Во потрага по веродостојни пророштва
„ОНОЈ кој би можел три дена однапред да ги предвиди настаните, би бил богат илјадници години.“ Така вели една кинеска пословица.
Луѓето навистина би сакале да дознаат што ќе им донесе иднината и многумина радо би платиле огромни суми за такви веродостојни информации. Тие се во потрага по веродостојни пророштва. Како што може и да се види од временските прогнози и економските предвидувања, нас нѐ интересираат настаните кои претстојат. Всушност, сигурното познавање на иднината би ни овозможило да си ги планираме и уредиме нашите животи.
Желбата да се дознае што ќе се случи во иднина наведува многумина да се обраќаат на гаталци, гуруи, астролози и волшебници. Книжарниците и рафтовите со списанија изобилуваат со древни и современи написи од оние кои тврдат дека ја претскажуваат иднината. Меѓутоа, ваквите форми на претскажување се опкружени со скептицизам. Римскиот државник Катон наводно рекол: ‚Се чудам како еден гатач не се смее кога ќе здогледа друг гатач‘.
Се разбира дека постојат разновидни пророштва. Во 1972, една меѓународна група на академици и бизнисмени, познати под името Римски клуб, издадоа студија прорекувајќи дека светот наскоро ќе ги истроши изворите кои не се обновуваат. Светот би требало да остане без злато до 1981, без жива до 1985, цинк 1990, петролеј 1992, итн. Денес гледаме дека овие пророштва не се обистиниле.
Многу пророштва биле засновани на религиозни гледишта. На пример, саксонскиот бискуп Вулфстан верувал дека данската инвазија на Англија во единаесеттиот век е знак дека крајот на светот е близу. Во 1525, Томас Минцер подигнал буна на германските селани бидејќи во визија видел како ангелите замавнуваат со срповите и сметал дека жетвата ќе биде голема. Јасно, овие пророштва биле неточни.
Како што можеби ти е познато, Библијата содржи пророштва. Всушност, библиските писатели тврделе дека се вдахновени од Бог. Христијанскиот апостол Петар рекол: „Ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“ (2. Петрово 1:20, 21).
Меѓу другото, Библијата претскажала различни настани, назначувајќи ја генерацијата која ќе ја доживее присутноста на Исус Христос во небесна царска моќ. Обележје на она што Библијата го опишува како „последните денови“ ќе бидат невидени војни, глад, земјотреси и пад на моралните вредности кај луѓето (2. Тимотеј 3:1-5; Матеј 24:3-14, 34). Според Библијата, со отстранување на сегашниот систем на ствари ќе се трасира патот за среќа на човештвото во новиот свет на бескрајни благослови (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-4).
Како ти гледаш на овие библиски пророштва? Дали се и тие измамливи, слично на повеќето други предвидувања? Можеме да ја испитаме веродостојноста на пророштвата од Библијата кои сѐ уште не се исполниле така што ќе установиме дали библиските пророштва за настаните кои поминале биле веродостојни. Во следната статија ќе разгледаме некои од нив.
[Извор на слика на страница 3]
Courtesy National Weather Service