Гледај на лојалните!
„Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет [лојален, НС]“ (ОТКРОВЕНИЕ 15:4).
1. Какво сведоштво дал Џ. Ф. Ратерфорд за лојалноста на својот претходник Ч. Т. Расел?
ЏОЗЕФ Ф. РАТЕРФОРД, кој во 1917 година го наследи Ч. Т. Расел како претседател на Друштвото Стражарска кула, своите коментари на погребот на Расел ги започнал со зборовите: „Чарлс Тејз Расел му беше лојален на Бог, лојален на Христос Исус, лојален на делото на Месииното царство. Тој беше лојален до срж — да, лојален дури до смрт“. Навистина, тоа беше едно извонредно признание за еден верен слуга на Јехова Бог. На ниеден поединец не би можеле да му оддадеме поголемо признание отколку да речеме дека го положил испитот на лојалноста, дека бил лојален — лојален до срж.
2, 3. а) Зошто лојалноста претставува предизвик? б) Кој исто така е построен против вистинските христијани во нивните напори да бидат лојални?
2 Лојалноста претставува предизвик. Зошто? Затоа што лојалноста е во судир со личниот интерес. Меѓу оние кои му се нелојални на Бог, главно е свештенството на т. н. христијанство. Исто така, никогаш немало толку раширена нелојалност како во денешните брачни односи. Прељубата е секојдневие. Нелојалноста зема замав и во деловниот свет. Во врска со ова, речено ни е: „Многу менаџери и професионалци . . . мислат дека денес само будалите и наивните им се лојални на своите компании“. На луѓето кои се „премногу лојални“ се гледа од висина. „Најпрво и единствено треба да бидеш лојален на себеси“ — рекол еден претседател на една фирма за менаџерско советување и обезбедување на извршни органи. Да се зборува за лојалност спрема себеси значи да се обезвреди значењето на зборот. Тоа нѐ потсетува на она што е наведено во Михеј 7:2 (НС): „Лојалниот исчезнал од Земјата“.
3 Во многу позначителна мера, Сатана и неговите демони се построени против нас, решени да нѐ направат нелојални на Бог. Затоа, во Ефесјаните 6:12 на христијаните им е речено: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“. Да, потребно е да внимаваме на предупредувањето: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петрово 5:8).
4. Кои склоности отежнуваат да се биде лојален?
4 Лојалноста ја отежнуваат и себичните склоности што сме ги наследиле од нашите родители, како што е споменато во 1. Мојсеева 8:21: „Помислите на срцето човечко се зли“ — и себични — „уште од младини“. Сите ние го имаме проблемот што и апостол Павле признал дека го има: „Не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам“ (Римјаните 7:19).
Лојалноста е нешто посебно
5, 6. Што може да се рече во поглед на тоа што е лојалност, и како се дефинира таа?
5 „Лојалноста“ е еден посебен збор. Затоа, Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) наведува: „Се чини дека не постојат англиски зборови кои точно го изразуваат полното значење на хебрејските и грчките зборови, но зборот ‚лојалност‘, кој ја вклучува мислата за оддаденост и верност, кога е употребен во врска со Бог и со неговата служба, го дава приближното значење“.a Во врска со „лојалноста“, Стражарска кула еднаш навела: „Верност, должност, љубов, обврска, приврзаност. Што им е заедничко на овие зборови? Тие се различни фасети на лојалноста“. Да, постојат толку многу доблести кои се само различни фасети на лојалноста. Навистина е вредно да се забележи колку често лојалноста и праведноста се поврзани во Светото писмо.
6 Од помош се и следниве дефиниции: ‚Лојалноста може да означува трајна, доверлива верност и приврзаност, сигурна наспроти колебање или искушение‘. ‚Лојалноста подразбира верност кон нечиј даден збор или трајна приврзаност кон институцијата или кон начелата кон кои некој се чувствува морално обврзан; изразот укажува не само на прилепување туку и на спротивставувањето да се биде намамен и одведен од тоа прилепување.‘ Според тоа, луѓето кои остануваат верни и покрај испитите, противењето и прогонството, заслужуваат да бидат наречени „лојални“.
7. Каква разлика може да се направи помеѓу лојалноста и верноста?
7 Меѓутоа, во врска со ова, би било добро да илустрираме една разлика која може да се направи помеѓу лојалноста и верноста. Во западниот дел од Соединетите Држави постои еден гејзер кој избива отприлика на секој час. Толку е редовен што е наречен Стариот Верен. Библијата зборува за таквите неживи ствари како што е Месечината, како за верна, бидејќи е сигурна. Псалм 88:37 зборува за Месечината како за ‚верен сведок на небото‘. За Божјите зборови се вели дека се верни. Откровение 21:5 вели: „Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам.‘ И ми рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“. Сите овие примери се верни, сигурни, но не и способни за некаква приврзаност или морални особини, како што е лојалноста.
Јехова, Оној кој е надмоќно лојален
8. Кое библиско сведоштво го идентификува најдобриот пример за лојалност?
8 Без ниту трошка сомневање, Јехова Бог е најдобриот пример за лојалност. Јехова ѝ е толку лојален на човечката раса што го дал дури и својот Син за да можат луѓето да добијат вечен живот (Јован 3:16). Во Јеремија 3:12 читаме: „Врати се, отстапнице, ќерко Израилева — вели Господ. Јас нема да го излијам врз вас Мојот гнев; зашто Јас сум милостив [лојален, НС]“. Натамошно сведоштво за Јеховината лојалност се зборовите што се запишани во Откровение 16:5: „Праведен си, Господи, Кој си, Кој беше, и Кој си свет [ти Лојалниот, НС]“. И повторно, во Псалм 144:17 речено ни е: „Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет [лојален, НС] во сите Свои дела“. Всушност, Јехова толку се истакнува со својата лојалност што Откровение 15:4 наведува: „Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет [лојален, НС]“. Јехова Бог е лојален до најголем степен.
9, 10. Како Јехова бил лојален во минатото во поглед на своите постапки со нацијата Израел?
9 Особено историјата на нацијата Израел содржи обилно сведоштво за Јеховината лојалност спрема својот народ. Во времето на Судиите, Израел често пати отпаѓал од вистинското обожавање, но Јехова секогаш одново чувствувал каење и ги спасувал (Судии 2:15-22). Низ петте векови додека Израел имал цареви, Јехова ја покажувал својата лојалност спрема таа нација.
10 Јеховината лојалност предизвикала тој да биде стрплив спрема својот народ, како што е забележано во 2. Летописи 36:15, 16: „Господ, Бог на нивните татковци, им испраќаше Свои гласници уште во рано утро, зашто му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште. Но тие се подбиваа со испратените од Бога и не се грижеа за зборовите Негови, ги понижуваа пророците Негови, додека гневот на Господа не падна врз народот Негов, та немаше за него спасение“.
11. Какво уверување или утеха ни дава Јеховината лојалност?
11 Поради тоа што Јехова е крајно лојален, апостол Павле можел да напише, како што е запишано во Римјаните 8:38, 39: „Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“. Да, Јехова нѐ уверува: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5). Навистина, утешно е да се знае дека Јехова Бог секогаш е лојален!
Исус Христос, лојалниот Син
12, 13. Какво сведоштво имаме во врска со лојалноста на Божјиот Син?
12 Оној кој совршено го имитирал Јехова во положувањето на испитот на лојалноста бил и сѐ уште е Исус Христос. Во Дела 2:27, апостол Петар можел соодветно да го цитира Псалм 15:10 и да го примени на Исус Христос: „Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник [лојален, НС] да види распаѓање“. Исус Христос заслужено е означен како „лојален“. Тој во потполност му е лојален на својот Татко и на Божјето ветено Царство. Сатана отпрвин се обидел да ја скрши Исусовата беспрекорност користејќи искушенија и мамки кон себичен интерес. Не успевајќи во тоа, Ѓаволот прибегнал кон прогонство, и на крајот ја предизвикал Исусовата смрт на столбот за погубување. Исус никогаш не скршнал од својата лојалност спрема својот небесен Татко, Јехова Бог (Матеј 4:1-11).
13 Исус Христос им бил лојален на своите следбеници, во склад со ветувањето запишано во Матеј 28:20: „Ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“. Во исполнение на тоа ветување, тој лојално го извршувал водството над своето собрание од Пентакост 33 година н. е. па сѐ до ден-денес.
Несовршени луѓе кои биле лојални
14. Каков пример за лојалност дал Јов?
14 А, како е со несовршените луѓе? Можат ли тие да му бидат лојални на Бог? Го имаме истакнатиот случај на Јов. Во неговиот случај, Сатана го направил јасно спорното прашање. Дали Јов му бил лојален на Јехова Бог или му служел само поради себичен интерес? Сатана се фалел дека би можел да го одврати Јов од Јехова со тоа што ќе му нанесе неволја на Јов. Кога Јов ги изгубил сите свои поседи, сите свои деца, па дури и своето здравје, неговата сопруга го терала: „Навреди Го Бога и умри!“ Но, Јов бил лојален, бидејќи ѝ рекол: „Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?‘ — Во сето тоа Јов не згреши со устата“ (Јов 2:9, 10). Всушност, на своите божемни тешители Јов им рекол: „Иако тој [Бог] ме погуби, сепак ќе се надевам на него“ (Јов 13:15, New International Version). Не е ни чудо што Јов добил Јеховино одобрување! Затоа, Јехова му рекол на Елифаз од Темна: „Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов“ (Јов 42:7, 10-16; Јаков 5:11).
15. Какво библиско сведоштво имаме за лојалноста на многу слуги на Јехова Бог?
15 За сите верни мажи и жени, опишани во Евреите поглавје 11, може да се зборува како за лојални. Тие не биле само верни туку и лојални, и покрај притисоци. Затоа, читаме дека тие „преку вера . . . затворија уста на лавови; угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, . . . а други поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор; со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам“ (Евреите 11:33-37).
16. Каков пример за лојалност дал апостол Павле?
16 Христијанските грчки списи го даваат и впечатливиот пример на апостол Павле. Тој со право можел за својата служба да им рече на солунските христијани: „Сведоци сте вие како и Бог, дека свето [лојално, НС], праведно и безукорно постапувавме пред вас, кои што верувавте“ (1. Солунјаните 2:10). Натамошен доказ за Павловата лојалност имаме во неговите зборови, запишани во 2. Коринтјаните 6:4, 5, каде што читаме: „Во сѐ се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби, при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости“. Сето ова сведочи дека апостол Павле имал самопочитување затоа што бил лојален.
Лојални во поново време
17. Кои зборови на Џ. Ф. Ратерфорд ја покажале неговата одлучност да биде лојален?
17 Во поново време го имаме добриот пример што веќе беше разгледан во нашиот увод. Забележи што е наведено во книгата Worldwide Security Under the “Prince of Peace” (Светска безбедност под „Кнезот на мирот“), на страница 146, под поднасловот „Лојалност за време на затвор“. Таму пишува: „Покажувајќи лојалност кон Јеховината организација во времето додека беше в затвор, претседателот на Друштвото Стражарска кула, Џозеф Ф. Ратерфорд, на 25 декември 1918 година го напиша следново: ‚Поради тоа што одбив да се компромитирам со Вавилон, туку верно се трудев да му служам на мојот Господ, се наоѓам в затвор, за кое сум благодарен. . . . Многу повеќе го сакам Неговото одобрување и насмевка и да сум в затвор, отколку да се компромитирам или да ѝ попуштам на Ѕверката, а да бидам слободен и да ми аплаудира целиот свет‘“.b
18, 19. Какви извонредни примери за лојалност имаме во поново време?
18 Имаме извонредни примери за лојалност од многу други христијани кои претрпеле прогонство. Меѓу таквите лојални поединци се германските Сведоци на Јехова за време на нацистичкиот режим, опишани во видеокасетата Purple Triangles (Пурпурни триаголници), која е нашироко дистрибуирана на англиски јазик. Вредно е да се запазат и многуте лојални африкански Сведоци на Јехова, како оние во Малави. Таму, еден затворски чувар посведочил за лојалноста на Сведоците, велејќи: „Тие нема никогаш да се компромитираат. Тие стануваат само побројни“.
19 Човек не може да ги чита последните Yearbooks of Jehovah’s Witnesses (Годишници на Јеховините сведоци) а да не биде импресиониран од лојалноста што ја покажале вистинските христијани, како оние во Грција, Мозамбик и Полска. Многумина од нив претрпеле ужасни тортури; други биле убиени. На страница 177 во Годишникот за 1992 се прикажани фотографии на деветмина христијански мажи од Етиопија кои го положиле испитот на лојалноста дури до тој степен да бидат убиени. Зарем не ни е драго што како Јеховини сведоци имаме толку многу добри примери кои нѐ поттикнуваат да го положиме испитот на лојалноста?
20. Што следи ако останеме лојални?
20 Преку лојалното спротивставување на искушенијата и притисоците, го изградуваме своето самопочитување. Затоа, на чија страна сакаме да се најдеме во поглед на спорното прашање за лојалноста? Ако го положиме испитот на лојалноста, застануваме на страната на Јехова Бог во спорното прашање и докажуваме дека Сатана Ѓаволот е подол, гнасен лажго, каков што и е! Со тоа стекнуваме одобрување од нашиот Создател, Јехова Бог, и награда на вечен живот во среќа (Псалм 36:29; 144:15б, НС). Во продолжение ќе разгледаме што се бара за да се положи испитот на лојалноста.
[Фусноти]
a Двотомна библиска енциклопедија издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
b Издадено од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
Како би одговорил?
◻ Зошто претставува предизвик да се биде лојален?
◻ Зошто може да се рече дека „лојалноста“ е посебен збор?
◻ Кои библиски примери ги имаме за несовршени луѓе кои биле лојални?
◻ Кои добри понови примери за лојалност ги имаме?
[Слика на страница 11]
Чарлс Тејз Расел
[Слика на страница 12]
Исус навистина бил Јеховиниот „лојален“
[Слика на страница 13]
Иако несовршен, Јов се докажал како лојален на Бог
[Слика на страница 14]
Павле дал добар пример за лојалност кон Јехова