистички синод во САД во 1925 година изјавил: „Божјето Царство е Божјето владеење во срцето и животот на поединецот во секој човечки однос, и во секоја форма и институција на организираното општество. . . . Божјето Царство ќе биде потполно кога секоја човечка мисла и желба ќе биде доведена во потчинетост на Христовата волја“.
Според тоа, дали црквата е Божјето Царство? Дали тоа Царство ќе биде постигнато со световни средства? Дали е состојба на срцето? И што значи Божјето Царство за тебе?