Објавителите на Царството известуваат
Обработувањето на изолираните подрачја во Парагвај донесува плод
Парагвајската подружница на Друштвото Стражарска кула е потполно свесна за потребата да се проповеда добрата вест за Царството по целата нејзина територија (Дела на св. апостоли 1:8). Сега е време сите да научат за Царството и да му служат на Јехова пред тој да му стави крај на овој злобен систем во претстоечката „голема неволја“ (Матеј 24:21, 22, ДК). Следниве искуства покажуваат што се прави за да им се помогне на луѓето на подрачјата кои не се доделени на некое собрание. Подружницата известува:
Беа направени подготовки да се обработат сите недоделени подрачја со помош на привремени специјални пионери. Од ноември па сѐ до јануари од службената 1990 година, 39 браќа и сестри обработија вкупно сто градови и мали места кадешто сѐ уште нема објавители за Царството. Беа во можност да разделат 6.119 книги, 4.262 брошури и 5.144 списанија. Како резултат на таа активност, формирани се нови групи на објавители.
◻ Една жена ја примила книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата од една сестра пионер која работела на подрачје кое не му е доделено на никого. Пионерката ѝ понудила да води библиска студија со неа, и жената радо прифатила. Кога пионерката се вратила, таму ја чекале не само жената, туку и сопругот со нивните десет деца. На следната посета, семејството како и нивните пријатели и соседи биле подготвени за библиската студија! Нив ги поканила жената, велејќи им дека студијата е многу добра и дека надежта и благословите кои Јехова ги дава се прекрасни. Такво нешто никој не ѝ кажал порано, и затоа мислела дека и нејзините соседи и пријатели треба да ја чујат таа добра вест.
Секој пат кога пионерката ја водела студијата, имало толку многу присутни што изгледало како мало собрание. Тие заинтересирани луѓе поставувале многу прашања и учествувале во студијата. Кога пионерката објаснила дека штом еднаш ќе се обработи подрачјето, ќе мора да се пресели со своите пријатели во нова област, жената загрижено ја прашала што ќе биде со нив. Беа направени подготовки со браќата од најблиското собрание да се продолжи студијата. Сега се доделени специјални пионери да им помагаат на тие заинтересирани луѓе слични на овци.
◻ Додека одела од куќа до куќа во едно друго недоделено подрачје, една сестра пионерка наишла на некој човек кој пред десетина години ја добил книгата Вистина која води до вечен живот. Оттогаш изгубил секаков контакт со Јеховините сведоци. Меѓутоа, знаел дека Јехова, кого тој го викал Јехова над војските, е единствениот вистински Бог, и дека само Тој треба да биде обожаван. На своја иницијатива, на сите кои ги познавал им зборувал за Јехова. Всушност, секоја седмица одел пеш три километри за да посети една заинтересирана двојка и да разговара со нив за Бог, бидејќи како што рекол: ‚Ако престанам да ги посетувам, ќе го заборават Јехова‘. Освен оваа брачна двојка, и околу десетмина други сакале библиска студија — сѐ затоа што овој заинтересиран човек им проповедал.
Вредно за забележување е тоа што само неколку дена пред пионерот да го посети, истиот овој човек не го пуштил месниот свештеник и неговата поворка да влезат во неговата куќа со ликот на девицата, објаснувајќи дека не верува во ликови. Свештеникот бил бесен. Таа ноќ човекот му се молел на Јехова за помош. Затоа, замисли си колку бил возбуден и среќен кога кај него навратил пионерот! Веднаш биле направени подготовки за систематска библиска студија, а човекот и понатаму напредува поврзан со теократската организација.
Навистина, Јехова го благословува делото на жетвата во Парагвај додека браќата се напрегаат да дадат темелно сведоштво во овие недоделени подрачја (Матеј 24:14).