ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 1/10 стр. 5-9
  • Извонредно христијанско наследство

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Извонредно христијанско наследство
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Татко ми ја дознава библиската вистина
  • Почетоците во службата
  • Служба за Бог со моите родители
  • Воспитувањето од баба ми и дедо ми
  • Годините на прогонства
  • Благодарна за родителското водство
  • Брак и патувачка служба
  • Грижа за родителите
  • Родителите нѐ научија да го сакаме Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Нашето богато духовно наследство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Во мир и со Бог и со мајка ми
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
  • Што ако некој од моите родители е болен?
    Младите прашуваат
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 1/10 стр. 5-9

Извонредно христијанско наследство

РАСКАЖАЛА БЛОСОМ БРАНТ

На денот кога јас сум се родила, 17. јануари 1923, во Сан Антонио (Тексас) врнело снег. Надвор било студено, но мене ме пречекале топлите раце на моите христијански родители полни со љубов, Џаџ и Хелен Норис. Од кога знам за себе, сѐ што моите родители го правеа се сосредоточуваше на обожавањето на Јехова Бог.

ВО 1910, кога мајка ми имала осум години, нејзините родители се преселиле од близината на Питсбург (Пенсилванија), на една фарма надвор од Алвин (Тексас). Биле среќни кога таму ги запознале библиските вистини од еден сосед. Оттогаш, до крајот на својот живот мајка ми настојуваше да ги заинтересира луѓето за надежта на Царството. Се крстила 1912 откако нејзините родители се преселиле во Хјустон (Тексас).

Мајка ми и нејзините родители за прв пат го виделе Чарлс Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, кога го посетил нивното собрание во Хјустон. Често пати како семејство ги угостувале во својот дом патувачките претставници на Друштвото кои тогаш се викале ходочасници. После неколку години, мајка ми се преселила со нејзините родители во Чикаго (Илиноис). Брат Расел требало да го посети и тамошното собрание.

Во 1918, баба ми добила шпанска грозница и тоа многу ѝ го ослабнало здравјето. Лекарите препорачале да се преселат на потопло место и, бидејќи дедо работеше во компанијата за возови Пулман, во 1919 добил повторно преместување во Тексас. Во Сан Антонио во Тексас, мајка ми се запознала со еден млад и ревен член на собранието, Џаџ Норис. Веднаш се бендисале, со текот на времето се зеле и, така, Џаџ ми стана татко.

Татко ми ја дознава библиската вистина

На Џаџ [Судија] му било дадено ова необично име на самото раѓање. Кога дедо ми го видел за првпат, рекол: „Ова дете е толку сериозно што изгледа како некој судија“, и така го добил името. Во 1917, кога тате бил на 16-годишна возраст, ги добил трактатите Where Are the Dead? (Каде се мртвите?) и What Is the Soul? (Што е душата?), печатени од Watch Tower Bible and Tract Society. Две години пред тоа умрел дедо ми и трактатите му ги дале одговорите за состојбата на мртвите кои тој ги барал. Набргу потоа почнал да ги посетува состаноците на Истражувачите на Библијата, како што во тоа време Јеховините сведоци беа познати.

Татко ми уште од самиот почеток сакал да учествува во собраниските активности. Добил подрачје каде можел да проповеда и после училиште одел таму со велосипедот и делел трактати. Сосем се посветил на споделувањето на надежта за Царството и, на 24. март 1918, го симболизирал своето предание на Јехова со крштение во вода.

Кога мајка ми се преселила во Сан Антонио наредната година, татко ми се заљубил на прв поглед во, како што тој ги нарекол, „најубавата насмевка и најсините очи“ кои некогаш ги видел. Набргу ја објавиле нивната желба да се земат, но требало многу време додека ги убедиле родителите на мајка ми. Сепак, на 15. април 1921 имало свадба. И двајцата за цел ја имале полновремената служба.

Почетоците во службата

Илјада деветстотини дваесет и втора, татко ми и мајка ми планирале да присуствуваат на конгресот во Седар Поинт (Охајо), но тогаш дознале дека мајка ми е трудна со мене. Набргу по моето раѓање, кога тате имал само 22 години, бил наименуван како слуга за службата во собранието. Тоа значело дека морал да ги организира сите активности за службата на проповедање. Мајка ми ме носела во службата од куќа до куќа со само неколку недели, а да биде уште поинтересно, и баба и дедо радо ме земале со нив во служба.

Кога сум имала само две години, тате и мама се преселиле во Далас (Тексас) и три години подоцна почнаа со полновремената служба како пионери. Ноќе спиеја на полски кревет покрај патот, а мене ќе ме оставеа на задното седиште од автомобилот. Секако, јас си мислев дека тоа е забавно, но набргу стана очигледно дека не се подготвени да пионерат на тој начин. Затоа, тате почна да работи. Со текот на времето, направи приколка со намера да започне повторно со пионерењето.

Пред да тргнам на училиште мајка ми ме научи да читам и пишувам, а знаев и да множам до четири. Настојуваше секогаш да ми помага во учењето. Додека ги миеше садовите ќе ме ставеше да стојам на столче до неа и да ги бришам, и ме учеше како да ги помнам библиските цитати и да ги пеам Царските мелодии, односно химните, како што тогаш ги викавме.

Служба за Бог со моите родители

Во 1931 сите присуствувавме на возбудливиот конгрес во Колумбус (Охајо), каде го прифативме името Јеховини сведоци. Иако имав само осум години, сметав дека тоа е најпрекрасното име кое некогаш сум го слушнала. Набргу откако се вративме дома, изгоре целиот бизнис на татко ми. Тој и мајка ми го сфатија тоа како „Божја волја“ и повторно почнаа со пионерската служба. Така, со почетокот на летото 1923 повторно се радувавме на многу години полновремена служба.

Моите родители пионереа во средишен Тексас за мајка ми да може да биде близу до своите родители, кои сѐ уште беа во Сан Антонио. Постојаното селење од една доделба на друга значеше дека често морав да го менувам училиштето. Понекогаш некои наши непромислени пријатели велеа: „Зошто веќе еднаш не се средите да имате куќа за тоа дете“ — во смисла дека родителите не се грижат доволно за мене. Но јас сметав дека таквиот живот е возбудлив и дека јас им помагам на тате и мама во службата. Всушност, со тоа тие ме поучуваа и подготвуваа за она што подоцна ќе биде и мој начин на живот.

На татко ми и мајка ми со месеци им зборував дека сакам да се крстам, а и тие често пати ми зборуваа за тоа. Сакаа да се уверат дали јас знам колку е сериозна мојата одлука. На 31. декември 1934, дојде и денот за овој значаен настан во мојот живот. Меѓутоа, ноќта пред тоа татко ми се погрижи јас да му се претставам на Јехова во молитва. Потоа направи нешто прекрасно. Нѐ клекна сите на колена и тој се помоли. Му рече на Јехова дека е толку среќен што неговото малечко девојче својот живот ќе му го предаде Нему. Претпоставувате веќе, низ сите години во животот, јас никогаш не ја заборавив таа ноќ!

Воспитувањето од баба ми и дедо ми

Во периодот од 1928 до 1938 често ги посетував баба ми и дедо ми во Сан Антонио. Животот со нив ми беше многу сличен со оној кој го имав дома со мама и тате. Баба беше колпортер, како што тогаш ги нарекуваа пионерите, а потоа стана пионер со скратено време. Дедо беше именуван за пионер 1929 во декември, па така службата на проповедање во нашата куќа беше дневна активност.

Дедо имаше обичај во вечерите да ме држи в скут и да ми ги кажува имињата на ѕвездите. Ми кажуваше песни кои ги знаеше на памет. Често патував со него со Пулман возовите додека работеше во железница. Тој ми беше некој на кого јас можев во секое време да му се обратам кога бев во неволја. Тогаш тој ќе ме утешеше и ќе ми ги избришеше солзите, но сепак кога ќе ме искараа заради некоја лоша постапка, а јас ќе појдев кај него за да ме утеши, ќе ми речеше (нешто што јас не го разбирав во тоа време, но тонот со кој тоа ми го велеше звучеше многу јасно): „Мило, оној којшто греши тој и страда“.

Годините на прогонства

Во 1939 започна Втората светска војна и Јеховиниот народ доживуваше прогонства и напади од толпите. Кон крајот на 1939, мама се разболе тешко и на крајот мораше да се оперира, па така повторно се вративме во Сан Антонио.

Додека работевме со списанија на улиците на Сан Антонио, толпи луѓе ќе не опкружеа. Но, секоја седмица како семејство бевме таму секој на својот агол кој му беше доделен. Често пати гледав како тате го одведуваат во полициска станица.

Татко ми се обидуваше да продолжи со пионерењето и покрај тоа што мама мораше да прекине. Меѓутоа, не можеше да заработи доволно пари со скратеното работно време, па така мораше и тој да прекине со пионерската служба. Јас исто така почнав да работам по завршувањето на училиштето во 1939.

Татковото име Џаџ (Судија) се покажа мошне корисно во текот на овие години. На пример, кога една група Сведоци отиде да сведочи во едно гратче северно од Сан Антонио, тамошниот шериф ги привел сите в затвор. Уапсени беа околу 35-мина, заедно со дедо ми и баба ми. Пратија абер по тате и тој веднаш долета таму. Влегол право кај шерифот и му рекол: „Јас сум Судија Норис, од Сан Антонио“.

„Да, господин судија, што можам да сторам за вас?“ — прашал шерифот.

„Дојдов по овие луѓе да ги ослободите од затворот“ — му рекол. Така шерифот ги ослободил без кауција и без да прашува понатаму!

Татко ми уживаше да сведочи во деловните простории, а особено да им сведочи на судии и адвокати. Така, на портирот ќе му речел: „Јас сум Судија Норис и дојдов да разговарам со судијата тој и тој“.

Потоа, откако ќе се запознаел со судијата, најнапред ќе му кажел: „Пред да ви ја кажам целта на мојата посета, би сакал да ви објаснам дека јас сум многу подолго Судија отколку вие. Јас сум Судија откако сум се родил“. После тоа ќе му објаснел како го добил името. Тоа придонесувало за една пријателска атмосфера и на тој начин татко ми стекна многу цврсти пријателства со тогашните судии.

Благодарна за родителското водство

Веќе се најдов во бурните младешки години и знам дека татко ми и мајка ми не ретко бдееја над мене исчекувајќи и прашувајќи се што ќе сторам како следно. Како и сите деца и јас многу пати ги ставав во незгодни ситуации, барајќи да ми дозволат да направам нешто или да отидам некаде иако однапред знаев дека тие нема да се сложат со тоа. Понекогаш имаше и солзи. А, всушност повеќе ќе ме вознемиреше ако тие некогаш одговореа: „Оди, што знаеш прави. Воопшто не ни е гајле“.

Спознанието дека јас не можам да повлијаам на нив тие да ги сменат нивните мерила ми даваше чувство на сигурност. Мене всушност ми беше полесно, кога врсниците ми нудеа нездрава забава, да им речам: „Татко ми нема да ме пушти“. Кога имав 16 години татко ми ми дозволи да научам да возам автомобил и да добијам возачка дозвола. Покрај тоа, ми го довери и клучот од куќата. Спознанието дека тој има доверба во мене тогаш ми остави голем впечаток. Така се чувствував возрасна и тоа ми даде чувство на лична одговорност и желба да не ја изневерам нивната доверба.

Во тоа време не постоеја многу библиски совети во врска со бракот, но татко ми имаше спознание од Библијата, односно, за она што таа го велеше за мажењето ‚во Господ‘ (1. Коринтјаните 7:39). Јасно ми стави до знаење дека ако некогаш дома доведам момче од светот, па макар и само да излегувам со такво, би се разочарал засекогаш. Знаев дека има право, имав прилика да го видам единството и среќата што го имаа тој и  мама во бракот бидејќи и двајцата се зеле ‚во Господ‘.

Во 1941 кога имав 18, мислев дека сум заљубена во едно момче од собранието. Беше пионер и студираше право. Се чувствував возбудено. Кога им соопштивме на моите родители дека имаме намера да се земиме, наместо да покажат неодобрение или малодушност, тие само рекоа: „Блосом, би сакале да ти поставиме едно барање. Знаеме дека и двајцата сте премлади, почекајте барем една година. Ако навистина се сакате, една година ништо нема да значи“.

Толку сум благодарна што тогаш го послушав тој мудар совет. Во текот на таа година станав позрела и почнав да забележувам дека тоа младо момче воопшто ги немаше особините кои беа потребни за еден добар брачен другар. На крајот ја напушти организацијата, а јас го избегнав она што би било моја најголема трагедија во животот. Колку е прекрасно да имаш мудри родители кои имаат исправна моќ на расудување!

Брак и патувачка служба

Зимата 1946, откако минав шест години во пионерска служба, а работев со скратено работно време, го запознав најпрекрасниот младич кој некогаш сум го видела во нашата Царска сала. Џин Брант им беше доделен на браќата како придружник на патувачкиот слуга, како што тогаш ги нарекуваа покраинските надгледници. Јас му се допаднав нему и тој мене, па така се венчавме на 5. август 1947.

Набргу тате и Џин отворија канцеларија. Сепак, тате му рече на Џин: „Оној момент кога оваа канцеларија ќе нѐ спречи да ги посетуваме состаноците или да ги извршуваме теократските задолженија, го ставам клучот на бравата“. Јехова го благослови духовниот став, а канцеларијата се покажа доволна за нашите материјални потреби, овозможувајќи ни да бидеме пионери. Тате и Џин беа добри деловни партнери, така што лесно можевме да се збогатиме, но тоа никогаш не беше нивна цел.

Во 1954, Џин беше повикан да служи како покраински надгледник, а тоа значеше големи промени во нашиот живот. Како моите родители реагираа? Уште еднаш покажаа дека тие не се грижат само за себе, туку за интересите на Божјето Царство и духовното добро на своите деца. Никогаш не ни рекоа: „Зошто не ни родите внуци?“, туку: „Што можеме ние да сториме за да ви помогнеме во полновремената служба?“

Така, кога дојде денот да заминеме, тука беа само зборови на охрабрување и радост заради нашата голема предносна служба. Никогаш не оставија впечаток дека ние ги напуштаме, туку секогаш ни ја даваа целосната поддршка. Откако си заминавме, и двајцата останаа вработени во пионерското дело уште цели наредни десет години. Татко ми беше наименуван за надгледник на Сан Антонио и таа служба ја извршуваше 30 години. Се радуваше да го гледа растот од едно собрание во 1920-тите до 71 собрание пред да умре во 1991.

Што се однесува до мене и Џин, нашите животи беа полни со изненадувања. Радосни сме што можевме да им служиме на нашите драги браќа и сестри во преку 31 држава и секако, како најзначајна беше предноста да го посетиме 29-иот клас на Библиската школа Гилеад на Друштвото Стражарска кула во 1957. После тоа се вративме на патувачката служба. Во 1984, после 30 години покраинска и обласна служба, Друштвото љубезно му ја додели на Џин задачата на покраинска служба во Сан Антонио, каде живееја моите родители, веќе 80-годишни и со слабо здравје.

Грижа за родителите

Не помина ни една и пол година како се вративме во Сан Антонио, а мајка ми падна во полукома и умре. Тоа се случи толку брзо што не успеав ни да ѝ кажам многу работи кои сакав да ѝ ги кажам. Тоа ме научи повеќе да му зборувам на тате. После 65 години брак, мама му недостасуваше многу, но, ние бевме тука да му пружиме љубов и поддршка.

Татковиот долгогодишен пример на посетување на христијанските состаноци, лична студија и служба траеше сѐ до неговата смрт. Многу читаше. Бидејќи остануваше сам додека ние бевме во служба, јас го прашував кога ќе дојдевме дома: „Дали се чувствуваше осамено?“, а тој толку знаеше да биде зафатен со читање и проучување што таква помисла никогаш не му ни доаѓаше на памет.

Постоеше уште еден обичај кој сиот живот го задржавме. Тате инсистираше семејството секогаш да биде заедно на оброк, особено на појадок, време кога се разгледуваше библискиот стих за тој ден. Никогаш не ми дозволија да излезам од дома без тоа да го направам. Некогаш ќе речев: „Но тато, доцнам во училиште (или на работа)“.

„Не доцниш поради дневниот цитат — не си станала на време“ — велеше тој. И јас морав да останам и да го ислушам цитатот. Тој се погрижи оваа добра навика да му остане до крајот на животот. Тоа е уште едно наследство кое тој ми го остави.

Тате остана интелектуално способен сѐ до својата смрт. Она што ја олеснуваше грижата за него беше тоа што никогаш не се жалеше или вознемируваше. О, да, понекогаш ќе го спомнеше и својот артрит, но јас ќе го потсетев дека всушност има адамит, на што тој ќе се насмееше. Едно утро, на 30. ноември 1991, додека јас и Џин седевме покрај него, тате мирно заспа.

Денес имам преку 70 години и сѐ уште имам корист од прекрасниот пример што ми го оставија моите љубезни христијански родители. А јас усрдно се молам да покажувам потполно ценење за ова наследство кое ми е оставено така што исправно ќе го користам низ сите векови кои доаѓаат (Псалми 70:17, 18).

[Слика на страница 5]

Јас и мајка ми

[Слики на страница 7]

1. Мојот прв конгрес: Сан Маркос (Тексас), септември 1923

2. Последниот конгрес на тате: Форт Ворт (Тексас), јуни 1991 (тате седи)

[Слика на страница 9]

Џин и Блосом Брант

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели