Да си откупуваме време за читање и за проучување
‚[Откупувајте] си го поволното време зашто деновите се зли‘ (ЕФЕШАНИТЕ 5:16).
1. Зошто е мудро плански да го распоредиме своето време, и што може да открие за нас начинот на кој го користиме времето?
СЕ ВЕЛИ дека „да се одбере време значи да се заштеди време“. Лице кое распределува конкретен износ време за работите кои треба да ги заврши честопати ќе искористи повеќе од своето време. Мудриот цар Соломон напишал: „Сѐ си има свој одреден час, има време за сите работи под небото“ (Проповедник 3:1, Moffatt). Сите ние имаме на располагање ист износ време; значи, од нас зависи како го користиме. Начинот на кој си поставуваме приоритети и колку време распределуваме за нив во голема мера открива што ни е најдраго во срцето (Матеј 6:21).
2. а) Што рекол Исус во својата Проповед на гората во врска со нашите духовни потреби? б) Какво самоиспитување би било на место?
2 Принудени сме да трошиме време за јадење и спиење бидејќи тие се физички потреби. Но, што е со нашите духовни потреби? Знаеме дека и нив мораме да ги задоволиме. Во својата Проповед на гората, Исус изјавил: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Затоа „верниот и разборит роб“ редовно нѐ потсетува колку е важно да посветиме време на читањето на Библијата и проучувањето (Матеј 24:45). Можеби увидуваш колку е важно ова, но мислиш дека ти едноставно немаш време да проучуваш или да ја читаш Библијата. Ако е така, да испитаме некои начини и средства како во својот живот да направиме повеќе простор за читање на Божјата реч, за лично проучување и за медитирање.
Да се најде време за читање на Библијата и за проучување
3, 4. а) Кој совет го дал апостол Павле во врска со користењето на нашето време, и што вклучува тоа? б) Што мислел Павле кога нѐ советувал да ‚си го откупиме поволното време‘?
3 Со оглед на времињата во кои живееме, сите ние треба да обрнеме внимание на зборовите на апостол Павле: „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри, откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли. Поради тоа, престанете да бидете неразумни, туку и понатаму согледувајте која е Јеховината волја“ (Ефешаните 5:15—17). Секако, овој совет ги опфаќа сите гранки на нашиот живот како предадени христијани, вклучувајќи и наоѓање време за молитва, проучување, состаноци, како и за колку што е можно поцелосен удел во проповедањето на ‚добрата вест за царството‘ (Матеј 24:14; 28:19, 20).
4 Се чини дека на многу Јеховини слуги денес им е тешко да го вклопат во својот живот читањето на Библијата и длабокото проучување. Очигледно, не можеме да му додадеме на нашиот ден уште еден час, па затоа советот на Павле мора да значи нешто друго. На грчки јазик, фразата ‚да се откупи поволното време‘ подразбира да се откупи за сметка на нешто друго. Во својот Expository Dictionary [Речник со толкувања], В. Е. Вајн го дава значењето „да се извлече најмногу од секоја прилика, секоја да се искористи максимално, зашто ако се пропушти, ниедна не може да се врати“. Од што или од каде можеме да си го откупиме поволното време за читање и за проучување на Библијата?
Мора да си поставиме приоритети
5. Зошто и како треба да ‚се увериме во поважните работи‘?
5 Освен што имаме световни обврски, мораме да се грижиме и за многу обврски кои се од духовна природа. Како Јеховини предадени слуги имаме ‚обилна работа во делото Господово‘ (1. Коринќаните 15:58). Од таа причина Павле ги поучил христијаните во Филипи да ‚се уверат во поважните работи‘ (Филипјаните 1:10). Ова значи дека мора да се постават приоритети. Духовните работи треба секогаш да имаат предимство во однос на материјалните фактори (Матеј 6:31—33). Сепак, за да ги исполниме своите духовни обврски потребна е и рамнотежа. Како го распределуваме времето за различните аспекти од нашиот христијански живот? Патувачките надгледници известуваат дека од „поважните работи“ за кои треба да се грижи еден христијанин, постои тенденција да се занемаруваат личното проучување и читањето на Библијата.
6. Што може да вклучува откупувањето поволно време кога станува збор за световната или за домашната работа?
6 Како што видовме, откупувањето поволно време вклучува „да се извлече најмногу од секоја прилика“ и ‚секоја да се искористи максимално‘. Значи, ако во однос на нашите навики на читање на Библијата и на проучување има место за подобрување, би било добро да направиме лична анализа за да видиме како го трошиме времето. Ако нашата световна работа бара премногу, ако ни одзема премногу време и енергија, тоа треба да го направиме предмет на молитва до Јехова (Псалми 55:22). Можеби ќе можеме да направиме преиначувања со што ќе ни остане повеќе време за поважните работи кои се поврзани со обожавањето на Јехова, во што спаѓа и проучувањето и читањето на Библијата. Со право се вели дека работата на жената никогаш не завршува. Затоа, христијанските сестри мора исто така да си постават приоритети и да резервираат конкретни периоди за читање на Библијата и за сериозно проучување.
7, 8. а) Од кои активности честопати може да се откупи време за читање и проучување? б) Каква е целта на рекреацијата, и како ова може да ни помогне да си поставиме приоритети?
7 Општо земено, повеќето од нас можеме да си откупиме време за проучување на сметка на непотребни активности. Би можеле да се запрашаме: ‚Колку време трошам за читање световни списанија или весници, гледање телевизиски програми, слушање музика или играње видеоигри? Дали поминувам повеќе време пред компјутерот отколку во читање на Библијата? Павле вели: „Престанете да бидете неразумни, туку и понатаму согледувајте која е Јеховината волја“ (Ефешаните 5:17). Се чини дека неразумното гледање телевизија е главната причина поради која многу Сведоци не посветуваат доволно време на личното проучување и читањето на Библијата (Псалми 101:3; 119:37, 47, 48).
8 Некои можеби велат дека не можат нонстоп да проучуваат, дека им треба малку рекреација. Иако ова е точно, би било добро да размислиме колку време поминуваме во релаксација и тоа да го споредиме со времето поминато во проучување или читање на Библијата. Резултатот може да нѐ изненади. Рекреацијата и релаксацијата, иако се потребни, мора да се држат на исправно место. Нивната цел е да нѐ освежат за обновени духовни активности. Многу телевизиски програми и видеоигри го оставаат човекот исцрпен, додека читањето и проучувањето на Божјата реч освежува и закрепнува (Псалми 19:7, 8).
Како некои прават простор за проучување
9. Кои се користите од следењето на советот даден во брошурата Секојдневно разгледување на Писмото — 1999?
9 Во предговорот на изданието на брошурата Секојдневно разгледување на Писмото за 1999 се наведува: „Најкорисно би било кога наутро би се разгледувал дневниот текст и коментарот од оваа брошура. Ќе чувствуваш како Јехова, Големиот Поучувач, да те буди со своите поуки. За Исус Христос пророчки се зборува дека секое утро извлекува корист од Јеховините поуки: ‚Секое утро Он [Јехова] го разбудува името Мое, за да слушам како оние што се учат‘. Таквите поуки му го дале на Исус ‚јазикот на поучените‘ (NW) за да ‚може со зборови да го поткрепува изнемоштениот‘ (Иса. 30:20; 50:4; Мат. 11:28—30). Ако си буден секое утро за навремениот совет од Божјата реч, тоа не само што ќе ти помогне да се справиш со сопствените проблеми туку ќе те опреми со ‚јазикот на поучените‘ (NW) за да им помагаш на другите“.a
10. Како некои прават простор за читање на Библијата и за проучување, и кои се користите од тоа?
10 Многу христијани го следат овој совет на тој начин што го читаат дневниот стих и коментарот и со тоа што ја читаат Библијата или проучуваат рано наутро. Во Франција, една верна пионерка станува рано секое утро и посветува по 30 минути на читање на Библијата. Што ѝ овозможило да го прави ова низ годините? Таа вели: „Длабоко сум мотивирана, и се држам за мојот распоред за читање — што и да се случи!“ Без разлика кое време од денот ќе го избереме, она што е најважно е да се држиме за својот распоред. Рене Мика, кој повеќе од 40 години бил во пионерска служба во Европа и Северна Африка, вели: „Уште од 1950 година, имам за цел секоја година да ја прочитам целата Библија, нешто што го направив веќе 49 пати. Мислам дека ова е животоважно за да задржам близок однос со мојот Творец. Медитирањето за Божјата реч ми помага подобро да ја разберам Јеховината правда и другите негови особини и ми е извор на неверојатна сила“.b
„Порција храна во право време“
11, 12. а) Каква духовна „порција храна“ обезбедува „верниот настојник“? б) Како се обезбедува ‚порцијата храна‘ во право време?
11 Исто како што навиките за редовно јадење придонесуваат за добро физичко здравје така и распоредот за редовно проучување и читање на Библијата помага за добро духовно здравје. Во евангелието по Лука ги читаме зборовите на Исус: „Кој е всушност верниот настојник, разборитиот, кого неговиот господар ќе го постави над своето тело од служители за да им ја дава нивната порција храна во право време?“ (Лука 12:42). Веќе преку 120 години, духовната „порција храна во право време“ се обезбедува во Стражарска кула, како и во другите книги и публикации темелени на Библијата.
12 Забележи го изразот „во право време“. Во вистинскиот момент, нашиот „Голем Поучувач“ (NW), Јехова, преку својот Син и класата на робот, го води својот народ во поглед на доктрините и однесувањето. Тоа е како колективно да слушаме глас кој ни вели: „,Тоа е патот, одете по него‘, било да тргнувате надесно или налево“ (Исаија 30:20, 21). Освен тоа, кога поединците внимателно ја читаат Библијата и сите библиски публикации, честопати имаат чувство дека мислите изразени во нив им се упатени конкретно ним. Да, побожниот совет и упатство ќе ни дојдат во право време, а тоа ќе ни овозможи да се спротивставиме на искушението или да донесеме мудра одлука.
Развивај добри навики на хранење
13. Кои се некои лоши навики на духовно хранење?
13 За да извлечеме најголема корист од таквата „порција храна“ обезбедена во право време, треба да имаме добри навики на хранење. Неопходно е да имаме распоред за редовно читање на Библијата и за лично проучување и да се држиме на него. Дали имаш добри навики на духовно хранење и редовни периоди на длабоко лично проучување? Или, само површински прелетуваш преку материјалот кој е внимателно подготвен за нас, јадејќи набрзина, така да се каже, или дури сосема прескокнувајќи некои оброци? Лошите навики на духовно хранење предизвикале некои да ослабнат во верата — па дури и да отпаднат (1. Тимотеј 1:19; 4:15, 16).
14. Зошто е корисно грижливо да го прегледаме материјалот кој можеби ни изгледа познат?
14 Некои можеби мислат дека веќе ги знаат основните доктрини и дека во секоја статија не е изнесено нешто сосема ново. Затоа не е неопходно систематско проучување и присуство на состаноците. Меѓутоа, Библијата покажува дека нам ни е потребно да бидеме потсетувани на работите кои веќе сме ги научиле (Псалми 119:95, 99, NW; 2. Петрово 3:1; Јуда 5). Исто како што еден добар готвач ги подготвува истите основни состојки на многу вкусни начини така и класата на робот обезбедува хранлива духовна храна на најразлични начини. Дури и во статиите кои обработуваат теми за кои веќе честопати било коментирано, постојат некои попрефинети точки кои не би сакале да ги пропуштиме. Факт е дека колку ќе извлечеме од материјалот што го читаме во голема мера зависи од тоа колку време и напор вложуваме во неговото проучување.
Духовни користи од читањето и проучувањето
15. Како читањето и проучувањето на Библијата ни помагаат да бидеме подобри министри на Божјата реч?
15 Користите кои ги имаме од читањето и проучувањето на Библијата се многубројни. Добиваме помош да бидеме дораснати на една од нашите основни христијански одговорности, имено, тоа што како поединци можеме да станеме ‚работници кои нема од што да се срамат, кои исправно ракуваат со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15). Колку повеќе ја читаме и проучуваме Библијата толку повеќе нашите умови ќе се полнат со Божјите мисли. Тогаш, како и Павле, ќе можеме да ‚резонираме со луѓето на темел на Писмото, објаснувајќи и докажувајќи ја со наводи‘ прекрасната вистина за Јеховините намери (Дела 17:2, 3). Нашата вештина на поучување ќе се подобри, а нашите разговори, говори и совети ќе бидат духовно поизградувачки (Пословици 1:5).
16. На кои начини лично извлекуваме корист од читањето и проучувањето на Божјата реч?
16 Освен тоа, времето посветено на испитување на Божјата реч ќе ни овозможи уште поцелосно да го приспособиме својот живот кон Јеховините патишта (Псалми 25:4; 119:9, 10; Пословици 6:20—23). Тоа ќе ги зајакне нашите духовни особини, како што се понизноста, лојалноста и среќата (Второзаконие 17:19, 20; Откровение 1:3). Кога го применуваме спознанието што го добиваме од читањето и проучувањето на Библијата, уживаме слободен проток на Божјиот дух во нашиот живот, од што произлегува уште поголемо изобилство плодови на духот во сѐ што правиме (Галатите 5:22, 23).
17. Како квантитетот и квалитетот на нашето лично читање и проучување на Библијата влијаат врз нашиот однос со Јехова?
17 Што е уште поважно, времето што го откупуваме од другите активности за да ја читаме и проучуваме Божјата реч ќе ни донесе богати добивки во поглед на нашиот однос со Бог. Павле се молел неговите сохристијани да можат да ‚се исполнат со точното спознание за [Божјата] волја во сета мудрост и духовно сфаќање за да одат достојно на Јехова, за потполно да му угодат‘ (Колошаните 1:9, 10). На сличен начин, за да одиме „достојно на Јехова“, ние мора да се ‚исполниме со точно спознание на неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање‘. Јасно, добивањето Јеховин благослов и одобрување во голема мера зависи од квантитетот и квалитетот на нашето лично читање и проучување на Библијата.
18. Кои благослови можеме да ги имаме ако ги следиме Исусовите зборови запишани во Јован 17:3?
18 „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Ова е еден од стиховите кои Јеховините сведоци најмногу ги користат за да им помогнат на другите да ја сфатат важноста на проучувањето на Божјата реч. Сигурно дека не е помалку важно секој од нас да го прави тоа лично. Самата наша надеж да живееме засекогаш зависи од нашето растење во спознанието за Јехова и за неговиот Син, Исус Христос. И помисли само што значи тоа. Никогаш нема да има крај на нашето учење уште повеќе за Јехова — и ќе имаме цела вечност да учиме за него! (Проповедник 3:11; Римјаните 11:33).
[Фусноти]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Види ја статијата „Кога ја читаат и каква корист имаат“, објавена во изданието на Стражарска кула од 1 мај 1995, страници 20, 21.
Прашања за повторување
• Што открива начинот на кој го користиме своето време?
• Од кои активности може да се откупи време за читање и за проучување на Библијата?
• Зошто треба да внимаваме на своите навики на духовно хранење?
• Кои користи произлегуваат од читањето и проучувањето на Писмото?
[Слики на страници 20 и 21]
Редовното читање и проучување на Библијата ќе ни овозможи ‚исправно да ракуваме со речта на вистината‘
[Слики на страница 23]
Урамнотежувањето на другите активности во нашиот исполнет живот со духовните стремежи донесува богати добивки