Зошто Господовата Вечера има значење за тебе?
ИСУС ХРИСТОС ја воспоставил Господовата Вечера во последната ноќ од својот човечки живот. Тоа било четврток навечер, на 31. март, а Исус умрел во петок попладне, на 1. април. Бидејќи деновите во еврејскиот календар се броеле од вечерта тој ден до вечерта наредниот ден, Господовата вечера и Исусовата смрт се случиле на 14. низан 33. г. н. е.
Зошто Исус ја воспоставил оваа вечера? Какво е значењето на лебот и виното коишто ги употребил? Кој треба да учествува? Колку често треба да се слави оваа вечера? И како може тоа да има значење за тебе?
Зошто е воспоставена?
Во врска со Господовата вечера, Исус им рекол на своите апостоли: „Правете го ова за спомен Мој!“ Според еден друг превод, тој рекол: „Правете го ова за сеќавање на мене“ (1. Коринтјаните 11:24, The New English Bible). Всушност, Господовата Вечера честопати се означува како Спомен на Христовата смрт.
Исус умрел како бранител на Јеховиниот суверенитет кој ја чувал својата беспрекорност и со тоа докажал дека Сатана е лажлив подбивач затоа што тврди дека чесните луѓе му служат на Бог само од себични мотиви (Јов 2:1-5). Неговата смрт предизвикала радост во Божјето срце (Соломонови изреки 27:11).
Преку својата смрт како совршен човек, Исус исто така „ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Со тоа што згрешил против Бог, првиот човек го изгубил совршениот човечки живот и изгледите поврзани со него. Но „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Да, „платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23).
‚Примено од Господ‘
Зборовите на апостол Павле фрлаат светлина врз спомен-славата на Христовата смрт: „Јас го примив од Господ она што ви го и предадов, дека Господ Исус во онаа ноќ во која требаше да биде предаден, зеде леб, и откако заблагодари, го скрши и рече: ‚Ова значи моето тело, кое е за вас. Правете го ова секогаш за сеќавање на мене.‘ Откако вечера, исто така направи и со пехарот, велејќи: ‚Овој пехар значи новиот сојуз по сила на мојата крв. Правете го ова секогаш кога го пиете, за сеќавање на мене.‘ Зашто секогаш кога го јадете овој леб и го пиете овој пехар, ја објавувате смртта Господова, додека не дојде тој“ (1. Коринтјаните 11:23-26, NW).
Бидејќи Павле не бил присутен со Исус и 11-те апостоли на 14. низан 33. г. н. е., оваа информација очигледно била ‚примена од Господа‘ преку вдахновено откровение. Исус го воспоставил Споменот во ‚онаа ноќ, во која требало да биде предаден‘ од Јуда на еврејските религиозни непријатели кои ги навеле Римјаните да го распнат Христос. Оние кои имале право да земат од симболичниот леб и вино требало да го прават тоа за сеќавање на него.
Колку често да се слави?
Што мислел Павле со зборовите: „Секогаш кога го јадете овој леб и го пиете овој пехар, ја објавувате смртта Господова, додека не дојде тој“? Верните помазани христијани земале од симболите на Споменот „секогаш“ додека биле живи, за подоцна да бидат воскреснати во небесен живот. Со тоа пред Бог и пред светот ја објавувале својата вера во Јеховината подготовка на Исусовата жртва. За колку долго? „Додека не дојде тој“, рекол Павле, очигледно мислејќи дека овие обичаи ќе продолжат сѐ додека Исус не дојде да ги прими своите помазани следбеници на небото преку воскресение за време на неговата „присутност“ (1. Солунјаните 4:14-17, NW). Ова е во склад со Христовите зборови до 11-темина лојални апостоли: „Кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:3).
Дали треба Христовата смрт да се слави секој ден или можеби секоја седмица? Па, Исус ја воспоставил Господовата Вечера и бил убиен на Пасхата, која била за сеќавање на ослободувањето на Израел од египетското ропство. Всушност, тој е наречен „Христос, Пасхата наша“ бидејќи тој е Јагнето што е жртвувано за христијаните (1. Коринтјаните 5:7). Пасхата се одржувала само еднаш годишно, на 14. низан (2. Мојсеева 12:6, 14; 3. Мојсеева 23:5). Тоа укажува дека Исусовата смрт требало да се слави исто толку често како и Пасхата — еднаш годишно, а не секојдневно или секоја седмица.
Со векови многу луѓе кои се исповедале како христијани ја славеле Исусовата смрт еднаш годишно. Бидејќи тоа го правеле на 14. низан, биле наречени Квартодецимани, што значи „четиринаесетници“. Во врска со нив, историчарот Ј. Л. фон Мосхајм напишал: „Христијаните од Мала Азија обичавале да ја слават оваа света гозба, во спомен на воспоставувањето на Господовата вечера и смртта на Исус Христос, во истото време кога Евреите го јаделе нивното Пасхално јагне, имено, вечерта на четиринаесеттиот ден од првиот месец [низан]. . . . Тие се чувствувале обврзани да го следат Христовиот пример како што би следеле и некој закон“.
Значење на симболите
Павле рекол дека „Исус . . . зеде леб, и откако заблагодари, го скрши“. Тој леб сличен на пексимид, печен со брашно и вода без квасец, требало да се прекрши за да може да се јаде. Во библиската симболика квасецот означува грев или расипаност. Поттикнувајќи ги коринтските христијани да исклучат некој неморален човек од собранието, Павле рекол: „Не знаете ли дека малку квас го потквасува целото тесто? Затоа, очистете го стариот квас, та да бидете ново тесто, како што сте бесквасни; оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас. Па да празнуваме не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина“ (1. Коринтјаните 5:6-8). Како што парче кисело тесто го вкиселува целото тесто, или цела фурна леб, така собранието би станало нечисто во Божји очи ако расипувачкото влијание на грешниот човек не би било отстрането. Требало да го извадат „квасецот“ од својата средина, исто како што Израелците не смееле да имаат квасец во своите куќи за време на Празникот на Бесквасни лебови кој доаѓал по Пасхата.
Во поглед на бесквасниот леб што се користел на Споменот, Исус рекол: „Ова значи моето тело, кое е за вас“ (1. Коринтјаните 11:24, NW). Лебот го претставува Исусовото совршено физичко тело за кое Павле напишал: „Влегувајќи во светот, [Исус] вели: ‚Жртви и дарови Ти не посака, а телото Ми го приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.‘ Тогаш реков: ‚Ете, идам, напишано е за Мене во почетокот на книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.‘ . . . Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш“ (Евреите 10:5-10). Исусовото совршено човечко тело било безгрешно и послужило како откупна жртва за човештвото (Евреите 7:26).
Откако се помолил за пехарот со неразблажено црвено вино, Исус рекол: „Овој пехар значи новиот сојуз по сила на мојата крв“ (1. Коринтјаните 11:25, NW). Еден друг превод вели: „Овој пехар значи новиот сојуз кој е потврден со мојата крв“ (Moffatt). Исто како што крвта на жртвуваните бикови и јарци го прави правосилен сојузот на Законот помеѓу Бог и израелската нација, така Исусовата крв што била пролеана во смрт го направила правосилен новиот сојуз. Фактот дека се споменува новиот сојуз ни помага да препознаеме кој е овластен да зема од симболите на Споменот.
Кој треба да зема?
Исусовите помазани следбеници, кои се во новиот сојуз, со право учествуваат во земањето од симболите на Споменот. Овој сојуз е склучен помеѓу Бог и духовниот Израел (Јеремија 31:31-34; Галатјаните 6:16). Но новиот сојуз конечно ќе донесе благослови за целото послушно човештво, а ти можеш да бидеш меѓу оние кои ќе ги примат овие благослови.
Учесниците кои земаат од симболите на Споменот мораат да бидат во личниот сојуз за Царството којшто го склучил Исус. Кога ја воспоставил оваа вечера, Исус им рекол на своите лојални апостоли: „Јас склучувам со вас сојуз, токму како што мојот Татко склучил со мене сојуз, за царство“ (Лука 22:29, NW). Сојузот за Царство, што го склучил Бог со цар Давид, укажувал на доаѓањето на Исус, оној кој ќе владее засекогаш во небесното Царство. Тие 144.000 духовни Израелци, кои ќе го делат владетелството со него, опишани се како стојат на небесната Сионска гора со Јагнето, Исус Христос. Откако ќе бидат воскреснати, тие ќе владеат со Христос како придружени цареви и свештеници (2. Царства 7:11-16; Откровение 7:4; 14:1-4; 20:6). Само оние кои се во новиот сојуз и во личниот сојуз со Исус со право учествуваат во земањето од симболите на Господовата Вечера.
Божјиот дух му сведочи на духот на помазаниците дека тие се Негови деца и сонаследници со Христос. Павле напишал: „Овој Дух му сведочи на нашиот дух дека сме деца Божји. А кога сме деца и наследници сме: значи наследници Божји, а сонаследници Христови: зашто со него страдаме, за со него и да се прославиме“ (Римљанима 8:16, 17, Даничиќ-Караџиќ). Божјиот свет дух, или активна сила, во помазаниците ја создава сигурноста дека се одредени за небесен живот. Тие сметаат дека сѐ што Писмото вели за небесниот живот е упатено до нив и се спремни да ги жртвуваат сите земски работи, вклучувајќи го и земскиот живот. Иако животот во земскиот Рај ќе биде прекрасен, тие [помазаниците] немаат таква надеж (Лука 23:43, NW). Сигурната и непроменлива небеска надеж, која не се темели на лажни религиозни сфаќања, им дава право да земаат од симболите на Споменот.
Јехова ќе биде незадоволен ако некое лице себеси се прикажува како да е повикано да биде небесен цар и свештеник, а нема таков позив (Римјаните 9:16; Откровение 22:5). Бог го погубил Кореј заради дрското посегање по свештенство (2. Мојсеева 28:1; 4. Мојсеева 16:4-11, 31-35). Но, што ако силните чувства или поранешните религиозни идеи наведат некого погрешно да учествува во земањето од симболите на Споменот? Тогаш, тој или таа треба да престане да зема и понизно да моли за Божје простување (Псалми 19:13, ДК).
Како тоа се однесува на тебе
Од никој не се бара да зема од симболите на Споменот за да има корист од Исусовата откупна жртва и да добие вечен живот на Земјата. На пример, Библијата со ништо не укажува дека богобојазливите луѓе како Авраам, Сара, Исак, Ребека, Боас, Рут и Давид некогаш ќе учествуваат во земањето од ваквите симболи. Но тие и сите други коишто посакуваат бескраен живот на планетава, ќе мораат да покажат вера во Бог и Христос и во Јеховината подготовка на Исусовата откупна жртва (Јован 3:36; 14:1). Годишното славење на Христовата смрт служи како потсетник на таа голема жртва.
Важноста на Исусовата жртва била покажана кога апостолот Јован рекол: „Ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник [помошник, NW], Исуса Христа, праведникот: а Он е очистување [помирбена жртва, NW] за нашите гревови, и не само за нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2). Помазаните христијани можат да речат дека Исус е ‚помирбена жртва за [нивните] гревови‘. Меѓутоа, тој е жртва и за гревовите на целиот свет, така што на послушното човештво му овозможува вечен живот на рајската Земја која сега е толку близу.
Со тоа што ќе присуствуваш на прославата на Христовата смрт ќе извлечеш корист од библиското предавање кое тера на размислување. Ќе бидеш потсетен за тоа колку многу Јехова Бог и Исус Христос сториле за нас. Ќе биде духовно наградувачки да се биде заедно со оние кои имаат длабоко почитување кон Бог и Христос и кон Исусовата откупна жртва. Таа прилика може да ја зајакне твојата желба да станеш еден од оние кои ќе ја примат Божјата незаслужена доброта која води до вечен живот. Срдечно те покануваме да се состанеш со Јеховините сведоци по заоѓање на Сонцето на 6. април 1993 за да го прославиш споменот на смртта на Исус Христос, затоа што Господовата Вечера може да биде од големо значење за тебе.