Дали им се препорачуваш на другите?
‚Не ми е гајле што мислат другите!‘ Можеби си го изнел ова смело тврдење во момент на лутина или фрустрација. Но, штом бранот на таквото расфрлање со храброст ќе се повлече, можеби загрижено ќе се замислиш. Зошто? Затоа што на повеќето навистина ни е важно што мислат другите за нас.
ВСУШНОСТ, треба да ни се важни чувствата на другите. Особено како христијани, ординирани министри на Јехова Бог, мора во разумна мера да водиме сметка за тоа како другите гледаат на нас. Впрочем, ние сме „театарски спектакл за светот“ (1. Коринтјаните 4:9 NW). Во 2. Коринтјаните 6:3, 4 го наоѓаме здравиот совет на апостол Павле: „Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба, туку во сѐ се препорачуваме за служители Божји“.
Но, што значи да им се препорачуваме на другите? Дали тоа значи да се рекламираме или да привлекуваме претерано внимание кон себеси и кон своите способности? Не. Но, тоа бара да ги применуваме зборовите од 1. Петрово 2:12 (NW): „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите, за . . . на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие, да го прослават Бог“. Христијаните се препорачуваат со тоа што дозволуваат нивното однесување да зборува само за себе! Најпосле, ова му донесува фалба на Бог, а не нам. Сепак, со тоа што им се препорачуваме на другите можеме да извлечеме и лични користи. Да разгледаме три подрачја на кои ова би можело да важи и за тебе.
Како потенцијален брачен партнер
Земи го за пример бракот. Тој е дар од Јехова Бог, оној „кому секое семејство на небото и на земјата му го должи своето име“ (Ефесјаните 3:15, NW). Можеби имаш желба еден ден да стапиш во брак. Ако да, тогаш до која мера се препорачуваш како потенцијален брачен партнер? Да, какво име си стекнуваш како христијански самец или самица?
Во некои земји тоа многу ги загрижува семејствата. На пример, во Гана, кога две лица сакаат да се земат, според традицијата потенцијалниот пар треба да им каже за тоа на своите родители. Тие пак, од своја страна, им кажуваат на другите членови на семејството. Тогаш семејството на мажот се зафаќа да утврди на каков глас е жената во соседството. Кога родителите ќе се уверат дека жената одговара, тогаш му кажуваат на нејзиното семејство за намерата на својот син да се ожени со нивната ќерка. Сега, пред да го одобри бракот, семејството на жената проверува на каков глас е мажот. Затоа една изрека во Гана гласи: „Пред да стапиш во брак распрашај се кај оние кои треба да го знаат“.
А како е во западните земји каде што на поединците обично им се дозволува самите да го изберат својот брачен партнер? Дури и таму, еден зрел христијанин или христијанка ќе биде мудар ако побара отворена препорака од оние кои добро го познаваат потенцијалниот партнер, како што се родителите или зрелите пријатели. Според книгата Тајната на семејната среќа, една млада жена би можела да се запраша: „,На каков глас е овој човек? Кои се негови пријатели? Дали покажува самоконтрола? Како се однесува кон постарите? Од какво семејство потекнува? Каков е неговиот однос со нив? Каков е неговиот став кон парите? Дали се оддава на алкохолни пијалаци? Дали е темпераментен, па дури и насилен? Какви одговорности има во собранието и како се грижи за нив? Можам ли да имам длабоко почитување кон него?‘ (3. Мојсеева 19:32; Изреки 22:29; 31:23; Ефесјаните 5:3—5, 33; 1. Тимотеј 5:8; 6:10; Тит 2:6, 7)“.a
Еден маж би требало исто така да се распраша за онаа христијанка за која размислува да се ожени. Според Библијата, Воаз покажал таков интерес за Рут, жената со која подоцна се оженил. Кога Рут прашала: „Со што придобив толкава милост во твоите очи, за да ми даваш внимание, кога сум туѓинка?“ Воаз рекол: „Чув што си направила сѐ“ (Рут 2:10—12, Душан Константинов). Да, Воаз не само што лично забележал дека Рут е лојална, оддадена и вредна жена туку добил пофални коментари и од другите.
На сличен начин, твоето однесување ќе има влијание врз тоа дали другите гледаат на тебе како на погоден брачен партнер. Како всушност им се препорачуваш на другите во тој поглед?
Како работник
Работното место е уште едно подрачје на кое задржувањето добро однесување може да дејствува во твоја корист. Конкуренцијата за работа може да биде силна. Честопати, работниците кои се познати по непослушност, доцнење по навика и нечесност, се отпуштени од работа. Исто така, фирмите можат да отпуштат и искусни работници за да си ги намалат трошоците. Кога невработените бараат нови работни места, можеби фирмите ќе проверат кај нивните претходни работодавачи за да установат какви се нивните работни навики, став и искуство. Многу христијани успешно се препорачале кај работодавачите со своето однесување полно со почит, со скромната облека, љубезното постапување и извонредните христијански особини.
Чесноста е таква особина — особина на која многу работодавачи ѝ даваат висок приоритет. Слично на апостол Павле, ние сакаме ‚во сѐ чесно да се однесуваме‘ (Евреите 13:18, NW). Во една рударска фирма во Гана било известено дека се поткраднува. Надзорникот на погонот за прочистување, Сведок, ја задржал својата работа додека другите биле отпуштени. Зошто? Управата ја набљудувала неговата чесност низ годините. Исто така, добро биле познати неговата напорна работа и почит кон авторитетите. Да, чесното однесување му го спасило работното место!
Кои се некои други работи кои може да ги прави еден христијанин за да се препорача на пазарот на трудот? Научи да бидеш вешт во секоја работа што ќе ти се даде (Изреки 22:29). Работи марливо и совесно (Изреки 10:4; 13:4). Однесувај се со почит кон твојот работодавач и надзорник на работа (Ефесјаните 6:5). Точноста, чесноста, ефикасноста и напорната работа се особини кои работодавачите ги ценат, а тие особини можат да ти помогнат да најдеш вработување дури и кога нема доволно работа.
Собраниски предности
Денес повеќе од кога и да било порано се потребни зрели мажи кои ќе преземаат водство во христијанското собрание. Причината? Исаија прорекол: „Рашири го местото на шаторот свој; покривите твои на живеалиштето твое прошири ги“ (Исаија 54:2). Во исполнување на ова пророштво, Јеховиното светско собрание и понатаму доживува пораст.
Затоа, ако си христијански маж, на кој начин можеш да се препорачаш како некој кој се квалификува да служи во наименувано својство? Размисли за примерот на младиот Тимотеј. Лука известува дека Тимотеј бил „посведочен како добар меѓу браќата во Листра и Иконија“. Да, со своето добро однесување овој млад човек им се препорачал на другите во два различни града. Затоа, Павле го повикал Тимотеј да го придружува во патувачката служба (Дела 16:1—4).
Како може денес еден маж да ‚тежнее по служба на надгледување‘ (NW) на еден соодветен, побожен начин? Сигурно не со тоа што ќе учествува во некоја кампања за наименување, туку со тоа што ќе ги негува духовните особини кои се потребни за таквите одговорности (1. Тимотеј 3:1—10, 12, 13; Тит 1:5—9). Исто така, тој може да покаже дека „посакува извонредна работа“ (NW) со тоа што ќе има потполно учество во делото на проповедање и правење ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Оние кои се препорачуваат како одговорни христијански мажи покажуваат сериозен интерес за благосостојбата на своите духовни браќа. Го следат советот од апостол Павле: „Помагајте им на светиите во нивните нужди; трудете се да бидете гостопримливи!“ (Римјаните 12:13). На тој начин еден христијански маж може навистина да ‚се препорача за служител Божји‘.
Во секое време
Да им се препорачаме на другите не значи да се преправаме или да станеме лица кои „им угодуваат на луѓе“ (Ефесјаните 6:6, NW). На крајот, тоа значи да му се препорачаме на нашиот Творец, Јехова Бог, со тоа што совесно ќе ги следиме неговите закони и начела. Ако ја развиваш својата духовност и го јакнеш својот однос со Јехова Бог, другите ќе забележат подобрување во начинот на кој постапуваш со членовите на своето семејство, со колегите на работа и со сохристијаните. Исто така, ќе ја забележат твојата стабилност и урамнотеженост, твоето добро чувство за просудување, твојата способност да носиш одговорности и твојата понизност. Тоа ќе ти донесе љубов и почит и, што е уште поважно, ќе стекнеш одобрување од Јехова Бог бидејќи им се препорачуваш на другите!
[Фуснота]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 19]
Многу родители мудро се распрашуваат за тоа на каков глас е лицето за кое нивниот син или нивната ќерка се заинтересирани за брак
[Слика на страница 20]
Еден брат се препорачува за предносни служби со тоа што е обѕирен кон другите