ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 15/6 стр. 28-31
  • Самештво во тешки економски времиња

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Самештво во тешки економски времиња
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Направи го најдоброто што можеш од својата ситуација
  • Гледај на позитивната страна на работите
  • Дали можеш да ја прошириш својата служба?
  • Сигурност за иднината
  • Мудри совети за самештвото и бракот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Самештво — врата кон непречена активност
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Самештво што носи задоволство во службата за Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Бракот — дар од Бог
    Зачувај ја Божјата љубов
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 15/6 стр. 28-31

Самештво во тешки економски времиња

„САКАВ да се оженам кога имав 25 години“, вели Чакс кој живее во Западна Африка. „Имав девојка за која бев заинтересиран, а и таа за мене. Проблемот беа парите. Татко ми и мојот постар брат не беа вработени, а моите помлади браќа и сестри одеа на училиште. Од мене се очекуваше да го издржувам семејството. Тогаш, да биде уште полошо, моите родители се разболеа, а тоа значеше да се обезбедат додатни средства за да се платат медицинските трошоци.“

Чакс е Јеховин сведок кој не сакал да влезе во брак неспособен да ја издржува сопругата. Тој внимавал на Павловите зборови што се наоѓаат во 1. Тимотеј 5:8: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“.

„Работев напорно“, продолжува Чакс, „но парите никогаш не беа доволни. Како резултат на тоа, нашите планови за брак требаше секогаш одново да се одложуваат. На крајот, примив едно писмо од девојката во кое велеше дека некој друг ја запросил кај нејзиниот татко. Татко ѝ се согласил. Неколку дена по пристигнувањето на нејзиното писмо, семејството направи веридба.“

Слично на Чакс, многу христијански мажи виделе како нивните планови за брак се распаѓаат или, пак, се одложувани, поради лошата економска состојба. Во многу земји има хиперинфлација. На пример, во една централноафриканска земја, цените скокнале за 8.319 отсто за само една година! Во некои земји е тешко да се најде работа. Исто така, платите се често толку мали што е тешко човек сам себе да се издржува, а камоли уште жена и деца. Еден млад човек од Нигерија се жалел дека полновременото вработување кое му било понудено во една фабрика, било платено само по 17 американски долари месечно — помалку од месечните трошоци за автобус до работа и назад.

Многумина немажени христијанки исто така сметаат дека економските тешкотии ги осуетуваат нивните планови за брак. Честопати тие мораат да работат за да ги издржуваат членовите на семејството. Некои самци, кога ќе видат каква е ситуацијата, почнуваат да се колебаат во врска со бракот, согледувајќи дека ако човек се жени во вакви услови, ќе треба да заработува доволно за да ја издржува не само сопругата туку и нејзиното семејство. Ајо, една девојка со универзитетска диплома, се бори за да се издржува себе си, својата мајка и помладите браќа и сестри. „Сакам да се мажам“, се жали таа, „но кога другите ќе дојдат и ќе ги видат моите финансиски обврски, бегаат од мене.“

Покрај финансиските тешкотии, многу христијани кои не се во брак се наоѓаат под притисок од страна на роднините и другите, да се женат и да имаат деца. Некојпат овој притисок е во вид на исмејување. На пример, во некои делови од Африка, обичај е кога ќе се поздрави некој возрасен да се праша за здравјето на неговиот или нејзиниот брачен другар и за децата. Понекогаш, ваквите поздравувања се користат за да се исмеат неженетите лица. Џон, кој е во своите доцни 40-ти, вели: „Кога луѓето ме подбуцнуваат и велат: ‚Како е жена ти?‘, јас им велам: ‚Иде‘. Да бидам искрен: Како можам да имам жена кога не можам да ја издржувам?“

За Џон, како и за безброј други како него, ситуацијата е сумирана во една изрека на народот Јоруба: „Непромислената женачка не е нешто посебно; работата е да се издржува семејство“.

Направи го најдоброто што можеш од својата ситуација

Колку само лесно можеме да се вознемириме кога копнееме по нешто што не се случува. Изреки 13:12 вели: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето“. Веројатно така се чувствуваш ако копнееш да се ожениш, но финансиски не си во можност да го сториш тоа. Ова може да биде случај особено ако си еден од оние кои апостол Павле ги опишал како „распламтени од страст“ (1. Коринтјаните 7:9, НС).

Надвладувањето на проблемите може да биде тешко, но има работи кои може да ги сториш за да издржиш, па дури и да најдеш радост во твојата ситуација. Исус Христос, еден неоженет човек, поставил практично библиско мерило кое може да ти помогне да го надминеш разочарувањето кое произлегува од одложуванато очекување. Тој рекол: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела 20:35).

Можеш да го примениш ова со тоа што ќе правиш добри работи за своето семејство и за другите во собранието. Можеби ќе ја зголемиш и својата активност во христијанската служба. Ако потполно се вработиш во несебично давање, можеби ќе откриеш дека си станал ‚тврд во своето срце и имаш власт над својата сопствена волја‘ (1. Коринтјаните 7:37).

Еден друг неженет човек, апостол Павле, го напишал овој корисен совет: „Гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави“ (Ефесјаните 5:15, 16). Многу неженети христијани нашле ‚мир за нивните души‘, користејќи го своето време да му се приближат на Јехова преку молитва, проучување на Божјата Реч и преку учеството на христијанските состаноци (Матеј 11:28-30). Ако го правиш тоа, ќе бидеш во можност поуспешно да излезеш на крај со тешката економска ситуација. Исто така, тоа ќе ти помогне да покажуваш уште поголема духовност, правејќи те подобар сопруг или сопруга ако, сепак, со текот на времето се ожениш.

Никогаш не заборавај дека Јехова се грижи за сите оние кои му служат. Тој е свесен за проблемите и тешкотиите што ги поднесуваш. Нашиот љубезен небесен Татко знае исто така што е најдобро за тебе за подолг временски период, како духовно така и емоционално. Ако во секојдневниот живот стрпливо ги применуваш мерилата од неговата Реч, можеш да бидеш сигурен дека тој ќе донесе олеснување во свое време и ќе ги задоволи твоите потреби и желби на начин кој ќе биде за твое вечно добро. Библијата гарантира: „Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно“ (Псалм 83:11).

Гледај на позитивната страна на работите

Исто така, задржи во мислите дека самештвото има одредени предности. Апостол Павле напишал: „Оној кој ја дава својата девственост во брак прави добро, но оној кој не ја дава во брак прави подобро“ (1. Коринтјаните 7:38, НС).

Зошто самештвото е „подобро“ од бракот? Павле објаснил: „Неженетиот се грижи за Господови работи, — како да Му угоди на Господа; а женетиот се грижи за световните работи — како да ѝ угоди на жената [и тој е поделен, НС]. Постои разлика меѓу жена и девојка; неомажената се грижи за Господови работи — како да Му угоди на Господа, за да стане света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи — како да му угоди на мажот свој“ (1. Коринтјаните 7:32-34).

Со други зборови, женетите христијани со право се загрижени околу потребите на нивниот брачен другар и околу она што му се допаѓа а што не. Но, христијаните кои се самци можат да се сосредоточат на Јеховината служба со поголема концентрација. Во споредба со оние кои се женети, христијаните кои се самци се во подобра позиција за „пристојна служба на Господа без пречки“ (1. Коринтјаните 7:35).

Павле не вели дека неженетите христијани немаат пречки. Ако си оптоварен со економски проблеми, можеби мислиш дека има многу работи кои ѝ се закануваат на твојата служба. Меѓутоа, личната слобода да се служи на Бог обично е поголема кај еден човек или жена кои се самци отколку кај оние кои се во брак.

Иако го препорачува самештвото како подобар пат, апостол Павле не рекол дека е погрешно да се стапи во брак. Тој напишал: „Но, ако се ожениш, нема да згрешиш“. Сепак, тој предупредил: „Таквите [кои се женат] ќе имаат телесни неволи“ (1. Коринтјаните 7:28).

Што мислел со тоа? Бракот со себе носи одредени грижи. Во тешко економско време, ваквата неволја може да ја вклучува татковата грижа за задоволување на основните потреби на неговата сопруга и децата. Болеста исто така може да донесе додатни финансиски и емоционални тешкотии за семејството.

Така, иако твојата ситуација можеби не е она што би сакал да биде, веројатно си во подобра положба отколку кога би бил женет и обврзан да се грижиш за деца. Тешкотиите со кои сега се соочуваш се привремени; нив ќе ги снема во Божјиот нов систем, а некои можеби и уште порано. (Спореди Псалм 144:16.)

Дали можеш да ја прошириш својата служба?

Иако секој не може да го стори тоа, некои биле во можност да стапат во полновремена служба и покрај финансиските проблеми. Чакс, кој беше претходно спомнат, купувал и продавал материјал за пишување за да го издржува своето семејство. Отприлика во истото време кога пропаднале неговите планови за женидба, примил писмо во кое бил поканет да работи привремено како градежен работник при локалната подружница на Друштвото Стражарска кула. Загрижен за пари, неговиот постар брат го одвраќал од тоа. Меѓутоа, Чакс бил свесен дека Јехова му помогнал да ја започне работата со продавање на материјал за пишување па, според тоа, сметал дека треба да ги стави интересите на Царството на прво место и да верува во Божјата способност да нѐ снабди со потребното (Матеј 6:25-34). Освен тоа, мислел дека се работи само за еден период од три месеци.

Чакс ја прифатил поканата, а деловните зделки ги префрлил на својот постар брат. Шест години подоцна, Чакс сѐ уште е во полновремената служба и служи како старешина во христијанското собрание, а исто така сега и финансиски е подготвен за брак. Дали му е жал поради начинот на кој се одвивале настаните во неговиот живот? Чакс вели: „Бев разочаран што не можев да се оженам кога сакав, но за мене работите навистина се одвиваа најдобро што можеше. Доживеав многу радости и привилегии во службата која веројатно немаше да ја уживам ако се оженев тогаш и ако имав семејство“.

Сигурност за иднината

Во тешки времиња многумина бараат сигурност во бракот, како заштита против финансиските тешкотии. Некои земји, оптоварени со долгови, нудат малку или скоро никаква помош за постарите. Така, родителите честопати се ослонуваат на своите семејства, особено на своите деца, очекувајќи од нив да ги издржуваат кога ќе дојдат во постари години. Како последица на тоа, мажите и жените кои се самци честопати се под притисок да стапат во брак и да имаат деца, дури и кога нивната финансиска ситуација е несигурна.

Но бракот и одгледувањето деца не гарантираат сигурност. Некои световни деца не сакаат да се грижат за своите остарени родители, други не се во можност да го прават тоа, додека трети умираат пред да умрат нивните родители. Христијаните бараат сигурност првенствено на друго место, имајќи го на ум Божјето ветување: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5).

Оние кои ја одложиле женидбата за да му служат полновремено на Јехова, не биле напуштени. Кристијана е немажена и има 32 години. Служела како општ пионер во Нигерија во изминатите девет години. Таа вели: „Ја ставам својата доверба во Јехова, кој ни гарантира дека никогаш нема да ги напушти своите слуги. Неговото ветување ми дава сигурност. Јехова се грижи за мене, како духовно така и телесно. Тој се докажа како дарежлив Татко. На пример, јас се преселив да бидам пионер во едно подрачје каде што потребата од Сведоци е голема. Иако нема баш некакви удобности, се научив да се снаоѓам. Додека бев во болница од тифус, браќата од моето поранешно собрание ме посетуваа и се грижеа за мене.

Многу сум задоволна со полновремената служба. На неа гледам како на една прекрасна предност да работам заедно со Творецот на универзумот и со толку многу браќа и сестри ширум светот. Гледам многу млади луѓе кои се фрустрирани и безнадежни поради работите што се случуваат околу нив. Што се однесува до мене, мојот живот има смисол; На иднината гледам со доверба. Знам дека, да се биде близу до Јехова, е најдоброто решение за проблемите со кои се соочуваме денес“.

Ако копнееш да се ожениш, но не си во можност поради економските проблеми, не се обесхрабрувај! — Не си сам. Има многу кои со Јеховина помош поднесуваат слични тешкотии. Направи го најдоброто што можеш од својата ситуација, со тоа што ќе се зафатиш со правење добри работи за другите и со тоа што ќе ја подобриш својата духовност. Приближи се кон Бог; тој ќе ти помогне, бидејќи навистина се грижи за тебе (1. Петрово 5:7).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели