Украсот од бела коса
КОЛКУ би било возбудливо да се разговара со верни мажи и жени од древни времиња! Само замисли да разговараш со мажи како што се Ное, Авраам, Мојсеј и Јован Крстител, како и со жени како Сара, Раав, Рута и Дебора! Зарем не би бил восхитен кога би ги слушал како раскажуваат за истакнати настани од дамна минати времиња, што ги гледале со свои очи?
Па дури и денес, зарем не уживаш кога слушаш додека верни старци зборуваат како тие и другите ја зачувале својата беспрекорност кон Бог под искушенија, вклучувајќи забрани, тепање и затворање, а сѐ заради праведноста? Сосем сигурно! Ќе порасне и нашта љубов кон Бог и почитувањето што го имаме кон нив додека ни зборуваат за нивните чувства, а особено за нивното сесрдно ценење на Јеховината љубезна грижа.
Меѓу Божјиот народ, верните постари мажи и жени секогаш биле почитувани поради нивното искуство, знаење и мудрост. Всушност, во Законот што Бог им го дал на Израелците била вклучена следнава одредба: „Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец и бој се од Господа . . . твојот Бог. Јас сум Господ [Јехова, NW]“ (3. Мојсеева 19:32). Еврејскиот збор за возраст или старост доаѓа од коренот кој има значење „му побелува косата“, а исто така се пренесува со „седа коса“. Затоа од Израелците се очекувало да станат пред постаро лице во знак на почитување и тоа да го прават со стравопочитување кон Бог.
Дали таквото однесување со почит постои и денес? На пример, дали младите луѓе пресретливо им отвораат врата на постарите? Дали младите или возрасните кои се помлади им го отстапуваат на постари лица своето место во пополнет лифт? Или, дали помладите поединци воглавно им стануваат на старите во преполн автобус или воз? Забележано е дека дури и некои христијани пропуштаат да направат такво нешто.
Меѓутоа, за да му угодат на Јехова Бог, христијаните мораат да постапуваат во склад со неговото гледиште и да избегнуваат да размислуваат, зборуваат и постапуваат како оние кои се ‚саможиви, непокорни спрема родителите, неблагодарни и недоброљупци‘ (2. Тимотеј 3:1-5). Тогаш, што вели Божјата Реч за младешката свежина во однос на седавоста?
Силата на младоста
Библијата ја признава младешката сила со нејзините предности кога наведува: „Слава [убавина, NW] за младите е нивната сила“ (Соломонови изреки 20:29). Во древниот Израел, силата на младите левити била искористена во храмот, често за голем број потешки задачи. Денес, поголемиот дел од работата во фабриките, во Бетелските домови и на градежните проекти на Друштвото Стражарска кула го вршат млади мажи и жени кои ги ставиле на располагање своите сили и способности за да ги унапредуваат интересите на Царството (Матеј 6:33). На тој начин тие уживаат одлични предности во Божјата служба.
Штотуку наведената изрека завршува со зборовите, „а украс за старците — е нивната бела коса“. Кога младешката сила ќе се здружи со долгогодишното искуство и мудрост настанува мошне силна комбинација.
За илустрација: Млад чирак кај дрводелец, кој бил замолен да намести неколку подлоги, сака да ја заврши работата со младешка крепкост. Постариот, поискусен дрводелец забележува дека и покрај силата, младиот помошник удира во шајката неколку пати пред да ја закове. Постариот работник му препорачува на младиот да го држи чеканот на крајот од дршката, наместо блиску до металната глава. Тоа ќе му овозможи на младиот да ги кове шајките со поголема јачина и да заштеди време и енергија.
Слично на тоа, една млада, енергична жена може да научи по пат на обиди и грешки дека некои ткаенини ќе се оштетат ако не се перат според упатствата. Меѓутоа, една искусна жена знае колку е вредно да одвои време за да ги сортира алиштата, а некои парчиња облека да ги испере одвоено. Таа исто така научила дека ќе заштеди во пеглање ако ги дипли алиштата кога ги собира од жица или кога ќе ги извади од машина за сушење.
Учењето од искусните луѓе може да го олесни животот. Но и покрај тоа, доаѓа време кога и прилично искусните луѓе не можат да работат некои работи кои тој или таа со леснотија ги вршеле пред неколку години. Еден писател прикладно забележува: „Колку би било добро кога младите би имале знаење, а старите сила“. Но, колку е добро кога постарите луѓе ја ценат силата на помладите и трпеливо го делат со нив искуството што го стекнале низ годините — а младите понизно прифаќаат предлози! На овој начин, и двете старосни групи имаат корист.
Да се стекне украс
Самите години не се доволни. „Не само многулетните се мудри, ниту само старците знаат што е право“ (Јов 32:9; Проповедник 4:13). За да биде навистина ценет заради седата коса, еден постар човек сигурно морал со својот живот да направи повеќе отколку само мрзливо да ги минува деновите гледајќи телевизија, посетувајќи спортски настани и слично, само за добро да се забавува. Дури и во подоцнежните години старите треба да продолжат со учење.
Некои луѓе се фалат со тоа што работите ги направиле по свое или велат: „Искуството е најдобриот учител“. Сепак, Божјата Реч советува: „Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети“ (Соломонови изреки 1:5; спореди 1. Коринтјаните 10:11). Искуството не е секогаш најдобриот учител зашто можеме да научиме и од грешките на другите без да мораме самите да ги направиме истите. Освен тоа, христијанинот ќе сака да задржи на ум дека „седата коса е славна круна, [кога, NW] се наоѓа на праведен пат“ (Приче Соломунове 16:31, ДК). Живот поминат во верна служба за Јехова е убав од негова гледна точка и заслужува почитување од другите како добар пример. Секако, учењето за Бог и стекнувањето на искуство ‚на праведниот пат‘ може да започне рано во животот и треба да биде бесконечен процес (Римјаните 11:33, 34).
Ова може да се илустрира преку искуството со едно седумгодишно момче од Шведска. Тоа го прашало надгледникот за Теократска школа на проповедање во собранието дали може да се запише во школата. Надгледникот го прашал, „Зошто?“ А детето му одговорило: „Човек не може да денгуби цел живот!“ (Проповедник 12:1). Каков позитивен пример, како за младите така и за старите!
Да се оддава чест на седа коса
Една вознемирувачка тенденција во современото општество е високо да се цени добрата телесна кондиција и атлетската способност, а да се презира староста. Каков треба да биде ставот на христијаните спрема лицата со седа коса во собранието?
Наместо да ги превидуваме постарите христијани, треба да ги земаме во обѕир и да минуваме време со нив. На пример, на седмичните состаноци на Јеховините сведоци во Царската сала, дали правиш напори да ги поздравиш постарите? Тие навистина го ценат поздравот од помладите, како и од останатите. А само колку старите уживаат кога се присутни на заеднички собири со соверници од различи старосни групи! Иако помладите брачни двојки имаат повеќе заедничко со други венчани лица на нивна возраст, би било наградувачки да вклучат и постари на таквите весели собири (1. Солунјаните 3:12; 5:15).
Колку е важно да се биде обѕирен кога се разговара со постар! Кога еден постар брат со 40 години служба за Јехова во една прилика разговарал со друг старешина за тоа како може да го употребат него во собранието, младиот му рекол: „Ти можеш да сториш многу малку“. Каква нељубезна забелешка! Постариот брат имал помалку енергија за разлика од порано, неговото учество во службата на проповедање на некој начин се намалило и некои предности на надгледување очигледно биле премногу тешки за неговите моментални способности; сепак, тој можел да стори многу. Имал мудрост и искуство на патот на праведноста што ги собирал низ долги години. Бидејќи таквите стари работеле напорно како објавители на Царството, издржале прогонства, сноселе тешки товари на христијански одговорности и оспособувале други, Божјиот народ сега има цврста организација потпомогната со Божјиот дух. Затоа, да покажуваме почитување кон овие старци како кон мудри советници, љубезни пастири и делотворни учители.
Постои, исто така, и добра причина сериозно да се обрнува внимание на предлозите што ги даваат постарите. На пример, еден искусен брат предложил вратата во извесна Царска сала да не се постави на западната страна на зградата. Помладите браќа, кои биле повеќе заинтересирани за наводната естетика на градбата, не го послушале неговиот предлог. Меѓутоа, по неколку години вратата морало да биде преместена бидејќи постојаните ветрови и дождови кои доаѓале од запад предизвикале таа да се оштети. Практичната мудрост на искусните ги надминува естетските фактори. Ако младите поединци им оддаваат чест на постарите така што ги слушаат нивните мислења и практична мудрост, може да се заштеди и време и пари. Дури и кога нема да се следат предлозите на стариот човек, може да му се оддаде чест така што ќе му се стави до знаење дека било земено во обѕир неговото мислење, но дека за поинаква одлука придонеле други фактори. (Спореди Соломонови изреки 1:8.)
Гледај напред, а не наназад
Некои постари луѓе го зазеле следниов став: „Не е веќе како што беше во старите времиња, кога ти и јас бевме млади“. Меѓутоа, наместо да се задржуваат на времињата што поминале, таквите старци можат да се охрабрат да гледаат напред на деновите кога ќе ја добијат својата небесна награда или кога повторно ќе добијат младешка крепкост под владата на Божјето Царство. Во меѓувреме, треба да бидат свесни за своите граници кои се должат на годините. Оваа свесност и живиот интерес за хумор се непроценливи кога една постара личност очигледно ќе се превиди за предности во службата.
На пример, еден постар брат можеби со години редовно учествувал во програмите на обласните конгреси. Сега има поголем број способни старешини и поширок избор на мажи кои имаат способност за поучување. Иако се релативно млади, некои од овие старешини, кои се покажале како ревни и способни, можат добро да поучуваат и да даваат доброљубиви опомени и во состојба се да ги охрабруваат другите (1. Солунјаните 5:12, 13; 1. Тимотеј 5:17). Како последица на тоа, еден постар брат кој не се појавува на конгресната програма може да се чувствува изоставен и може да не е среќен што предноста им е дадена на помлади старешини. Сепак, таквите негативни чувства кои потекнуваат од човечката несовршеност може да се совладаат. Всушност, сите во собранието можат да помогнат така што ќе им стават до знаење на старите дека се потребни, дека се сакани поради нивната верност и дека нивните мислења се ценат.
Секако, едно постаро лице треба да запомни дека на сообожавателите мора да им се оддава чест токму како што и тој би сакал нему да му се оддава чест (Матеј 7:12; Римјаните 12:10). Наместо да сметаат дека биле присилени да се повлечат заради староста и да страдаат од негативни гледишта, постарите треба да се радуваат заради нивната долгогодишна верна служба. А во секој случај, сите ние треба да бидеме благодарни што како резултат на Јеховиниот благослов постојат сѐ повеќе оспособени надгледници кои го делат товарот на делото и ги преземаат собраниските одговорности додека мноштво од „други овци“ се собира во христијанската организација (Јован 10:16; Исаија 60:8, 22; 2. Тимотеј 2:2).
Поради болка, нарушено здравје или други фактори, оние со седа коса понекогаш стануваат раздразливи. Ова бара разбирање и сочувство од страна на другите членови на семејството или собранието. Тоа исто така изискува постарите напорно да работат за да одржат позитивно становиште, да останат млади во срцето и умот. Кога помладиот цимерколега на еден член на Водечкото тело на Јеховините сведоци го напуштал Бетелот пред неколку години, постариот побарал од него предлог за добра замена и рекол дека тој би претпочитал помлад, зрел брат кој ќе му помогне да остане млад и активен. Постариот помазан брат немал намера да се повлече или да забави зашто имало уште работа што требало да се заврши. Каков одличен пример на гледање напред и одржување на позитивно гледиште!
Несомнено, „[убавина, NW] за младите е нивната сила, а украс за старците — е нивната бела коса“. Колку е прекрасно кога младите луѓе ја користат нивната енергија, а постарите ја употребуваат нивната мудрост додека продолжуваат да одат по патот на праведноста! И старите и младите христијани подеднакво доживуваат голема радост додека обединето го унапредуваат вистинското обожавање на Јехова Бог, „Старецот“ (Даниил 7:13).
[Слика на страница 28]
Христијаните со седа коса можат да понудат многу во корист на другите