Бог не ја заборава „љубовта што ја покажавте кон името негово“
„БОГ не е неправеден да го заборави трудот ваш и љубовта што ја покажавте кон името негово, послужувајќи и понатаму служејќи им на светите“ (Евреите 6:10, Бакотиќ). Зборовите на апостол Павле се обистинуваат на Јеховините сведоци во Источна Европа. Верно служејќи на интересите на Божјето име, тие со децении напорно работеле под забрани што им ги наметнале поранешните влади под контрола на Советскиот Сојуз. Јехова се сеќава на нивните добри дела и ги опсипува со благослови на Царството. На пример, да се осврнеме на изминатата службена година во само три од овие подрачја.
Териториите на поранешниот Советски Сојуз
Териториите на поранешниот Советски Сојуз известуваат дека во текот на 1992 службена година највисокиот број на објавители на Царството пораснал за 35 отсто — од 49.171 на 66.211! Но, тоа не е сѐ бидејќи тие објавители биле многу активни, како што се гледа од извонредниот пораст во делењето на библиска литература и списанија. Добро ги употребувале и брошурите, и раздале 1.654.559. Тоа е повеќе од трикратно во однос на минатогодишната бројка од 477.235! Каков е одѕивот на сета оваа поделена литература? Бројот на домашни библиски студии се зголемил за двапати. Сега се водат 38.484 библиски студии.
Исто така, учеството во помошна пионерска служба пораснло за 94 отсто. Ова очигледно придонесе за извонредниот број на новокрстени ученици — 26.986, во споредба со ланскиот број од 6.570, што претставува восхитувачки пораст од 311 отсто!
Како некои од новокрстените се заинтересирале за добрата вест? Понекогаш одлучувачки фактор бил длабокиот интерес од страна на Сведоците кои ја воделе студијата. Еден претседавачки надгледник од Молдова [поранешна Молдавија], раскажува:
„Мојата сопруга и јас посетивме една жена која порано покажа интерес за библиската вистина. Со неа започнавме библиска студија. Меѓутоа, нејзиниот сопруг не покажа никаков интерес. Еден ден кога отидовме да ја посетиме за да ја продолжиме студијата, времето беше многу остро и паѓаше снег. Едвај можеше да се види некој по улиците, но ние стигнавме до нејзината куќа точно во договореното време. Таа му се обрати на својот сопруг: ‚Гледаш ли колку овие луѓе се грижат за нас? И покрај снегот, дојдоа навреме‘. Овој настан го поттикна нејзиниот сопруг да размислува. Тој се предомисли и се приклучи во студијата, а сега и тој и неговата сопруга се крстени Сведоци“.
Во други случаи учтивоста на Сведоците може да предизвика интерес за добрата вест. Еден старешина, исто така од Молдова, го имал следново искуство:
„Еден човек кого го посетив на моето подрачје за проповедање не беше заинтересиран за Јеховините сведоци. Рече дека е православец, исто како и неговиот татко и неговиот дедо. Затоа ме замоли да ги напуштам просториите. Но, пред да заминам, ми даде прилика да му ја кажам причината за мојата посета. Му укажав на Матеј 28:19, кој гласи: ‚Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух‘. Потоа му ја дадов адресата на нашето место на состанување и си заминав. На мое изненадување, по една недела овој човек дојде на нашиот состанок! Остана сѐ до крајот на програмата. Ми објасни дека цела недела го мачела совеста затоа што бил така нељубезен спрема мене. Веднаш започнавме со библиска студија и сега тој е еден од нашите браќа“.
Друга истакната карактеристика на службената година беше силниот одѕив на потребите на браќата во тоа подрачје кои беа во оскудица. Во текот на зимата 1991/92, на загрозените им беа испратени околу 400 тони прехрамбени артикли и големи количини машка, женска и детска облека. Овие подготовки беа распределени практично во сите делови на територијата на поранешниот Советски Сојуз, дури и во толку далечни места ‚како што се Иркутск во Сибир и Хабаровск близу Јапонија. Навистина импресивен показател дека Јехова не ја заборавил љубовта што нашите браќа ја покажале кон неговото име! Овој доказ на братска љубов предизвикан од Јеховиниот дух, исто така имаше за последица да ги обедини со нивното семејство ширум светот. На пример, една сестра од Украина напишала до подружницата:
„Помошта што ни ја дадовте нѐ погоди длабоко в срце. Бевме трогнати до солзи и му благодаревме на Јехова Бог што не нѐ заборавил. Навистина, и сега имаме материјални потешкотии, но благодарение на помошта што пристигна од нашите браќа од Запад, повторно застанавме на свои нозе во материјален поглед. Сега, поради вашата помош, нашето семејство ќе може да посвети повеќе време за Јеховината служба. Ако е Јеховина волја, мојата ќерка и јас во летните месеци ќе се пријавиме во помошна пионерска служба“.
Освен тоа, напорите за помош им дадоа сведоштво на оние кои не се Сведоци, бидејќи набљудувачите можеа да видат дека Сведоците покажуваат љубов преку својата акција. Едно семејство од едно друго собрание, напиша: „Ја добивме материјалната помош што се состоеше од храна и облека. Тоа беше навистина многу! Вашата поддршка и охрабрување се лекција за нас дека и ние треба да им правиме добро на другите. Овој чин на љубов не остана незабележан од неверниците, како и од заинтересираните лица и нивните семејства; тоа беше големо сведоштво за вистинското братство“.
Петте обласни конгреси и едниот меѓународен конгрес, што се одржаа минатиот јуни и јули под мотото „Светлоносци“, беа уште еден доказ за Јеховиниот благослов на напорната работа на неговите Сведоци и на љубовта што ја покажаа тие во објавувањето на неговото име. На конгресите присуствуваа 91.673 лица, а 8.562 беа крстени. Најмногу присутни имаше во Санкт Петерсбург, местото на меѓународниот конгрес, каде што на Киров Стадионот се собраа 46.214 души, вклучувајќи ги и делегатите од околу 30 земји од светот.
Во Сибир, некој човек на околу 60-годишна возраст дошол на конгресното место во Иркутск само за да погледне. Рекол: „Сите присутни се убаво облечени, со насмеани лица и љубезни еден спрема друг. Овие луѓе се како едно обединето семејство. Можеш да почувствуваш дека се пријатели не само на стадионот, туку и во животот. Добив извонредна библиска литература и многу подобро научив каква е оваа организација. Сакам да останам во контакт со Јеховините сведоци и да ја проучувам Библијата со нив“.
На истиот конгрес во Иркутск, каде што присуствуваа 5.051 лице, една интересентка од Јакутската Република (Сибир), коментирала: „Ги гледам луѓево и ми иде да заплачам. Многу сум му благодарна на Јехова што ми помогна да запознаам вакви луѓе. Овде на конгресот добив литература и имам желба да разговарам со другите за тоа. Многу сакам да бидам обожавателка на Јехова“.
Директорот на Централниот стадион во Алма Ата (Казахстан) каде што на конгресот се собраа 6.605 души, го рече следново: „Возбуден сум од вашето однесување. Сега сум уверен дека сите вие, млади и стари, сте пристојни луѓе. Не можам да речам дека верувам во Бог, но верувам во светите работи што ги изразува вашето братство, во вашиот став спрема духовните и материјалните вредности“.
Еден полициски службеник на конгресот во Алма Ата забележал: „Двапати сум бил во контакт со вас, и тоа само на конгреси. Вистинско задоволство е да се работи со Јеховини сведоци“.
Романија
Јехова не ја заборави ниту љубовта што ја покажале кон неговото име браќата во Романија. Во минатата службена година се случија многу радосни настани за Сведоците. Како прво, во Букурешт повторно беше основана подружница. Последните легални активности беа прекинати во 1949. Во канцеларијата сега има околу 20 браќа и сестри кои работат во новите простории. Подружницата опслужува 24.752 објавители — највисок број досега што претставува 21–постотен пораст во однос на ланскиот просек.
Откако со години проповедаа скришно, објавителите се подобро прилагодени за делото на сведочење од врата до врата. Едно искуство од покраината Муреш покажува како некои Сведоци добро ја користат секоја прилика за да им проповедаат на другите, дури и на оние кои патуваат. Подружницата пишува:
„Еден објавител реши да проповеда во возот од едно купе до друго. Реакцијата на луѓето воглавно била поволна, но во последното купе се појавиле тешкотии. Никој од патниците не сакал да земе примерок од наши списанија. Најпосле, некој човек, прилично вознемирен, станал и извикал: ‚Ќе ви ги фрлам сите списанија низ прозорецот! Зошто ни досадувате толку со таа ваша религија!‘ Објавителот љубезно одговорил дека дури и да ги фрли списанијата, некој друг ќе има корист од тоа — оној кој ќе ги собере списанијата. Кога ја видел присебноста на објавителот, човекот бил толку импресиониран што ги зел списанијата и почнал сам да им ги дели на другите патници во купето. За изненадување, сите тие земале по едно списание. Откако ги резделил останал без примерок за себе. Затоа, објавителот го прашал: ‚Господине, зарем не сакате и вие еден примерок?‘ На тоа човекот му извлекол од раце едно списание на друг патник кој имал два примерока и рекол: ‚Еве едно стигна и до мене!‘“
Во многу земји, делото на проповедање на Јеховините сведоци понекогаш предизвикувало противење од страна на свештенството на т. н. христијанство. Во Романија свештениците на православната црква често се гневеле на Јеховините сведоци. Но тоа не може да го запре Јехова да не го благослови својот народ заради љубовта што ја покажал кон неговото име. Еден покраински надгледник известува:
„Со месното собрание отидовме во служба во селските подрачја. Имаше стотина браќа. Изнајмивме автобуси кои нѐ однесоа на околу 50 километри, на подрачјето во едно гратче. Поканивме многумина на јавното предавање што требаше да се одржи во Домот на културата. Само што започна состанокот, православниот свештеник дојде за да го прекине нашиот состанок. Полициските службеници се обидоа да го запрат. Но, тој одби да се смири. Му успеа да го прекине состанокот кога го скрши стаклото на вратата од главниот влез. Меѓутоа, мнозина од месните жители воопшто не се сложуваа со однесувањето на свештеникот. Тогаш можеше да се даде темелно сведоштво пред сите присутни, и беше разделен голем број литература“.
За несреќа, во некои делови на земјата има само неколцина Сведоци. Кога еден општ пионер за првпат пристигнал во покраината Олт, нашол само деветмина браќа во целата покраина и големо подрачје на кое требало да се проповеда. По една година бројот на Сведоците пораснал на 27, од кои петмина биле повторно активирани објавители. Пионерот се населил во градот Корабија, каде воопшто немало Сведоци. Откако Сведокот престојувал таму само 45 дена, месниот парох протестирал на радиото во Крајова против нивното дело. Рекол дека тие го „нападнале“ градот Корабија со нивната наука и се обидувале да ги натераат луѓето да ја сменат својата религија. Нападите продолжиле, со намера да се запре делото и да се уништи угледот на Сведоците во тоа подрачје. Тоа достигнало кулминација кога браќата отишле во Букурешт на Обласниот конгрес. Православниот парох од Корабија дал остра најава после својата црковна служба: „Треба сите ние да одржиме улична демонстрација за да предизвикаме полицијата да преземе мерки против Сведоците кои го заразија целото подрачје со нивните публикации и ги затроваа луѓето“. Но истата ноќ пред да се одржи планираниот митинг, се случило нешто необично. Група вандали ја уништиле катедралата и градскиот Дом на културата. Затоа, протестниот митинг никогаш не се одржал!
Териториите на поранешна Југославија
Службената 1992 година беше посебно тешка година за браќата од подрачјето на тогашна Југославија. Но, во исто време тие имаа некои радосни искуства. За среќа, Јехова не го заборава нивното дело и љубовта што ги покажале кон неговото име.
Војната започна најпрвин во Словенија, потоа во Хрватска и подоцна во Босна и Херцеговина. За само една година, од една република, пет нови држави настојуваа да воспостават свои сопствени граници, закони и валути. Стотици Јеховини сведоци мораа да ги напуштат своите домови и беа сместени кај нивните браќа на други места. Слично како во другите земји од Источна Европа, во поголемите градови беа воспоставени одбори за елементарни непогоди кои се грижеа за сместувања, храна и облека за нашите браќа во неволја. Во текот на службената година, до браќата во собранијата во загрозените подрачја беа доставени околу 55 тони храна. Пристигнаа многу писма со изрази на ценење.
Браќата во Дубровник раскажаа колку биле благодарни за помошта што им беше дадена. Кога една сестра отишла дома со својот пакет храна, една сосетка ја запрашала каде ги купила јајцата. Сестрата ѝ рекла дека им ги испратиле нејзините духовни браќа од едно друго подрачје. Сосетката останала вџашена. Во еден друг случај некој непознат човек од Словенија му телефонирал на еден старешина и рекол: „Слушнав дека Јеховините сведоци чесно ја доставуваат храната што ја добиле од своите браќа. Јас повеќе пати праќав пакети до некои луѓе; но, тие никогаш не стигнаа таму каде што требаше. Дали би можел да испратам материјална помош до вас, а вие да им ја доставите?“ Исто така и весниците и радиото поволно известуваа за нашето дело на помагање.
Еден брат кој се крстил на меѓународниот конгрес во Загреб 1991, бил свесен за сѐ поголемите тешкотии, па купил една цела продавница за храна. Храната ја однел во својата куќа близу до военото подрачје. Кога оскудицата со храна станала посурова, оваа залиха се покажала вистински благослов за браќата.
Беше овозможено да се добие дозвола за еден голем камион да донесе основни прехранбени продукти за опседнатите браќа во Сараево. Радосни сме што можеме да кажеме дека пратката беше успешно доставена.
Борбите го зедоа својот данок на цивилни животи. За жал, до крајот на службената година, петмина наши браќа и сестри и двајца интересенти ги загубија своите животи, а некои беа повредени.
Сепак, многу искуства покажуваат дека воглавно е вистинска заштита да се биде еден од Јеховините сведоци. Во еден случај, браќата патувале на еден обласен конгрес во Белград кога наеднаш автобусот го запреле војници и прашале дали меѓу нив има припадници на извесна религија. Браќата одговориле дека нема ниту еден. Морале да ги покажат своите лични карти и некои од нив имале имиња кои покажувале дека би можеле да бидат од таа религија. Војниците ги обвиниле дека лажат, но браќата ги носеле со себе потврдите дека се испишале од црквата; иако дури биле родени во таа религија, изјавиле тие, сега се Јеховини сведоци кои патуваат на својот конгрес. Дури тогаш војниците ги пуштиле да го продолжат патувањето.
Пионерите продолжуваат со својата служба со несмалена ревност, а тоа се покажа како вистински потстрек за делото. Стражарска кула со нејзините ведри страници во боја симултано се преведува на сите главни јазици во овој регион. Таа редовно ги опремува љубителите на вистината и праведноста со нивната духовна „потребна храна навреме“ (Лука 12:42). Во текот на 1992 службена година беа крстени 674 нови браќа и сестри.
Сигурно е дека Бог не го заборавил делото на браќата во Источна Европа и нивната љубов што ја покажале кон неговото име. Освен тоа, тој сака сите негови обожаватели, сеедно каде живеат, да го следат извонредниот совет што апостол Павле потоа го дал во Евреите 6:11 (ДК), кој гласи: „Сакаме секој од вас да го покаже истото тоа грижење за да се одржи надежта тврдо до самиот крај“.