Старешини — доделувајте должности!
ТОЈ бил трпелив, понизен маж, со изострена смисла за правда, ублажена со неговото животно искуство. Така, преку три милиони мажи, жени и деца со доверба барале негов совет. Тој се трудел да не ги разочара. Од утро до мрак ги слушал нивните проблеми и трпеливо им помагал да видат како Божјиот закон се применува во нивната ситуација. Да, во еден краток период, пред околу 3.500 години, на 12-те Израелови племиња им судел само еден единствен човек — Мојсеј.
Меѓутоа, Јотор, Мојсеевиот тест, бил загрижен. Како би можел Мојсеј воопшто да се надева дека ќе го издржи тоа темпо? Затоа Јотор изјавил: „Не е добро тоа, што го правиш ти. Ќе се измориш и ти и сиот народ, кој е со тебе; оти таа работа е многу тешка за тебе; ти сам не можеш да ја извршуваш“ (2. Мојсеева 18:17, 18). Што било одлучено? Јотор го посоветувал Мојсеј, некои од своите должности да им ги довери на други (2. Мојсеева 18:19-23). Добар совет!
Денес, во христијанското собрание постојат многу старешини кои, како Мојсеј, се трудат да се грижат за повеќе работи отколку што, веројатно, сами можат да извршат. Организираат состаноци, подготвуваат и потоа изнесуваат програмски точки на уреден, делотворен начин (1. Коринтјаните 14:26, 33, 40; 1. Тимотеј 4:13). Старешините, исто така, се грижат за потребите на поедини членови на собранието (Галатјаните 6:1; 1. Солунјаните 5:14; Јаков 5:14). Првенствено тие го преземаат водството во делото на проповедање на добрата вест за Царството (Матеј 24:14; Евреите 13:7). Исто така, подготвуваат залихи на литература за собранието за делење во јавноста.
Освен тоа, на некои старешини им се доделуваат програмски точки на покраинските или обласните конгреси. Служат во организирањето на конгреси и служат во одбори за контактирање со болниците. Некои помагаат при изградбите на Царски сали. А сево ова е покрај нивните семејни обврски и нивната потреба самите да се хранат духовно. (Спореди Исус Навин 1:8; Псалми 110:3, ДК; 1. Тимотеј 3:4, 5; 4:15, 16). Како таквите христијански мажи го постигнуваат сето тоа? Слично на Мојсеј, мора да имаат помош. Мора да научат да доделуваат должности. Навистина, оној кој не доверува должности е лош организатор.
Вредноста од обучувањето на другите
Постојат и други причини зошто да се доделуваат одговорности. Во Исусовата илустрација за талентите, господарот, пред да замине на долго патување, ги повикал своите робови и им доделил различни видови одговорности (Матеј 25:14, 15). На тој начин, господарот бил во состојба да постигне повеќе цели. Како прво, додека го немало, неговите робови работеле наместо него и неопходната работа не забавила и не запрела. Второ, бидејќи делата зборуваат повеќе од зборовите, господарот можел да ги набљудува способностите и лојалноста на своите робови. Трето, господарот им дал прилика на робовите да го постигнат мошне потребното искуство.
Оваа илустрација е значајна и за нас денес. Кога Исус ја напуштил Земјата, тој им доверил одговорност на своите помазани ученици. Остатокот од нив сѐ уште е одговорен за интересите на Царството ширум светот (Лука 12:42). За време на современото управителство на помазаниците, Јеховиниот благослов над неговата организација бил очигледен. Како резултат на тоа, таа прекрасно напредувала. Да, само во изминатите пет години преку еден милион нови го симболизирале своето предание со крштевање во вода! Тоа довело до илјадници нови собранија и стотици нови покраини.
Како што Исус му доверил одговорности на „верниот и разумен роб“ (NW), така тие им доделиле собраниски одговорности на старешините и на слугите помошници од „другите овци“ (Матеј 24:45-47; Јован 10:16). Меѓутоа, потребни се уште предадени мажи за да се грижат за огромниот пораст. Откаде ќе дојдат? Старешините мораат да ги обучат. Но, како можат старешините да обучуваат такви мажи ако не им доделуваат прикладни одговорности на поединци кои покажуваат знаци дека се способни? Како поинаку старешините би имале можност да ги набљудуваат способностите и лојалноста на помладите мажи?
Што значи да се доделуваат должности?
За некои, „доделување“ значи растоварување, избегнување, запоставување или напуштање на своите одговорности. Меѓутоа, кога се употребува правилно, „доверувањето“ навистина претставува начин на исполнување на одговорности. Глаголот „доделува“ се дефинира како „да му довери на друг; да наименува како нечиј претставник; да додели одговорност или власт“. Меѓутоа, оној кој ополномоштува, на крајот останува одговорен за она што е направено.
Некои можеби се воздржуваат да доделуваат должности зашто се плашат да не ја изгубат контролата. Сепак, доделувањето должности не значи губење на контролата. Иако е невидлив и владее од небесата, Христос Исус во голема мера го контролира христијанското собрание. Тој, пак, го доверува собранието на грижата на искусни мажи (Ефесјаните 5:23-27; Колосјаните 1:13).
Други можеби немаат волја да доделуваат должности бидејќи мислат дека самите побрзо можат да ја завршат работата. Меѓутоа, Исус ја увидел вредноста од обучувањето на другите. Никој на Земјата не поучувал поделотворно од Исус (Јован 7:46). Сепак, откако им дал инструкции на 70-мина свои ученици, тој ги испратил во делото на проповедање. Иако не можеле да се мерат со Исус во способноста на поучување, тие се вратиле пресреќни поради нивните успеси. Исус се радувал со нив и ги пофалил, зашто знаел дека тие ќе продолжат со делото уште долго после неговото заминување и дека најпосле ќе извршат повеќе отколку што тој сам некогаш можел да направи (Лука 10:1-24; Јован 14:12).
Доделувањето должности, исто така, значи да се пружи помош во неопходните детаљи. Дента пред да умре, Исус ги поставил Петар и Јован да ги направат неопходните подготовки за неговиот последен пасхален оброк (Лука 22:7-13). Исус не требало да се грижи околу набавката на јагне, вино, бесквасен леб и горчливо зелје; ниту требало да собира садови, дрва за оган и слично. За тие детаљи се погрижиле Петар и Јован.
Старешините денес можат да се радуваат на слични користи ако го имитираат Исусовиот пример. На пример, оној кој се грижи за литература може да биде замолен да порача залиха за некоја идна акција. Може да биде упатен да ги проанализира своите забелешки за да утврди како слични публикации биле употребени во последните акции. Исто така може да ги разгледа карактеристиките на собраниското подрачје пред да го подготви соодветниот формулар за порачка. Потоа ќе го поднесе формуларот кај собранискиот секретар на проверка. Штом слугата за литература ја научил својата работа, нема да биде неопходно секретарот повторно да ги контролира минатите забелешки сѐ додека вкупните збирови на формуларот за порачка се во разумни граници. Јасно дека оваа едноставна постапка на доделување на сите кои се вклучени треба да им го олесни и поедностави доставувањето на порачката на литература.
Со оглед на ваквите потенцијални користи, како може доделувањето на должности да се врши делотворно?
Како се доделуваат должности
Објасни ја задачата. Пред сѐ, објасни какви резултати се очекуваат. „Тргувајте со нив, дури не се вратам!“ — им рекол ‚човекот од висок род‘ на своите десетмина робови во Исусовата илустрација за ќесињата (Лука 19:12, 13). Господарот очекувал од робовите да тргуваат доходно со своите ќеси и потоа да известат за својата добивка кога тој ќе се врати. Тие знаеле што требало да сторат. Како би се применило ова начело на некој современ проект за Царска сала? На пример, на братот што е поставен да го поправи покривот нормално дека ќе му се каже какви материјали да употреби, каде да ги најде и кога треба да почне со работата, доколку допуштаат временските услови. Таквите конкретни упатства водат до добра организација.
Важно е да се објасни не само што задачата опфаќа, туку и кои одлуки му се допуштени на лицето и за кои работи треба да му се обрати на некој друг. Мојсеј им рекол на своите ополномоштеници дека треба да ги судат малите случаи, но тешките требало да дојдат кај него (2. Мојсеева 18:22).
Кога доделуваш одговорности, погрижи се да избегнуваш да ги даваш истите должности на двајца. Кога се доделуваат исти должности на повеќе од едно лице, доаѓа до збрки. Замисли си што би се случило кога на некој голем конгрес на Јеховините сведоци, и на Одделот за чистење и на Одделот за исхрана им биде дадена одговорноста да ги чистат штандовите за храна, или кога и Одделот за редарство и Одделот за крштевање би биле поставени да ги насочуваат набљудувачите за време на крштевањето.
Избери способни луѓе. Јотор го советувал Мојсеј: „Мораш да си побараш способни, богобојазливи мажи меѓу сите луѓе, чесни и неподмитливи мажи, и постави ги над народот“ (2. Мојсеева 18:21, The New English Bible). Очигледно, лицето прво треба да ги исполнува духовните услови. За да се одреди дали некој е „способен“ да врши некоја претстојна работа, мора да се разгледаат факторите како што се личните особини, искуството и талентот. Така, христијанинот со посебно љубезен, пријатен, услужлив став веројатно добро би работел на штандот за литература или како редар. Во иста смисла, кога се избира некој кој треба да му помага на собранискиот секретар, логично треба да се разгледа колку е уреден. Дали им обрнува внимание на детаљите, дали е доверлив и дали умее да чува тајна (Лука 16:10). Ако се разгледаат таквите фактори покрај неопходните духовни квалификации, тоа ќе помогне да се постави правиот човек за работата.
Додели доволно средства. Оној кој служи, треба да има на располагање извесни средства за да ја изврши доделената задача. Можеби ќе му треба опрема, парични средства или помош. Додели доволно средства. На пример, некој брат може да биде замолен да изврши извесни поправки во Царската сала. Очигледно треба да му се каже што треба да се направи, но исто така можеби ќе му требаат нешто пари за ситни трошоци за да купи попратни материјали. Можеби ќе му треба помош. Затоа, старешините можат да ги замолат другите да му помогнат или за таа цел да дадат известување пред собранието дека ‚Братот тој и тој ќе изврши таква и таква работа во салата, и можеби ќе му пријде на некого од вас и ќе замоли за помош‘. Таквата промисленост ќе спречи да се доделува задача без да се предвидат доволно средства. „Немој да доделуваш половични должности“— така се изразува еден управен советник.
Кога доделуваш одговорности, информирај ги другите дека лицето работи наместо тебе. Овластувањето да работи наместо тебе е исто така едно средство. Исус Навин бил овластен за нов водач на Израел пред „целата заедница“ (Ст). Мојсеј бил поучен ‚да му наложи извесна мера од своето достоинство‘ (4. Мојсеева 27:18-23, NW). Во рамките на собранието, истото може да се постигне ако на огласната табла едноставно закачиш список со имињата на оние на кои им се доделени должности.
Поддржувај ги нивните одлуки. Сега оној на којшто му е доделена должност може да е во тек со доделената работа. Запомни, ти можеш да бидеш вистински извор на охрабрување за него ако ги поддржуваш добрите одлуки што тој ги донесува. На пример, ти како старешина може да имаш свој вкус како да се постават микрофоните и мебелот на подиумот во Царската сала, кој би бил нешто поинаков од начинот на кој тоа го прави поставениот брат. Меѓутоа, ако на братот којшто се грижи за подиумот му е дадена извесна слобода во неговата работа, тој веројатно ќе постигне доверба и искуство. Освен тоа, може дури и да ги подобри работите. Еден деловен советник изјавил: „Погрижи се да ја доделиш задачата, а не да доделиш како таа ќе се изврши. . . . Честопати така излегува на површина креативен талент“.
Понатаму, братот кој моментално ја врши работата, кој ја има, така да се каже, раката на плугот, честопати е подобро запознаен со одредена ситуација и така може подобро да ги разбере проблемите што се поврзани со неа. Тој, веројатно, за проблемите ќе донесе решенија кои навистина се делотворни. Можеби, исто така, се бори со фактори за кои набљудувачите не знаат. Затоа, еден христијански надгледник, за еден искусен брат кој му помагал, рекол: „Ако тој вели дека постојат некакви проблеми, јас морам да му верувам“.
Да, највредниот потенцијал што можат да го добијат христијанските старешини, се предадените мажи и жени кои се спремни и способни да помагаат во било што што ќе им биде понудено. Старешини, искористете ги тие извонредни прилики! Доделувањето на должности е знак на скромност и може да го намали стресот и фрустрациите. Не само што тоа ќе ви овозможи да постигнете повеќе, туку на другите ќе им дадете прилика да постигнат потребно искуство.