Што бара од нас подложноста на Бог
„Па затоа, покорете Му се на Бога“ (ЈАКОВ 4:7).
1. Што можеме да кажеме за тоа каков Бог обожаваме?
КАКОВ прекрасен Бог е Јехова! Неспоредлив, на кој му нема рамен, единствен на толку многу начини! Тој е Највишиот, Универзален Суверен на кого му припаѓа сета вистинска власт. Тој е од вечност до вечност и толку славен што ниеден човек не може да го види, а да остане жив (2. Мојсеева 33:20; Римјаните 16:26, ДК). Тој е бескрајно моќен и мудар, апсолутно совршен во правда и само олицетворение на љубовта. Тој е нашиот голем Создател, наш Судија, Законодавец и наш Цар. Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа од него (Псалми 99:3; Исаија 33:22; Јаков 1:17).
2. Кои работи ги опфаќа подложноста на Бог?
2 Со оглед на сите овие факти, нема сомнение дека имаме обврска да му бидеме подложни. Но што вклучува тоа за нас? Повеќе работи. Бидејќи не можеме лично да го видиме Јехова Бог, да му бидеме подложни вклучува да го следиме гласот на нашата школувана совест, да соработуваме со Божјата земска организација, да ги признаваме световните власти и да го почитуваме начелото за поглаварство во семејниот круг.
Да се задржи чиста совест
3. Кои видови на забрани треба да ги слушаме за да задржиме чиста совест?
3 За да задржиме чиста совест, мораме да бидеме послушни на ненаметливото — односно, на законите или начелата кои луѓето не можат да ги наметнат. На пример, десеттата заповед од Декалогот, насочена против посакувањето, не можеле да ја наметнат човечките власти. Патем речено, тоа сведочи за божественото потекло на Декалогот затоа што ниедно човечко законодавно тело не би направило закон кој не би можел да се спроведе со помош на казнени мерки кога ќе се прекрши. Со овој закон, Јехова Бог на секој Израелец му ја дал одговорноста сам да си биде свој полицаец — ако сакал да има чиста совест (2. Мојсеева 20:17). Слично на тоа, меѓу делата на телото кои некого би го исклучиле од наследството на Божјето Царство се „љубомора“ и „зависти“ (Ст) — реакции против кои човечките судии не можат да наметнат казнени мерки (Галатјаните 5:19-21). Но за да задржиме чиста совест, мораме да ги избегнуваме.
4. По кои библиски начела мораме да живееме за да задржиме чиста совест?
4 Да, мораме да живееме по библиските начела. Таквите начела можеме да ги сумираме во двете заповеди кои Исус Христос ги изрекол како одговор на прашањето која е најголемата заповед на Мозаитскиот законик. „Возљуби Го Господа [Ти мораш да го љубиш Јехова, NW], својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; . . . Возљуби го својот ближен како самиот себеси!“ (Матеј 22:36-40). Исусовите зборови запишани во Матеј 7:12 опишуваат што опфаќа втората од овие заповеди: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците“.
5. Како можеме да задржиме добар однос со Јехова Бог?
5 Мораме да го правиме она за кое знаеме дека е исправно и да се чуваме од она за кое знаеме дека е неисправно, без разлика дали другите го заблежуваат тоа или не. Тоа важи дури и тогаш кога би можеле да поминеме и без да го вршиме она што би требало или кога го вршиме она што не би требало. Тоа значи да одржуваме добар однос со нашиот небесен Татко, имајќи го на ум предупредувањето кое апосотол Павле го изразува во Евреите 4:13: „Нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“. Ако истраеме во вршењето на она што е исправно, тоа ќе ни помогне да се бориме против лукавите замисли на Ѓаволот, да им се спротивставиме на световните притисоци и да се бориме против вродената склоност кон себичност. (Спореди Ефесјаните 6:11.)
Подложност на Божјата организација
6. Кои канали на комуникација ги користел Јехова во претхристијанските времиња?
6 Јехова Бог не ни препуштил во потполност самите да донесуваме одлуки за тоа како ќе ги применуваме библиските начела во својот живот. Од почетокот на човечката историја Бог ги користел луѓето како канали на комуникација. Според тоа, Адам бил Божјиот говорник за Ева. Заповедта за забранетиот плод му била дадена на Адам пред да биде создадена Ева, и сигурно Адам ја известил Ева за Божјата волја во врска со неа (1. Мојсеева 2:16-23). Ное бил Божји пророк за своето семејство и за претпотопниот свет (1. Мојсеева 6:13; 2. Петрово 2:5). Авраам бил Божји говорник за своето семејство (1. Мојсеева 18:19). Божји пророк и канал на комуникација за израелската нација бил Мојсеј (2. Мојсеева 3:15, 16; 19:3, 7). После него, па сѐ до Јован Крстител, Бог употребил многу пророци, свештеници и цареви за да му ја соопшти својата волја на својот народ.
7, 8. а) Кои биле користени како Божји говорници со доаѓањето на Месијата? б) Што бара подложноста на Бог од Јеховините сведоци денес?
7 По доаѓањето на Месијата, Исус Христос, Бог го употребил него и неговите блиску поврзани апостоли и ученици да служат како Негови говорници. Подоцна, помазаните верни следбеници на Исус Христос требало да служат како ‚верен и разумен роб‘ (NW) за да му соопштуваат на Јеховиниот народ како да ги применуваат библиските начела во својот живот. Подложноста на Бог значела да се признае средството коешто Јехова Бог го употребувал (Матеј 24:45-47; Ефесјаните 4:11-14).
8 Фактите покажуваат дека денес „верниот и разумен роб“ (NW) е поврзан со Јеховините сведоци и претставен преку Водечкото тело на овие Сведоци. Тоа Тело, од своја страна, наименува надгледници во различни својства — како старешини и патувачки претставници — за да го водат делото на локално ниво. Подложноста на Бог бара секој предаден Сведок да им биде подложен на тие надгледници во согласност со Евреите 13:17: „Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете им послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, — та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас“.
Прифаќање на стега
9. Што најчесто вклучува подложноста на Бог?
9 Подложноста на Бог често се состои во тоа да се прифати на стега од оние кои служат како надгледници. Ако самите секогаш не се држиме во потребната стега, можеби ќе биде потребно да нѐ советуваат и караат оние кои имаат искуство и власт да го прават тоа, како што се нашите собраниски старешини. Мудро е да се прифати таквата стега/укор (Соломонови изреки 12:15; 19:20).
10. Каква обврска имаат оние кои караат?
10 Очигледно, старешините кои караат мораат и самите да бидат примери на подложност на Бог. Како? Според Галатјаните 6:1, не само што треба да имаат добар начин на советување, туку треба да бидат и примерни: „Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани“. Со други зборови, советот на старешината мора да биде во согласност со неговиот пример. Тоа е во склад со советот даден во 2. Тимотеј 2:24, 25 и во Тит 1:9. Да, оние кои караат или исправаат мораат многу да внимаваат никогаш да не бидат груби. Секогаш треба да бидат благи, љубезни, а сепак цврсти во поддржувањето на начелата во Божјата Реч. Треба да бидат непристрасни слушачи, закрепа на оние кои страдаат и кои се преоптоварени. (Спореди Матеј 11:28-30.)
Подложност на претпоставените власти
11. Што се бара од христијаните во нивните односи со световните власти?
11 Подложноста на Бог исто така бара да им бидеме послушни на световните власти. Римјаните 13:1 нѐ советува: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога“. Меѓу другото, овие зборови од нас бараат да ги почитуваме сообраќајните правила и да бидеме совесни што се однесува до плаќањето на даноци и порези, како што забележал апостол Павле во Римјаните 13:7.
12. Во која смисла нашата подложност на царот е условна?
12 Но, јасно дека секоја подложност на царот мора да биде условна. Мораме секогаш да го имаме на ум начелото што го навел Исус Христос, а кое е запишано во Матеј 22:21: „Подајте го царевото на царот а Божјото на Бога!“ Една фуснота кон Римјаните 13:1 во Oxford NIV [New International Version] Scofield Study Bible забележува: „Тоа не значи дека тој мора да ги слуша одредбите кои се неморални или антихристијански. Во таквите случаи, негова должност е повеќе да го слуша Бог отколку луѓето (Дела 5:29; спореди Даниел 3:16-18; 6:10 па натаму)“.
Подложноста на Бог во семејниот круг
13. Што бара божествената подложност во семејниот круг од неговите членови?
13 Во семејниот круг, сопругот и татко служи како поглавар. Тоа бара сопругите да се придржуваат на советот даден во Ефесјаните 5:22, 23: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата“.a Што се однесува до децата, тие не поставуваат свои правила, туку им должат божествена подложност и на таткото и на мајката, како што објаснува Павле во Ефесјаните 6:1-3: „Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. ‚Почитувај ги татка си и мајка си!‘ — тоа е првата заповед со ветување, за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата‘“.
14. Што бара подложноста на Бог од семејните поглавари?
14 Се разбира, на сопругите и децата им е полесно да искажуваат таква божествена подложност кога самите сопрузи и татковци покажуваат подложност на Бог. Тоа го прават така што ова поглаварство го спроведуваат во склад со библиските начела, како што се оние што се наоѓаат во Ефесјаните 5:28, 29 и 6:4: „И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата“. „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов [Јеховин, NW]!“.
Помош во покажувањето подложност на Бог
15. Кој плод на духот ќе ни помогне да покажуваме подложност на Бог?
15 Што ќе ни помогне да покажуваме подложност на Бог на овие различни подрачја? Прво, тоа е несебичната љубов — љубов кон Јехова Бог и кон оние кои тој ги поставил над нас. Во 1. Јованово 5:3, стои: „Љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки“. Исус ја истакнал истата мисла во Јован 14:15: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“. Навистина, љубовта — главниот плод на духот — ќе ни помогне да го цениме сето она што Јехова го направил за нас и ќе ни помогне да покажуваме подложност на Бог (Галатјаните 5:22).
16. Од каква помош е стравот од Бог во покажувањето на божествена подложност?
16 Второ, тука е стравот од Бог. Стравот дека не му угодуваме на Јехова Бог ќе ни помогне затоа што тоа „е мразење на зло“ (Приче Соломунове 8:13, ДК). Без сомнение, стравот дека нема да му угодиме на Јехова ќе нѐ чува да не направиме компромис поради страв од човек. Тој исто така ќе ни помогне да ги слушаме Божјите поуки без оглед на тоа какви потешкотии треба да се совладаат. Освен тоа, ќе нѐ чува од тоа да им попуштаме на искушенијата или на склоностите кон погрешно постапување. Библијата покажува дека стравот од Јехова му овозможил на Авраам да се осмели да го принесе својот сакан син Исак како жртва, а стравот дека нема да му угоди на Јехова му овозможил на Јосиф успешно да им се спротивстави на неморалните умилкувања на Петефриевата жена (1. Мојсеева 22:12; 39:9).
17. Каква улога игра верата во нашето покажување на подложност на Бог?
17 Третата помош е верата во Јехова Бог. Верата ќе ни овозможи да се држиме за советот даден во Соломонови изреки 3:5, 6: „Надевај се на Господа [на Јехова, NW] од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“. Верата особено ќе ни помогне кога се чини дека неправедно страдаме или мислиме дека со нас се постапува поинаку поради нашата раса, или националност, или поради некој судир на карактери. Некој можеби се чувствува неоправдано занемарен кога не е предложен да служи како старешина или како слуга помошник. Ако имаме вера, ќе чекаме на Јехова да ги поправи работите во негово одредено време. Во меѓувреме, можеби треба да развиваме стрплива истрајност (Плач Јеремиин 3:26).
18. Што е четврта помош во нашето покажување на подложност на Бог?
18 Четврта помош е понизноста. Понизниот човек нема потешкотии да покажува подложност на Бог, бидејќи ‚од понизност ги смета другите за погорни од себе си‘. Понизниот човек е спремен да се однесува како „најмал“ (Филипјаните 2:2-4; Лука 9:48). Но на гордиот човек му е под честа да биде подложен и се буни против тоа. Се вели дека таквиот човек повеќе би сакал да го уништи фалбата наместо да го спаси критиката.
19. Каков прекрасен пример на понизност дал еден поранешен претседател на Друштвото Стражарска кула?
19 Одличен пример на понизност и подложност на Бог дал Џозеф Ратерфорд, вториот претседател на Библиското и трактатно друштво Стражарска кула. Кога Хитлер го забранил делото на Јеховините сведоци во Германија, тамошните браќа му пишале и го молеле да им каже што треба да прават со оглед на забраната на нивните состаноци и проповедничка активност. Тој го споменал тоа пред бетелската фамилија и отворено признал дека не знаел што да им каже на браќата од Германија, особено со оглед на жестоките казнени мерки кои ги преземале против нив. Рекол дека ако некој знаел што да им каже, ќе му било драго да го чуе тоа. Каков понизен дух!b
Корист од покажувањето на подложноста на Бог
20. Кои благослови доаѓаат од покажувањето на подложност на Бог?
20 Некој може да праша: Која е користа од покажувањето на подложност на Бог‘? Ги има навистина многу. Ги избегнуваме грижите и фрустрациите што ги доживуваат оние кои постапуваат независно. Се радуваме на добриот однос со Јехова Бог. Имаме најдобро друштво меѓу нашите христијански браќа. Освен тоа, ако се однесуваме во склад со законот, избегнуваме непотребни конфликти со световните власти. Исто така се радуваме на среќен семеен живот како сопрузи и сопруги, како родители и деца. Освен тоа, ако задржуваме подложност на Бог, постапуваме во склад со советот даден во Соломонови изреки 27:11: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“.
[Фусноти]
a Еден пионерски слуга го фалел почитувањето и љубезната поддршка на својата сопруга пред еден друг пионер кој бил самец. Пионерот самец мислел дека неговиот пријател би требало да каже нешто и за другите особини на неговата сопруга. Но, после неколку години, кога пионерот самец самиот се оженил, сфатил колку љубезната поддршка на сопругата е важна за брачната среќа.
b После многу молитви и проучување на Божјата Реч, Џозеф Ратерфорд јасно увидел како требало да им одговори на браќата во Германија. Не бил тој одговорен да им кажува што треба или не треба да прават. Ја имале Божјата Реч која јасно им кажувала што да прават во поглед на нивното состанување и сведочење. Затоа, германските браќа работеле илегално, но и понатаму останале послушни на Јеховините заповеди заеднички да се состануваат и да сведочат за неговото име и Царство.
Прашања за повторување
◻ Какви мажи користел Бог како канали на комуникација, и што им должеле на нив неговите слуги?
◻ На кои различни подрачја се применува подложноста на Бог?
◻ Кои особини ќе ни помогнат да покажуваме подложност на Бог?
◻ До кои благослови доведува подложноста на Бог?
[Слика на страница 16]
Бог ја користел ерусалимската храмска организација за да му ја соопшти својата волја на својот народ
[Слики на страница 18]
Подрачја на кои можеме да покажуваме подложност на Бог