Библијата — која е нејзината вистинска вредност?
„БИБЛИЈАТА е мистерија, книга која не била наменета да се разбере“, тврди еден станар. Еден друг приговара: „Знам дека Библијата е важна книга, но не знам многу за неа. Тешко е разбирлива“.
„Многумина христијани знаат . . . малку за Библијата“, заклучил The Toronto Star. Една госпоѓа, католичка, коментирала: „Тоа што ја имам Библијата ме прави да се чувствувам добро. Таа ми донесува внатрешен мир“. „Библијата е како компас кој те води низ суровото, бурно море на животот, во место на починка“, вели еден рибар. Според зборовите на еден поранешен Хиндус „Библијата е Божја Реч и дар за човештвото, таа е лек за духовните болки“.
Мислењата околу вистинската вредност на Библијата се многу, и се најразлични. Меѓутоа, која е нејзината вистинска вредност?
Библијата е најважната и најраспространетата книга што постои. На нејзините страници се наоѓа одговорот на најзаплетканите проблеми што човекот ги искусил или со кои допрва ќе се соочи. Практичноста на нејзиниот совет е неспоредлива. Моралните начела што таа ги препорачува се ненадминливи. Нејзината порака е силна и корисна. Оваа книга со неспоредлива вредност заслужува да ја земеме од нашите полици и да ѝ посветиме грижливо внимание и испитување.
Можеме да ја отвориме Библијата со полна доверба дека таа е целосно точна, сигурна и автентична. Историските настани кои се забележани во неа се поткрепени со световната историја. Секогаш одново, археолошките откритија потврдуваат дека Библијата е вистинита и веродостојна. Отвореноста на околу 40-те библиски писатели ги одликува како луѓе на искреност и беспрекорност. Внатрешната хармонија на Библијата покажува дека таа не е од човечко потекло. Настаните забележани во неа се вистински. Луѓето за кои зборува се вистински. Местата и локациите на кои се осврнува се исто така вистински. Уште повеќе, Библијата содржи истакнати пророштва кои неоспорно го идентификуваат Јехова Бог како Автор на Библијата (2. Петрово 1:21).
Нашиот Величествен Учител се погрижил спознанието за неговата волја и намери да им биде достапно на оние кои сакаат да знаат за тоа. Всушност, на еден јасен начин Јехова ни кажува дека е негова волја луѓе од сите видови да ја проучуваат неговата Реч и „да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4, НС; Изреки 1:5, 20-33). Тоа е една од најважните работи кои можеме да ги сториме во нашиот живот. Стекнувањето на точното спознание е предизвик со кој сме должни да се соочиме. Раните христијани го сфатиле ова. Еден од нив бил поттикнат да каже: „И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познавањето [точното спознание, НС] и разбирањето на сѐ, за да разликувате што е подобро“ (Филипјаните 1:9, 10; Колосјаните 1:9, 10).
Библијата е главното средство на Творецот за соопштување на својата волја и намера на човечкото семејство, и објаснува како ние поединечно се вклопуваме во таа намера. Во неа се забележани настани од минатото, и дава јасна визија за иднината. Библијата ги покажува во главни црти исправните доктрини и нѐ подготвува за тоа што би требало или не би требало да веруваме (Дела 17:11; 2. Тимотеј 3:16, 17). Дава правила на однесување според кои човек би требало да живее, и ги упатува луѓето по патот на успехот и среќата (Матеј, поглавја 5 до 7). Таа го истакнува Божјето Царство како единствена надеж за сето човештво и покажува на кој начин Божјата влада е инструментот за посветување на неговото име и за оправдување на неговата сувереност. Библијата го покажува правецот кој треба да го следиме за да уживаме близок, љубезен однос со нашиот Животодавец, Јехова.
Освен тоа, Библијата е единствената книга која ќе те води до најголемата награда што човештвото некогаш ќе ја добие — вечен живот на рајска Земја како совршени луѓе (Римјаните 6:23). Јеховиниот единороден Син ни вели: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Навистина, една книга од толку голема вредност би требало да нѐ мотивира да научиме што треба да сториме за да ја добиеме наградата — вечен живот. Библијата е книга која е наменета да се разбере, како што ќе покаже следната статија.