Постои ли излез од човековата грешна состојба?
ЗАЕДНО со своите четири малолетни деца, Чисако работела како чистачка на јавните клозети во еден град, оддалечен 600 километри од нејзиниот дом. Додека работела, таа пеела сутри, т. е. раскази чие значење не го разбирала. Тоа бил само еден од обичаите на една религиозна група која барала да открие во што е суштината на сите религии.
„И покрај тоа што имавме аскетски обичаи“, се сеќава Чисако, „не можев да ја изменам мојата личност. Длабоко во срцето не можев да им простам на другите и не можев да покажувам љубов со искрен мотив.“
Дури и во ориенталните земји кадешто повеќето луѓе немаат сфаќање за гревот онака како што се учи во Библијата, многумина чувствуваат грижа на совеста поради своите грешни склоности, како што било со Чисако (Римјаните 2:14, 15). Кој не страдал од неугодни чувства затоа што не покажал љубезност спрема оној кој се наоѓал во жалосна ситуација, или кој не чувствувал длабоко каење поради зборовите кои никогаш не требало да се кажат? (Јаков 4:17). И зарем ужасното чудовиште на љубомората не демне подеднакво и во младите и во старите?
Зошто луѓето имаат такви немирни чувства? Затоа што сеедно дали увидуваат или не, тие имаат внатрешно чувство за зло или грев. Всушност, сеедно дали луѓето се свесни за библиското учење за гревот или не, на сите влијаат грешните склоности. Еден експерт на оваа тема еднаш заклучил: „Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23, New World Translation of the Holy Scriptures).
Може ли гревот да биде избришан?
Многу луѓе денес, особено во т. н. христијанство, многу работат на тоа да ги избришат чувствата за грев и вина од својата совест. „Самиот збор ‚грев‘ . . . скоро исчезнал“, пишува д-р Карл Менингер во својата книга Што се случило со гревот? (Whatever Became of Sin?). Меѓутоа, нема никаква корист од тоа ако се избегнува зборот „грев“, како што и за еден постар човек не се менува ништо ако сака да го избегнува зборот „стар“. Би требало да се соочиме со фактот дека имаме грешни склоности и дека ни е потребно да се избавиме од оваа бедна состојба. Но, кој ќе нѐ избави?
Христијанскиот апостол Павле го поставил тоа прашање откако ја признал својата сопствена склоност да греши иако сакал да постапува поинаку: „Кутар човек сум јас! Кој ќе ме избави од телото кое е осудено на оваа смрт?“ Павле потоа одговара: „Фала му на Бог преку Исус Христос, нашиот Господ!“ Зошто? Затоа што Бог се погрижил за простување на гревот преку Исусовата откупна жртва (Римјаните 7:14-25, NW).
Меѓутоа, мнозина од 3.500.000.000 нехристијани во светот (двојно повеќе отколку т. н. христијани) мислат дека идејата за откуп тешко може да се сфати. На пример, науката за откуп станала најголемиот камен на спрепнување за еден муслиман кој живее во Јапонија и кој некое време ја проучувал Библијата. За многу ориенталци е необична идејата дека еден човек можел да умре за сите.
Тоа е разбирливо затоа што дури и некои во т. н. христијанство оваа темелна наука ја сметаат за тешко сфатлива. „Теологијата на ослободувањето“, признава New Catholic Encyclopedia, „во некоја рака е недовршена и сѐ уште претставува проблем во теологијата“.
Обемот на збрканост поради оваа доктрина добро е илустриран во зборовите на религискиот писател Н. Х. Барбер: „Христовата смрт не претставува никакво поголемо измирување на казната за човековиот грев, отколку кога ќе забодете клинец низ телото на инсект и го натерате да страда и умре, а земскиот родител да го смета тоа за измирување за прекршокот на своето дете“. Чарлс Т. Расел, кој во тоа време бил здружен со Барбер, ја видел итната потреба да го брани учењето за откупнината. Тој се одвоил од Барбер, и во 1879 година почнал да го издава списанието кое штотуку го читаш. Од својот почеток, Стражарска кула била бранител на откупната жртва на Исус Христос.
Но дали може оваа наука некогаш да биде прифатлива за оние кои немаат „христијанско“ минато? За да го добиеме одговорот на тоа, првин да го разгледаме одблиску ова учење за еден човек кој умрел за сите.