Евника и Лоида — примерни воспитувачки
Како Јеховини слуги, ние знаеме дека обезбедувањето делотворно религиозно воспитување на нашите деца е сериозна одговорност. Дури и под најповолни околности, оваа задача може да биде исполнета со секаков вид препреки и тешкотии. Ова уште повеќе е случај кога еден христијански родител се соочува со тој предизвик во религиозно разделен дом. Таквата ситуација не е ништо ново. Писмото ни кажува за еден родител од првиот век н. е. кој се нашол во слична положба.
Семејството на жената по име Евника живеело во Листра, град во регионот на Ликаонија, во југоцентрална Мала Азија. Листра бил мал провинциски град кој немал голема важност. Тој бил римска колонија наречена Јулија Феликс Гемина Лустра, основана од Август Цезар за да ги спречи активностите на разбојниците од околните подрачја. Евника била еврејска христијанка која живеела во религиозно разделен дом со својот сопруг — Грк, со својот син Тимотеј и со својата мајка Лоида (Дела 16:1—3).
Во Листра веројатно немало многу Евреи, бидејќи Библијата не спомнува таму синагога, но еврејско присуство имало во Иконија, на оддалеченост од околу 30 километри (Дела 14:19). Затоа, сигурно не ѝ било лесно на Евника да ја практикува својата вера. Фактот што Тимотеј не бил обрежан после раѓањето, навел некои научници да претпостават дека сопругот на Евника се противел на таа идеја.
Меѓутоа, Евника не била осамена во своите верувања. Се чини дека Тимотеј ја добил својата поука за „Светите Писанија“ како од својата мајка така и од својата баба по мајка му — Лоида.a Апостол Павле силно го опоменал Тимотеј: „Но ти остани во тоа, што си го научил, и што ти е поверено [и во кое си убеден да веруваш, NW], знаејќи од кого си го научил, бидејќи уште како мал [од периодот на доење, NW] ги знаеш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христа Исуса“ (2. Тимотеј 3:14, 15).
Воспитување „од периодот на доење“
Кога Павле рекол дека Тимотеевото воспитување за „Светите Писанија“ му било всадено „од периодот на доење“, тоа очигледно значело уште од бебе. Тоа е во склад со неговата употреба на грчкиот збор (бре́фос), кој обично укажува на новороденче. (Спореди Лука 2:12, 16, NW.) На тој начин, Евника сериозно ја сфатила својата обврска дадена од Бог, не губејќи време да почне да му го дава на Тимотеј обучувањето кое би му помогнало да порасне во оддаден Божји слуга (5. Мојсеева 6:6—9; Изреки 1:8).
Тимотеј бил ‚убеден да верува‘ во вистините од Писмото. Според еден грчки лексикон, зборот кој Павле го употребил тука значи ‚да се биде цврсто убеден; да се биде уверен во‘ нешто. Без сомнение, било потребно прилично време и труд за да се вкорени таквото цврсто уверување во Тимотеевото срце, да му се помогне да резонира во врска со Божјата Реч и да практикува вера во неа. Тогаш, очигледно, и Евника и Лоида напорно работеле на тоа да го поучат Тимотеј од Писмото. И каква само награда пожнеале овие побожни жени! За Тимотеј, Павле можел да напише: „И спомнувајќи си за твојата нелицемерна вера, која порано се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе“ (2. Тимотеј 1:5).
Каква само витална улога одиграле Евника и Лоида во Тимотеевиот живот! Во тој поглед, писателот Дејвид Рид наведува: „Доколку апостолот верувал дека не било важно ништо друго освен Тимотеевото сопствено искуство за преобраќањето, тој веднаш би го потсетил на тоа. Но, првото нешто што тој имал да го каже во врска со Тимотеевата вера било тоа дека таа веќе била ‚жива кај Лоида . . . и кај Евника‘“. Павловата изјава во врска со верата на Лоида, Евника и Тимотеј покажува дека, честопати, раното библиско воспитување кое е дадено дома од страна на родителите, па дури и од бабите и дедовците, е фундаментално во одредувањето на идните духовни изгледи на еден младинец. Зарем ова не треба да ги наведе членовите на семејството сериозно да размислат за она што тие го прават за да ја исполнат оваа одговорност и кон Бог и кон своите деца?
Можно е Павле да мислел и на тоа каков домашен амбиент создале Лоида и Евника. Можеби апостолот го посетил нивниот дом во текот на својот прв престој во Листра, околу 47/48 н. е. Веројатно во тоа време и двете жени се преобратиле во христијанството (Дела 14:8—20). Можеби топлите, среќни односи кои биле уживани во тој дом влијаеле врз Павловиот избор на зборови кога укажувал на Лоида како на Тимотеева „баба“. Според научникот Сесла Спик, грчкиот термин што тој го употребил (ма́ме, за разлика од класичниот и со почитување те́те) е „еден детски збор на нежност“ кон својата баба, кој во овој контекст пренесува „нијанса на фамилијарност и наклоност“.
Тимотеевото заминување
Каков точно бил брачниот статус на Евника кога Павле ја посетил Листра по втор пат (околу 50 н. е.) не е јасно. Многу научници претпоставуваат дека таа била вдовица. Во секој случај, под водство на својата мајка и својата баба, Тимотеј израснал во еден фин млад маж, можеби во тоа време отприлика 20-годишен. Тој ‚бил посведочен како добар меѓу браќата во Листра и Иконија‘ (Дела 16:2). Очигледно, желбата да ја шири добрата вест за Царството била всадена во срцето на Тимотеј, зашто тој ја прифатил Павловата покана да патува со него и со Сила на нивното мисионерско патување.
Замисли си како се чувствувале Евника и Лоида кога требало Тимотеј да замине! Тие знаеле дека при Павловата прва посета на нивниот град, апостолот бил каменуван и оставен како мртов (Дела 14:19). Затоа, сигурно не им било лесно да дозволат младиот Тимотеј да оди. Веројатно, тие се прашувале колку долго ќе биде отсутен и дали ќе се врати безбедно. И покрај таквите веројатни тегобни грижи, несомнено неговата мајка и неговата баба го охрабриле да ја прифати таа посебна предност која би му овозможила поцелосно да му служи на Јехова.
Вредни поуки
Од грижливото размислување за Евника и Лоида може да се научи многу. Верата ги мотивирала да му пружат на Тимотеј едно духовно здраво одгледување. Зрелиот, стабилен пример на побожна оддаденост кој бабите и дедовците им го даваат на своите внуци и на другите, сигурно може да биде корисен за целото христијанско собрание (Тит 2:3—5). На сличен начин, примерот на Евника ги потсетува мајките, кои имаат сопрузи што не се соверници, на одговорноста и наградите од давањето на духовната поука на своите деца. Понекогаш, тоа може да бара голема храброст, особено доколку таткото не е наклонет кон религиозните верувања на својот брачен другар. Исто така, тоа бара такт, бидејќи христијанската сопруга мора да го почитува поглаварството на својот сопруг.
Верата, напорот и самооткажувањето на Лоида и Евника биле наградени гледајќи како Тимотеј духовно напредува до тој степен што станал одличен мисионер и надгледник (Филипјаните 2:19—22). На сличен начин и денес, поучувањето на нашите деца за библиските вистини бара време, стрпливост и одлучност, но добриот исход го прави сиот тој напор навистина исплатлив. Многу примерни христијански младинци, кои биле поучувани за ‚светите списи од периодот на доење‘ (NW) во религиозно разделен дом, му донесуваат голема радост на својот побожен родител. И колку само е вистинита изреката која вели: ‚Онаа која го родила мудриот ќе биде радосна!‘ (Изреки 23:23—25).
За своите духовни деца, апостол Јован рекол: „За мене нема поголема радост од тоа — да чујам дека моите чеда живеат во вистина“ (3. Јованово 4). Сигурно дека чувството изразено во овие зборови го делат многумина кои се докажале дека се како Евника и Лоида, двете примерни воспитувачки.
[Фуснота]
a Дека Лоида не била Тимотеева баба по татко му е покажано во сирискиот превод на 2. Тимотеј 1:5: „Мајката на твојата мајка“.