Може ли твојот живот да има поголема смисла?
ВИСТИНСКАТА вредност не е секогаш толкава колку што изгледа. Банкнотата со најголема вредност што била пуштена во промет во Соединетите Држави имала номинална вредност од 10.000 долари. Сепак, хартијата на која е отпечатена таа вреди само неколку центи.
Си се запрашал ли некогаш дали парчињата хартија кои имаат мала внатрешна вредност можат да му дадат вистинска смисла на твојот живот? Многу луѓе мислат дека е така. Милиони лица работат дење-ноќе за да спечалат колку што можат повеќе пари. Понекогаш трчањето по пари значи да го жртвуваат своето здравје, пријателите, па дури и сопственото семејство. Со каков резултат? Можат ли парите — или она што можеме да го купиме со нив — да ни донесат вистинско и трајно задоволство?
Според истражувачите, колку повеќе бараме задоволство на темел на материјалните поседи толку е помала веројатноста да го најдеме. Новинарот Алфи Кон заклучува дека „задоволството едноставно не е на продажба . . . Луѓето на кои богатството им е приоритет во животот се склони да доживеат необично голема тегобна загриженост и депресија, како и да паднат на пониско општо ниво на благосостојба“ (International Herald Tribune).
Иако истражувачите можеби увидуваат дека за смисловен живот е потребно нешто повеќе од пари, многу луѓе мислат поинаку. Ова многу не изненадува, бидејќи оние кои живеат во западните земји се бомбардирани со 3.000 рекламни пораки секој ден. Сеедно дали се работи за рекламирање автомобили или бонбони, основната идеја е: ‚Купи го овој производ, и ќе бидеш посреќен‘.
Каков е резултатот од непрестајното рекламирање на материјалните вредности? Па, честопати се игнорираат духовните вредности! Според еден извештај во списанието Newsweek, надбискупот од Келн (Германија) неодамна изјавил дека „во нашево општество Бог повеќе не е тема на разговор“.
Можеби ја посветуваш речиси целата своја енергија да заработиш за живот. Можеби мислиш дека немаш многу време за нешто друго. Меѓутоа, понекогаш, можеби чувствуваш дека мора да постои нешто повеќе во животот отколку само бескрајното трчање по монотоната, заморна работа сѐ додека твоето здравје или старост доведе до нејзин крај.
Дали обрнувањето поголемо внимание на духовните работи може да го зголеми твоето задоволство? Што ќе му даде поголема смисла на твојот живот?