„Едноставно не можеме да комуницираме!“
АДВОКАТОТ Мајкл поради својата работа морал да биде динамичен комуникатор. Но, после 16 години брак бил принуден да признае дека кога е дома со жена си Адријан, неговата вештина за комуницирање како да исчезнува. „Постојано приговарање, критикување, инсинуации“, се присеќава Мајкл, „јас и Адријан секогаш бевме во состојба да се караме и сметав дека тоа ќе нѐ исцрпи. Се прашував дали тоа е бракот, постојана брана од незадоволство и лутина. Ако тоа требаше да биде нашата судба до крајот на животот, бев решен да го напуштам бракот — без шегување. Едноставно не би можел да се соочувам 20, 30, 40 години со постојано лутење и напнатост.“
Без сомнение, ваквите чувства не се појавиле само кај Мајкл и Адријан. Тие се реалност за многу брачни двојки чиј однос е на релација борба — примирје. Најосновниот разговор се претвора во вербална војна. „Слушаат“ работи кои не се изговорени. Велат работи што не ги мислат. Напаѓаат и обвинуваат, а потоа се повлекуваат во навредлива молчаливост. Не се разделуваат, но не се ни вистински „едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Врската е на мртва точка. Да се направи чекор назад значи да се разделат; да се направи чекор напред значи директно да се соочат со несогласиците. За да ја избегнат болката и од едното и од другото решение, ваквите двојки се повлекуваат еден од друг на безбедна емоционална оддалеченост.
Овие двојки треба да ‚најдат мудри совети‘ за својот брак (Соломонови изреки 1:5). Тие совети се достапни во Божјата Реч, Библијата. Второто Павлово писмо до Тимотеј потврдува дека Библијата е ‚полезна за поука, за изобличување, поправање‘ (2. Тимотеј 3:16). Ова се покажало точно во залекувањето на слабата комуникација во бракот, како што ќе видиме понатаму.