Живеј според својот брачен завет!
СВАДБЕНИОТ ден е радосен ден. Тоа е и многу сериозна прилика. Момчето и невестата даваат свечено ветување кое ќе влијае врз остатокот од нивниот живот. Оние кои се присутни на венчавката како гости, се сведоци на ова свечено ветување, но Јехова Бог е главниот Сведок.
Библијата не бара специфични процедури или некој посебен вид на свадбена церемонија. Сепак, признавајќи го неговото божествено потекло, бракот обично се одбележува со давање на свадбени завети во текот на една религиозна церемонија. Веќе неколку години, Јеховините сведоци го употребуваат следниот брачен завет: „Јас . . ., те земам тебе, . . ., за да бидеш мој(а) венчан(а) сопруг(а), да те сакам и да те ценам (Невестата: и длабоко да те почитувам), според божествениот закон за христијански (сопруги/сопрузи), кој е изнесен во Светото писмо, и тоа сѐ додека обајцата живееме на Земјата според Божјето брачно уредување“.a
Нешто за кое треба да се размисли
Ако размислуваш за брак, би било од голема вредност да размислиш за длабочината и за значењето на овој завет пред денот на свадбата. Соломон рекол: „Не брзај со јазикот свој, и срцето твое да не брза да изговара зборови пред Господа“ (Проповедник 5:1). А што ако веќе си во брак? Тогаш, ќе извлечеш корист ако медитираш за важноста на свеченото ветување кое си го дал пред Јехова. Дали живееш според него? Христијаните сериозно ги земаат своите ветувања. Соломон продолжил: „Она што си ветил изврши го. Подобро е и да не ветуваш, отколку да ветиш и да не го извршиш. Не ѝ дозволувај на устата своја да го тера во грев телото твое и не говори пред Ангелот Божји: ‚Тоа е грешка!‘“ (Проповедник 5:3-5).
Ако го разгледаш свадбениот завет фраза по фраза, тоа несомнено ќе го зголеми твоето разбирање на ова свечено ветување.
„Јас . . . те земам тебе“: Ова се уводните зборови од заветот. Тие истакнуваат дека ти преземаш лична одговорност за својата одлука да стапиш во брак.
Под христијанското уредување, не постои библиска обврска за некој да стапи во брак. Самиот Исус Христос останал неоженет и го препорачал самештвото за оние кои ‚можат да направат место за тоа‘ (Матеј 19:10-12, НС). Од друга страна, повеќето Исусови апостоли биле оженети мажи (Лука 4:38; 1. Коринтјаните 9:5). Јасно е дека одлуката за стапување во брак ја донесува секој лично. Никој нема библиски авторитет да присили некое друго лице да се венча.
Затоа, ти ја сносиш одговорноста за одлуката да стапиш во брак. Веројатно, ти самиот си го избрал оној со кого се венчаваш. Кога го даваш брачниот завет, велејќи: ‚Јас . . . те земам тебе . . .‘, ти го земаш или го прифаќаш тоа лице заедно со неговите доблести — ама и со неговите маани.
Со текот на времето, веројатно ќе откриеш некои аспекти во личноста на твојот брачен другар кои порано не биле очигледни. Ќе има и повремени разочарувања. Библијата вели дека ‚сите згрешиле и се лишени од [не ја достигнале, НС] славата Божја‘ (Римјаните 3:23). Според тоа, можеби ќе мораш да направиш прилагодувања за да му угодиш на својот брачен другар. Тоа може да биде тешко, а повремено можеби ќе почувствуваш дека сакаш да се предадеш. Но, запомни, брачниот завет е даден во присуство на Јехова. Тој може да ти помогне да успееш.
„За да бидеш мој(а) венчан(а) сопруг(а)“: На првата венчавка, кога Ева стапила во брак со Адам, Јехова Бог рекол дека „обата ќе бидат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24; Матеј 19:4-6). На тој начин, брачната заедница претставува најприсен однос што може да постои меѓу две лица. Бракот те доведува во едно ново сродство. Ти прифаќаш некого за своја „венчана сопруга“ или „венчан сопруг“. Ова се разликува од секој друг однос. Постапките кои во другите односи предизвикуваат мала штета, во брачното уредување можат да предизвикаат длабока болка.
Земи го, на пример, библискиот совет што се наоѓа во Ефесјаните 4:26. Таму Библијата вели: „Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш“. Можеби твоите проблеми со роднините и пријателите секогаш не си ги решавал колку што требало побргу. Но, твојот брачен партнер ти е поблизок од кој и да е друг роднина или пријател. Ако пропушташ брзо да ги решаваш работите со својот сопружник, тоа би можело да го загрози посебното сродство меѓу вас.
Дали дозволуваш некое несогласување помеѓу тебе и твојот брачен партнер да се развие во долготраен извор на нервоза или немир? Дали недоразбирањата и возбудувачките ситуации се задржуваат по повеќе денови? За да живееш според својот завет, кога ќе се појават тешкотии, не дозволувај да помине ден а да не се помириш со својот брачен партнер. Тоа значи да простиш и да заборавиш, како и да ги признаеш сопствените маани и грешки (Псалм 50:5; Лука 17:3, 4).
„Да те сакам“: Идниот сопруг се заветува дека ‚ќе ја сака и цени‘ својата невеста. Оваа љубов ја вклучува романтичната љубов која веројатно ги зближила. Но, романтичната љубов не е доволна. Љубовта на која еден христијанин се заветува спрема својот брачен партнер, е подлабока и поширока.
Ефесјаните 5:25 вели: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата“. Исусовата љубов тешко би се вброила во истата категорија како романтичната љубов меѓу половите. Изразите „сакајте“ и „засака“ кои се употребени во овој библиски стих, потекнуваат од зборот ага́пе, кој се однесува на љубов што е водена од начело. Библијата овде им заповеда на сопрузите да покажуваат постојана, непоколеблива, истрајна љубов кон своите сопруги.
Тоа не е едноставно емоција од типот „Те сакам затоа што ти ме сакаш“. Сопругот го става доброто на својата сопруга дури и пред своето сопствено добро, а сопругата го сака својот сопруг на истиот начин (Филипјаните 2:4). Негувањето на длабока љубов кон својот партнер ќе ти помогне да живееш според својот брачен завет.
„И да те ценам“: Според еден речник, „да цениш“ значи ‚да сметаш за драг, да чувствуваш или да покажуваш наклоност‘. Ти мораш да ја изразиш својата љубов и со зборови и со дела! Особено сопругата треба да добива постојани докази на љубов од страна на својот сопруг. Сопругот можеби добро се грижи за нејзините физички потреби, но тоа не е доволно. Има сопруги кои имаат доволно храна и удобен дом, но кои се очајно несреќни затоа што се запоставени или игнорирани од својот брачен партнер.
Од друга страна, сопругата која знае дека е сакана и ценета, секако дека има причина да биде среќна. Се разбира, истото може да се рече и за сопругот. Вистинската љубов многу се зајакнува преку искрени изрази на милувања. Во Песна над песните, овчарот-љубовник воскликнува: „Колку се прекрасни твоите изрази на милување, о сестро моја, невесто моја! Колку подобри се твоите милувања од вино и миризбата на твоите масла отколку сите видови мирис!“ (Песна над песните 4:10, НС).
„И длабоко да те почитувам“: Низ вековите имало мажи кои ги злоупотребувале и понижувале жените. Според списанието World Health, дури и денес „насилството врз жените се случува во секоја земја и во секоја општествена и економска класа. Во многу култури се смета дека мажот има право да ја тепа жената“. Повеќето мажи можеби не се виновни за такво однесување. Сепак, се чини дека многу мажи пропуштаат да покажуваат искрен интерес за спорните прашања кои ги загрижуваат жените. Како последица на тоа, многу жени развиле негативен став спрема мажите. Се слушнало како некои сопруги велат: „Го сакам мојот сопруг, но не можам да го почитувам!“
Меѓутоа, Јехова Бог ѝ оддава чест на жената која се стреми да го почитува својот сопруг — дури и тогаш кога тој одвреме навреме пропушта да ги исполни нејзините очекувања. Таа признава дека тој има задача, односно положба што му е дадена од Бог (1. Коринтјаните 11:3; Ефесјаните 5:23). На тој начин, длабокото почитување кон својот сопруг е дел од нејзиното обожавање и послушност кон Јехова. Бог не ја превидува послушноста на побожните жени (Ефесјаните 5:33, НС; 1. Петрово 3:1-6; спореди Евреите 6:10).
Почитувањето во бракот мора да биде взаемно и треба да се заслужи, а не само да се очекува или да се бара. На пример, во брачното уредување нема место за саркастичен или нападен говор. Не би било израз на љубов или почитување ако даваш потценувачки коментари за својот сопруг или сопруга. Нема да произлезе ништо добро ако ги откриваш мааните на својот сопружник пред другите или ако јавно зборуваш за нив. Дури и во шегата некој може да открие голем недостиг на почитување на ова подрачје. Зборовите од Ефесјаните 4:29, 32 се однесуваат и на сопругот и на сопругата. Таму Библијата вели: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба . . . Еден спрема друг бидете добри [љубезни, НС], сочувствителни“.
„Според божествениот закон кој е изнесен во Светото писмо“: Бог сака да уживаме слобода во изборот и постапките. Тој не нѐ оптоварува со некаква исцрпувачка листа од правила кои го регулираат брачниот живот. Сепак, за наше добро, тој дал некои упатства.
Денес постои голема разновидност од печатен материјал во врска со бракот, а многу луѓе имаат и свои филозофии. Но, внимавај! Голем дел од информациите на темата брак, кои циркулираат, се во конфликт со Библијата.
Исто така, сфати дека околностите варираат од една двојка до друга. Во извесна смисла, брачните двојки се како снегулки; од далечина може да изгледаат идентични, но во реалноста секоја е единствена, поинаква од сите други. Комбинацијата на твојата личност со личноста на твојот сопружник не постои кај ниту една друга брачна двојка во светот. Затоа, не брзај да ги прифатиш личните гледишта на другите. Не постои човечка формула која важи за секој брак!
За разлика од тоа, сите библиски заповеди се вистинити и применливи. Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за изобличување, поправање“ (2. Тимотеј 3:16; Псалм 118:151). Ако ја читаш Библијата и ги прифаќаш нејзините учења како водич во својот секојдневен живот, ти ќе бидеш во состојба да живееш според својот брачен завет (Псалм 118:105).
„Сѐ додека обајцата живееме на Земјата“: Ова укажува на долготрајно заедништво. Бог заповеда ‚човекот да го остави таткото свој и мајката своја и да се прилепи кон жената своја‘ (1. Мојсеева 2:24). Јехова сака да бидете заедно. Служете му на Бог заедно. Проучувајте ја неговата Реч заедно. Одвојте си време да шетате заедно, да седите заедно, да јадете заедно. Радувајте му се на животот заедно!
Некои двојки вложуваат напор секој ден да си одвојат време само за да разговараат еден со друг. Дури и после многу години брак, ова заедништво е животоважно за брачната среќа.
„Според Божјето брачно уредување“: Бракот е дар од Јехова Бог кој го воспоставил брачното уредување (Изреки 19:14). Ако пропуштиш да го следиш неговото уредување, тоа ќе ја загрози не само твојата брачна среќа туку и твојот однос со Творецот. Од друга страна, кога сопругот и сопругата негуваат добар однос со Јехова, кој се манифестира преку послушноста на неговите подготовки, тие ќе имаат мирољубиви односи со другите, вклучувајќи го нивниот меѓусебен однос (Изреки 16:7, НС).
Никогаш не заборави дека Јехова е главниот Сведок на твојот брачен завет. Продолжи да живееш според ова свечено ветување и твојот брак ќе биде извор на фалба и слава на Јехова Бог!
[Фуснота]
a Во некои места можеби е потребно да се употреби прилагодена верзија на овој завет за да одговара на локалните закони (Матеј 22:21). Меѓутоа, во повеќето земји, христијанските двојки го употребуваат горниов завет.
[Истакната мисла на страница 22]
Во извесна смисла, брачните двојки се како снегулки. Од далечина сите тие може да изгледаат идентични, но во реалноста секоја двојка е изразито поинаква
[Извор на слика]
Кристали на снегулка/Dover