Вечно мачење — зошто таа наука збунува?
— Дознав дека сте го отпуштиле пасторот. Зошто?
— Па, тој постојано велеше дека сите ќе одиме во пеколот.
— Што вели новиот пастор?
— И тој вели дека ќе одиме во пеколот?
— Тогаш, во што е разликата?
— Во тоа што кога претходниот пастор го велеше тоа, изгледаше како да му е драго; а кога новиот го вели истото, имам впечаток дека му се кине срцето.
ОВАА приказна изнесена во една книга на споредби, на свој начин покажува дека многу библиски учители, како и посетителите на црквите се вознемирени со науката за пеколот. Во поширока смисла, тоа го потврдува она што го забележал канадскиот теолог Кларк Х. Пинок: „Од сите теми во теологијата кои со векови ја вознемирувале човечката совест, претпоставувам дека мал број предизвикале толку голема загриженост колку прифатеното толкување дека пеколот е како вечно казнување во свесна состојба на телото и душата“.
Морални импликации
Зошто многумина се вознемирени поради сцените на пеколот како што се претставени во т.н. христијанство? (Види ја рамката.) Професор Пинок укажува: „Идејата дека едно свесно суштество во бесконечност се подложува на физичко и душевно мачење силно вознемирува, а помислата дека ваквото нешто му се досудува со божествена одлука го повредува моето уверување во врска со Божјата љубов“.
Да, науката за вечно мачење претставува проблем од морален аспект. На пример, искрените христијани размислуваат за прашањата што ги покренал католичкиот теолог Ханс Кинг: „Дали Богот на љубовта . . . цела вечност би го гледал тоа бескрајно, безнадежно, бездушно, безчувствително, свирепо, телесно и душевно мачење на своите суштества?“ Кинг продолжува: „Дали тој е таков бесчувствителен кредитор? . . . Што би рекле за едно човечко суштество кое ја задоволило својата жед за освета на така неумолив и незаситен начин?“a Навистина, како може Бог, кој во Библијата вели дека треба да ги љубиме нашите непријатели, да има желба своите непријатели да ги мачи вечно? (1. Јованово 4:8-10). Не е за изненадување што некои луѓе заклучуваат дека природата на пеколот едноставно е неспоива со Божјата природа, дека оваа наука нема морална смисла.
Многу други верници се обидуваат да ја смират својата совест така што ги избегнуваат ваквите прашања. Сепак, игнорирањето на ваквите прашања нема да направи овие пречки да исчезнат. Потребно е да се соочиме со спорното прашање. Кои се моралните вредности кои се засегнати со оваа наука? Во Criswell Theological Review, професорот Пинок пишува: „Вечното мачење е невозможно од морален аспект затоа што тоа го прикажува Бог како крвожедно чудовиште кое има еден вечен Аушвиц за жртвите на кои дури и не им дозволува да умрат“. Тој прашува: „Како може некој со сочувствителност во себе да остане смирен ако размислува за такво нешто . . . како можат христијаните да измислат такво божество со таква свирепост и осветољубивост?“
Покажувајќи го лошото влијание кое оваа наука можела да го има врз однесувањето на човекот, Пинок коментира: „Јас дури се чудам колкави ужаси извршиле оние кои верувале во еден Бог кој ги мачи своите непријатели?“ Тој заклучува: „Зарем тоа не е доста вознемирувачка замисла која бара повторно истражување?“ Да, ако таквата свирепост му се припишува на Бог, не е чудо што чувствителните верници преземаат повторно истражување за пеколот. И што можат да пронајдат? Уште еден проблем кој се судрува со идејата за вечно мачење.
Пеколот и правдата
Многумина кои размислуваат за оваа традиционална наука за пеколот доаѓаат до заклучок дека во тој поглед Бог постапува неправедно, па поради тоа нивното нормално чувство на праведност е повредено. На кој начин?
Еден одговор произлегува ако се спореди науката за вечно мачење со мерилото за правда кое го дал Бог: „Око за око, заб за заб“ (2. Мојсеева 21:24). Како аргумент, примени ја науката за пеколен оган на овој божествениот закон даден на древниот Израел, закон за соодветна надомест. Каков можен заклучок би извлекол? Дека само оние грешници кои вечно мачеле некого заслужуваат подеднакво вечно да бидат мачени — вечно мачење за вечно мачење. Но, бидејќи луѓето (без обѕир колку се злобни) можат само ограничено да мачат некого, ако бидат осудени на вечно мачење, ќе настане диспропорционалност помеѓу нивните злосторства и вечната казна со пеколен оган.
Едноставно речено, казната би била премногу тешка. Би отишла далеку над она „око за око, заб за заб“. Имајќи предвид дека Исусовите учења го ублажувале поимот одмазда, ќе признаеш дека вистинските христијани едвај би можеле да согледаат некаква праведност во вечното мачење (Матеј 5:38, 39; Римјаните 12:17).
Оправдување на науката
Сепак, многу верници се обидуваат да ја оправдаат науката. Како? Британскиот автор Клајв С. Луис зборува за повеќето такви бранители во својата книга Проблемот на болката (The Problem of Pain): „Кога би било во моја моќ, не постои наука која порадо би ја отстранил од христијанството од оваа. Но таа има целосна поддршка во Библијата, а особено во самите зборови на Нашиот Господ“. Така, поддржувачите признаваат дека вечното мачење е ужасно, но истовремено веруваат дека науката е полноважна бидејќи сметаат дека Библијата учи за тоа. Теологот Пинок забележува: „Тие признаваат дека е непријатна, но се надевааат дека со своето уверување во една таква ужасна вистина ќе ја докажат својата непоколеблива верност кон Библијата и извесен хероизам само поради тоа што писмата го научуваат тоа. На тој начин, се плашат да не ја доведат во прашање непогрешноста на Библијата. Но дали тоа навистина е така?“
Ти можеби исто така се прашуваш дали верноста кон Библијата не ти остава друг избор освен да ја прифатиш ваквата наука. Што Библијата навистина вели?
[Фуснота]
a Вечен живот? — Живот после смртта како медицински, филозофски и теолошки проблем (Eternal Life?—Life After Death as a Medical, Philosophical, and Theological Problem), стр. 136.
[Рамка на страница 5]
ТРИ СЛИЧНИ ПРЕТСТАВИ
Вестминстерската вероисповед прифатена од многу протестанти изјавува дека оние кои не се избрани да одат на небото „ќе бидат фрлени на вечни маки и ќе бидат казнети со вечно уништување“ (Вероисповест 33:2). „Во римокатоличкото христијанство“, објаснува The Encyclopedia of Religion, „пеколот се смета како состојба на вечно казнување . . . која се карактеризира . . . со огнени маки и други видови на мачење“. Оваа енциклопедија додава дека и „источното ортодоксно христијанство“ го застапува „учењето дека пеколот е судбина со вечен оган и казнување кое ги чека проклетите“ (том VI, страници 238-239).