Теократска управа во христијанската ера
„Тоа е според неговата допадливост . . . повторно да се соберат сите работи во Христос, работите кои се на небото и работите кои се на Земјата“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 1:9, 10, НС).
1, 2. а) Како се одвивало собирањето на ‚работите кои се на небото‘, почнувајќи во 33 година н. е.? б) На кој начин помазаните христијани од 1914 година наваму го покажувале духот на Мојсеј и на Илија?
ОВА собирање на „работите кои се на небото“ започнало во 33 година н. е., кога се родил ‚Божјиот Израил‘ (Галатјаните 6:16; Исаија 43:10; 1. Петрово 2:9, 10). После првиот век н. е., собирањето забавило кога вистинските христијани (од Исус наречени „жито“) биле обраснати со отпаднички „какол“ посеан од Сатана. Но, додека наближувало „времето на крајот“, вистинскиот Божји Израел се вратил во човечки видокруг и во 1919 година бил поставен над сиот Исусов имотa (Матеј 13:24—30, 36—43; 24:45—47; Даниил 12:4, НС).
2 Во текот на Првата светска војна, помазаните христијани вршеле моќни дела, исто како што вршеле Мојсеј и Илијаb (Откровение 11:5, 6). Од 1919 година наваму, тие ја проповедале добрата вест во еден непријателски свет, правејќи го тоа со храброста на Илија (Матеј 24:9—14). А од 1922 година, тие ги објавувале Јеховините судови врз човештвото, исто како што Мојсеј ги нанел Божјите неволји врз древниот Египет (Откровение 15:1; 16:2—17). Остатокот од овие помазани христијани денес го претставуваат јадрото на друштвото на новиот свет, составено од Јеховини сведоци.
Водечко тело во акција
3. Кои настани покажуваат дека раното христијанско собрание било добро организирано?
3 Од самиот почеток, Исусовите помазани следбеници биле организирани. Како што бројот на учениците се множел, биле основани локални собранија и биле наименувани старешини (Тит 1:5). После 33 година н. е., 12-те апостоли дејствувале како авторитетно централно водечко тело. Како такви, тие презеле бестрашно водство во делото на сведочење (Дела 4:33, 35, 37; 5:18, 29). Го организирале дистрибуирањето на храна до оскудните и ги испратиле Петар и Јован во Самарија за да ги проследат извештаите што биле од тамошен интерес (Дела 6:1—6; 8:6—8, 14—17). Варнава го одвел Павле кај нив за да потврди дека овој поранешен прогонител сега е следбеник на Исус (Дела 9:27; Галатјаните 1:18, 19). А откако Петар му проповедал на Корнилиј и на неговото домаќинство, се вратил во Ерусалим и им објаснил на апостолите и на останатите јудејски браќа како светиот дух ја покажал Божјата волја во овој случај (Дела 11:1—18).
4. Каков обид бил направен да биде убиен Петар, но како му бил спасен животот?
4 Потоа, водечкото тело се нашло под брутален напад. Петар бил затворен, и неговиот живот бил спасен дури со ангелска интервенција (Дела 12:3—11). Сега за првпат, некој кој не бил од 12-те апостоли, се појавил на угледен положај во Ерусалим. Кога Петар бил ослободен од затвор, на една група собрана во домот на мајката на Јован Марко тој ѝ рекол: „Соопштете му за ова на Јакова [Исусовиот полубрат] и на браќата!“ (Дела 12:17).
5. На кој начин составот на водечкото тело се изменил после мачеништвото на Јаков?
5 Претходно, откако Јуда Искариотски, предавничкиот апостол, извршил самоубиство, била согледана потреба ‚неговото епископство‘ како апостол да му се даде на некој кој бил со Исус за време на неговата служба и кој посведочил за неговата смрт и воскресение. Меѓутоа, кога бил погубен Јаков, братот на Јован, никој не го заменил како еден од 12-мината (Дела 1:20—26; 12:1, 2). Наместо тоа, следното библиско осврнување на водечкото тело покажува дека тоа било зголемено. Кога се појавила расправија околу тоа дали треба незнабошците кои го следеле Исуса да се подложат на Мозаитскиот Закон, работата била поднесена за одлучување кај „апостолите и презвитерите во Ерусалим“ (Дела 15:2, 6, 20, 22, 23; 16:4). Зошто сега во водечкото тело очигледно имало ‚презвитери [постари мажи, НС]‘? Библијата не кажува, но постоела очигледна полза. Смртта на Јаков и затворањето на Петар покажале дека еден ден апостолите би можеле да бидат затворени или убиени. Со една таква можност, присутноста на други квалификувани старешини, искусни во процедурите на водечкото тело, би обезбедила уредно продолжување на надгледувањето.
6. Како продолжило да функционира водечкото тело во Ерусалим, дури и кога неговите првобитни членови повеќе не биле во тој град?
6 Кога Павле дошол во Ерусалим околу 56-тата година н. е., тој му се јавил на Јаков, и Библијата вели: „Дојдоа и сите старешини“ (Дела 21:18). Зошто на овој состанок не биле споменати апостоли? Повторно, Библијата не кажува. Но, историчарот Евзебиј подоцна известил дека некое време пред 66 година н. е., „преостанатите апостоли, во постојана опасност од убиствени завери, биле истерани од Јудеја. Но, за да поучуваат за својата порака, тие патувале во секоја земја во моќта на Христа“ (Eusebius, книга III, V, ст. 2). Вистина, зборовите на Евзебиј не се дел од инспирираниот извештај, но тие се во склад со она што го кажува извештајот. На пример, од 62 година н. е., Петар бил во Вавилон — далеку од Ерусалим (1. Петрово 5:13). Сепак, во 56 година н. е., и веројатно сѐ до 66 година н. е., во Ерусалим очигледно било активно едно водечко тело.
Управа во денешно време
7. Во споредба со водечкото тело од првиот век, која истакната разлика постои во составот на Водечкото тело денес?
7 Од 33 година н. е. па до неволјата врз Ерусалим, водечкото тело очигледно се состоело од еврејски христијани. За време на неговата посета во 56 година н. е., Павле дознал дека многу еврејски христијани во Ерусалим, и покрај тоа што ‚ја држеле верата во Исуса Христа, нашиот Господ‘, сѐ уште биле ‚ревносни на [Мозаитскиот] Закон‘c (Јаков 2:1; Дела 21:20—25). На таквите Евреи можеби им било тешко да си замислат еден незнабожец во водечкото тело. Сепак, во денешно време имало уште една промена во составот на ова тело. Денес, тоа целосно се состои од помазани незнабожечки христијани, и Јехова многу го благословил нивното надгледување (Ефесјаните 2:11—15).
8, 9. Кои настани се случиле со Водечкото тело во денешно време?
8 Од конституирањето на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania во 1884 па сѐ до 1972 година, претседателот на Заедницата спроведуваше голем авторитет во Јеховината организација, додека Водечкото тело беше тесно поврзано со управниот одбор на Заедницата. Благословите што беа уживани во текот на тие години докажуваат дека Јехова ја прифатил таа подготовка. Помеѓу 1972 и 1975 година, Водечкото тело беше зголемено на 18 членови. Работите се приближија кон подготовката од првиот век, кога во ова зголемено тело беше вложен поголем авторитет, од кои некои се управници на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania.
9 Од 1975 година наваму, неколкумина од овие 18 поединци го завршиле својот земски пат. Тие го победиле светот и ‚седнале со Исус на Неговиот небесен престол‘ (Откровение 3:21). Од оваа и од други причини, Водечкото тело сега има десет членови, вклучувајќи и еден кој беше додаден во 1994 година. Повеќето се на доста одмината возраст. Меѓутоа, на овие помазани браќа им се дава добра поддршка додека ги исполнуваат своите тешки должности. Каде се наоѓа таа поддршка? Еден бегол поглед на современите развои меѓу Божјиот народ ќе одговори на тоа прашање.
Поддршка за Божјиот Израел
10. Кој им се придружил на помазаниците во Јеховината служба во овие последни денови, и како тоа било проречено?
10 Во 1884 година, скоро сите тие кои беа поврзани со Божјиот Израел беа помазани христијани. Меѓутоа, постепено почна да се појавува една друга група, и во 1935 година оваа група беше идентификувана како ‚големото мноштво‘ од Откровение, поглавје 7. Со оглед на тоа дека имаат земна надеж, тие ги претставуваат ‚работите кои се на Земјата‘ коишто Јехова намерава да ги собере заедно во Христа (Ефесјаните 1:10, НС). Тие ги претставуваат ‚другите овци‘ од Исусовата парабола за трлата (Јован 10:16). Од 1935 година, другите овци се слевале во Јеховината организација. Тие „летаат како облаци, и како гулаби — кон гулабарниците свои“ (Исаија 60:8). Поради порастот во големото мноштво и опаѓањето во помазаната класа додека мнозина го завршуваат својот земски пат во смрт, квалификувани други овци почнале да играат сѐ поголема улога во христијанските активности. На кои начини?
11. Кои предности, првобитно ограничени на помазаните христијани, им биле дадени на другите овци?
11 Објавувањето на Јеховините извонредности надалеку, отсекогаш претставувало посебна обврска за Божјиот „свет народ“. Павле зборувал за тоа како за храмска жртва, а на оние кои би биле „царско свештенство“, Исус им го дал налогот да проповедаат и да поучуваат (2. Мојсеева 19:5, 6; 1. Петрово 2:4, 9; Матеј 24:14; 28:19, 20; Евреите 13:15, 16). Меѓутоа, изданието на Стражарска кула од 1 август 1932 година (англ.) особено ги охрабри оние кои биле предочени со Јонадав, да учествуваат во оваа активност. Всушност, многу од таквите други овци веќе го правеа тоа. Денес, скоро сето проповедничко дело го вршат другите овци како истакнат дел од нивното ‚служење [на Бог] во Неговиот храм и дење и ноќе‘ (Откровение 7:15). На сличен начин, во раниот дел од современата историја на Јеховиниот народ, собраниските старешини биле помазани христијани, „ѕвезди“ во десната рака на Исуса Христа (Откровение 1:16, 20). Но, изданието на Стражарска кула од 1 мај 1937 година (англ.), објави дека квалификувани други овци би можеле да бидат слуги на дружината (претседавачки надгледници). Иако имало на располагање помазани мажи, можеле да бидат употребени други овци доколку помазаните мажи не биле во можност да ја носат оваа одговорност. Денес, скоро сите собраниски старешини се од другите овци.
12. Кои библиски преседани постојат за квалификуваните други овци да добијат тешки организациски одговорности?
12 Дали е погрешно да им се даваат такви тешки одговорности на другите овци? Не, тоа го следи историскиот преседан. Некои странски прозелити (странски резиденти) заземале високи положаи во древниот Израел (2. Царства 23:37, 39; Јеремија 38:7—9). После вавилонскиот егзил, на квалификувани Нетинејци (неизраелски храмски слуги) им биле дадени предности на храмска служба кои претходно им припаѓале само на левитите (1. Ездра 8:15—20; Неемија 7:60). Освен тоа, Мојсеј кој бил виден во визијата на преображението со Исус, го прифатил добриот совет што му го понудил Мадијамецот Јотор. Подоцна, тој го замолил Јоторовиот син Јовав да ги води низ пустината (2. Мојсеева 18:5, 17—24; 4. Мојсеева 10:29).
13. Чиј извонреден дух го имитираат помазаниците со тоа што понизно им доделуваат одговорности на квалификувани други овци?
13 Кон крајот на 40-те години во пустината, Мојсеј, знаејќи дека нема да влезе во Ветената земја, се молел Јехова да обезбеди наследник (4. Мојсеева 27:15—17). Јехова му рекол да го овласти Исус Навин пред сиот народ, и Мојсеј сторил така, иако физички сѐ уште бил јак и не престанал веднаш да му служи на Израел (5. Мојсеева 3:28; 34:5—7, 9). Со сличен понизен дух, помазаниците веќе им дале зголемени предности на квалификувани мажи од другите овци.
14. Кои пророштва укажуваат на растечката организациска улога на другите овци?
14 Растечката организациска улога на другите овци, исто така, е тема на пророштвото. Захарија прорекол дека неизраелскиот Филистеец ќе биде „како шеик во Јуда“ (Захарија 9:6, 7, НС). Шеиците биле племенски главатари, па затоа Захарија велел дека еден поранешен непријател на Израел ќе го присвои вистинското обожавање и ќе стане како некој племенски главатар во Ветената земја. Понатаму, кога му се обратил на Божјиот Израел, Јехова рекол: „Ќе дојдат туѓинци, и ќе ги пасат стадата ваши; синовите на туѓинците [странците, НС] ќе бидат ваши земјоделци и ваши лозари. А вие ќе се нарекувате свештеници на Господа, — служители на нашиот Бог ќе ве нарекуваат“ (Исаија 61:5, 6). ‚Туѓинците‘ и „странците“ се другите овци. Ним им се доделени одговорности за да носат сѐ повеќе и повеќе работа додека оние од сѐ постариот помазан остаток го завршуваат својот земски пат и заминуваат да служат во потполна смисла како небесни „свештеници на Господа“, опкружувајќи го Јеховиниот престол на величието како „служители на нашиот Бог“ (1. Коринтјаните 15:50—57; Откровение 4:4, 9—11; 5:9, 10, НС).
‚Генерацијата . . . која треба да дојде‘
15. Во ова време на крајот, која група христијани достигнала „стара возраст“, и која група ја претставува ‚генерацијата која треба да дојде‘?
15 Помазаниот остаток бил желен да ги обучи другите овци за зголемени одговорности. Псалм 71:18 (НС) вели: „Дури и до стара возраст и до седост, о Боже, не ме напуштај, додека не ѝ раскажам за твојата мишка на генерацијата, на сите оние кои треба да дојдат, за твојата моќ“. Коментирајќи за овој стих, Стражарска кула од 15 декември 1948 година (англ.) истакнала дека собранието од помазани христијани сигурно достигнало длабока старост. Понатаму, таа рекла дека помазаниците радосно „гледаат напред во светлината на библиското пророштво и гледаат една нова генерација“. На кого особено се однесува ова? Стражарска кула рекла: „Исус зборувал за нив како за свои ‚други овци‘ “. ‚Генерацијата која треба да дојде‘ се однесува на луѓето кои ќе живеат под новата земна управа, управувана од Царството на небесата.
16. Кои благослови желно ги исчекуваат оние од ‚генерацијата која треба да дојде‘?
16 Библијата не кажува јасно кога сите помазани христијани ќе ги напуштат своите браќа од оваа ‚генерација која треба да дојде‘ и кога ќе бидат прославени заедно со Исуса Христа. Но, овие помазаници се уверени дека времето за ова се приближува. Настаните проречени во Исусовото големо пророштво во врска со „времето на крајот“ се случувале од 1914 година наваму, покажувајќи дека уништувањето на овој свет е близу (Даниил 12:4, НС; Матеј 24:3—14; Марко 13:4—20; Лука 21:7—24). Набргу, Јехова ќе воведе еден нов свет во кој ‚генерацијата која ќе дојде‘ ќе го ‚наследи царството [земното подрачје], приготвено за нив од почетокот на светот‘ (Матеј 25:34). Тие восхитено го исчекуваат обновувањето на Рајот и подигањето на милиони умрени од хадесот (Откровение 20:13, НС). Дали таму ќе има помазаници за да им изразат добредојде на овие воскреснати? Во 1925 година, Стражарска кула од 1 мај (англ.) навела: „Не треба своеволно да кажуваме што Бог ќе стори или што нема да стори . . . [Туку] сме доведени до заклучокот дека членовите на Црквата [помазаните христијани] ќе бидат прославени пред воскреснувањето на древните достојни личности [верните претхристијански сведоци]“. Дискутирајќи на сличен начин дали некои од помазаниците ќе бидат присутни за да им изразат добредојде на воскреснатите, Стражарска кула од 1 јануари 1990 година рече: ‚Тоа не би било потребно‘.d
17. Кои прекрасни предности помазаниците како група ќе ги споделуваат со востоличениот Цар, Исус Христос?
17 Вистина, ние не знаеме што ќе се случи во случајот на секој помазан христијанин. Но, присутноста на Мојсеј и на Илија со Исус во визијата на преображението покажува дека се очекува воскреснатите помазани христијани да бидат со Исус кога тој ќе дојде во слава за да „му надомести секому според неговото однесување“ кога неговиот суд ќе биде донесен и извршен. Понатаму, се сеќаваме на Исусовото ветување дека помазаните христијани кои ‚победуваат‘ ќе имаат удел со него во ‚пасењето на незнабошците со железен жезал‘ во Армагедон. Кога Исус ќе дојде во слава, тие ќе седат со него ‚да судат над дванаесетте Израилеви колена‘. Со Исус, тие ќе ‚го сотрат сатаната под своите нозе‘ (Матеј 16:27—17:9, НС; 19:28; Откровение 2:26, 27; 16:14, 16; Римјаните 16:20; 1. Мојсеева 3:15; Псалм 2:9; 2. Солунјаните 1:9, 10).
18. а) Каква е ситуацијата во поглед на ‚собирањето на работите на небесата заедно во Христа‘? б) Што можеме да речеме за ‚собирањето на работите на Земјата заедно во Христа‘?
18 Во склад со своето управување на работите, Јехова прогресивно оди кон ‚повторно собирање на сите работи во Христос‘. Што се однесува до ‚работите кои се на небесата‘, неговата цел се ближи кон довршување. Обединувањето на Исус со сите 144.000 на небото за „свадбата на Агнецот“ е близу. Затоа, на сѐ повеќе и повеќе долгогодишни, зрели браќа од другите овци, кои ги претставуваат ‚работите кои се на Земјата‘, им се доделени потешки одговорности во поддршка на нивните помазани браќа. Во какви само возбудливи времиња живееме! Колку само е восхитувачки да се гледа како Јеховината намера оди кон свое исполнување! (Ефесјаните 1:9, 10, НС; 3:10—12; Откровение 14:1; 19:7, 9). И колку само другите овци се радуваат што ги поддржуваат своите помазани браќа додека обете групи служат заедно како „едно стадо“ под „еден пастир“ во подложност на Царот, Исус Христос, и на слава на големиот Универзален Суверен, Јехова Бог! (Јован 10:16; Филипјаните 2:9—11).
[Фусноти]
a Види го изданието на Стражарска кула од 1 август 1981, страници 16—26 (англ.).
b На пример, почнувајќи од 1914 година, „Фото-драмата за создавањето“ — четириделна визуелна и снимена презентација — ѝ беше прикажувана на публиката во преполните сали ширум западниот свет.
c За можните причини зошто некои еврејски христијани биле ревносни за Законот, види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.‚ том 2, страници 1163, 1164.
d Види Стражарска кула од 15 август 1990, страници 30, 31; 15 декември 1990, страница 30 (обете англ.).
Можеш ли да објасниш?
◻ На кој начин Божјата организација во првиот век се движела напред?
◻ Како се развивало Водечкото тело во современата историја на Јеховините сведоци?
◻ Кои стихови го овластуваат давањето авторитет на другите овци во Јеховината организација?
◻ На кој начин ‚работите кои се на небесата‘ и ‚работите кои се на Земјата‘ биле собрани заедно во Христа?
[Слика на страница 16]
Дури и кога неговите првобитни членови повеќе не биле во Ерусалим, таму продолжило да дејствува едно водечко тело
[Слики на страница 18]
Зрелите помазани христијани биле благослов за Јеховиниот народ
Ч. Т. Расел 1884—1916
Џ. Ф. Ратерфорд 1916—1942
Н. Х. Нор 1942—1977
Ф. В. Франц 1977—1992
М. Џ. Хеншел 1992—