Дали доброто некогаш ќе го победи злото?
ПРЕД околу две илјади години на еден невин човек, Исус Христос, му се судело за живот или смрт. Злобни луѓе се заговориле да го уништат затоа што ја зборувал вистината. Бил лажно обвинет заради бунт, а толпата гласно извикувала да биде погубен. Еден римски управител, кој повеќе го ценел својот политички углед отколку животот на еден понизен дрводелец, го осудил Исус на свирепа смрт. По сѐ изгледало дека злото триумфирало.
Меѓутоа, ноќта пред неговото погубување, Исус им рекол на своите ученици: „Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Што мислел со тоа? Делумно, дека злото во светот ниту го огорчило ниту го предизвикало да возврати на ист начин. Светот не го набил во својот зол калап. (Спореди Римјаните 12:2, Phillips.) Дури и кога умирал, тој се молел во корист на своите погубители: „Оче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23:34).
Сѐ до својот последен здив Исус покажал дека злото може да се победи. Тој ги поттикнал своите ученици да ја водат својата борба против злото. Како можат да го сторат тоа? Ако внимаваат на библискиот совет ‚да не враќаат зло за зло‘ и ‚да го победат злото со добро‘, како што сторил Исус (Римјаните 12:17, 21). Но, дали таквото постапување навистина е делотворно?
Борба против злото во Дахау
Елзе, Германка која била затворена во Дахау, на едно 14-годишно руско девојче му дала скапоцен подарок, подарок на вера и надеж.
Дахау бил озлогласен концентрационен логор каде што илјадници биле погубени со отровен гас, а стотици луѓе, вклучувајќи го и ова Русинче, биле подложени на грозни медицински експерименти. Дахау изгледал како олицетворение на злото. И покрај тоа, дури и на ваква наоко јалова почва никнало доброто, па дури и се намножило.
Елзе чувствувала очајничка жалост за ова малолетно девојче кое исто така било присилено да гледа како есес-стражарите дивјачки ја силуваат мајка ѝ. Ризикувајќи го својот живот, Елзе барала прилики да зборува со девојчето за доброто и злото, како и за библиската надеж во воскресение. Ја поучила својата млада пријателка да сака, а не да мрази. Така Русинчето ги преживеало ужасите на Дахау, благодарение на Елзе.
Елзе сторила сѐ што можела, затоа што сакала да го следи несебичниот пример на Христос. Како една од Јеховините сведоци, таа научила да не враќа зло за зло, а нејзината вера ја поттикнала да им помага на другите да го прават истото. Иако пострадала во Дахау, таа била морален победник над злобниот режим. Но таа не била единствената.
Пол Џонсон во својата книга Историја на христијанството (A History of Christianity), забележал: „[Јеховините сведоци] одбиваа секаква соработка со нацистичката држава, жигосувајќи ја како наполно изопачена. . . . 97 отсто од нив беа прогонувани на овој или на оној начин“. Дали тоа било безнадежна битка? Во книгата Вредностите и насилството во Аушвиц (Values and Violence in Auschwitz), полскиот социолог Ана Павелчинска за Сведоците рекла: „Оваа мала група на затвореници претставуваше цврста идеолошка сила и тие ја добија својата битка против нацизмот“.
Сепак, за повеќето од нас, главната битка што сме ја извојувале била битката против злото одвнатре, а не против злото однадвор. Тоа е борба внатре во самите нас.
Да се победи злото во себе
Апостол Павле ја опишал оваа борба на следниот начин: „Не доброто кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам“ (Римјаните 7:19). Како што Павле тоа добро го знаел, секојпат не ни доаѓа природно да го правиме доброто.
Еугениоa бил млад Шпанец кој цели две години водел борба против своите зли склоности. „Морав да бидам многу строг спрема самиот себеси“, објаснува тој. „Уште од рани години имав склоност кон неморалот. Како тинејџер, намерно учествував во хомосексуални оргии, и искрено речено, уживав во таквиот начин на живот“. Што го натерало конечно да се промени?
„Имав желба да му угодам на Бог, и сознав од Библијата дека тој не го одобрува таквиот начин на којшто јас живеев“ — вели Еугенио. „Затоа, одлучив да станам поинаков човек, кој ќе живее според Божјите упатства. Секој ден морав да се борам со негативните, валкани мисли кои сѐ уште ми надоаѓаа во умот. Бев решен да ја добијам битката, и затоа се молев непрестајно за Божја помош. По две години најлошото помина, иако сум сѐ уште строг спрема самиот себеси. Но таквата борба се исплати. Сега имам самопочитување, добар брак и, што е најважно, добар однос со Бог. Од лично искуство знам дека злите мисли можат да бидат отстранети пред да вродат плод — само ако навистина се потрудиме“.
Доброто го победува злото секојпат кога ќе отфрлиме некоја зла мисла, секогаш кога ќе одбиеме да вратиме зло за зло. Но, иако таквите победи се важни, тие не ги отстрануваат двата главни извора на злото. Колку и да се трудиме, не можеме во потполност да ги надвладееме нашите наследени слабости, а Сатана сѐ уште врши злобно влијание врз човештвото. Тогаш, дали ваквата ситуација некогаш ќе се промени?
Уништување на Ѓаволот
Исусовата верност до смртта била главниот пораз за Сатана. На Ѓаволот не му успеал обидот да ја скрши Исусовата беспрекорност, а тој неуспех значел почеток на Сатановиот крај. Како што објаснува Библијата, Исус вкусил смрт за „преку смртта да го победи [уништи, NW] . . . ѓаволот“ (Евреите 2:14). После своето воскресение Исус им рекол на своите ученици: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). И оваа власт ќе биде употребена за поништување на Сатановите дела.
Книгата Откровение го опишува денот кога Исус го исфрла Сатана од небесата. Овој Главен Злосторник, заедно со своите демони, притоа се ограничува на близината на Земјата. Како последица од тоа, предупредува Библијата, ќе изобилува злото: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време“ (Откровение 12:7-9, 12).
Библиското пророштво покажува дека овој историски настан веќе се одиграл — отприлика во времето на Првата светска војна.b Тоа пружа објаснување за забележливиот пораст на злото за кое сме сведоци во наше време. Но наскоро, Сатана ќе биде затворен, така што не ќе може повеќе да влијае на никого. (Види Откровение 20:1-3.)
Што ќе значи сето ова за човештвото?
„Тие нема да прават зло“
Како Цар на Божјето Царство, Исус наскоро ќе ја употреби својата ‚власт на земјата‘ за да организира програма на духовно прешколување. „Жителите на светот [ќе, NW] се учат на правда“ (Исаија 26:9). Користите ќе бидат очигледни за секого. Библијата ни гарантира: „Нема да прават зло и штета . . . зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господа [со Јеховино спознание, NW], како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:9).
Многу од нашите зли склоности можат да се совладаат уште сега. Кога демонското влијание повеќе нема да постои, сигурно ќе биде многу, многу полесно ‚да се клониме од зло и да правиме добро‘ (1. Петрово 3:11).
Имаме многу причини да бидеме уверени дека доброто ќе го победи злото, затоа што Бог е добар, а со негова помош, оние кои сакаат да прават добро можат да го надвладеат злото, како што докажал Исус со својот сопствен пример (Псалми 119:68, Даничиќ-Караџиќ). Оние кои сега сакаат да се борат против злото можат да гледаат во пресрет на живот на исчистена Земја со која ќе владее Божјето Царство, влада на која ѝ е доверено засекогаш да го искорени злото. Псалмистот го опишал исходот: „Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат. Вистината ќе изникне од земјата, а правдата ќе се појави од небото“ (Псалми 84:10, 11).
[Фусноти]
a Името е променето.
b За повеќе подробности, види ја книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, стр. 20-22, издадена од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци.