Дали им искажуваш почитување на другите кога даваш совет?
КОЛКУ е добро и корисно кога нѐ советуваат со почитување! „Љубезниот, промислен и внимателен совет придонесува за добри меѓучовечки односи“ — вели Едвард. „Советот многу полесно го прифаќам кога чувствувам дека советодавецот ме почитува и цени, и покажува спремност да го сослуша и моето видување на ситуацијата“ — тврди Ворен. „Кога советникот ме почитува, слободен сум да му пријдам и да го замолам за совет“ — забележува Норман.
Човековото природно право на почитување
Срдечниот, пријателски и љубезен совет навистина е добредојден. Корисно е да ги советуваме другите на начин на кој сакаме и нас да нѐ советуваат (Матеј 7:12). Еден добар советодавец одвојува време да сослуша и се обидува да го разбере оној на кого му дава совет — неговиот начин на размислување, положба и чувства — наместо да критикува или осудува (Изреки 18:14).
Оние кои во денешно време советуваат, вклучувајќи ги и христијанските старешини, мораат да бидат претпазливи и со почитување да им даваат совет на другите. Зошто? Затоа што во општеството преовладува ставот со другите да се однесуваш без почитување. Тоа е заразно. Многу често, оние од кои очекуваме со нас да се однесуваат со почитување, не го прават тоа, без обѕир дали се тоа професионалци, религиозни водачи или некои други. Пример, отпуштањето на работник од работно место претставува трауматска и стресна ситуација како за работодавачот така и за работникот. Погубно делува на самопочитувањето, особено доколку при отпуштањето не се однесувале спрема него со почитување. Што се однесува до ова, работодавачите мораат да научат како да ја пренесат „непријатната вест на еден јасен начин и на професионално ниво без да го повредат достоинството на дотичниот“ — известува весникот The Vancouver Sun. Да, сите луѓе заслужуваат со нив човек да се однесува со почитување.
Генералното собрание на Обединетите нации прокламира: „Сите човечки суштества се родени слободни и еднакви по однос на достоинството и правата. Надарени се со разум и совест и треба да се однесуваат едни спрема други со дух на братство“. Бидејќи достоинството на човекот е нападнато, со добра причина Повелбата на Обединетите нации и преамбулата на Меѓународната декларација за човечки права ја признава оваа особина. Тие ја застапуваат „верата во основните човечки права, во достоинството и вредноста на човековата личност“.
Јехова го создал човекот со вродено достоинство
Јехова е достоинствен Бог. Неговата инспирирана Реч со право наведува дека „слава и величие [достоинство, НС] [се] пред лицето Негово“ и „Ја издигнал славата Своја [достоинството свое, НС] над небесата“ (1. Летописи 16:27; Псалм 8:1).
Како достоинствен Бог и Универзален Суверен, тој им пренел достоинство на сите свои суштества, небесни и земски. Истакнат меѓу оние кои се многу почествувани е неговиот прославен Син кој владее, Царот Христос Исус. „Ти го покри со чест и величие [достоинство, НС]“ — пророчки напишал Давид (Псалм 20:5; Даниил 7:14).
За жал, ова основно човечко право било многу злоупотребувано низ историјата. Еден моќен ангел кој со своите постапки станал Сатана Ѓаволот ја предизвикал законитоста, праведноста и правото на Божјиот суверенитет. Постапувајќи така тој покажал непочитување кон Јехова и го обесчестил Неговото достоинствено име кога го довел во прашање Неговото право да владее. Си припишал прекумерна чест. Слично на Ѓаволот, моќните човечки владетели како што бил Навуходоносор од библиско време се фалеле со својата ‚моќ и величие‘. Таквите го нападнале Јеховиното достоинство, припишувајќи си себеси неразумна чест (Даниил 4:27). Угнетувачката влада која Сатана му ја наметнал на светот на човештвото го напаѓала и го напаѓа и понатаму човековото достоинство.
Дали некогаш било повредено твоето достоинство? Кога си бил советуван, дали си бил принуден да се почувствуваш прекумерно виновен, засрамен, обесчестен или понижен? „Не почувствував загриженост, сочувствителност и почитување. Бев принуден да се чувствувам безвредно“ — изјавува Андре, и додава: „Такво нешто создава чувство на разочарување и неспокојство, па дури и депресија“. „Тешко е да се прифати совет од некој кој не е заинтересиран за твоето добро“ — вели Лаура.
Од таа причина, христијанските надгледници се советувани да се однесуваат со ценење и почитување спрема стадото на Бог. (1. Петрово 5:2, 3). Доколку се појави ситуација во која е потребно и корисно да ги советуваш другите, како можеш да се заштитиш од размислувањето и однесувањето на световните луѓе кои без двоумење го напаѓаат достоинството на другите? Што може да ти помогне да го зачуваш достоинството на сохристијаните, како и твоето сопствено достоинство? (Изреки 27:6; Галатјаните 6:1).
Начела кои го штитат достоинството
Божјата Реч не молчи за оваа тема. Еден вешт советувач ќе покаже безусловна доверба во советот од Божјата Реч наместо да ја бара мудроста на овој свет. Светите Списи содржат вредни совети. Кога се следат, тие го возвишуваат и советодавецот, и оној кој е советуван. Така, Павловиот совет до христијанскиот надгледник Тимотеј бил: „Не укорувај старец, туку почитувај го како да ти е татко; помладите, пак, како да ти се браќа; старите жени — како мајки, младите — како сестри, со секаква чистота“ (1. Тимотеј 5:1, 2). Колку само тага, повредени чувства и непријатности можат да се избегнат ако се следат овие мерила!
Забележи дека клучот за успешно советување е исправното почитување на другото лице и неговото право со него да се однесува на еден достоинствен, внимателен начин. Христијанските старешини, вклучувајќи ги и патувачките надгледници, би требало да се напрегаат да ги следат овие совети, обидувајќи се да откријат зошто оној на кого му е потребно исправање размислува и постапува на тој начин. Би требало да сакаат да го слушнат неговото гледиште и прават секаков напор да се избегне посрамување, понижување или обесчестување на оној на кого му се помага.
Како старешина, стави му до знаење на твојот брат дека ти се грижиш за него и сакаш да му помогнеш во неговите проблеми. Токму тоа го прави добар лекар кога одиш кај него во ординација на преглед. Помислата дека треба да се соблечеш во ладна, пуста соба може да причини да се чувствуваш збунето и посрамено. Колку го цениш лекарот кој покажува чувствителност за твоето самопочитување и достоинство со тоа што ќе те прекрие со чаршав додека ги извршува неопходните испитувања за да ја установи причината на твојата болест! На сличен начин, еден христијански советодавец кој покажува исправно почитување кон поединецот е љубезен и стабилен и затоа го облекува примателот со достоинство (Откровение 2:13, 14, 19, 20). Противно, советот кој е навредлив, студен и бесчувствителен е сличен на симболично соблекување кое причинува да се чувствуваш засрамено, обесчестено и лишен од сопственото достоинство.
Надгледниците на Теократската школа на проповедање особено внимаваат да советуваат со почитување. Кога ги советуваат постарите одразуваат таква љубов која би ја покажале спрема своите телесни родители. Тие се внимателни, љубезни и срдечни. Таквата чувствителност е неопходна. Создава атмосфера која води до исправно давање и примање на советот.
Старешини, имајте на ум дека практичниот совет подигнува, охрабрува, изградува и е позитивен. Во Ефесјаните 4:29 се наведува: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат“.
Нема потреба да користиш груби зборови, груб јазик или заклучоци. Наместо тоа, почитувањето за другиот и желбата да го заштитиш неговото чувство на самопочитување ти овозможуваат да ги претставиш работите на еден позитивен, конструктивен начин. Претпочитај искрено да ги пофалиш добрите страни или особини на дотичниот наместо да ги нагласуваш гледиштата кои можат да придонесат да се почувствува разочарано и безвредно. Ако служиш како старешина, користи ја својата ‚власт за издигање, а не за назадување‘ (2. Коринтјаните 10:8).
Да, секој совет од христијанските надгледници би требало да има за цел да го даде потребното охрабрување, да се каже она што е пофално. Со советот не би требало да се обесхрабри или ‚заплаши‘ (2. Коринтјаните 10:9). Дури и на оној кој сторил сериозен грев потребно е да му се даде извесна мерка на самопочитување и достоинство. Советот мора да биде урамнотежен со љубезни, но сепак сигурни зборови на карање за да го поттикнат на каење (Псалм 43:15; 1. Коринтјаните 15:34).
Значајно е што Божјиот закон на Израел ги пропишал истите овие начела. Тој дозволувал советување, дури и физички укор додека го заштитувал правото на поединецот за извесна мерка на лично достоинство. Физичките удари „со број кој одговарал на лошите дела“ (НС) биле дозволени, но не смеело да бидат прекумерни. Бил ограничен бројот на удари што биле доделени за престапникот да не биде ‚засрамен пред другите‘ (5. Мојсеева 25:2, 3).
Обѕирноста спрема чувствата на покајничките престапници била карактеристика и на Исус. За него Исаија прорекол: „Скршената трска нема да ја здроби, и ленот што тлее нема да го угасне; ќе суди според вистината“ (Исаија 42:3; Матеј 12:17, 20; Лука 7:37, 38, 44-50).
Понатаму, потребата за сочувствителност е нагласена со Исусовите зборви во Проповедта на гората: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Ова начело е толку важно во поттикнувањето на добри односи што популарно е наречено Златно правило. Кога даваш совети како христијански старешина, што ќе ти помогне да се однесуваш љубезно и со почитување кон другите?
Задржи во мислите дека и ти правиш грешки. Како што забележал Јаков, „сите ние многу грешиме“ (Јаков 3:2). Ако го запомниш ова, ќе ги ублажиш своите забелешки и ќе ги контролираш своите чувства кога е неопходно на другите да им зборуваш за нивните недостатоци. Препознај ја нивната чувствителност. Тоа ќе ти помогне да избегнеш прекумерно да критикуваш и да го насочуваш вниманието на ситните грешки или мани. Исус го нагласил тоа кога рекол: „Не судете, за да не бидете судени; оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Матеј 7:1, 2).
Спротивставувај му се на Ѓаволот — почитувај ги другите
Сатановите тактики се замислени така за да те лишат од самопочитувањето и во тебе да создадат чувство на обесчестеност, безвредност и очај. Забележи на кој начин се послужил со човечки застапник за во верниот Јов да подбуди негативни емоции. Лицемерниот Елифаз тврдел: „Ете, Он [Јехова, НС] и на слугите Свои не им верува и во ангелите Свои согледува недостатоци: дотолку повеќе кај оние, што живеат во земјани куќи [грешни луѓе], чии основи се од прав и кои пропаѓаат и од молец“ (Јов 4:18, 19). Така, според него, Јов за Бог не бил повреден од еден молец. Навистина, советот на Елифаз и неговите придружници, не само што не бил изградувачки туку можел да го остави Јов и без спомен на подобрите времиња. Од нивно гледиште неговата мината верност, семејна поука, односот со Бог и даровите на милосрдност не вределе ништо.
Слично и денес, покајничките престапници се особено осетливи на вакви чувства и постои опасност да ‚пропаднат од преголема жалост‘. Старешини, кога советувате такви „покажете љубов“ кон нив така што ќе им дозволите да зачуваат извесна мерка на достоинство (2. Коринтјаните 2:7, 8). „Кога кон тебе се однесуваат со непочитување, тогаш тешко го прифаќаш советот“ — признава Вилијам. За таквите е неопходно да им се зацврсти верата дека се вредни во Божји очи. Потсети ги дека Јехова „не е неправеден, та да го заборави делото [нивно] и трудот на љубовта, што ги покажа[ле] во Негово име“ во текот на минатите години верна служба (Евреите 6:10).
Кои додатни фактори можат да ти помогнат да ги почитуваш другите кога даваш совет? Сфати дека сите луѓе поседуваат природно право на достоинство бидејќи се создадени според Божјиот образ. Тие се вредни за Јехова Бог и Исус Христос; двојната подготовка за откупнина и воскресение сведочат за овој факт. Понатаму, Јехова им доделил на христијаните почитување со тоа што ‚им определил служба‘ употребувајќи ги да ја предупредат оваа злобна генерација да се помири со Бог (1. Тимотеј 1:12).
Старешини, запомнете дека огромниот дел од вашите христијански браќа се надежни фундаментални членови на новото човечко општество на очистената Земја. Како такви ценети и драгоцени поединци тие заслужуваат да им биде доделено почитување. Кога советуваш, сети се како и Јехова и Исус покажуваат разбирање за нив и продолжи да го даваш својот дел додека им помагаш на твоите браќа да го задржат своето чувство на достоинство и самопочитување наспроти Сатановите предизвици (2. Петрово 3:13; спореди 1. Петрово 3:7).
[Рамка на страница 29]
Совети со кои можеш да искажеш почитување
(1) Дај вистинска и искрена пофалба (Откровение 2:2, 3).
(2) Биди добар слушател. Јасно и љубезно идентификувај го проблемот и причината за советот (2. Царства 12:1-14; Изреки 18:14; Откровение 2:4).
(3) Темели го својот совет на Библијата. Биди позитивен, разумен и охрабрувачки настроен и покажи сочувствителност. Зачувај го достоинството и самопочитувањето на примателот неповредено (2. Тимотеј 3:16; Тит 3:2; Откровение 2:5, 6).
(4) Увери го примателот дека благословите доаѓаат од прифаќањето и применувањето на советот (Евреите 12:7, 11; Откровение 2:7).
[Слика на страница 26]
Христијанските старешини треба да им искажуваат почитување на другите кога даваат совет