ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w97 1/5 стр. 13-18
  • Нема мир за лажните гласници!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Нема мир за лажните гласници!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Таканаречени гласници на мир
  • ОН како миротворец?
  • Причини за ‚горко плачење‘
  • Разоткриена е една застрашувачка тајна
    Откровение — близу е величествената завршница!
  • Папата во посета на ОН — што е постигнато?
    Разбудете се! 1996
  • Да се служи како гласници на божествен мир
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Вистински мир — од кој извор?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
w97 1/5 стр. 13-18

Нема мир за лажните гласници!

„Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени . . . А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (ПСАЛМ 36:9, 11).

1. Зошто треба „во последното време“ да очекуваме да најдеме и вистински и лажни гласници?

ГЛАСНИЦИ — лажни или вистинити? Во библиските времиња постоеле обата вида. Но, како е во наше време? Во Даниил 12:9, 10 читаме дека еден небесен гласник му рекол на Божјиот пророк: „Тие зборови се сокриени и запечатени до последното време. Многумина ќе се очистат, ќе се избелат и ќе бидат искушани; нечестивите ќе почнат пак нечесно, и никој од нив нема тоа да го разбере, само мудрите [оние кои имаат увид, НС] ќе разберат“. Ние сега живееме во тоа ‚последно време‘. Дали гледаме остра разлика помеѓу „нечестивите“ и „оние кои имаат увид“? Се разбира дека гледаме!

2. На кој начин Исаија 57:20, 21 се исполнува денес?

2 Во 57-то поглавје, 20. и 21. стих, ги читаме зборовите на Божјиот гласник Исаија: „Нечесните се како разбрането море, кое не може да се смири, и чии води исфрлаат тиња и кал. Мир нема за нечестивите, вели Господ Бог“. Колку само соодветно овие зборови го опишуваат овој свет додека тој се приближува кон XXI⁠-​от век! Некои дури и прашуваат: ‚Дали некогаш ќе го дочекаме тој век?‘ Што имаат да ни кажат гласниците кои имаат увид?

3. а) Каков контраст е повлечен во 1. Јованово 5:19? б) Како се опишани во Откровение, поглавје 7, „оние кои имаат увид“?

3 Апостол Јован имал божествено инспириран увид. Во 1. Јованово 5:19 е наведено: „Знаеме дека ние сме од Бога, и дека целиот свет лежи во зло [во власта на злобниот, НС]“. Во спротивност со овој свет се 144-те илјади духовни Израелци, од кои еден сѐ постар остаток сѐ уште е со нас. Ним денес им се придружува едно „големо мноштво . . . од сите племиња и колена, народи и јазици“, кое сега брои повеќе од пет милиони, кое исто така има увид. „Ова се оние кои доаѓаат од големата неволја“ (НС). А зошто се наградени? Затоа што и тие ‚ги испрале облеките свои и ги избелиле со крвта на Агнецот‘, практикувајќи вера во Исусовата откупнина. Како гласници на светлината, и тие „му принесуваат [на Бог] света служба ден и ноќ“ (НС) (Откровение 7:4, 9, 14, 15).

Таканаречени гласници на мир

4. а) Зошто таканаречените гласници на мир во Сатановиот свет се осудени на неуспех? б) На кој начин стиховите од Ефесјаните 4:18, 19 се применуваат денес?

4 Но, што е со таканаречените гласници на мир во Сатановиот светски систем? Во Исаија, 33. поглавје, 7. стих читаме: „Ете, нивните јунаци викаат по улиците; пратениците [гласниците, НС] за мир горко плачат“. Колку само е вистинито ова за оние кои грозничаво трчаат од еден светски главен град во друг, обидувајќи се да донесат мир! Колку бесполезно! Зошто? Затоа што тие се зафаќаат со симптомите на светските неволји, наместо да се борат со коренските причини. Како прво, тие се слепи во поглед на постоењето на Сатана, кого апостол Павле го опишува како ‚бог на овој систем на ствари‘ (2. Коринтјаните 4:4, НС). Сатана посеал семиња на злоба меѓу човештвото, а како последица од тоа, повеќето луѓе, вклучувајќи и мнозина од владетелите, сега одговараат на описот од Ефесјаните 4:18, 19: „Помрачени во разумот, отстранети се од Божјиот живот поради нивното незнаење и ожесточување на нивното срце; дојдени до бесчувство, тие се предадоа на бесрамност и ненаситно вршат секаква нечистота“.

5. а) Зошто човечките посредништва не успеваат како миротворци? б) Каква утешна порака пренесува Псалм 36?

5 Никакво посредништво од несовршени луѓе не може од човечките срца да ја искорени алчноста, себичноста и омразата, кои денес толку преовладуваат. Само нашиот Творец, Суверениот Господ Јехова, може да го стори тоа! Освен тоа, само кротките, едно малцинство меѓу човештвото, се спремни да се подложат на Неговото водство. Нивниот исход и исходот на злите во светот се ставени еден наспроти друг во Псалм 36:9—11: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата. Уште малку, и грешникот ќе го нема . . . а кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“.

6, 7. Кое досие на светските религии покажува дека тие не успеале да послужат како гласници на мир?

6 Според тоа, може ли меѓу религиите на овој болезлив свет да се најдат гласници на мир? Па, какво е досието на религијата досега? Историјата покажува дека религијата учествувала, да, била дури и подбуцнувач на голем дел од крвопроливањето низ вековите. На пример, Christian Century од седмицата од 30 август 1995 година, известувајќи за метежот во поранешна Југославија, изјави: „Во Босна која е контролирана од Србите, свештениците седат во предниот ред од самопрогласениот парламент, а исто така се и на предните линии каде што пред битките се благословуваат единиците, па дури и оружјето“.

7 Еден век мисионерско дело на христијанскиот свет во Африка не донел ништо подобар резултат, како што беше добро илустрирано во Руанда, земја за која се вели дека 80 отсто е католичка. The New York Times од 7 јули 1995 година извести: „Голиа, едно либерално, лаичко католичко списание што излегува во Лион [Франција], планира да идентификува уште 27 руандски свештеници и четири калуѓерки за кои вели дека убивале или, пак, ги поттикнувале убивањата во Руанда минатата година“. Организацијата за човековите права од Лондон, „Африкански права“, го даде овој коментар: „Уште повеќе отколку поради нивното молчење, црквите мораат да одговараат за активното соучесништво во геноцидот од страна на некои нивни свештеници, пастори и калуѓерки“. Ова личи на ситуацијата во Израел кога Јеховиниот вистински гласник Јеремија го опишал ‚срамот‘ на Израел, заедно со неговите владетели, свештеници и пророци, додавајќи: „По твоите поли има крв од бедните, невини луѓе“ (Јеремија 2:26, 34).

8. Зошто може да се рече дека Јеремија бил гласник на мир?

8 Јеремија честопати бил нарекуван пророк на судба, но исто така би можел да биде наречен и Божји гласник на мир. Тој се осврнувал на мирот толку често колку што се осврнувал и Исаија пред него. Јехова го употребил Јеремија за да објави осуда врз Ерусалим, велејќи: „И како само заради Мојот гнев и заради Мојата јарост да постоеше овој град од денот на неговото основање па сѐ до денес, за да го отфрлам од лицето Свое за сето зло на синовите Израилеви и на синовите Јудини, кое, за да Ме разгневуваат, го правеа тие, царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни, пророците нивни, луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим“ (Јеремија 32:31, 32). Ова ја навестувало Јеховината осуда врз владетелите и врз свештенството на денешниот христијански свет. За да преовладува вистински мир, овие подбуцнувачи на лошото и на насилството мораат да бидат отстранети! Тие сигурно не се гласници на мир.

ОН како миротворец?

9. На кој начин ОН тврделе дека се гласник на мир?

9 Меѓутоа, зарем Обединетите нации не би можеле да станат вистински гласник на мир? Впрочем, преамбулата на нивната повелба, предложена во јуни 1945 година, само 41 ден пред атомската бомба да ја уништи Хирошима, ја изнесе нивната цел: „Да ги спасат следните генерации од злото на војната“. Педесетте потенцијални членки на Обединетите нации требаше „да ја обединат [својата] сила за да одржат меѓународен мир и безбедност“. Денес ОН имаат 185 нации⁠-​членки, наводно сите предадени на истата кауза.

10, 11. а) На кој начин религиозните водачи ја изразиле својата поддршка на ОН? б) На кој начин папите погрешно ја прикажале „Добрата вест за Божјето Царство“?

10 Низ годините, ОН гласно беа фалени, особено од страна на религиозните водачи. На 11 април 1963 година, папата Јован XXIII ја потпиша својата енциклика со наслов „Pacem in Terris“ (Мир на Земјата), во која изјави: „Наша сериозна желба е Организацијата на обединетите нации — по својата структура и по своите средства — да може да стане дури и уште подорасната на величината и на благородноста на своите задачи“. Потоа, во јуни 1965 година, религиозните водачи, за кои беше речено дека претставуваат една половина од светското население, во Сан Франциско го прославија 20-тиот роденден на ОН. Исто така, во 1965 година, при една посета на ОН, папата Павле VI ги опиша како „последна надеж за слога и мир“. Во 1986 година, папата Јован Павле II соработуваше во промовирањето на Меѓународната година на мир на ОН.

11 Повторно, при својата посета во октомври 1995 година, папата изјави: „Денес ја прославуваме Добрата вест за Божјето Царство“. Но, дали тој навистина е Божји гласник на добрата вест за Царството? Зборувајќи за светските проблеми, тој понатаму рече: „Додека се соочуваме со овие огромни предизвици, како можеме да пропуштиме да ја признаеме улогата на Организацијата на обединетите нации?“ Наместо Божјето Царство, папиниот избор порадо се ОН.

Причини за ‚горко плачење‘

12, 13. а) На кој начин ОН постапувале на начинот што е опишан во Јеремија 6:14? б) Зошто лидерството на ОН е вклучено во описот од Исаија 33:7?

12 Прославата на 50-годишнината на ОН не успеа да открие некаков реален изглед за „мир на Земјата“. На една од причините за тоа укажа еден пишувач од The Toronto Star од Канада, кој напиша: „ОН се еден беззаб лав, кој рика кога е соочен со човечкото дивјаштво, но мора да чека неговите членки да му ја стават неговата вештачка вилица пред да може да гризне“. Премногу често, тоа гризнување било преслабо и предоцна. Гласниците на мир во сегашниов светски систем, а особено оние во христијанскиот свет, ги одгласувале зборовите на Јеремија 6:14: „Ги лекуваат раните на Мојот народ лесномислено, велејќи: ‚мир! мир!‘ а мир нема“.

13 Последователните генерални секретари на ОН напорно работеа, без сомнение и искрено, за да направат ОН да успеат. Но, постојаното карање помеѓу 185-те членки кои имаат повеќе различни цели во врска со тоа како да се контролира војната, како да се планира политиката и како да се излезе на крај со финансирањето, ги спречувало изгледите за успех. Во својот годишен извештај за 1995 година, тогашниот генерален секретар пишуваше за сѐ помалото „сениште на глобална нуклеарна катаклизма“, кое како да им го отвора патот на „нациите да работат заедно кон економски и социјален напредок за целото човештво“. Но, додаде: „За жал, досието за светските прилики во текот на изминативе неколку години во голема мера ги изневери тие оптимистички очекувања“. Навистина, божемните гласници на мир „горко плачат“.

14. а) Зошто може да се рече дека ОН се банкротирани и финансиски и морално? б) На кој начин се исполнува Јеремија 8:15?

14 Еден ударен наслов во The Orange County Register од Калифорнија, гласеше: „ОН се финансиски и морално банкротирани“. Статијата наведе дека меѓу 1945 и 1990 година имало преку 80 војни кои одзеле повеќе од 30 милиони животи. Таа цитираше еден пишувач на октомвриското издание на Reader’s Digest од 1995 година, кој „опишува дека воените операции на ОН се карактеризираат со ‚неспособни заповедници, недисциплинирани војници, сојузништво со агресорите, пропуст да се спречат свирепостите и дека понекогаш дури и придонесуваат за ужасот‘. Освен тоа, ‚степенот на расипништво, измама и злоупотреба е огромен‘ “. Во делот со наслов „ОН на 50 години“, The New York Times го носеше ударниот наслов „Лошото раководење и расипништво ги нагризуваат најдобрите намери на ОН“. The Times од Лондон (Англија), на една статија ѝ даде наслов со зборовите „Кревки на педесеттата — на ОН им е потребна фитнес програма за да се вратат во форма“. Всушност, тоа е токму така како што читаме во Јеремија, 8. поглавје, 15. стих: „Очекувавме мир, но нема ништо добро, — време за оздравување, а ете ужаси“. А заканата од нуклеарен холокауст сѐ уште се надвиснува над човештвото. Јасно е дека ОН не се онаков гласник на мир каков што му е потребен на човештвото.

15. На кој начин древниот Вавилон и неговото религиозно потомство се докажале и како деструктивни и како зашеметувачки?

15 Каков ќе биде исходот од сево ова? Јеховината пророчка Реч не остава никакво сомневање. Како прво, што ги очекува светските лажни религии кои толку често беа крајно пријателски расположени спрема ОН? Тие се потомство од еден идолопоклонички праизвор, древниот Вавилон. Во Откровение 17:5 прикладно се опишани како „Вавилон Големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии“. Јеремија ја опишал судбата на овој лицемерен конгломерат. Како една блудница, тие ги заведувале земните политичари, ласкајќи им на ОН и развивајќи недозволени односи со нивните политички сили членки. Тие беа главни учесници во војните од историјата. Во врска со верската војна во Индија, еден коментатор изјавил: „Карл Маркс се осврна на религијата како на опиум за масите. Но, таа изјава не може да биде сосема точна бидејќи опиумот е опојно средство, тој ги занесува луѓето до зашеметеност. Не, религијата повеќе е како ‚крек‘. Таа допушта да се разбеснее огромно насилство и е многу деструктивна сила“. Ниту тој писател не е сосема во право. Лажната религија е и зашеметувачка и деструктивна.

16. Зошто треба уште сега луѓето со чесни срца да бегаат од Големиот Вавилон? (Види и Откровение 18:4, 5.)

16 Тогаш, што треба да прават лицата со искрени срца? Божјиот гласник Јеремија ни го дава одговорот: „Бегајте од Вавилон и секој нека ја спасува душата своја . . . зашто тоа е време на одмазда за Господа“. Ние сме среќни што милиони побегнале од границите на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Дали си ти еден од овие? Тогаш можеш добро да разбереш на кој начин Големиот Вавилон влијаел врз народите на Земјата: „Народите пиеја од неа вино, и обезумуваа“ (Јеремија 51:6, 7).

17. Каков суд наскоро ќе биде извршен над Големиот Вавилон, и што следи после таа постапка?

17 Наскоро, ‚обезумените‘ членки на ОН ќе бидат маневрирани од Јехова да се свртат против лажната религија, како што е опишано во Откровение 17:16: „Тие ќе ја замразат блудницата, ќе ја запустат и оголат, и телото нејзино ќе го изедат, а неа самата на оган ќе ја изгорат“. Ова ќе го означи почетокот на големата неволја за која станува збор во Матеј 24:21 (НС) и која ќе кулминира во Армагедон, војната на големиот ден на Бог Семоќниот. Како древниот Вавилон, и Големиот Вавилон ќе се соочи со осудата изречена во Јеремија 51:13, 25: „О, ти, што живееш покрај големите води, кој изобилуваш со ризници, дојде крајот твој, и на твојата лакомост! Еве, Јас сум против тебе, погубна горо, вели Господ, што ја разорува целата земја; и ќе ја протегнам против тебе раката Своја, ќе те сметнам од карпите и ќе те направам обгорена планина“. Корумпираните нации кои потстрекнуваат војна, ќе ја следат лажната религија во уништувањето кога Јеховиниот ден на одмазда ќе ги стигне и нив.

18. Кога и како допрва треба да се исполни Исаија 48:22?

18 Во 1. Солунјаните 5:3, за злобните е речено: „Кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат“. Тие се оние за кои Исаија рекол: „Погледнете! . . . Гласниците на мир горко ќе плачат“ (Исаија 33:7, НС). Навистина, како што читаме во Исаија 48:22, „за лошите нема мир, вели Господ“. Но, каква иднина ги очекува вистинските гласници на божествен мир? Нашата следна статија ќе ни го каже тоа.

Прашања за повторување

◻ Со кои силни зборови Божјите пророци ги разоткриле лажните гласници?

◻ Зошто човечките застапништва не успеваат во обидот да воведат траен мир?

◻ На кој начин вистинските гласници на мир се разликуваат од поборниците на ОН?

◻ Што мораат да прават кротките за да уживаат во Јеховиниот ветен мир?

[Слики на страница 15]

И Исаија, и Јеремија и Даниил го прорекле неуспехот на чисто човечките мировни напори

[Слика на страница 16]

„Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (апостол Јован)

[Слика на страница 17]

„[Тие се] помрачени во умот“ (апостол Павле)

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели