Зошто треба сите да го фалиме Бог?
АЛЕЛУЈА! Овој збор им е добро познат на повеќето посетители на црквите во христијанскиот свет. Некои од нив гласно го извикуваат при своите неделни богослужби. Сепак, колкумина знаат што навистина значи овој збор? Всушност, тоа е хебрејски збор за изразот „Фалете го Јах!“ Тоа е радосна, ѕвонлива акламација за Творецот, чие име е Јехова.a
Зборот „Алелуја“ често се појавува во Библијата. Зошто? Затоа што има толку многу причини да се фали Бог. Јах (Јехова) е Творецот и Одржувачот на огромната вселена (Псалм 146:4, 5; 148:3—6). Тој ги предизвикал екосистемите кои го овозможуваат животот на Земјата (Псалм 146:8, 9; 148:7—10). А тој покажува посебен интерес за човештвото. Ако ја вршиме неговата волја, тој нѐ благословува и нѐ поддржува во овој живот и ни ја нуди сигурната надеж за еден уште подобар живот што треба да дојде (Псалм 148:11—14). Јах (Јехова) е тој кој ги инспирирал зборовите: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29).
Затоа, до сите е упатен поттикот: „Алелуја!“ „Фалете го Јах!“ (Псалм 104:35, НС, фуснота). Но, за жал, секој не сака да се оѕвие. Денес луѓето страдаат. Мнозина се гладни, болни или угнетени. Извесен број поднесуваат многу жалост поради злоупотребата на дрога или алкохол или, пак, поради последиците од нивниот неморал или побуна. Дали постои некаква причина зошто ваквите треба да го фалат Јехова?
‚Само Јехова можеше да ми даде надеж‘
Да, постои. Јехова го повикува секого без исклучок да го запознае, да научи да ја врши неговата волја и да се радува на благословите кои прават луѓето да сакаат да го фалат. И многумина се оѕвиваат. Земи ја за пример Адријана од Гватемала. Кога Адријана имала седум години, мајка ѝ умрела. Кратко потоа, татко ѝ го напуштил домот. Кога имала десет години, почнала да работи за живеачка. Поради тоа што мајка ѝ ѝ рекла да му служи на Бог и на црквата, Адријана се дружела со различни католички групи, но кога наполнила 12 години, била разочарана и се придружила на една улична банда. Почнала да пуши, да зема дрога и да краде. Зошто една таква девојка би сакала да го фали Бога?
Сестра ѝ на Адријана почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, но Адријана ѝ се смеела. Тогаш умрела тетка ѝ. На погребот на тетка ѝ, Адријана била измачувана од вознемирувачки прашања. Каде отишла тетка ѝ? Дали е на небото? Дали отишла во огнен пекол? Тоа било многу збунувачко, и Адријана отишла во капелата на гробиштата за да се моли за помош, употребувајќи го Божјето име Јехова, како што ја поучила сестра ѝ.
Кратко потоа, таа почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и присуствувала на нивните христијански состаноци. Ова ѝ отворило еден сосема нов поглед на животот, и смело ги прекинала своите врски со уличните банди. Адријана, сега во средината на своите 20-ти години, вели: „Само љубовта кон Јехова ме натера да го напуштам таквиот лош начин на живот. Само Јехова во својата голема милост можеше да ми ја даде надежта за вечен живот“. И покрај својот тежок старт во животот, Адријана има извонредни причини да го фали Бог.
За една дури уште побезизгледна ситуација се известува од Украина. Еден човек седи в затвор, очекувајќи егзекуција. Дали се самосожалува? Дали е потиштен? Не, баш напротив. Поради тоа што неодамна со него стапиле во контакт Јеховините сведоци и стекнал извесно спознание за Јехова, тој ги замолил да стапат во контакт со неговата мајка. Сега им пишува затоа што чул дека му ја исполниле молбата. Тој вели: „Ви благодарам што ја посетивте мајка ми. Тоа беше најрадосната вест што ја добив лани“.
Зборувајќи за себеси и за останатите во ќелијата на кои им сведочел, тој пишува: „Сега ние имаме вера во Бог и се трудиме да постапуваме според нашата вера“. Тој го завршува своето писмо: „Ви благодарам што ни помогнавте да научиме што е љубов и како да стекнеме вера. Ако останам жив, и јас ќе ви помагам. Фала му на Бога што постоите и што им помагате на другите да го сакаат Бог и да веруваат во него“. Овој човек поднел жалба поради својата смртна казна. Но, без разлика дали е погубен или, пак, ќе помине долги години в затвор, тој очигледно има причина да го фали Бог.
‚Иако сум слепа, јас можам да гледам‘
А сега, замисли си една витална тинејџерка која ненадејно го губи видот. Токму тоа ѝ се случило на Глорија, која живее во Аргентина. Глорија ненадејно ослепела кога имала 19 години и видот никогаш не ѝ се повратил. На 29 години стапила во див брак со еден маж и наскоро забременила. Сега таа мислела дека нејзиниот живот има смисла. Но, кога го изгубила детето, почнала да си поставува прашања. Се прашувала: ‚Зошто ова ми се случува мене? Што сум сторила? Постои ли навистина Бог?‘
Во тоа време, на нејзината врата дошле две жени Сведоци на Јехова. Таа почнала да ја проучува Библијата и дознала за нејзиното ветување дека во новиот свет слепите повторно ќе гледаат (Исаија 35:5). Колку само прекрасен изглед за Глорија! Таа била многу среќна, особено кога нејзиниот сопруг се согласил да го легализираат својот брак. Потоа сопругот имал една несреќа и останал инвалид, прикован за инвалидска количка. Денес, оваа слепа жена мора напорно да работи за да врзе крај со крај. Освен тоа, ја врши сета работа дома, и му посветува посебно внимание на својот сопруг. Сепак, Глорија го фали Јехова! Со помошта на своите христијански браќа и сестри, таа ја проучува Библијата на Брајово писмо и многу е охрабрена од христијанските состаноци во Салата на Царството. Таа вели: „Тешко е да се објасни, но иако сум слепа, ми се чини како да гледам“.
Понекогаш луѓето се прогонувани кога го фалат Бог. Една жена од Хрватска била среќна кога дознала за Бог, но нејзиниот сопруг бил против нејзината новопронајдена вера и ја истерал, земајќи ја нивната едногодишна ќерка. На улица, отфрлена од сопругот и од семејството, без дом, без работа, па дури и без своето дете, таа отпрвин била столчена. Но, нејзината љубов кон Бог ја одржала, иако имала само ограничен контакт со својата ќерка додека малечката не пораснала. Оваа жена го имала пронајдено ‚скапоцениот бисер‘ и не сакала да се откаже од него (Матеј 13:45, 46). Како ја одржувала својата радост низ овие тешки времиња? Таа вели: „Радоста е плод на Божјиот дух. Таа може да се негува независно од надворешните околности, исто како што растенијата можат да растат во една стаклена градина, без оглед на тоа какво е времето надвор“.
Во Финска, на шестгодишниот Маркус му била дијагностицирана неизлечива болест на мускулите. Наскоро бил прикован за инвалидска количка. По неколку години, мајка му го одвела кај еден пентакосталец, кој стекнувал широк публицитет тврдејќи дека лечи болни луѓе. Но, за Маркус немало чудотворно лекување. Затоа, тој го изгубил интересот за Бог и се посветил на студиите по наука и други световни области. Тогаш, пред околу пет години, една жена во инвалидска количка, придружувана од еден младич, дошла кај куќата каде што живеел Маркус. Тие биле Јеховини сведоци. Маркус сега бил атеист, но немал ништо против да дискутира за религија и ги поканил внатре.
Подоцна, го посетила една брачна двојка и била започната библиска студија. Најпосле, силата на библиската вистина го изменила гледиштето на Маркус за работите и тој сфатил дека, и покрај својата хендикепираност, навистина има причини да го фали Бог. Рекол: „Многу сум среќен бидејќи ја пронајдов вистината и организацијата што ја користи Јехова. Мојот живот сега има правец и смисла. Пронајдена е уште една изгубена овца и таа не сака да го напушти Јеховиното стадо!“ (Спореди Матеј 10:6.)
Сите нека го ‚фалат Јах‘
Ова се само неколку од безбројните искуства што можат да се раскажат за да се покаже дека луѓето денес, сеедно какви се нивните околности, можат да имаат причина да го фалат Бог. Апостол Павле вака го објаснил тоа: „Побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот“ (1. Тимотеј 4:8). Ако ја вршиме Божјата волја, тој ќе го исполни ‚ветувањето за сегашниот живот‘. Се разбира, тој нема во овој систем на ствари сиромашните да ги направи богати или, пак, болните — здрави. Но, тој им го дава својот дух на оние кои му служат, така што тие наоѓаат радост и задоволство, без разлика каква е нивната надворешна ситуација. Да, дури и во ‚сегашниот живот‘, болните, угнетените и сиромашните можат да имаат причина да го фалат Бог.
А, што е со „идниот живот“? Па, самата помисла на тоа би требало да нѐ наведе да го фалиме Бог со најголема воодушевеност! Се возбудуваме при помислата на времето кога сиромаштијата ќе биде непозната; кога „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘ “ и кога Јехова Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘ (Исаија 33:24; Откровение 21:3, 4; Псалм 71:16). Како ти се чинат овие Божји ветувања?
Еден младич од Ел Салвадор зел еден библиски трактат што објаснувал некои од овие работи. На жената Сведок, која му го дала, ѝ рекол: „Госпоѓо, она што го кажува овој трактат, едноставно е преубаво за да биде вистинито“. Мнозина реагираат така. Сепак, тоа се ветувања од Оној кој ја создал вселената, кој ги ставил во движење природните циклуси на нашата Земја и кој им помага дури и на сиромашните и на болните да најдат радост. Можеме да веруваме во она што го вели тој. Гореспоменатиот младич ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци и утврдил дека ова е точно. Ако сѐ уште не го правиш ова, те охрабруваме да го сториш истото. Затоа, биди и ти таму кога овој сегашен систем на ствари ќе биде поминат, и кога сета творба ќе се придружи во повикот: „Алелуја!“ „Фалете го Јах!“ (Псалм 112:1, НС; 135:1).
[Фуснота]
a Во Библијата, името „Јехова“ понекогаш е скратено во „Јах“.
[Слика на страница 5]
Биди и ти таму кога сета творба ќе се придружи во повикот: „Алелуја!“