Лекција за тоа како да се постапува со проблемите
САМО малкумина луѓе требало да се соочат со сите проблеми кои ги имал Јов. Во еден краток временски период, тој бил погоден од загубата на неговото богатство и средствата за живот, од трагичната смрт на сите негови деца и, на крај, од една многу тешка болест. Отфрлен од пријателите и роднините, тој бил наговоруван од својата сопруга да го ‚навреди Бога и да умре!‘ (Јов 2:9; 19:13, 14).
Меѓутоа, Јов е исклучителен извор на охрабрување за секого кој доживува слични тешкотии. Позитивниот исход од неговото искушение покажува дека истрајноста, во моменти кога сме соочени со несреќа, го радува Јеховиното срце — кога, наместо од себичниот интерес, сме мотивирани од искрена божествена преданост (Јов, поглавја 1, 2; 42:10-17; Изреки 27:11).
Овој библиски извештај содржи и вредни поуки за тоа, како да се постапува со проблемите. Нуди извонреден пример за тоа како би требало, а како не би требало да биде советуван некој кој се соочува со тешкотии. Освен тоа, Јововото искуство ќе ни помогне да реагираме на еден урамнотежен начин кога ќе се најдеме погодени од непријателски околности.
Лекција за негативното советување
Изразот „Јовов тешител“ станал синоним за лице кое, наместо да покажува сожалување во време на несреќа, трие сол на рана. Но, и покрај репутацијата што тројцата Јовови другари заслужно си ја стекнале, не би требало да мислиме дека нивните мотиви биле сосема лоши. До извесен степен, согласно со нивните погрешни гледишта, тие можеби сакале да му помогнат на Јов. Зошто не успеале во тоа? Како станале орудија на Сатаната, кој бил решен да ја скрши Јововата беспрекорност?
Па, тие практично сите свои совети ги темелеле на една неисправна претпоставка дека страдањето доаѓа само врз оние кои грешат. Во својот прв говор, Елифаз рекол: „Загинал ли некој невин, и кога праведните биле искоренувани? Како што сум гледал: оние што ораат нечесност и сеат зло, тоа и го жнеат“ (Јов 4:7, 8). Елифаз погрешно верувал дека невините се имуни на пропаст. Тој заклучил дека Јов, бидејќи бил во тешки болки, мора да згрешил нешто против Бог.a На сличен начин, и Вилдад и Софар инсистирале Јов да се покае за своите гревови (Јов 8:5, 6; 11:13-15).
Неговите тројца другари и понатаму го обесхрабрувале, изразувајќи лични идеи наместо божествена мудрост. Елифаз отишол толку далеку што дури рекол дека ‚Бог и на слугите свои не им верува‘ и дека всушност не му е битно на Јехова дали Јов е праведен или не (Јов 4:18; 22:2, 3). Тешко е да се замисли пообесхрабрувачка или поневистинита забелешка од таа! Не е чудно што Јехова подоцна го прекорил Елифаз и неговите придружници за ова клеветење. „Не зборувавте за Мене вистина“, рекол тој (Јов 42:7). Но, најштетното тврдење допрва претстоело.
Најпосле Елифаз претерал, изрекувајќи отворено обвинение. Бидејќи бил неспособен да изнуди од Јов признавање на вина, прибегнал кон тоа да измислува гревови за кои претпоставувал дека морало Јов да ги сторил. „Навистина, твојата злоба е голема, и беззаконијата твои крај немаат“, рекол Елифаз. „Навистина, ти земаше залог од браќата свои за ништо и на полуголи им ги соблекуваше алиштата нивни. На измачен од жед не му даваше вода, да се напие, а на гладен леб му откажуваше“ (Јов 22:5-7). Овие обвиненија биле потполно неосновани. Самиот Јехова го опишал Јов како човек кој бил ‚непорочен и праведен‘ (Јов 1:8).
Како реагирал Јов на овие напади врз неговата лична беспрекорност? Разбирливо, тие предизвикале на некој начин да се чувствува огорчено и потиштено, но и да стане порешителен од кога и да е порано за да докаже дека овие оптужби се невистинити. Всушност, тој станал толку обземен со самооправдување, што на некој начин почнал да го обвинува Јехова за својата тешка положба (Јов 6:4; 9:16-18; 16:11, 12). Вистинските проблеми кои биле вклучени се превиделе, а дијалогот преминал во бескорисна дебата за тоа дали Јов бил или не бил праведен човек. Какви лекции можат да научат христијаните од овој катастрофален советнички собир?
1) Еден срдечен христијанин не претпоставува уште на самиот почеток дека проблемите на братот се по негова вина. Грубото критизирање на минатите грешки — било да се вистински или измислени — можат тотално да го обесхрабрат лицето кое се бори да оди понатаму. Потиштената душа треба да биде ‚утешена‘, а не прекорена (1. Солунјаните 5:14). Јехова сака надгледниците да бидат „заштита од ветар“, а не „немили утешители“ како Елифаз, Вилдад и Софар (Исаија 32:2; Јов 16:2).
2) Никогаш не смееме да кажеме некакво обвинение без јасен доказ. Озборување или претпоставки — како оние од Елифаз — не се здрав темел за давање укор. На пример, ако еден старешина изнесе некое погрешно обвинение, тогаш тој веројатно ќе ја изгуби веродостојноста и ќе предизвика емоционален стрес. Како се чувствувал Јов кога требало да ги слуша ваквите заблудни совети? Тој ѝ дал оддишка на својата голема болка со ироничниот извик: „О колку голема помош му беше ти на немоќниот!“ (Јов 26:2, НС). Заинтересираниот надгледник ќе ги ‚исправи премалените раце‘ и нема да го направи проблемот уште поголем (Евреите 12:12)
3) Советот треба да биде темелен на Божјата Реч, а не на лични идеи. Аргументите на Јововите придружници биле и неточни и деструктивни. Наместо да го привлечат Јов поблиску до Јехова, тие го навеле да мисли дека постои бариера која го одделува од неговиот небесен Татко (Јов 19:2, 6, 8). Од друга страна, вештата употреба на Библијата може исправно да ги постави работите, да ги зајакне другите и да даде вистинска утеха (Лука 24:32; Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16; 4:2).
Додека книгата за Јов им помага на христијаните да забележат одредени замки, таа дава и корисна лекција за тоа како да се даде делотворен совет.
Како да се даде совет
Советот на Елијуј бил сосема поинаков од оној на Јововите тројца другари, како по својата содржина така и по начинот на кој Елијуј се однесувал со Јов. Тој го употребил Јововото име и зборувал со него како пријател, а не како негов судија. „Сега, како и да било, о Јове, те молам слушни ги моите зборови, и внимавај на сиот мој говор. Еве! јас сум за [вистинитиот] Бог исто што и ти; И јас сум исто направен од глина“ (Јов 33:1, 6, НС). Исто така, Елијуј бил брз да го пофали Јов за неговиот исправен начин на постапување. „Ѝ се восхитувам на твојата праведност“, го утешил (Јов 33:32, НС). Покрај овој љубезен начин на советување, Елијуј бил успешен и од други причини.
Со тоа што стрпливо чекал другите да завршат со зборувањето, Елијуј можел подобро да го разбере проблемот пред да даде совет. Ако претпоставиме дека Јов бил праведен човек, дали тогаш Јехова би го казнил? „Не може да има кај Бога зло или кај Вседржителот неправда“, извикал Елијуј. „Не ги отстранува очите Свои од праведниците“ (Јов 34:10; 36:7).
Дали Јововата праведност била навистина главното спорно прашање? Елијуј му го свртел вниманието на Јов, на едно неурамнотежено гледиште. „Ти рече: ‚Мојата праведност е поголема од Божјата‘“ (НС), објаснил тој. „Погледај кон небото и види; загледај се во облаците — тие се повисоко од тебе“ (Јов 35:2, 5). Како што облаците се многу повисоко од нас, така и Јеховините патишта се повисоки од нашите патишта. Ние не сме во состојба да го судиме начинот на којшто тој ги врши работите. „Затоа нека се плашат луѓето од него. Тој не го цени оној кој е мудар во своето сопствено срце“, извикал Елијуј (Јов 37:24, НС; Исаија 55:9).
Здравиот совет на Елијуј го подготвил патот за Јов да прими дополнителни поуки лично од Јехова. Всушност, постои извонредна паралела помеѓу освртот на Елијуј кон „чудесните дела Божји“, забележани во 37-то поглавје, и Јеховините зборови упатени до Јов, забележани во 38-то до 41-то поглавје. Очигледно, Елијуј го согледал проблемот од Јеховина гледна точка (Јов 37:14). Како можат христијаните да го имитираат извонредниот пример на Елијуј?
Како Елијуј, надгледниците особено сакаат да се соживеат и да бидат љубезни, имајќи на ум дека и тие се несовршени. Ќе постапат добро ако слушаат внимателно за да ги соберат сите факти и да го разберат проблемот пред да дадат совет (Изреки 18:13). Освен тоа, користејќи ја Библијата и публикациите темелени на Писмото, тие ќе се погрижат да преовладува Јеховиното гледиште (Римјаните 3:4).
Освен што ги дава овие практични совети за старешините, книгата за Јов нѐ поучува како да се соочиме со проблемите на еден урамнотежен начин.
Како не треба да се реагира во неповолни ситуации
Скршен од своите страдања и исфрустриран од лажните тешители, Јов станал огорчен и потиштен. „Нека е проклет денот, во кој се родив . . . Ѝ дотегна на душата моја мојот живот“, воздивнувал тој (Јов 3:3; 10:1). Не знаејќи дека Сатана е виновникот, тој претпоставувал дека Бог ги предизвикува неговите несреќи. Изгледало толку неправедно тој — еден праведен човек — да пати (Јов 23:10, 11; 27:2; 30:20, 21). Ваквиот став го заслепил Јов за другите размислувања и го навел да почне да го критизира Божјиот начин на постапување со човештвото. Јехова прашал: „Мојот суд ли сакаш да го собориш, да Ме обвиниш, а себеси да се оправдаш?“ (Јов 40:3).
Кога сме соочени со несреќа, можеби нашата моментална реакција е да се чувствуваме изиграни, како што се чувствувал очигледно и Јов. Вообичаената реакција е да се праша: ‚Зошто јас? Зошто другите, кои се многу полоши од мене, уживаат живот речиси без проблеми?‘ Ова се негативни мисли кои ќе можеме да ги отстраниме преку медитирање за Божјата Реч.
За разлика од Јов, ние сме во состојба да го сфатиме поголемото спорно прашање кое е вклучено. Знаеме дека Сатана „обиколува како лав што рика и бара кого да го проголта“ (1. Петрово 5:8). Како што открива книгата за Јов, Ѓаволот ќе ужива во тоа да ја скрши нашата беспрекорност, создавајќи ни проблеми. Тој сака да го докаже своето тврдење дека ние сме Сведоци на Јехова само по потреба (Јов 1:9-11; 2:3-5). Дали ќе ја имаме храброста да го поткрепиме Јеховиниот суверенитет и на тој начин да докажеме дека Ѓаволот е лажливец?
Примерот на Исус, како и на безброј други верни слуги на Јехова, покажува дека некои облици на страдање во овој систем на ствари се скоро неизбежни. Исус рекол дека неговите ученици мора да бидат спремни да го ‚земат својот маченички столб‘ ако сакаат да го следат (Лука 9:23, НС). Нашиот „маченички столб“ може да биде една или повеќе несреќи од оние кои ги издржал Јов — слабо здравје, смрт на некој сакан, депресија, економски проблеми или противење од неверниците. Без разлика со каков проблем се соочуваме, тоа има една позитивна страна. На нашата ситуација може да гледаме како на прилика да ја покажеме нашата издржливост и непоколеблива лојалност кон Јехова (Јаков 1:2, 3).
Тоа бил начинот на кој реагирале Исусовите апостоли. Кратко по Пентакост биле камшикувани затоа што проповедале за Исус. Наместо да бидат обесхрабрени, си тргнале по својот пат „радосни“. Тие биле радосни, не заради страдањето, туку заради тоа што „се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса“ (Дела 5:40, 41).
Секако, не се сите проблеми резултат на служењето на Јехова. Нашите проблеми можат да бидат иницирани и од нас самите — барем до извесна мера. Или можеби, не по наша заслуга, проблемот ни ја разнишал духовната рамнотежа. Што и да е во прашање, понизниот став како оној на Јов ќе нѐ оспособи да распознаеме каде биле направени грешки. Јов му признал на Јехова: „Ете, јас го говорев она што не го разбирав“ (Јов 42:3). Човекот кој на овој начин ги согледува своите грешки има повеќе шанси да ги избегне сличните тешкотии во иднина, како што вели изреката: „Умниот го гледа злото и се клони“ (Изреки 22:3).
Како најважно, книгата за Јов нѐ потсетува дека нашите проблеми нема да траат вечно. Библијата вели: „Блажени се оние што претрпеа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јаков 5:11). Можеме да бидеме сигурни дека на сличен начин Јехова ќе ја награди верноста на своите слуги денес.
Исто така, го очекуваме времето кога сите видови проблеми — „поранешното“ — ќе поминат (Откровение 21:4). Додека се раздени тој ден, книгата за Јов служи како еден непроценлив водич кој може да ни помогне со проблемите да постапуваме со мудрост и смелост.
[Фуснота]
a Кога Библијата изјавува дека „што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“, тоа не значи дека страдањето на некое лице е Божја одмазда (Галатјаните 6:7). Во овој свет кој е под власта на Сатана, праведните честопати се соочуваат со повеќе проблеми отколку злите (1. Јованово 5:19). „Ќе бидете намразени од сите заради Моето име“, им рекол Исус на своите ученици (Матеј 10:22). Болест и други видови несреќи можат да погодат било кого од Божјите верни слуги (Псалм 40:3; 72:3-5; Филипјаните 2:25-27).
[Слика на страница 28]
„Загледај се во облаците — тие се повисоко од тебе.“ Така Елијуј му помогнал на Јов да сфати дека Божјите патишта се повисоки од човековите патишта