ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w99 15/9 стр. 21-26
  • Што бара Јехова од нас денес?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што бара Јехова од нас денес?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што бара Јехова
  • Важноста на љубовта
  • Како ја докажуваме својата љубов
  • Зошто може да изгледа тешко
  • Дали ќе одговориш на Исусовата љубов?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Закон на љубовта напишан во срцата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Христовиот закон — одраз на Јеховината љубов и правда
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
  • Дали си ти меѓу оние што Бог ги љуби?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1999
w99 15/9 стр. 21-26

Што бара Јехова од нас денес?

„Се чу глас од облакот, кој велеше: ‚Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!‘“ (МАТЕЈ 17:5).

1. Кога Законот ја исполнил својата цел?

ЈЕХОВА ѝ го дал на израелската нација Законот со многуте негови обележја. Во врска со нив апостол Павле напишал: „Тие беа законски барања кои се однесуваа на телото и беа наметнати сѐ до одреденото време за да се исправат работите“ (Евреите 9:10, NW). Кога Законот довел до тоа остатокот од Израелците да го прифати Исус како Месија, т. е. Христос, ја исполнил својата цел. Затоа, Павле изјавил: „Свршетокот на Законот е Христос“ (Римјаните 10:4; Галатјаните 3:19—25; 4:4, 5).

2. Кој бил под Законот, и кога бил ослободен од него?

2 Дали ова значи дека Законот не е задолжителен за нас денес? Всушност, огромно мнозинство од човештвото никогаш не било под Законот, како што објаснил и псалмистот: „[Јехова] му го кажа благословот Свој на Јакова, Своите наредби и Своите судови на — Израилот. На никој друг народ Он не му го направил тоа, и Своите судови ним не им ги јавил“ (Псалм 147:8, 9). Кога Бог го вовел новиот завет на темел на Исусовата жртва, дури ни израелската нација повеќе немала обврска да му биде послушна на Законот (Галатјаните 3:13; Ефесјаните 2:15; Колосјаните 2:13, 14, 16). Тогаш, доколку Законот повеќе не е задолжителен, што бара Јехова од оние кои сакаат да му служат денес?

Што бара Јехова

3, 4. а) Што во основа Јехова бара од нас денес? б) Зошто треба тесно да врвиме по Исусовите стапки?

3 Во последната година од службата на Исус, неговите апостоли Петар, Јаков и Јован го придружувале на една висока гора, можеби на еден гребен на гората Ермон. Таму виделе една пророчка визија за Исус во величествена слава и го чуле гласот на самиот Бог како објавува: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ (Матеј 17:1—5). Во основа, тоа е она што го бара Јехова од нас — да му бидеме послушни на неговиот Син и да го следиме неговиот пример и неговите учења (Матеј 16:24). Затоа апостол Петар напишал: „Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за [тесно, NW] да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21).

4 Зошто треба тесно да врвиме по Исусовите стапки? Бидејќи со тоа што го имитираме него, ние го имитираме Јехова Бог. Исус присно го познавал Таткото бидејќи имал поминато безброј милијарди години со него на небото пред да дојде на Земјата (Изреки 8:22—31; Јован 8:23; 17:5; Колосјаните 1:15—17). Додека бил на Земјата, Исус лојално го претставувал својот Татко. Тој објаснил: „Како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам“. Всушност, Исус толку точно го имитирал Јехова што можел да рече: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот“ (Јован 8:28; 14:9).

5. Под кој закон се христијаните, и кога стапил во сила тој закон?

5 Што е вклучено во тоа да му бидеме послушни на Исус и да го имитираме? Дали тоа значи да бидеме под некаков закон? Павле напишал: „Самиот јас не сум под законот“ (NW). Овде тој укажувал на „стариот завет“, заветот на Законот склопен со Израел. Павле признал дека бил „под Законот на Христа“ (1. Коринтјаните 9:20, 21; 2. Коринтјаните 3:14). Со завршувањето на стариот завет на Законот, стапил во сила еден ‚нов завет‘ со неговиот ‚закон Христов‘ на кој сите денешни Јеховини слуги се обврзани да му бидат послушни (Лука 22:20; Галатјаните 6:2; Евреите 8:7—13).

6. Како може да се опише „законот Христов“, и на кој начин сме му послушни?

6 Јехова не го изложил „законот Христов“ во облик на кодекс ниту, пак, го организирал во различни категории, како што сторил со стариот завет на Законот. Овој нов завет не вклучувал некоја опширна листа на правила за Христовите следбеници. Меѓутоа, во својата Реч Јехова сочувал четири опсежни извештаи за животот и учењата на својот Син. Освен тоа, Бог инспирирал некои од Исусовите рани ученици да дадат пишани упатства во врска со личното однесување, собраниските работи, однесувањето во рамките на семејството и за други аспекти (1. Коринтјаните 6:18; 14:26—35; Ефесјаните 5:21—33; Евреите 10:24, 25). Кога го приспособуваме својот живот кон примерот и учењата на Исус Христос и внимаваме на советот на инспирираните библиски писатели од првиот век, тогаш сме послушни на „законот Христов“. Тоа е она што го бара Јехова од своите слуги денес.

Важноста на љубовта

7. Како Исус ја нагласил суштината на својот закон за време на последната Пасха со апостолите?

7 Иако љубовта била важна под Законот, таа ја претставува самата срж или суштина на законот Христов. Исус го нагласил овој факт кога се состанал со своите апостоли за да ја прослави Пасхата во 33 н. е. Според резимето на апостол Јован за она што се случувало таа ноќ, во своите искрени зборови Исус 28 пати се осврнал на љубовта. Со тоа им ја нагласил на апостолите суштината, т. е. духот на својот закон. Значајно е тоа што својот извештај за настаните од таа важна вечер, Јован го вовел со зборовите: „Пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака“ (Јован 13:1).

8. а) Каков показател постои дека спорот меѓу апостолите продолжил? б) На кој начин Исус им дал на своите апостоли лекција за понизност?

8 Исус ги сакал своите апостоли, иако се обидел, без некој видлив успех, да им помогне да ја совладаат својата претерана желба за моќ и позиција. Неколку месеци пред да стигнат во Ерусалим, ‚тие се препирале меѓу себе кој од нив е поголем‘. И токму пред да влезат во градот за Пасхата, повторно избил спор за позицијата (Марко 9:33—37; 10:35—45). Било видливо дека тој проблем продолжува од она што се случило кратко откако апостолите влегле во горната соба за да учествуваат во она што требало да им биде последна заедничка Пасха. Тогаш никој не ја искористил можноста да ја укаже вообичаената, гостољубива услуга да им ги измие нозете на другите. За да им даде лекција за понизност, самиот Исус им ги измил нозете (Јован 13:2—15; 1. Тимотеј 5:9, 10).

9. Како Исус се справил со ситуацијата која настанала после последната Пасха?

9 И покрај таа лекција, откако била одбележана Пасхата и Исус го вовел Меморијалот на својата претстојна смрт, забележи што се случило уште еднаш. Извештајот од евангелието на Лука вели: „А се појави помеѓу нив и препирка, кој од нив да се смета за поголем“. Наместо да им се налути на апостолите и да ги искара, Исус љубезно ги советувал за потребата да се разликуваат од светските владетели кои се жедни за моќ (Лука 22:24—27). Потоа, го дал она што би можело да се нарече камен-темелник на законот Христов, со зборовите: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34).

10. Каква заповед им дал Исус на своите ученици, и што било вклучено во неа?

10 Истата вечер подоцна, Исус истакнал колку далеку треба да оди љубовта слична на Христовата. Тој рекол: „Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јован 15:12, 13). Дали Исус рекол дека неговите следбеници треба да бидат спремни да умрат во корист на соверниците доколку приликата го бара тоа? Така разбрал Јован, очевидец на оваа прилика, зашто подоцна запишал: „Љубовта ја познаваме по тоа, што Он [Исус Христос] ја положи за нас душата Своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата“ (1. Јованово 3:16).

11. а) Како ние го исполнуваме законот Христов? б) Каков пример дал Исус?

11 Значи, ние нема да го исполниме законот Христов едноставно со тоа што ќе ги учиме другите за него. Мораме исто така да живееме и да се однесуваме како Исус. Точно, Исус во своите говори користел убави, избрани зборови. Сепак, тој поучувал и со пример. Иако на небото бил моќно духовно суштество, Исус ја искористил приликата да служи на Земјата за интересите на својот Татко и да ни покаже како треба да живееме. Тој бил понизен, љубезен и обѕирен, и им помагал на оние кои биле натоварени и угнетени (Матеј 11:28—30; 20:28; Филипјаните 2:5—8; 1. Јованово 3:8). Исус ги поттикнал своите следбеници да се сакаат еден со друг, исто како што тој ги сакал.

12. Зошто може да се каже дека законот Христов не ја минимизира потребата да се сака Јехова?

12 Какво место во законот Христов има љубовта кон Јехова — најголемата заповед во Законот? (Матеј 22:37, 38; Галатјаните 6:2). Второ место? Никако! Љубовта кон Јехова и љубовта кон нашите ближни христијани се нераздвоиво поврзани. Човек не може вистински да го сака Јехова без да го сака и својот брат, зашто апостол Јован забележал: „Ако некој рече: ‚Го сакам Бога‘, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (1. Јованово 4:20; спореди 1. Јованово 3:17, 18).

13. Каков бил ефектот од послушноста на учениците кон Исусовата нова заповед?

13 Кога Исус на своите ученици им ја дал новата заповед да се сакаат еден со друг исто како што тој ги сакал, всушност го опишал ефектот што ќе го има таа. „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици“, рекол тој, „ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Според Тертулијан, кој живеел после повеќе од сто години од смртта на Исус, братската љубов на раните христијани имала токму таков ефект. Тертулијан цитирал некои нехристијани кои за Христовите следбеници рекле: ‚Видете како се сакаат едни со други и како се спремни дури и да умрат едни за други‘. Би можеле да се запрашаме: ‚Дали јас покажувам таква љубов кон сохристијаните која докажува дека сум еден од Исусовите ученици?‘

Како ја докажуваме својата љубов

14, 15. Што може да ни отежне да бидеме послушни на законот Христов, но што може да ни помогне да го правиме тоа?

14 Животоважно е Јеховините слуги да покажуваат љубов како Христовата. Но, дали ти е тешко да ги сакаш сохристијаните кои покажуваат себични особини? Па, како што видовме, дури и апостолите се расправале и се обидувале да ги унапредуваат своите сопствени интереси (Матеј 20:20—24). Галатјаните исто така се пречкале меѓу себе. Откако истакнал дека со љубовта кон ближниот се исполнува Законот, Павле ги предупредил: „А ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг“. Откако ги споредил делата на телото и плодовите на Божјиот дух, Павле ја додал оваа опомена: „Да не бараме лажна слава, еден друг да не предизвикуваме, еден на друг да не завидуваме“. Потоа, апостолот поттикнал: „Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов“ (Галатјаните 5:14—6:2).

15 Со тоа што бара послушност кон законот Христов, дали Јехова бара премногу од нас? Иако можеби ни е тешко да бидеме љубезни со оние кои, всушност, ни кажуваат остри зборови и емоционално нѐ растргнуваат, ние сме обврзани да ‚се угледаме на Бога како чеда возљубени и да живееме во љубов‘ (Ефесјаните 5:1, 2). Треба и понатаму да гледаме на примерот на Бог кој „ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8). Преземајќи иницијатива да им помагаме на другите, вклучувајќи ги и оние кои лошо постапувале со нас, можеме да го имаме задоволството кое произлегува од сознанието дека се угледуваме на Бог и сме послушни на законот Христов.

16. Како ја докажуваме својата љубов кон Бог и кон Христос?

16 Треба да запомниме дека љубовта ја докажуваме со она што го правиме, а не само со она што го кажуваме. Дури и на Исус еднаш му било тешко да прифати еден аспект од Божјата волја поради сѐ она што било вклучено во него. „Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша!“ — се молел Исус. Но, брзо додал: „Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!“ (Лука 22:42). И покрај сѐ што претрпел, Исус ја вршел Божјата волја (Евреите 5:7, 8). Послушноста е доказ за нашата љубов и покажува дека го признаваме Божјиот пат како најдобар. „Љубовта кон Бога се состои во тоа“, вели Библијата, „да ги пазиме заповедите Негови“ (1. Јованово 5:3). Исус, пак, на своите апостоли им рекол: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14:15).

17. Која посебна заповед им ја дал Исус на своите следбеници, и од каде знаеме дека таа важи и за нас денес?

17 Освен што им заповедал на своите следбеници да се сакаат еден со друг, која посебна заповед им ја дал Христос? Им заповедал да го вршат делото на проповедање за кое ги обучил. Петар рекол: „Ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме [да даваме темелно сведоштво, NW]“ (Дела 10:42). Исус конкретно заповедал: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Исус открил дека тие упатства ќе се применуваат и на неговите следбеници денес во „последното време“, зашто рекол: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Даниил 12:4; Матеј 24:14). Секако, Божја волја е да проповедаме. Сепак, можеби некои мислат дека да го вршиме ова дело е нешто премногу што Бог бара од нас. Но, дали тоа е вистина?

Зошто може да изгледа тешко

18. На што треба да се сетиме кога страдаме заради тоа што го правиме она што го бара Јехова?

18 Како што видовме, низ историјата Јехова барал луѓето да се повинуваат на различни барања. И токму како што се разликувало она што било барано од нив, така се разликувала и природата на испитите што ги доживеале. Поради тоа што го вршел она што го барал Бог, Божјиот драг Син се подложил на најтешките испити, и на крај бил убиен на најсвиреп начин. Но, кога ние страдаме заради тоа што го правиме она што Јехова го бара од нас, треба да се сетиме дека тој не е одговорен за нашите испити (Јован 15:18—20; Јаков 1:13—15). Побуната на Сатана вовела грев, страдања и смрт, и тој ги предизвикал околностите кои честопати многу отежнуваат да се прави она што Јехова го бара од своите слуги (Јов 1:6—19; 2:1—8).

19. Зошто е предност да го правиме она што го бара Бог од нас преку својот Син?

19 Јехова преку својот Син дал упатство — во ова време на крајот Неговите слуги да разнесуваат една објава ширум Земјата дека единствен лек за сите човечки страдања е владеењето на Царството. Оваа Божја влада ќе ги отстрани сите проблеми на Земјата — војна, криминал, сиромаштија, старост, болест и смрт. Исто така, Царството ќе го воведе славниот земен рај во кој дури и мртвите ќе бидат воскреснати (Матеј 6:9, 10; Лука 23:43, NW; Дела 24:15; Откровение 21:3, 4). Колкава само предност е да се објавува добрата вест за овие работи! Значи, јасно е дека не постои проблем во врска со она што Јехова го бара од нас. Наидуваме на противење, но за тоа се одговорни Сатана Ѓаволот и неговиот свет.

20. Како можеме да излеземе на крај со кој и да било предизвик од Ѓаволот?

20 Како можеме успешно да се соочиме со кој и да е предизвик кој го наметнува Сатана? Ако ги задржиме на ум овие зборови: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети [ми се подбива, NW]“ (Изреки 27:11). Исус му дал на Јехова одговор на подбивањето на Сатана така што ја напуштил сигурноста на небесниот живот за да ја врши волјата на својот Татко на Земјата (Исаија 53:12; Евреите 10:7). Како човек, Исус го издржал секој испит на кој наишол, па дури и смртта на маченички столб. Доколку го следиме како свој Пример, и ние можеме да ги издржиме страдањата и да го правиме она што Јехова го бара од нас (Евреите 12:1—3).

21. Што мислиш за љубовта која ја покажале Јехова и неговиот Син?

21 Колкава само љубов покажале Бог и неговиот Син кон нас! Поради Исусовата жртва, послушното човештво има изглед да живее засекогаш во рај. Затоа, да нѐ дозволиме ништо да ја замагли нашата надеж. Наместо тоа, лично да го земеме при срце она што го овозможил Исус, како што сторил и Павле кој рекол: „Синот Божји . . . ме засака и Себеси се предаде за мене“ (Галатјаните 2:20). Исто така, да покажуваме искрена благодарност кон нашиот Бог, Јехова, кој е полн со љубов и кој никогаш не бара премногу од нас.

Како би одговорил?

◻ Што бара Јехова од нас денес?

◻ На кој начин Христос ја нагласил важноста на љубовта во текот на последната вечер со своите апостоли?

◻ Како можеме да докажеме дека го сакаме Бог?

◻ Зошто е предност да го правиме она што го бара Јехова од нас?

[Слика на страница 23]

Каква лекција им дал Исус на своите апостоли со тоа што им ги измил нозете?

[Слика на страница 25]

И покрај противењето, споделувањето на добрата вест е една прекрасна предност

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели