‚Соборен, но не и уништен‘
РАСКАЖАЛ УЛФ ХЕЛГЕСОН
Во јули 1983 година, докторите кои стоеја над мене извикаа: „Се разбуди!“ При една комплицирана 15-часовна операција на ’рбетниот мозок, ми извадија тумор кој беше долг 12 сантиметри. Бев потполно парализиран.
ПОСЛЕ неколку дена ме префрлија во една болница која беше оддалечена околу 60 километри од градот во кој живеев, Хелсингборг (јужна Шведска). Таму започнав со една програма на рехабилитација. Физиотерапевтот рече дека таа ќе биде напорна, но јас едвај чекав да започнам. Навистина сакав да можам да одам повторно. Со марливо следење на секојдневната петчасовна програма со вежби, брзо напредував.
Еден месец подоцна, кога патувачкиот надгледник служеше во нашето собрание, заедно со другите христијански старешини презеде едно подолго патување за да се одржи состанок за старешини во мојата болничка соба. Колку само се радуваше моето срце на ваквиот доказ на братска љубов! После состанокот, медицинските сестри од одделот послужија чај и сендвичи за целата група.
На почетокот лекарите беа изненадени од мојот напредок. После три месеци можев да седам исправено во инвалидската количка, па дури и да стојам кратко време. Бев среќен и цврсто одлучив повторно да одам. Моето семејство и сохристијаните многу ме охрабруваа кога ме посетуваа. Можев дури и да си одам дома за кратко време.
Вистинско назадување
Меѓутоа, после сето тоа престанав да напредувам. Наскоро физиотерапевтот ми ја кажа следнава болна вест: „Нема да Ви биде подобро отколку што Ви е сега!“ Оттогаш целта беше да ме зајакнат за да се движам сам со помош на инвалидска количка. Се прашував што ќе се случи со мене. Како ќе го поднесе сето тоа мојата сопруга? И таа имаше една тешка операција поради која ѝ беше потребна мојата помош. Дали да побарам постојана социјална помош?
Западнав во длабока депресија. Силата, храброста и енергијата ме напуштија. Минуваа денови, а јас и понатаму бев неподвижен. Не само што бев физички парализиран туку бев и емоционално и духовно умртвен. Бев ‚соборен‘. Отсекогаш се сметав себеси за духовно јак. Имав длабоко вкоренета вера во Божјето Царство (Даниил 2:44; Матеј 6:10). Бев убеден во библиското ветување дека сите болести и деформитети ќе бидат излечени во Божјиот праведен нов свет и дека целото човештво ќе биде обновено во совршен живот (Исаија 25:8; 33:24; 2. Петрово 3:13). Но сега се чувствував парализиран не само во физичка смисла туку и духовно. Се чувствував ‚уништен‘ (2. Коринтјаните 4:9, НС).
Но, пред да продолжам, дозволете ми да кажам нешто за моето минато.
Среќно семејство
Роден сум во 1934 година, а моето здравје отсекогаш беше добро. Во раните 1950-ти години се запознав со Ингрид, а во 1958 година се венчавме и се населивме во градот Естерсунд (централна Шведска). Пресвртница во нашиот живот беше 1963 година, кога започнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци. Тогаш веќе имавме три дечиња — Ева, Бјорн и Лина. Наскоро целото семејство проучуваше и добро напредуваше во спознанието на библиските вистини.
Кратко откако почнавме да проучуваме, се преселивме во Хелсингборг. Таму, мојата сопруга и јас му се предадовме на Јехова и се крстивме во 1964 година. Нашата среќа се зголеми кога најстарата ќерка, Ева, се крсти во 1968 година. После седум години, т.е. во 1975 година, се крстија Бјорн и Лина, а следната година јас бев наименуван за старешина во христијанското собрание.
Моето световно вработување ми овозможуваше добро да се грижам за материјалните потреби на семејството. Нашата среќа порасна кога Бјорн и Лина започнаа со полновремена служба. Наскоро Бјорн беше повикан да служи во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци, во Арбога. Животот, така да се каже, ни се насмевнуваше. Но, во раните 1980-ти, почнав да ги чувствувам физичките последици од туморот кој подоцна беше отстранет со оној голем хируршки зафат во 1983 година.
Пребродување на духовната парализа
Кога ми рекоа дека повеќе не ќе можам да одам, имав чувство како животот околу мене да пропаѓа. На кој начин повторно се здобив со духовна сила? Беше многу полесно отколку што мислев. Едноставно ја зедов Библијата и почнав да читам. Колку повеќе читав толку поголема духовна сила добивав. Најмногу од сѐ друго, почнав да ја ценам Исусовата Проповед на гората. Ја читав секогаш одново и медитирав за неа.
Го обновив моето радосно гледиште за животот. Преку читањето и медитирањето, почнав да ги гледам поволните прилики наместо препреките. Повторно добив желба да ги споделувам со другите библиските вистини, а таа желба ја задоволував со тоа што му сведочев на болничкиот персонал и на сите други луѓе што ги сретнував. Моето семејство во потполност ме поддржуваше и се научи како да се грижи за мене. Најпосле, дојде време да излезам од болницата.
Конечно си дојдов дома. Колку само среќен ден беше тоа за сите нас! Моето семејство направи план во кој беше вклучена и грижата за мене. Син ми, Бјорн, одлучи да ја напушти работата во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци и дојде дома за да помага околу грижата за мене. Ми беше голема утеха тоа што добивав толкава љубов и грижа од страна на семејството.
Соочување со уште едно назадување
Меѓутоа, како што одминуваше времето, моето здравје се влошуваше и тешко можев да се движам. На крајот, и покрај искрените напори на моето семејство, повеќе не можеа да се грижат за мене дома. Затоа мислев дека ќе биде најдобро да одам во приватна болница. Тоа повторно значеше промени и нова рутина. Но, не дозволив да значи и духовно назадување.
Никогаш не престанав да ја читам и да ја истражувам Библијата. Постојано размислував за она што можам да го правам, а не за она што не можам. Медитирав за духовните благослови што ги добиваат сите Јеховини сведоци. Останав блиску до Јехова во молитва и ја користев секоја можност за да им проповедам на другите.
Ноќите и дел од денот се наоѓам во приватната болница. Пладнињата и вечерите сум или дома или на христијанските состаноци. Социјалната служба се грижи редовно да бидам транспортиран до и од состаноците и до и од мојот дом. Моето предано семејство, браќата во собранието, како и персоналот во приватната болница, извонредно се грижат за мене.
Правам сѐ што можам
Не се сметам себеси за инвалид, а исто така и моето семејство и христијанските браќа не се однесуваат со мене на таков начин. Добивам љубезна грижа која ми овозможува делотворно да служам како старешина. Секоја седмица водам Собраниска студија на книга, како и Собраниската студија на Стражарска кула во Салата на Царството. Тешко ми е да ги вртам страниците од Библијата, па затоа има некој кој е назначен да ми помага да го правам тоа на состаноците. Ги водам состаноците и одржувам предавања седејќи во мојата инвалидска количка.
На тој начин можам да правам многу од оние работи во кои уживав и порано, вклучувајќи ги и пастирските посети (1. Петрово 5:2). Тоа го правам тогаш кога браќата и сестрите доаѓаат кај мене за помош или за совет. Го користам и телефонот, преземајќи иницијатива со тоа што им телефонирам на другите. Охрабрувањето кое произлегува од сето тоа е обострано (Римјаните 1:11, 12). Неодамна, еден пријател ми рече: „Токму тогаш кога се чувствувам потиштен, ти се јавуваш за да ме развеселиш“. Но и јас сум охрабрен од сознанието дека Јехова ги благословува моите напори.
Пред и после состаноците се наоѓам во добро друштво со децата од собранието. Додека седам во мојата инвалидска количка, разговараме заедно, гледајќи се очи в очи. Ја ценам нивната искреност и директност. Едно младо момче еднаш ми рече: „Ти си исклучително убав инвалид!“
Со тоа што се сосредоточувам на она што можам да го правам наместо да се вознемирувам поради она што не можам, радосно му служам на Јехова. Многу научив од она што ми се случи. Сфатив дека искушенијата низ кои минуваме нѐ изградуваат и нѐ зајакнуваат (1. Петрово 5:10).
Сум забележал дека многу здрави луѓе не сфаќаат дека секогаш мораме да гледаме со сериозност на обожавањето на нашиот небесен Татко. Ако не гледаме така, тогаш нашиот план за студирање, состаноците и службата на подрачјето можат да станат само рутина. Мислам дека тие подготовки се животоважни за да се преживее крајот на овој свет и да се влезе во Божјиот ветен земски Рај (Псалм 36:9-11, 29; 1. Јованово 2:17).
Во нашите срца секогаш мораме да ја одржуваме жива надежта за живот во Божјиот нов свет што доаѓа (1. Солунјаните 5:8). Исто така, научив да не се предавам во борбата против каква и да е тенденција да бидам обесхрабрен. Научив да гледам на Јехова како на свој Татко, а на неговата организација како на своја Мајка. Сфатив дека ако се трудиме, Јехова може да го употреби секого од нас за да биде негов делотворен слуга.
Иако повремено се чувствував ‚соборен‘, така да се каже, не бев и ‚уништен‘. Никогаш не бев напуштен од Јехова и неговата организација ниту, пак, од семејството и од христијанските браќа. Благодарение на тоа што посегнав по Библијата и почнав да ја читам, ја обновив мојата духовна сила. Благодарен сум му на Јехова Бог, кој дава ‚сила која е над она што е нормално‘ кога имаме доверба во него (2. Коринтјаните 4:7, НС).
Со целосна увереност и со потполна доверба во Јехова, желно ја очекувам иднината. Уверен сум дека многу скоро Јехова Бог ќе го исполни своето ветување за еден обновен рај овде на Земјата, заедно со сите прекрасни благослови кои ќе настапат со него (Откровение 21:3, 4).