ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w92 1/11 стр. 10-15
  • Образованието во библиски времиња

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Образованието во библиски времиња
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Образованието во времето на патријарсите
  • Образовниот систем во Израел
  • Методи на поучување
  • Програма на поучување
  • Свештеници, левити и пророци
  • Образованието во текот и после ропството
  • Рабински школи
  • Образование — користи го за да го фалиш Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Како гледаат на образованието Јеховините сведоци
    Јеховините сведоци и образованието
  • Образование со цел
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Дали Библијата одвратува од образованието?
    Разбудете се! 1998
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
w92 1/11 стр. 10-15

Образованието во библиски времиња

„И учете ги синовите свои на нив“ (5. МОЈСЕЕВА 11:19).

1. Што покажува дека Јехова е заинтересиран за образованието на своите слуги?

ЈЕХОВА е Големиот Воспитувач. Тој никогаш не ги оставил своите слуги во состојба на незнаење. Секогаш бил спремен со нив да го сподели знаењето. Ги поучува за својата волја и за своите патишта. Во текот на безброј милениуми, неговиот единороден Син бил покрај него, постојано учејќи како Божји ‚главен работник‘ (Изреки 8:30, NW). Кога бил на Земјата, Исус изјавил: „Како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам“ (Јован 8:28). Мислејќи на Бог како на Неспоредлив Воспитувач, Елијуј прашал: „Кој е учител, како Него?“ (Јов 36:22). Пророкот Исаија зборувал за Јехова како за ‚Големиот Учител‘ на Својот народ, и прорекол: „Сите твои синови ќе бидат научени од Господа, и голем мир ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 30:20; 54:13). Без сомнение, Јехова сака неговите интелигентни суштества да бидат просветлени и добро образовани.

Образованието во времето на патријарсите

2, 3. а) Како гледале верните патријарси на образованието на своите деца, и каква подука му дал Јехова на Авраам? б) Која величествена намера стоела зад заповедта да се поучува потомството на Авраам?

2 Една од основните предности на семејните поглавари во времето на патријарсите била поучувањето на децата и на домашните. За Божјите слуги, образованието на децата било религиозна обврска. За својот слуга Авраам, Јехова рекол: „Него го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господен и да извршуваат правда и суд, за да може Господ да го исполни она, што му го вети на Авраама“ (1. Мојсеева 18:19).

3 Оваа божествена изјава покажува дека за Јехова образованието било од голема важност. Бог барал Авраам, Исак и Јаков да ги воспитуваат своите домашни по Неговите патишта на праведност и суд, за да може идните генерации да бидат во состојба да го следат Јеховиниот пат. Според тоа, Јехова требало да ги исполни своите ветувања во врска со Авраамовото семе и со благословот на „сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 18:18; 22:17, 18).

Образовниот систем во Израел

4, 5. а) По што се разликувал израелскиот образовен систем од оној на другите нации? б) Која друга важна разлика е нагласена во Encyclopaedia Judaica, и што, без сомнение, придонело за таа разлика?

4 Encyclopaedia Judaica наведува: „Библијата е основниот извор за разбирање на процесот на образование во древниот Израел“. Јехова го употребил Мојсеј како прв човечки учител на Израел (5. Мојсеева 1:3, 5; 4:5). Мојсеј ги пренесувал зборовите што му биле дадени од Јехова (2. Мојсеева 24:3). Значи Бог, всушност, бил првенствениот Воспитувач на Израел. Тоа само по себе го разликувало образовниот систем на Израел од оној на другите нации.

5 Истиот прирачник изјавува: „Повисокото образование, односно знаењето што се стекнувало од книги, во Месопотамија и Египет било формално и ограничено на класата на препишувачи, што изгледа дека не било случај во Израел. Разликата, без сомнение, се должела на поедноставниот алфабетски систем на пишување што го употребувале Евреите. . . . Не смее да се превиди важноста на алфабетското пишување за историјата на образованието. Тоа довело до прекин на традиционалните препишувачки култури на Египет, Месопотамија и Канаан, од вториот милениум. Да се биде писмен повеќе не било знак на препознавање и исклучителна карактеристика на класата на професионални препишувачи и свештеници, упатени во неразбирливото клинесто или хиероглифско писмо“.

6. Кој библиски доказ постои дека Израелците биле писмен народ уште од самиот почеток на нивната историја?

6 Библијата дава докази дека Израелците биле писмен народ. Уште пред да влезат во Ветената Земја, им било речено да ги напишат Јеховините закони на нивните надвратници и на нивните порти (5. Мојсеева 6:1, 9; 11:20; 27:1-3). Иако оваа заповед, без сомнение, била симболична, секако/сигурно ништо не би му значела на просечниот Израелец ако не знаел да чита и пишува. Библиските стихови како што се Исус Навин 18:9 и Судиите 8:14, покажуваат дека и другите, а не само водачите како Мојсеј и Исус Навин, знаеле да пишуваат долго пред да биде воспоставена монархијата во Израел (2. Мојсеева 34:27; Исус Навин 24:26).

Методи на поучување

7. а) Кој, според Библијата, им пружал основно образование на израелските деца? б) Кои информации ги дал еден француски библичар?

7 Во Израел, децата биле поучувани уште на многу рана возраст и од мајката и од таткото (5. Мојсеева 11:18, 19; Соломонови изреки 1:8; 31:26). Во францускиот Речник на Библијата (Dictionnaire de la Bible), библискиот научник Е. Манжено напишал: „Веднаш откако ќе почнело да зборува, детето учело неколку пасуси од Законот. Мајка му повторувала еден стих; кога ќе го научел, ќе му дадела уште еден. Потоа, напишаниот текст од стиховите, кои веќе можеле да ги рецитираат напамет, ќе им ги даделе на децата в раце. На тој начин, биле запознавани со читањето, па кога ќе пораснеле, можеле да го продолжат своето религиозно поучување со читање и размислување за Господовиот закон“.

8. а) Кои основни методи на поучување се користеле во Израел, и со која важна карактеристика? б) Кои помагала за помнење се употребувале?

8 Тоа наведува на помислата дека основна метода на поучување што се употребувала била учењето напамет. Работите кои се учеле во врска со Јеховините закони и неговите постапувања со неговиот народ требало да продрат до срцето (5. Мојсеева 6:6, 7). Требало длабоко да размислуваат за нив (Псалми 76:11, 12). Се користеле разновидни помагала за помнење за да им се помогне на млади и на стари да помнат. Тие опфаќале алфабетски акростихови, последователни стихови во еден псалм кој започнува со различни букви, по азбучен ред (како во Соломонови изреки 31:10-31); алитерација (зборови кои почнуваат со истата буква или глас); и употребата на броеви, како оние што се употребени во втората половина на Соломонови изреки 30. поглавје. Занимливо е дека Гезер календарот, еден од најстарите примери за пишувањето на древниот хебрејски, некои научници го сметаат за вежбанка за помнење на некој ученик.

Програма на поучување

9. а) Кој бил важен дел од програмата на поучување на израелските деца? б) Што наведува една библиска енциклопедија во врска со поучувањето за годишните празници?

9 Образованието во Израел не било ограничено на тоа да се учи читање и пишување. Еден важен предмет кој се учел бил историја. Учењето за Јеховините чудесни дела во корист на својот народ било важен дел од образованието. Тие историски факти морале да се учат од генерација во генерација (5. Мојсеева 4:9, 10; Псалми 77:1-7). Прославувањето на годишните празници било прекрасна прилика за семејните поглавари да ги поучуваат своите деца (2. Мојсеева 13:14; 3. Мојсеева 23:37-43). The International Standard Bible Encyclopedia во врска со тоа наведува: „Преку татковата подука во домот и неговите објаснувања за значењето на празниците, еврејските деца биле поучувани за тоа како Бог им се појавил во минатото, како требало да живеат во сегашноста и какви биле Божјите ветувања во врска со иднината на Неговиот народ“.

10. Каква практична обука им била пружана на девојчињата и на момчињата?

10 Родителското образование вклучувало и практична обука. Девојките учеле домашни работи. Завршното поглавје на Соломонови изреки покажува дека тие биле многубројни и разновидни; опфаќале предење, везење, готвење, занаетчиство и општо управување со домаќинството. Момчињата обично го учеле световното занимање на своите татковци, или земјоделство, или некој занает или вештина. Во подоцнежни времиња, еврејските рабини имаат обичај да речат: „Оној кој својот син не го учи на некој корисен занает, ќе го воспита за крадец“.

11. Што ја покажува основната цел на образованието во Израел, и каква поука тоа содржи за младите денес?

11 Духовната длабочина на методите на поучување што се употребувале во Израел е видлива низ целата книга Соломонови изреки. Таа покажува дека целта била да ги поучи „неискусните“ (NW) на такви возвишени работи како што се мудрост, дисциплина, разбирање, увид, расудување, остроумност, знаење и способност на размислување — сето тоа во „стравот Господов“ (Соломонови изреки 1:1-7; 2:1-14). Тоа ги нагласува мотивите кои треба да го поттикнат Божјиот слуга денес да го подобри своето образование.

Свештеници, левити и пророци

12. Кој, покрај родителите, учествувал во образованието на израелскиот народ, и кое е основното значење на хебрејскиот збор преведен со „закон“?

12 Иако основното образование го пружале родителите, Јехова понатаму го образувал својот народ преку свештениците, несвештеничките левити и пророците. Во својот последен благослов за племето Леви, Мојсеј изјавил: „Го учат Јакова на законите твои, и Израилот на Твоите заповеди“ (5. Мојсеева 33:8, 10). Значајно е тоа што зборот „закон“, на хебрејски (тора́), е изведен од еден корен кој во својата глаголска форма значи „покажува“, „поучува“ и „подучува“. Encyclopaedia Judaica наведува: „Според тоа, значењето на зборот [тора́] е ‚поучување‘, ‚доктрина‘, или ‚подука‘“.

13. Зошто израелскиот Закон бил поинаков од правните системи на другите нации?

13 Тоа исто така го одвојувало Израел од другите нации, па дури и од нациите во денешно време. Политичките нации денес имаат збирки на закони за кои поголемиот дел од населението знае само мал дел. Кога луѓето ќе дојдат во конфликт со законот, мораат на адвокатите да им платат високи хонорари за да ги бранат. Правните школи често се за стручњаците. Но, Законот во Израел бил Божје средство за на својот народ да му каже како тој сака да го обожаваат и да живеат според неговата волја. За разлика од другите правни законици, тој вклучувал љубов спрема Бог и ближниот (3. Мојсеева 19:18; 5. Мојсеева 6:5). Законот ни одблизу не бил безлична книга со уредби. Тој давал наука, поучување и подука за еден начин на живот кој морало да се научи.

14. Која е една од причините поради која Јехова го отфрлил левитското свештенство? (Малахија 2:7, 8).

14 Додека биле верни, свештениците и Левитите ја исполнувале својата одговорност да го поучуваат народот. Но многу често, свештениците ја запоставувале таа одговорност да го поучаваат народот. Тој недостиг на образованост за Божјиот Закон имал опасни последици како за свештениците така и за народот. Во осмиот век пр. н. е., Јехова прорекол: „Мојот народ се оприличил [ќе биде замолкнат, NW] на тие што немаат знаење, зашто ти си отфрлил знаење, и Јас ќе те отфрлам од свештенодејството пред Себе; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои“ (Осија 4:6).

15. а) Освен свештениците, кого Јехова подигнал како учители на Израел, и што напишал еден библичар за нивната улога на воспитувачи? б) Што се случило на крајот со Израел и Јуда поради тоа што го одбиле знаењето за Јехова и неговите патишта?

15 Како и свештениците, Јехова подигнал пророци во улога на воспитувачи. Читаме: „Господ преку сите Свои пророци, преку секој гледач [на визии, NW] го опоменуваше Израилот и Јуда, велејќи: ‚Вратете се од лошите патишта и пазете ги заповедите Мои, наредбите Мои, целиот закон, што сум го заповедал на татковците ваши, и што сум ви го предал преку слугите Мои, пророците‘“ (4. Царства 17:13). Во врска со улогата на пророците како воспитувачи, францускиот библиски научник Роланд де Во напишал: „И пророците имале мисија да го подучуваат народот; тоа било подеднаков дел од нивната задача како што било пророкувањето на иднината. А пророчката инспирација на нивното проповедање ѝ дала авторитет на Божјата реч. Сигурно е дека за време на монархијата, пророците биле религиозни и морални учители на народот; и, може да се додаде, нивни најдобри учители, иако не секогаш највнимателни“. Поради недостигот на исправно воспитување од страна на свештениците и левитите, како и поради пропустот да внимаваат на Јеховините пророци Израелците ги напуштиле Јеховините патишта. Самарија паднала во рацете на Асирците во 740 пр. н. е., а Ерусалим и неговиот храм биле уништени од Вавилонците во 607 пр. н. е.

Образованието во текот и после ропството

16, 17. а) Која образовна програма им била наметната на Даниел и неговите тројца другари? б) Што им овозможило да го поминат тоа вавилонско образование, а сепак да му останат верни на Јехова?

16 Околу десет години пред уништувањето на Ерусалим, цар Јехонија и група на принцеви и благородници биле одведени во Вавилон од страна на цар Навуходоносор (4. Царства 24:15). Меѓу нив биле Даниел и тројца други млади благородници (Даниил 1:3, 6). Навуходоносор наредил четворицата да поминат специјален курс на поука по „халдејските книги и јазик“. Освен тоа, им била давана „секојдневна храна од царската трпеза и вино што сам го пиеше“ (Даниил 1:4, 5). Имало потенцијални опасности од повеќе причини. Веројатно, програмата на поучување не била само тригодишен јазичен курс. Некои мислат дека терминот ‚Халдејци‘, во овој пасус, означува, „не Вавилонците како народ, туку учената класа“ (The Soncino Books of the Bible). Во својот коментар кон Даниел, К. Ф. Кајл наведува: „Даниел и неговите другари требало да бидат образовани во мудроста на халдејските свештеници и учени луѓе, која била поучувана во школите на Вавилон“. Царското јадење исто така ги изложувало на тоа да ги прекршат забраните за начинот на исхраната кои ги наметнувал Мојсеевиот Закон. Како поминале?

17 Како претставник на четворицата млади еврејски благородници, Даниел од самиот почеток јасно дал до знаење дека тие нема да јадат или да пијат нешто што се противи на нивната совест (Даниил 1:8, 11-13). Јехова го благословил тој цврст став и го омекнал срцето на вавилонскиот офицер кој бил одговорен (Даниил 1:9, 14-16). Што се однесува до нивното учење, наредните настани во животите на сите четворица млади Евреи без сомнение покажуваат дека нивната задолжителна тригодишна програма на поучување за вавилонската култура не предизвикала да отстапат од нивната длабока приврзаност кон Јехова и неговото чисто обожавање (Данило, 3. и 6. поглавје, ДК). Јехова им овозможил да излезат неоштетени од таа присилна тригодишна задлабоченост во вавилонското високо образование. „И им дарува Бог на четворицата момчиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниила му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа. И во сѐ, за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство“ (Даниил 1:17, 20).

18. Која образовна програма била спроведена во Јуда по вавилонското ропство?

18 После вавилонското ропство, Ездра, свештеник кој „го беше управил срцето свое да го изучува законот Господов и да го извршува и да го учи Израилот во законите и уредбите“, извршил големо образовно дело (1. Ездра 7:10). Во тоа му помогнале верните левити кои „му го објаснуваа законот на народот“ (Неемија 8:7). Ездра бил библиски научник и „вешт препишувач“ (NW), или писар (1. Ездра 7:6). Во нивното време, писарите, како класа, дошле на истакната положба.

Рабински школи

19. Која класа на воспитувачи се појавила во Израел пред Исус да дојде на Земјата, и од кои важни причини тој и неговите ученици не се подложиле на еврејското високо образование?

19 До времето кога Исус се појавил на Земјата, писарите станале елитна класа на учители, повеќе приврзани кон традициите отколку кон вистинските учења на Божјата Реч. Сакале луѓето да ги нарекуваат „Раби“ (NW) што станало почесна титула, со значење „Мој Величествен (Извонреден)“ (Матеј 23:6, 7, фуснота, NW). Во Христијанските Грчки списи, писарите се често поврзани со фарисеите, од кои некои и самите биле учители на Законот (Дела на св. апостоли 5:34). Исус ги обвинил двете групи дека ја осакатуваат Божјата реч поради нивната традиција и поради тоа што поучувале „човечки повелби“ (Матеј 15:1, 6, 9). Затоа не е ни чудо што ниту Исус, ниту повеќето од неговите ученици не биле образовани во рабинските школи (Јован 7:14, 15; Дела на св. апостоли 4:13; 22:3).

20. Што ни покажа овој преглед на образованието во библиските времиња, и што покажува дека на Јеховините слуги им е потребно образование?

20 Овој преглед на образованието во библиски времиња ни покажа дека Јехова е Величествениот Подучувач на својот народ. Преку Мојсеј, Бог организирал делотворен образовен систем во Израел. Но по долго време, се развил еврејски систем на високо образование кој изучувал работи што биле спротивни на Божјата Реч. Иако Исус не посетувал такви еврејски школи, тој сепак бил неспоредлив Учител (Матеј 7:28, 29; 23:8; Јован 13:13). Тој исто така ги овластил своите ученици да поучуваат, дури до завршетокот на системот на ствари (Матеј 28:19, 20). За да го прават тоа, требало да бидат добри учители и затоа ќе им треба образование. Според тоа, како треба вистинските христијани да гледаат на образованието денес? Ова прашање ќе биде испитано во следната статија.

Провери го сеќавањето

◻ Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова е заинтересиран за образованието на своите слуги?

◻ Во кој поглед израелскиот образовен систем бил поинаков од оној на другите нации?

◻ Какво образование добивале израелските деца?

◻ Кои методи на поучување се употребувале во Израел?

◻ Зошто Исус и неговите ученици не оделе во еврејските школи за високо образование?

[Слика на страница 14]

Задолжителното образование во Вавилон не ги одвратило Даниел и неговите другари од Јехова

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели