Скромност — особина која унапредува мир
Колку би бил пријатен светот кога секој би покажувал скромност. Поединци помалку би го барале своето, членовите на семејството би биле помалку кавгаџиски настроени, здруженијата би биле помалку натпреварувачки настроени и нациите би биле помалку воинствени. Дали би сакал да живееш во таков свет?
ВИСТИНСКИТЕ слуги на Јехова Бог се подготвуваат за неговиот ветен нов свет во кој скромноста општо ќе се смета, не за слабост, туку за сила и доблест (2. Петрово 3:13). Всушност, тие уште сега ја развиваат особината скромност. Зошто? Посебно затоа што тоа е она што Јехова го бара од нив. Неговиот пророк Михеј напишал: „О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:8).
Скромноста може да означува повеќе работи, како што се: недостиг на вообразеност, или суета и воздржување од фалење со способности, достигнувања и поседи. Според еден прирачник, скромноста исто така значи „држење во границите на“. Скромното лице стои во границите на доброто однесување. Тоа, исто така, признава дека има ограничувања во однос на она што треба да го направи и она што може да го направи. Тој знае дека има работи на кои нема право. Секако дека се чувствуваме привлечени кон скромните луѓе. „Нема ништо попријатно од вистинска скромност“, напишал англискиот поет Џозеф Адисон.
Скромноста не е природна особина на несовршените луѓе. Мораме да вложиме напор за да ја развиваме оваа особина. За наше охрабрување, Божјата реч опишува неколку случки кои ја покажуваат скромноста во нејзините разновидни форми.
Два скромни цара
Еден од Јеховините најлојални слуги бил Давид, кој бил младич кога бил помазан како иден цар на Израел. Потоа, владејачкиот цар Саул го ставил Давид под голем притисок, обидувајќи се да го убие и присилувајќи го да живее како бегалец (1. Царства 16:1, 11—13; 19:9, 10; 26:2, 3).
Дури и под тие околности, Давид признал дека има ограничувања во однос на она што би можел да го направи заштитувајќи го својот живот. Во една прилика во пустината, Давид одбил да му дозволи на Авеса да го повреди заспаниот цар Саул, велејќи: „За мене е незамисливо, од Јеховина гледна точка, да ја испружам својата рака против помазаникот Јеховин!“ (1. Царства 26:8—11, NW). Давид знаел дека не е негова работа да го отстрани Саул од положбата на цар. На тој начин, Давид покажал скромност во оваа прилика, останувајќи во границите на исправното однесување. На сличен начин, Божјите денешни слуги знаат дека, „од Јеховина гледна точка“, постојат работи кои едноставно не можат да ги направат, дури и кога е во прашање човечки живот (Дела 15:28, 29; 21:25).
И Соломон, синот на цар Давид, покажал скромност како млад човек, иако на малку поинаков начин. Кога Соломон бил востоличен, се чувствувал неподобен да ја носи тешката одговорност на цар. Тој се молел: „Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга место татка ми Давида, но јас сум сосем млад, не знам ни да излегувам, ни да влегувам“. Јасно, Соломон бил свесен за сопствениот недостиг на способност и искуство. Тогаш бил скромен, не покажал никаква вообразеност ниту суета. Соломон го молел Јехова за проникливост, и неговото барање било исполнето (3. Царства 3:4—12).
Месијата и неговиот претходник
Повеќе од 1.000 години после Соломоновото време, Јован Крстител извршил дело на подготовка на патот за Месијата. Како претходник на Помазаникот, Јован исполнувал библиско пророштво. Тој можел да се фали поради својата предност. Јован можел и да се обиде да си донесе чест себеси бидејќи бил телесен роднина на Месијата. Но, Јован им кажувал на другите дека е недостоен да му ги одврзе дури и сандалите на Исус. И кога Исус се претставил за крштавање во реката Јордан, Јован рекол: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли — доаѓаш?“ Тоа покажува дека Јован не бил фалбаџија. Тој бил скромен (Матеј 3:14; Малахија 4:5, 6; Лука 1:13—17; Јован 1:26, 27).
Откако Исус се крстил, се зафатил со полновремена служба, проповедање на добрата вест за Божјето Царство. Иако Исус бил совршен човек, тој рекол: „Но Јас ништо не можам да правам Сам од Себе . . . не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил“. Освен тоа, Исус не барал чест од луѓе, туку славата за сѐ што правел му ја припишувал на Јехова (Јован 5:30, 41—44). Каква скромност!
Значи, јасно е дека лојалните слуги на Јехова — како Давид, Соломон, Јован Крстител, па дури и совршениот човек Исус Христос — покажале скромност. Тие не се фалеле, не биле суетни ниту вообразени, и се држеле во исправните граници. Нивните примери се доволна причина денешните слуги на Јехова да развиваат и да покажуваат скромност. Сепак, постојат и други причини за да се развива таа.
Во овој бурен период од човечката историја, скромноста е особина од голема вредност за вистинските христијани. Таа овозможува да се биде во мир со Јехова Бог, со другите луѓе и со себеси.
Мир со Јехова Бог
Мирот со Јехова е можен само ако се држиме во границите што тој ги поставува за вистинското обожавање. Нашите прародители, Адам и Ева, ги преминале ограничувањата поставени од Бог и станале првите луѓе кои паднале како жртва на нескромноста. Тие ја проиграле својата добра положба пред Јехова, како и својот дом, својата иднина и своите животи (1. Мојсеева 3:1—5, 16—19). Каква висока цена платиле!
Ајде да научиме нешто од пропустот на Адам и Ева, бидејќи вистинското обожавање става ограничувања врз начинот на кој треба да се однесуваме. На пример, Библијата наведува дека „ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10). Јехова мудро ги поставува тие ограничувања за наше добро и ние покажуваме мудрост држејќи се во тие граници (Исаија 48:17, 18). Изреки 11:2, (NW) ни кажува: „Мудроста е кај скромните“.
Што ако некоја религиозна организација ни вели дека можеме да преминеме преку овие ограничувања и сѐ уште да уживаме мир со Бог? Таа организација се обидува да нѐ заведе. Од друга страна, пак, скромноста ни помага да развиваме близок однос со Јехова Бог.
Мир со другите луѓе
Скромноста унапредува и мирољубиви односи со другите. На пример, кога родителите даваат пример со тоа што се задоволни со неопходните материјални работи и им даваат приоритет на духовните работи, нивните деца најверојатно ќе го усвојат истиот став. Тогаш на младите ќе им биде полесно да бидат задоволни, дури и кога нема секогаш да го добијат она што го сакаат. Тоа ќе им помогне да живеат скромно, и семејниот живот ќе биде помирољубив.
Оние кои вршат надгледување особено е потребно да внимаваат да бидат скромни и да не го злоупотребуваат својот авторитет. На пример, христијаните се поучени: „Не одете преку она што е напишано“ (1. Коринтјаните 4:6, NW). Собраниските старешини сфаќаат дека не смеат да им ги наметнуваат своите лични склоности на другите. Наместо тоа, тие ја користат Божјата реч како основа за да ги насочат во исправна насока работите во врска со однесувањето, облекувањето, дотерувањето или рекреацијата (2. Тимотеј 3:14—17). Кога членовите на собранието забележуваат дека старешините се држат во библиските граници, кај нив се унапредува почит кон тие мажи и придонесува за срдечен, љубезен и мирољубив дух во собранието.
Мир со себеси
Оние кои практикуваат скромност се наградени со внатрешен мир. Скромниот поединец не гори од амбиција. Тоа не значи дека нема никакви лични цели. На пример, можеби сака додатни предности во службата, но чека на Бог и сите христијански предности што ги добива му ги припишува на Јехова. Не ги гледа како лични достигнувања. Тоа го приближува скромниот поблиску до Јехова, ‚Богот на мирот‘ (Филипјаните 4:9).
Да претпоставиме дека понекогаш ни се чини како другите да нѐ превиделе. Зарем не би било подобро да нѐ превидат затоа што сме скромни отколку нескромно да го привлечеме вниманието на себеси? Скромните поединци не се обземени од амбиција. На тој начин, тие се во мир со себеси, што е корисно за емоционалната и физичката благосостојба.
Развивање и одржување на скромноста
Адам и Ева подлегнале на нескромноста — особина што му ја пренеле и на своето потомство. Што може да ни помогне да избегнуваме да ја направиме истата грешка како нашите прародители? Како можеме да ја развиеме добрата особина скромност?
За почеток, ќе ни помогне точното разбирање на нашата положба во однос на Јехова, Творецот на универзумот. Кои лични достигнувања, на кои би можеле да полагаме право, би можеле некогаш да се споредат со Божјите достигнувања? Јехова го прашал својот верен слуга Јов: „Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? — кажи, ако знаеш“ (Јов 38:4). Јов не можел да одговори. Зарем не сме и ние на сличен начин ограничени во спознанието, способноста и искуството? Зарем не е корисно за нас да ги признаеме своите ограничувања?
Понатаму, Библијата ни кажува: „Господова е земјата и она што ја исполнува вселената и сѐ што живее на неа“. Тоа ги вклучува „сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата“. Јехова може да каже: „Среброто е Мое и златото е Мое“ (Псалм 23:1; 49:10; Агеј 2:8). Кои поседи би можеле да ги покажеме а кои се споредуваат со оние на Јехова? Па, дури ни најбогатиот човек нема причина да се фали со она што го поседува! Затоа, мудро е да се следи инспирираниот совет на апостол Павле до христијаните во Рим: „Преку благодатта, што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3).
Како Божји слуги кои сакаат да развиваат скромност, треба да молиме за плодовите на духот — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Лука 11:13; Галатјаните 5:22, 23). Зошто? Затоа што секоја од овие особини ќе ни олесни да бидеме скромни. На пример, љубовта спрема другите луѓе ќе ни помогне да се бориме против склоноста кон фалење и вообразеност. И самосовладувањето ќе нѐ натера да застанеме и да размислиме пред да постапиме нескромно.
Да внимаваме! Треба постојано да се чуваме од замките на нескромноста. Двајца од царевите кои претходно беа споменати, не биле скромни во секоја прилика. Цар Давид постапил избрзано со тоа што направил попис во Израел, нешто што било против волјата на Јехова. Цар Соломон станал нескромен дури до тој степен што се впуштил во лажно обожавање (2. Царства 24:1—10; 3. Царства 11:1—13).
Сѐ додека трае овој безбожен систем на ствари, за да се биде скромен се бара постојана будност. Меѓутоа, трудот се исплаќа. Во Божјиот нов свет, човечкото општество ќе го сочинуваат само оние кои се скромни. Тие ќе ја сметаат скромноста за сила, а не за слабост. Колку прекрасно ќе биде кога сите поединци и семејства ќе се благословени со мирот кој доаѓа со скромноста!
[Слика на страница 23]
Исус скромно му припишал на Јехова сѐ што направил