Спротивстави им се на безбожните традиции!
„ВИСТИНАТА ќе ве ослободи“, рекол Исус Христос (Јован 8:32). Да, христијанството ги ослободува луѓето — и тоа од робувањето на суеверија, од верувањето во лажни науки и надежи, како и од оковите на деградирачките обичаи.
Меѓутоа, како во старо време, и денешните христијани честопати се соочуваат со притисоци да им се вратат на поранешните традиции (Галатјаните 4:9, 10). Тоа секако не значи дека сите народни обичаи се штетни. Всушност, христијанинот може да одлучи да држи одредени локални обичаи кои се здрави и корисни. Но, кога обичаите се спротивни на Божјата Реч, христијаните не прават компромис. Затоа, Јеховините сведоци се добро познати по тоа што не сакаат да учествуваат во божиќни прослави, родендени и други обичаи кои се косат со Божјата реч.
Овој храбар став честопати доведувал до многу исмејување и противење од страна на познаници, соседи и роднини кои не се соверници. Тоа особено било случај во некои африкански земји, каде што обично се држат цела редица традиции на погреби, свадби и крштевки. Притисоците да се подлегне можат да бидат ужасни — честопати вклучувајќи закани и насилнички постапки. Како можат христијаните да останат цврсти? Можно ли е да се избегне конфронтација без компромис? За да одговориме на овие прашања, да испитаме како постапиле некои верни христијани кога биле соочени со небиблиски традиции.
Суеверни погребни обичаи
Во јужна Африка постојат многубројни традиции кои се поврзани со погреби и закопи. Ужалените обично поминуваат цела ноќ — или повеќе ноќи — во домот каде што се врши оплакување и каде што постојано гори оган. На ужалените им е забрането да готват, да се стрижат, па дури и да се искапат додека не помине закопот. Потоа, треба да се измијат со една посебна смеса од тревки. Дали таквите обичаи се прифатливи за христијаните? Не. Сите тие обичаи одразуваат верување во бесмртност на душата и морбиден страв од мртвите.
Во Проповедник 9:5 стои: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат“. Ако ја знаеме оваа вистина, тогаш сме ослободени од стравот од ‚духовите на умрените‘. Но, што да стори еден христијанин кога добронамерните роднини бараат тој или таа да учествува во такви ритуали?
Разгледај го искуството на една жена Сведок од Африка, по име Џејн, чиј татко умрел. Кога пристигнала во капелата, веднаш ѝ рекле дека таа и другите од фамилијата треба да играат цела ноќ околу трупот за да се смири духот на починатиот. „Јас им реков дека како Јеховин сведок не можам да учествувам во таквите обичаи“, раскажува Џејн. „Меѓутоа, на денот после погребот, постарите роднини рекоа дека ќе ги искапат членовите на ужалената фамилија, како еден вид натамошна заштита од духот на починатиот. Повторно одбив да учествувам. Истовремено, мајка ми ја чуваа одвоено во една куќа. Ако некој сакаше да ја види, мораше прво да се напие од еден алкохолен пијалок, специјално подготвен за таа цел.
Јас одбив да учествувам во сето тоа. Наместо тоа, отидов дома да зготвам нешто за јадење и го однесов во куќата каде што беше мајка ми. Тоа многу го разочара моето семејство. Роднините мислеа дека не сум нормална.“ Освен тоа, тие ја исмејувале и ја проколнувале: „Затоа што ја отфрли нашата традиција поради твојата религија, духот на татко ти ќе те измачува. А можеби не ќе можеш да раѓаш ни деца“. Џејн сепак не допуштила да биде исплашена. Каков бил резултатот? Таа вели: „Тогаш имав две деца. Сега имам шест! Тоа ги посрами оние кои велеа дека нема повеќе да раѓам деца“.
Сексуално „чистење“
Во еден друг обичај е вклучено церемонијално чистење по смртта на едниот сопружник. Ако умре сопругата, нејзиното семејство му носи на вдовецот свеска или некоја друга жена која е блиска роднина со починатата. Тој мора да има сексуален однос со неа. Само тогаш може да се ожени за која сака. Истото се случува и кога на жената ќе ѝ умре мажот. Се смета дека обичајот го прочистува живиот сопружник од „духот“ на починатиот.
Секој кој одбива да се потчини на таквото „чистење“, ризикува да го навлече гневот на роднините. Тој или таа може да биде изолиран и подложен на исмејување и проколнување. Сепак, христијаните одбиваат да го следат овој обичај. Тие знаат дека сексуалните односи надвор од бракот најмалку се „прочистувачки“ и дека се нечисти во очите на Бог (1. Коринтјаните 6:18-20). Освен тоа, христијаните треба да се венчаваат „само во Господа“ (1. Коринтјаните 7:39, НС).
На една христијанка од Замбија, која се вика Виолет, ѝ умрел сопругот. Роднините потоа ѝ донеле еден маж и инсистирале да има сексуални односи со него. Виолет одбила и како казна ѝ било забрането да црпи вода од јавниот бунар. Ја предупредиле да не оди по главниот пат за да не ја снајде зло. Меѓутоа, таа не дозволила роднините или другите селани да ја исплашат.
Подоцна, Виолет била повикана пред месниот суд. Таму непоколебливо ги објаснила библиските причини зошто одбива да се вклучи во незаконски секс. Судот пресудил во нејзина корист, изјавувајќи дека не може да ја присили да се држи за месни обичаи и традиции кои се спротивни на нејзините верувања. Занимливо, тоа што цврсто одбила да направи компромис послужило да се намали притисокот врз другите Сведоци во селото кои подоцна се соочиле со истиот проблем.
Една жена Сведок од Африка, по име Моника, поднела сличен притисок кога починал нејзиниот сопруг. Фамилијата на мажот инсистирала да ѝ дадат друг сопруг. Моника вели: „Јас одбив, и бев одлучна да ја послушам заповедта од 1. Коринтјаните 7:39“. Но, притисокот не престанал. „Ми се закануваа“, се сеќава Моника. „Ми рекоа: ‚Ако не се омажиш за овој човек, никогаш повторно нема да се омажиш‘. Тврдеа дури и дека некои други мои сохристијани тајно извршиле церемонијално прочистување на овој начин.“ Моника сепак останала цврста. „Останав сама две години, а потоа се омажив на христијански начин“, вели таа. Моника сега служи како општ пионер.
Пометнувања и мртвороденчиња
Христијаните во јужна Африка исто така мораат да се соочуваат со обичаи во врска со пометнувања и мртвороденчиња. Таквите трагични случки се резултат на човечката несовршеност, а не на божествена казна (Римјаните 3:23). Но, ако една жена пометне, некои африкански традиции налагаат одредено време другите да се однесуваат спрема неа како спрема изгнаник.
Затоа, една жена која штотуку пометнала, била изненадена кога еден Сведок доаѓал кон нејзината куќа. Кога се приближил, таа извикала: „Не доаѓајте овде! Според нашиот обичај, жена која штотуку пометнала не смее да биде посетувана“. Меѓутоа, Сведокот ѝ рекол дека Јеховините сведоци ја пренесуваат библиската порака до луѓе од секаков вид и дека не ги држат локалните обичаи во врска со пометнувањата. Потоа ѝ ги прочитал стиховите од Исаија 65:20, 23, објаснувајќи дека под Божјето Царство нема да има пометнувања и мртвороденчиња. Како резултат на тоа, жената прифатила домашна библиска студија.
Суеверните обичаи можат исто така да бидат поврзани и со погребите на мртвороденчиња. Кога еден Сведок по име Џозеф присуствувал на еден таков погреб, му било кажано дека сите присутни мораат да си ги измијат рацете во лек од некакви тревки и со него да се намачкаат на градите. Се велело дека тоа го спречува „духот“ на бебето да се врати и да им нанесе штета. Џозеф со почитување одбил, познавајќи ја библиската наука дека мртвите не можат да им наштетат на живите. Сепак, некои се обиделе да го присилат да земе од лекот. Џозеф повторно одбил. Кога го виделе бестрашниот став на овој христијанин, и некои други од присутните не сакале да земат од тревките.
Избегнувај конфронтации, но остани цврст
Стравот од живите и ужасот да се биде отфрлен можат да бидат моќни сили за да се направи компромис. Изреки 29:25 вели: „Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат“. Претходните искуства ја покажуваат вистинитоста на вториот дел од тој стих: „А кој се надева на Господа, тој ќе се спаси“.
Сепак, честопати можат да се избегнат конфронтации. На пример, ако еден христијанин е поканет на погреб кај некој роднина, тој не треба да чека да се најде во ситуации кои можат да наведуваат на компромис. „Умниот го гледа злото и се клони од него; а неискусните одат напред и биваат казнувани“ (Изреки 27:12).
Би било мудро да се праша тактично кои обичаи точно ќе се држат. Ако тие се непожелни, христијанинот би можел да ја искористи таа прилика за да објасни зошто тој не може да учествува, и тоа да го направи „со благост и со длабоко почитување“ (1. Петрово 3:15, НС). Кога еден христијанин однапред го објаснува со почитување својот библиски темелен став, неговите роднини обично се посклони да ги почитуваат неговите уверувања и помалку се склони да се закануваат и да го заплашуваат.
Без разлика каква е реакцијата на роднините, христијанинот не може едноставно да направи компромис следејќи традиции кои го срамотат Бог — без оглед на заканувањата или на малтретирањата што можат да го снајдат. Ние сме ослободени од суеверен страв. Апостол Павле поттикнал: „Стојте така во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!“ (Галатјаните 5:1).
[Слика на страница 29]
ногу луѓе веруваат дека некој штотуку умрен може да послужи како посредник и пренесувач на пораки до роднините кои одамна умреле