Прашања од читателите
Како треба да постапи една сопруга која е христијанка, кога нејзиниот сопруг кој не е соверник бара да одат на ручек кај неговата фамилија кога има некој световен празник?
Ова ја става христијанската сопруга во тешка ситуација, бидејќи улога играат доста фактори. Веројатно веднаш ќе помисли на два фактора во кои е вклучена подложноста. Таа има библиска должност да му биде подложна на својот сопруг (Тит 2:4, 5). Но, таа има одговорност да му биде послушна и на Јехова, кој го има највисокото поглаварство над неа (Евреите 12:9).
Христијанското гледиште за световните празници, како што е Божиќ, е сосема јасно. Единствениот ден кој треба посебно да се слави а се однесува на христијаните, е годишнината на Христовата смрт (Лука 22:19, 20). Би било погрешно да се учествува во религиозни прослави како што се Божиќ и Велигден, кои се преполни со пагански обичаи иако се поврзани со библиски настани (2. Коринтјаните 6:14-18). Но, сѐ додека живееме во овој стар систем на ствари, веројатно ќе имаме контакти со луѓе кои слават празници што се темелат на паганско обожавање (1. Коринтјаните 5:10). Тука може да бидат вклучени и роднините.
Ако христијанската сопруга, на барање на нејзиниот сопруг, сепак отиде со него кај некои роднини кога има некаков световен празник, тогаш нејзиното однесување треба без никакво сомнение и јасно да покаже дека таа не го слави тој празник. Можеби роднините ќе ѝ посакаат добредојде со некој посебен празничен поздрав, но таа нема да отпоздрави на тој начин. Тие можеби ќе ја искористат таа прилика за да даваат подароци, но таа нема да им возврати. Всушност, таа нема дури ни да го споделува свеченото расположение на празничната прилика. Така ќе биде очигледно дека не дошла на ручек посебно заради празникот.
Ако таа однапред разговара со почитување и тактично со својот сопруг и му објасни дека би можело да дојде до некоја непријатна ситуација ако роднините имаат некои празнични активности а таа не учествува во нив, тој можеби ќе одлучи да ја испланираат посетата за некој друг ден (1. Петрово 3:15). Кога ќе го сфати во потполност нејзиното библиско гледиште, веројатно ќе биде порасположен да се одлучи за некое друго решение што ќе биде попогодно за сите кои се вклучени во тоа.
Но, ако сопругот и понатаму инсистира таа да оди со него дури и откако ќе го чуе нејзиното образложение, сопругата треба да донесе лична одлука за тоа дали ќе оди. Можеби ќе дојде до заклучок дека тој, како поглавар на домаќинството, има одговорност да обезбеди храна за семејството (Колосјаните 3:18). Во тој случај, нејзиниот поглавар, т.е. нејзиниот сопруг, може да обезбеди оброк за неа во домот на неговото семејство, бидејќи и двете фамилии не се на световна работа и можат да се посетат. Фактот што тоа се совпаѓа со датумот на некој празник, не значи дека е погрешно да се има оброк со роднините. Таа би можела да сведочи за време на таквиот оброк.
Забележи го начелото од 1. Коринтјаните 8:8: „Храната не нѐ приближува кон Бога, оти ниту што добиваме, ако јадеме, ниту нешто губиме, ако не јадеме“. Храната не е извалкана со тоа што се јаде на некој световен празник. Христијанката треба да ја смета за обично јадење, но таа нема да се придружи на никакви празнични поздрави, песни, наздравувања итн. Затоа, самото јадење на оброкот не би било грев.
Меѓутоа, уште еден фактор што треба да се разгледа е тоа, како може да влијае на другите ако се има удел во таков оброк. Во 1. Коринтјаните 8:9, апостол Павле додал: „Пазете се, пак, таа ваша слобода да не стане некако соблазан за слабите“. Иако апостолот зборувал за храна што била жртвувана на идоли, ова истакнува дека е можно другите да бидат спотакнати кога ќе дознаат за посетата на световните роднини на тој ден (1. Коринтјаните 10:23, 24).
Исто така, ако семејството ѝ врши притисок да направи компромис, таа се соочува со опасности во поглед на одржувањето на нејзината христијанска беспрекорност. Желбата да избегне да се најде во неприлика може многу да влијае врз неа и да ја натера да учествува во некоја отпадничка религиозна активност. Сигурно е дека ќе ѝ биде жал ако направи нешто што не му е угодно на Јехова. Затоа, важно е да размисли за тоа однапред, земајќи ги во обѕир овие фактори кога ќе донесува одлука.
Во конечното преиспитување таа може да ги одмери овие фактори, а потоа да донесе лична одлука (Галатјаните 6:5). Добро ќе стори ако со одлуката што ќе ја донесе задржи чиста христијанска совест така што ќе може да рече исто онака како што рекол и Павле: „Се грижам секогаш да имам чиста совест пред Бога и пред луѓето“ (Дела 24:16).
Дали е исправно христијаните „да наздравуваат“ кога се собираат заедно?
Во некои земји, кога познаниците треба да се разделат, на заминување пијат некој алкохолен пијалок, ги подигаат чашите, ги чукнуваат и велат ‚на здравје‘ или нешто слично. Исто така, и на свадбите честопати се наздравува за здравје и среќа на младенците. Разбирливо е тоа што некои се прашуваат дали е библиски исправно христијаните да учествуваат во таквите здравици.
Се разбира дека нема ништо лошо во тоа ако еден христијанин му посакува среќа и добро здравје на некој пријател. Исто така, не би било неисправно да се стори тоа како група. Духовно постарите мажи во првиот век ги завршувале своите писма до христијанските собранија со израз кој всушност значи „Бидете здрави!“ (Дела 15:29).
Но, дали е тоа сѐ во врска со „наздравувањето“? Зошто оние кои наздравуваат ги подигаат чашите или ги креваат криглите а потоа ги чукнуваат? Дали тоа е имитирање на некој обичај? Забележи што вели The Encyclopædia Britannica, 11. издание, 13. том, 121. страница:
„Обичајот да се пие ‚за здравје‘ на живите, најверојатно потекнува од древниот религиозен обред да се пие за боговите и за мртвите. За време на оброците, Грците и Римјаните пролевале вино во чест на своите богови, а при церемонијалните гозби пиеле во нивна чест и во чест на мртвите“. Понатаму, откако покажува на кој начин овие пагански обичаи се задржале меѓу скандинавските и германските народи, истото дело додава: „Пиењето за здравје на живите луѓе, сигурно било тесно поврзано со овие т.н. жртвени обичаи на пиење“.
Кога повеќето луѓе се придружуваат кон некоја „здравица“, веројатно не ни помислуваат дека можеби го повторуваат обичајот на пролевање на некој пијалок или негово жртвување во чест на паганските богови, но сепак, тоа би можело да биде случај. Сигурно дека еден верен христијанин не би учествувал во некое денешно паганско жртвување бидејќи увидува дека ‚не може да се пие и од чашата на Јехова и од чашата на демоните‘ (1. Коринтјаните 10:21, НС). Зрелиот христијанин ќе избегнува дури и да ги имитира обредите на лажната религија. Таквиот духовен, зрел начин на постапување ќе му се допадне на Јехова. Сети се дека Јехова посебно ги предупредил Израелците да не ги имитираат религиозните постапки на паганските народи кои биле околу нив (3. Мојсеева 19:27; 21:5).
Ако еден христијанин сака да му пожели Божји благослов на некого, тогаш најпогоден начин да го стори тоа е преку искрена молитва кон Бог, а не преку следење на традиции кои се темелат на паганско обожавање кое му е одвратно на Јехова (Филипјаните 1:9; 2. Коринтјаните 1:11).
Насекаде во светот има мноштво обичаи и традиции. Ако еден зрел христијанин знае дека некој обичај директно се темели на лажната религија, јасно е дека ќе го избегнува. Но, не може да им се приговори на сите обичаи. Можеби некои од нив се само локални обичаи или начини на однесување кои немаат потекло од лажната религија, како што се поздравувањето со ракување или поклонувањето (1. Мојсеева 23:7). Секој сам може да се запраша што знае во врска со некој обичај и каков е неговиот мотив во тој поглед. Зошто го прави тоа? Исто така, би можел да се запраша: ‚Дали ќе ги спотакнам другите ако го правам тоа и дали луѓето од мојата средина ќе ги поврзат моите постапки со лажната религија?‘ (1. Коринтјаните 10:32, 33). Никој друг не може да служи како совест за некој христијанин, што значи, секој мора да размисли за тоа и да донесе таква одлука која ќе му овозможи да има чиста совест (Дела 23:1; 2. Коринтјаните 1:12).