Објавителите на Царството известуваат
Јехова е посилен од своите непријатели
ЃАВОЛОТ и неговите демони долго време се обидувале да го спречат проповедањето на добрата вест, служејќи се со лажната религија и спиритизмот. Библијата зборува за Сатановата зла намера во 2. Коринтјаните 4:4 каде што се вели: „Ним богот на овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог“.
Но Јехова Бог е посилен од Сатана. Не постои ништо што Јеховините непријатели би можеле да сторат за да го спречат извршувањето на неговата божествена волја — „сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Следниве извештаи од Објавителите на Царството во Австралија го истакнуваат ова.
◻ По 20-годишен прекин со религијата, една жена почнала повторно да ја чита Библијата. Овој обновен интерес за Библијата кај неа предизвикал бројни прашања, и така таа му се молела на Бог да ѝ помогне да ги пронајде одговорите. Сакала да ја бара вистината, но знаела дека враќањето во нејзината стара религија нема да ѝ го реши проблемот. Наместо тоа, своето истражување го започнала во една книжарница за користени книги, распрашувајќи се за било какви книги во врска со религијата.
Сопственичката се сетила дека има една религиозна книга, но не во книжарницата, туку дома. Насловот на книгата бил Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, издадена од Јеховините сведоци. Жената желно ја прочитала книгата и ги нашла одговорите на многу од нејзините библиски прашања. Откако ги побарала Јеховините сведоци во телефонскиот именик, на крај стапила во контакт со нив и започнала редовна студија на Библијата.
◻ Во еден локален весник, некоја млада жена дала оглас за продажба на една амајлија. Во огласот таа била опишана како ‚средновековна амајлија со голема моќ‘. Огласот го забележала една жена Јеховин сведок. Таа решила да се јави на бројот кој бил наведен и да поразговара со жената за потеклото на наводната моќ на амајлијата. Следела дискусија за библиското гледиште во врска со демонското делување. Младата жена со амајлијата отворено рекла дека само еден ден пред тоа му се молела на Бог за помош во нејзините проблеми со демоните. Сестрата се договорила за друг разговор по телефон.
Кога телефонирала следниот пат, младата жена не била дома. На телефон се јавила мајката и рекла: „Не знам што сте ѝ рекле на мојата ќерка, но она што се случи е чудо!“ Таа раскажала дека по првиот повик, нејзината ќерка ги фрлила сите сатански слики и книги и почнала да ја чита Библијата.
Кратко потоа, биле направени подготовки младата жена да биде лично посетена. Таа веднаш прифатила редовна студија на Библијата со Јеховините сведоци. Исто така, почнала да се дружи со Сведоците, присуствувајќи на нивните состаноци. Повторно, Јехова ги поразил демоните со тоа што предизвикал точното спознание на библиските вистини да свети и понатаму.