‚Водете тешка борба за верата!‘
„Да се борите [водете тешка борба, NW] за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш“ (ЈУДА 3).
1. Во која смисла вистинските христијани денес се вовлечени во војна?
ВОЈНИЦИТЕ кои се во војна секогаш имаат напорен начин на живот. Замисли си да облечеш целосна бојна опрема и да маршираш безброј километри по секакво време, подложувајќи се на исцрпувачка обука за користење на оружје, или да мораш да се браниш од секаков вид насилнички закани, по цена на животот или здравјето. Меѓутоа, вистинските христијани немаат удел во војните на нациите (Исаија 2:2—4; Јован 17:14). Сепак, никогаш не смееме да заборавиме дека во извесна смисла сите ние сме во војна. Сатана е полн со омраза кон Исус Христос и кон неговите следбеници на Земјата (Откровение 12:17). Сите кои одлучуваат да му служат на Јехова Бог, всушност, се регрутирани како војници за да водат духовна војна (2. Коринтјаните 10:4).
2. Како Јуда ја опишува христијанската војна, и како неговото писмо може да ни помогне да истраеме во неа?
2 Соодветно на тоа, Исусовиот полубрат Јуда пишува: „Возљубени, грижејќи се постојано, да ви пишувам за вашето општо спасение, најдов за добро да ви напишам и да ве помолам — да се борите [водете тешка борба, NW] за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш“ (Јуда 3). Кога Јуда ги поттикнува христијаните да ‚водат тешка борба‘, тој употребува еден термин кој е поврзан со зборот за „агонија“. Да, оваа борба може да биде тешка, па дури и агониска! Дали понекогаш ти е тешко да истраеш во оваа војна? Јудиното кратко, но моќно писмо може да ни помогне. Тој нѐ поттикнува да се спротивставиме на неморалот, да го почитуваме божествено поставениот авторитет и да останеме во Божјата љубов. Да видиме како да го примениме овој совет.
Спротивстави се на неморалот
3. Со каква вонредна ситуација се соочило христијанското собрание во времето на Јуда?
3 Јуда можел да види дека сите сохристијани не победувале во војната против Сатана. Стадото се соочило со вонредна ситуација. ‚Се вовлекле‘ расипани луѓе, пишува Јуда. Тие луѓе на препреден начин унапредувале неморал. И вешто ги оправдувале своите постапки, ‚обрнувајќи ја благодатта Божја во нечистотија [изговор за распуштено однесување, NW]‘ (Јуда 4). Можеби, како и некои древни гностичари, тие резонирале дека колку повеќе некој греши толку повеќе би можел да ја добие Божјата милост — затоа, всушност, подобро е да се греши што повеќе! Или, пак, можеби тие сметале дека еден љубезен Бог никогаш не би ги казнил. Во секој случај, биле во заблуда (1. Коринтјаните 3:19).
4. Кои три библиски примери за Јеховини судови од минатото ги наведува Јуда?
4 Јуда ги побива нивните злобни резонирања наведувајќи три примери за Јеховини осуди во минатите времиња: против Израелците кои ‚не покажувале вера‘; против ‚ангелите кои . . . го напуштиле своето исправно живеалиште‘ за да грешат со жените и против жителите на Содом и Гомор кои ‚прекумерно вршеле блуд и оделе по телото за неприродна употреба‘ (Јуда 5—7, NW; 1. Мојсеева 6:2—4; 19:4—25; 4. Мојсеева 14:35). Во секој случај, Јехова донел недвосмислена осуда против грешниците.
5. Кој древен пророк го цитира Јуда, и како тоа пророштво изразува апсолутна сигурност на неговото исполнување?
5 Подоцна, Јуда укажува на еден подалекусежен суд. Тој цитира едно пророштво на Енох — пасус кој не се наоѓа на ниедно друго место во инспирираното Писмоa (Јуда 14, 15). Енох претскажал едно време кога Јехова ќе им суди на сите безбожници и на нивните безбожни постапки. Интересно е тоа што Енох зборувал во минато време, зашто Божјите судови биле толку сигурни како веќе да се случиле. Можеби луѓето му се потсмевале на Енох, а подоцна и на Ное, но сите такви исмејувачи се удавиле во глобалниот потоп.
6. а) На што требало да бидат потсетени христијаните во времето на Јуда? б) Зошто би требало да ги земаме при срце потсетниците на Јуда?
6 Зошто Јуда пишувал за овие божествени судови? Бидејќи знаел дека некои кои биле поврзани со христијанските собранија во негово време извршувале гревови кои биле толку гнасни и за прекор како што биле и оние кои ги испровоцирале тие минати судови. Така, Јуда пишува дека собранијата треба да бидат потсетени на некои основни библиски вистини (Јуда 5). Очигледно, заборавиле дека Јехова Бог гледа што прават тие. Да, кога неговите слуги намерно ги прекршуваат неговите закони, валкајќи се себеси и другите, тој гледа (Изреки 15:3). Таквите дела длабоко го повредуваат (1. Мојсеева 6:6; Псалм 78:40, обата NW). Влева страв помислата дека ние, самите луѓе, можеме да влијаеме врз чувствата на Суверениот Господ на универзумот. Тој секојдневно нѐ набљудува, и кога го правиме нашето најдобро за да ги следиме чекорите на неговиот Син, Исус Христос, тогаш нашето однесување го радува неговото срце. Затоа, никогаш да не замеруваме на таквите потсетници како оние што ги нуди Јуда, туку да ги земаме при срце (Изреки 27:11; 1. Петрово 2:21).
7. а) Зошто е пресудно оние кои се вклучени во сериозно недело веднаш да бараат помош? б) Како можеме сите ние да избегнуваме неморал?
7 Јехова не само што гледа туку тој и дејствува. Како Бог на правдата, тој им нанесува казна на злосторниците — порано или подоцна (1. Тимотеј 5:24). Оние кои резонираат дека неговите судови се само древна историја и дека тој не е заинтересиран за злото што го прават, само се залажуваат. Колку само е пресудно за кои и да било денес кои се вклучени во неморал, веднаш да побараат помош од христијанските старешини! (Јаков 5:14, 15). Сите ние да бидеме трезвени за заканата која ја предизвикува неморалот во нашата духовна војна. Секоја година има губитоци — поединци се отстранувани од нашата средина, мнозинството од нив заради непокајничко извршување на неморални дела. Мораме цврсто да решиме да се спротивставиме на секое искушение кое дури и почнува да нѐ води во таков правец. (Спореди Матеј 26:41.)
Почитувај го божествено поставениот авторитет
8. Кои биле „славните“ спомнати во Јуда 8?
8 Еден друг проблем на кој се осврнува Јуда е недостигот на почитување кон божествено поставениот авторитет. На пример, во стих 8 тој ги обвинува истите злобни луѓе заради ‚навредливо зборување за славните‘ (NW). Кои се тие ‚славни‘? Тоа биле несовршени луѓе, но имале одговорности кои им ги доделил Јеховиниот свет дух. На пример, собранијата имале старешини кои биле задолжени за пасење на Божјето стадо (1. Петрово 5:2). Имало и патувачки надгледници, како што бил апостол Павле. А старешинското тело од Ерусалим дејствувало како водечко тело, донесувајќи одлуки кои влијаеле врз христијанското собрание како целина (Дела 15:6). Јуда бил длабоко загрижен што извесни поединци во собранијата зборувале навредливо за таквите мажи, односно хулеле на нив.
9. Кои примери во врска со непочитување на авторитетот ги наведува Јуда?
9 За да го разобличи таквиот неучтив говор, во стих 11 Јуда наведува како потсетници уште три примери: Каин, Валаам и Кореј. Каин го игнорирал Јеховиниот совет полн со љубов и намерно тежнеел по сопствениот правец на убиствена омраза (1. Мојсеева 4:4—8). Валаам добивал чести предупредувања кои несомнено доаѓале од еден натприроден извор — дури и неговата магарица зборувала со него! Но, Валаам себично продолжил да прави завера против Божјиот народ (4. Мојсеева 22:28, 32—34; 5. Мојсеева 23:5). Кореј имал сопствена позиција на одговорност, но тоа не му било доволно. Тој подбуцнал побуна против најкроткиот човек на Земјата, Мојсеј (4. Мојсеева 12:3; 16:1—3, 32).
10. Како би можеле некои денес да западнат во клопката да ‚зборуваат навредливо за славните‘, и зошто би требало да се избегнува таквиот говор?
10 Колку само живо нѐ поучуваат овие примери да го слушаме советот и да ги почитуваме оние кои Јехова ги користи на позиции на одговорност! (Евреите 13:17). Премногу е лесно да се најде грешка кај наименуваните старешини, зашто тие се несовршени како што сме несовршени сите ние. Но, доколку се задржуваме на нивните грешки и го поткопуваме почитувањето кон нив, можно ли е да ‚зборуваме навредливо за славните‘? Во стих 10, Јуда ги спомнува оние кои „хулат на [зборуваат навредливо за, NW] она, што не го знаат“. Понекогаш, некои ќе критизираат некоја одлука која ја донело старешинското тело или некој правен одбор. Сепак, ним не им се поверени сите детали кои старешините мораат да ги разгледаат за да донесат некоја одлука. Тогаш, зошто да зборуваат навредливо за работи кои всушност тие не ги знаат? (Изреки 18:14). Оние кои не попуштаат во таквиот негативен говор би можеле да предизвикаат поделби во собранието и може дури и да се споредат со опасни „подводни карпи“ (NW) на собирите на соверниците (Јуда 12, 16, 19). Никогаш не би сакале да им поставуваме духовна опасност на другите. Наместо тоа, секој од нас нека реши да ги цени одговорните мажи заради нивната напорна работа и оддаденост спрема Божјето стадо (1. Тимотеј 5:17).
11. Зошто Михаил се воздржувал да донесе суд со навредливи зборови против Сатана?
11 Јуда наведува еден пример за некој кој го почитувал соодветно поставениот авторитет. Тој пишува: „А Архангел Михаил, кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда, туку рече: ‚Господ да ти забрани [те укори, NW]!‘“ (Јуда 9). Од овој фасцинантен извештај, кој во инспирираното Писмо го има единствено во Јуда, учиме две посебни поуки. Од една страна, тој нѐ учи да му го препуштиме судот на Јехова. Очигледно, Сатана сакал да го злоупотреби телото на верниот човек Мојсеј за да унапредува лажно обожавање. Колку злобно! Сепак, Михаил понизно се воздржувал да донесе суд, зашто само Јехова го има тој авторитет. Тогаш, колку повеќе би требало ние да се воздржуваме да ги судиме верните мажи кои се обидуваат да му служат на Јехова.
12. Што би можеле да научат од примерот на Михаил оние кои се на одговорни позиции во христијанското собрание?
12 Од друга страна, пак, и оние кои имаат извесна мера авторитет во собранието можат да научат една поука од Михаил. На крајот на краиштата, иако Михаил бил „архангел“, главен на сите ангели, тој не ја злоупотребил својата позиција на моќ, дури и под провокација. Верните старешини тесно го следат тој пример, признавајќи дека злоупотребата на нивниот авторитет е непочитување на Јеховината сувереност. Јудиното писмо имало да каже многу за мажите кои имале позиции на почитување во собранијата, но ја злоупотребиле својата моќ. На пример, во стихови 12 до 14, Јуда запишува едно жестоко разобличување на ‚пастирите кои се хранат себеси без страв‘ (NW). (Спореди Језекиил 34:7—10.) Со други зборови, нивниот прв интерес бил да извлечат корист самите, а не Јеховиното стадо. Старешините денес можат многу да научат од таквите негативни примери. Навистина, Јудините зборови тука отсликуваат една жива слика на она што ние не сакаме да станеме. Кога ѝ попуштаме на себичноста, не можеме да бидеме војници на Христос; премногу сме зафатени со борбата за себе. Наместо тоа, сите да живееме според Исусовите зборови: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела 20:35).
„Останете во љубовта Божја“
13. Зошто би требало сите ние срдечно да сакаме да останеме во љубовта Божја?
13 При крајот на своето писмо, Јуда го дава овој охрабрувачки совет: „Останете во љубовта Божја“ (Јуда 21, NW). Ништо не може повеќе да ни помогне да ја водиме христијанската битка од оваа една работа — да останеме предмет на љубовта на Јехова Бог. Најпосле, љубовта е Јеховината доминантна особина (1. Јованово 4:8). На христијаните во Рим, Павле им напишал: „Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 8:38, 39). Но, како остануваме во таа љубов? Забележи три мерки што можеме да ги преземеме, според Јуда.
14, 15. а) Што значи да се изградиме во нашата „пресвета вера“? б) Како би можеле да ја испитаме состојбата на нашиот духовен оклоп?
14 Прво, Јуда ни кажува да продолжиме да се изградуваме во нашата ‚пресвета вера‘ (Јуда 20). Како што видовме во претходната статија, тоа е еден континуиран процес. Ние сме како згради на кои им треба сѐ повеќе и повеќе утврдување наспроти сѐ полошиот налет на временските прилики. (Спореди Матеј 7:24, 25.) Затоа, никогаш да не дозволиме да станеме претерано самоуверени. Наместо тоа, да увидиме каде можеме да се надоградуваме на темелот на нашата вера, станувајќи појаки, поверни војници на Христос. На пример, би можеле да ги разгледаме деловите на духовниот воен оклоп опишан во Ефесјаните 6:11—18.
15 Каква е состојбата на нашиот сопствен духовен оклоп? Дали нашиот ‚[голем, NW] штит на верата‘ е толку јак колку што треба да биде? Додека се осврнуваме на неодамнешните години, дали гледаме некои знаци на олабавување, како што се намалување на присутноста на состаноците, губење на ревноста за службата или бледнеење на воодушевеноста за личната студија? Таквите знаци се сериозни! Треба сега да дејствуваме за да се изградиме и зајакнеме во вистината (1. Тимотеј 4:15; 2. Тимотеј 4:2; Евреите 10:24, 25).
16. Што значи да се молиме со свет дух, и која е една работа за која би требало редовно да го молиме Јехова?
16 Втор начин да останеме во љубовта Божја е да продолжиме ‚да се молиме преку Светиот Дух‘ (Јуда 20). Тоа значи да се молиме под влијанието на Јеховиниот дух и во склад со неговата Реч која е инспирирана со духот. Молитвата е витално средство за да му се приближиме на Јехова лично и да ја изразиме нашата оддаденост кон него. Никогаш не би требало да ја запоставуваме таа прекрасна предност! И кога се молиме, можеме да бараме — всушност, да продолжиме да бараме — свет дух (Лука 11:13). Тоа е најјаката сила која ни е достапна. Со таквата помош, можеме секогаш да останеме во љубовта Божја и да истраеме како војници на Христос.
17. а) Зошто Јудиниот пример во врска со милоста е толку значаен? б) Како би можел секој од нас да продолжи да покажува милост?
17 Трето, Јуда нѐ поттикнува да продолжиме да покажуваме милост (Јуда 22, NW). Неговиот сопствен пример во тој поглед е значаен. На крајот на краиштата, тој со право бил вознемирен поради расипаноста, неморалот и отпадништвото кои се вовлекле во христијанското собрание. Сепак, тој не подлегнал на паника, усвојувајќи го гледиштето дека времињата се некако премногу опасни за да се покаже една таква „мека“ особина — милост. Не, тој ги поттикнал своите браќа да продолжат да покажуваат милост секогаш кога е можно, љубезно резонирајќи со оние кои патат од сомненија па дури „истргнувајќи ги од оган“ оние кои талкаат близу некој сериозен грев (Јуда 23; Галатјаните 6:1). Какво само силно поттикнување за старешините во овие бурни времиња! И тие настојуваат да покажуваат милост секаде каде што постои основа за тоа, додека сепак се цврсти кога тоа е потребно. На сличен начин, сите ние сакаме да покажуваме милост еден кон друг. На пример, наместо да негуваме кимки за ситни работи, можеме да бидеме великодушни во нашето простување (Колосјаните 3:13).
18. Како можеме да бидеме сигурни во победата во нашата духовна војна?
18 Војната која ние ја водиме не е лесна. Како што вели Јуда, тоа е „тешка борба“ (Јуда 3, NW). Нашите непријатели се моќни. Против нас се постројува не само Сатана туку и неговиот злобен свет и нашите сопствени несовршености. Сепак, можеме да бидеме апсолутно сигурни во победата! Зошто? Бидејќи ние сме на Јеховината страна. Јуда го завршува своето писмо со еден потсетник дека на Јехова со право му се припишани „слава и величие, држава и власт преку сите векови, сега и во сите времиња“ (Јуда 25). Зарем тоа не е помисла која влева страв? Тогаш, може ли да има некакво сомневање дека овој ист Бог „може да ве запази да останете безгрешни [од спрепнување, NW]“? (Јуда 24). Сигурно дека не! Нека секој од нас биде одлучен да продолжи да се спротивставува на неморалот, да го почитува божествено поставениот авторитет и да се запази во Божјата љубов. На тој начин, ќе се радуваме на една славна победа заедно.
[Фуснота]
a Некои истражувачи тврдат дека Јуда цитира од апокрифната Книга на Енох. Меѓутоа, Р. Ц. Х. Ленски забележува: „Ние прашуваме: ‚Кој е изворот на оваа крпеница, Книгата на Енох?‘ Оваа книга е додаток, и никој не е сигурен за датумите во нејзините различни делови . . . никој не може да биде сигурен дека некои од нејзините изрази не се можеби земени од самиот Јуда“.
Прашања за повторување
◻ Како Јудиното писмо нѐ учи да се спротивставиме на неморалот?
◻ Зошто е толку важно да го почитуваме божествено поставениот авторитет?
◻ Што е толку сериозно во врска со злоупотребата на собранискиот авторитет?
◻ Како можеме да работиме на тоа да останеме во љубовта Божја?
[Слика на страница 15]
За разлика од римските војници, христијаните водат една духовна војна
[Слика на страница 18]
Христијанските пастири служат, не од себичност, туку од љубов