Помагај им на другите да одат достојно на Јехова
„Не престанавме да се молиме за вас и да бараме да . . . одите достојно на Јехова, за потполно да му угодите додека и понатаму донесувате плод во секое добро дело“ (КОЛОШАНИТЕ 1:9, 10).
1, 2. Што особено може да биде извор на радост и задоволство?
„ЖИВЕЕМЕ во приколка на една фарма. Водејќи едноставен живот, имаме повеќе време да ги достигнеме луѓето со добрата вест. Бевме богато благословени со предноста да им помогнеме на многумина да му го предадат својот живот на Јехова.“ (Брачен пар, полновремени министри во Јужна Африка.)
2 Зарем ти не би се сложил дека помагањето на другите донесува радост? Некои се обидуваат редовно да им помагаат на болните, на оние кои се во оскудица или кои се осамени — и црпат задоволство од тоа што го прават. Вистинските христијани се уверени дека споделувањето на спознанието за Јехова Бог и за Исус Христос со другите претставува најголемата помош што можат да ја понудат. Само ова може да ги наведе другите да ја прифатат Исусовата откупнина, да развијат добар однос со Бог и потоа да имаат прилика да добијат вечен живот (Дела 3:19—21; 13:48).
3. Кој вид помош заслужува да му обрнеме внимание?
3 Меѓутоа, што е со помагањето на оние кои веќе му служат на Бог, кои го следат „Патот“? (Дела 19:9). Несомнено, ти си многу заинтересиран за нив, но можеби не гледаш начин да можеш да сториш уште повеќе или да ја зголемиш помошта што сега ја даваш. Или, пак, можеби се чини дека твојата ситуација те ограничува во однос на помошта што можеш да им ја дадеш, а со тоа ти е ограничено и задоволството кое би можел да го уживаш (Дела 20:35). Во врска со обата аспекта, можеме да научиме нешто од книгата Колошаните.
4. а) Под какви околности им пишал Павле на колошаните? б) Како во тоа бил вклучен и Епафрас?
4 Кога им пишувал на христијаните во Колоси, апостол Павле се наоѓал во Рим во домашен притвор, иако можел да има посетители. Како што ти и би очекувал, Павле ја користел својата ограничена слобода да проповеда за Божјето Царство (Дела 28:16—31). Сохристијаните можеле да го посетуваат Павле, можеби некои дури понекогаш биле и затворани со него (Колошаните 1:7, 8; 4:10). Еден од нив бил ревносниот евангелизатор Епафрас од градот Колоси во Фригија, висорамнински регион источно од Ефес во Мала Азија (денешна Турција). Епафрас послужил како алатка во формирањето на собранието во Колоси, и многу се трудел околу собранијата во блиските Лаодикија и Хиераполис (Колошаните 4:12, 13). Зошто Епафрас отпатувал да го види Павле во Рим, и што можеме да научиме од одговорот на Павле?
Делотворна помош за колошаните
5. Зошто Павле им го напишал токму ова на колошаните?
5 Епафрас презел едно напорно патување до Рим со цел да се консултира со Павле во врска со состојбата во собранието во Колоси. Тој му раскажал за верата на тие христијани, за нивната љубов и нивните напори во евангелизирањето (Колошаните 1:4—8). Сепак, сигурно ја споделил со Павле и својата грижа во врска со негативните влијанија што ѝ се заканувале на духовноста на колошаните. Павле одговорил со едно инспирирано писмо во кое побил некои гледишта кои ги ширеле лажните учители. Тој се сосредоточил особено на централната улога која требало да ја игра Исус Христос.a Дали неговата помош била ограничена само на нагласување на клучните библиски вистини? На кој друг начин можел да им помогне на колошаните, и кои поуки можеме да ги извлечеме ние во врска со помагањето на другите?
6. Врз што ставил нагласок Павле во своето писмо до колошаните?
6 Во почетокот на своето писмо, Павле дал увид во еден облик на помош кој можеби го превидуваме. Тоа било еден делотворен начин на давање помош од далечина, бидејќи Павле и Епафрас биле далеку од Колоси. Павле потврдил: „Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, секогаш кога се молиме [фуснота, ‚молејќи се секогаш‘] за вас“. Да, ова биле конкретни молитви за христијаните во Колоси. Павле додал: „Затоа, од денот кога чувме за тоа, не престанавме да се молиме за вас и да бараме да бидете исполнети со точното спознание за неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање“ (Колошаните 1:3, 9).
7, 8. Која работа честопати е вклучена во нашите лични и собраниски молитви?
7 Ние знаеме дека Јехова е „Слушач на молитвите“ (NW), па затоа можеме да имаме доверба во неговата спремност да ги сослуша молитвите кои ги упатуваме во склад со неговата волја (Псалм 65:2; 86:6; Пословици 15:8, 29; 1. Јованово 5:14). Но, кога станува збор да се молиме за другите, какви се нашите молитви?
8 Можеби честопати мислиме и се молиме за ‚целата заедница од наши браќа по светот‘ (1. Петрово 5:9). Или, можеби му пристапуваме на Јехова во врска со христијаните и другите во некој регион кој е погоден од некоја катастрофа или трагедија. Кога во првиот век учениците од другите места чуле за гладот во Јудеја, сигурно упатувале мноштво молитви за своите браќа, дури и пред да испратат парична помош (Дела 11:27—30). Во наше време такви молитви за целото братство или за некоја голема група браќа честопати се слушаат на христијанските состаноци, каде што многумина треба да разберат и да можат да кажат „амин“ (1. Коринќаните 14:16).
Биди конкретен во молитвите
9, 10. а) Кои примери покажуваат дека е погодно да се молиме за конкретни поединци? б) Како Павле биле предмет на конкретна молитва?
9 Сепак, Библијата ни дава примери на молитви за другите кои се поконкретни, со поиндивидуален карактер. Размисли за Исусовиот коментар запишан во Лука 22:31, 32. Околу него биле неговите 11 верни апостоли. На сите нив им била потребна Божја поддршка во тешките времиња кои им претстоеле, и Исус се помолил за нив (Јован 17:9—14). Сепак, Исус го издвоил Петар, упатувајќи посебно преколнување конкретно за тој ученик. Други примери: Елисеј се молел Бог да му помогне конкретно на еден човек, на неговиот слуга (2. Цареви 6:15—17). Апостол Јован се молел Гај да продолжи да напредува и во физички и во духовен поглед (3. Јованово 1, 2). А други молитви, пак, се сосредоточени на ограничени групи (Јов 42:7, 8; Лука 6:28; Дела 7:60; 1. Тимотеј 2:1, 2).
10 Во писмата на Павле се истакнува важноста на многу конкретни молитви. Тој барал да се упатуваат молитви за него, или за него и неговите придружници. Во Колошаните 4:2, 3 стои: „Бидете истрајни во молитвата, останувајќи будни во неа со благодарење, истовремено молејќи се и за нас, Бог да ни отвори врата за речта, да ја зборуваме светата тајна за Христос поради која, всушност, и сум во затворски окови“. Размисли и за други примери наведени во: Римјаните 15:30; 1. Солуњаните 5:25; 2. Солуњаните 3:1; Евреите 13:18.
11. За кого се молел Епафрас додека се наоѓал во Рим?
11 Истото било случај и со Павловиот придружник во Рим. „Епафрас, кој е од вашата средина . . . ви праќа поздрави, секогаш напрегајќи се за вас во своите молитви“ (Колошаните 4:12). Зборот „напрегајќи се“ може да укажува на „борење“, како што правел еден гимнастичар во древните игри. Дали Епафрас се молел горливо само за верниците по светот во целина или дури и за вистинските обожаватели низ цела Мала Азија? Павле покажал дека Епафрас се молел конкретно за оние во Колоси. Епафрас ја знаел нивната ситуација. Ние не ги знаеме сите нив по име ниту, пак, знаеме со какви проблеми се соочувале, но да си замислиме некои можни ситуации. Можеби младиот Лин се борел со влијанието на филозофиите кои преовладувале, а на Руф можеби му била потребна сила да се спротивстави на привлечноста на неговите поранешни практики во јудаизмот. Со оглед на тоа што имала сопруг кој не бил соверник, дали на Персида ѝ била потребна истрајност и мудрост да ги воспитува своите деца во Господ, и дали на Асинкрит, кој пател од некоја смртоносна болест, му била потребна додатна утеха? Да, Епафрас ги познавал луѓето во своето матично собрание, и горливо се молел за нив бидејќи тој и Павле сакале тие оддадени поединци да одат достојно на Јехова.
12. Како би можеле да бидеме уште поконкретни во нашите лични молитви?
12 Дали во ова гледаш пример за нас — начин како да им помагаме на другите? Како што беше забележано, јавните молитви на христијанските состаноци честопати се поопшти, со оглед на различниот состав на присутните. Но, нашите лични или семејни молитви можат да бидат прилично конкретни. Иако можеби понекогаш бараме Бог да ги води и благословува сите патувачки надгледници или духовни пастири, зарем понекогаш не можеме да бидеме прецизни? На пример, зошто да не се помолиш по име за покраинскиот надгледник кој го посетува твоето собрание или за водителот на твојата Собраниска студија на книга? Филипјаните 2:25—28 и 1. Тимотеј 5:23 ја покажуваат Павловата индивидуална грижа во врска со здравјето на Тимотеј и на Епафродит. Можеме ли на сличен начин да одразуваме таков интерес за болните кои ги знаеме по име?
13. Кои ситуации би било соодветно да ги вклучиме во личните молитви?
13 Секако, мораме да избегнуваме да се мешаме во приватните работи на другите, но во ред е нашите молитви да покажуваат вистински интерес за оние кои ги познаваме и за кои се грижиме (1. Тимотеј 5:13; 1. Петрово 4:15). Можеби некој брат ја изгубил работата, а ние не можеме да му дадеме друга. Сепак, можеме во своите лични молитви да го спомнеме по име и да се сосредоточиме на неговиот проблем (Псалми 37:25; Пословици 10:3). Дали знаеме некоја немажена сестра која остарела без сопруг и деца бидејќи е решена да се мажи „само во Господ“? (1. Коринќаните 7:39). Зошто во своите лични молитви не побараш Јехова да ја благослови и да ѝ помогне да продолжи лојално со својата служба? Како друг пример, можеби двајца старешини му дале совет на некој брат кој згрешил. Зошто секој од нив да не го спомне одвреме навреме по име во своите лични молитви?
14. Како конкретните молитви се поврзани со помагањето на другите?
14 Постојат изобилство можности во своите лични молитви да вклучиш поединци на кои знаеш дека им треба Јеховината поддршка, утеха, мудрост и свет дух, или некој од плодовите кои произлегуваат од него. Можеби сметаш дека поради оддалеченост или други околности си ограничен во однос на материјалната или директната помош што можеш да ја дадеш. Но, не заборавај да се молиш за своите браќа и сестри. Знаеш дека тие сакаат да одат достојно на Јехова, но сепак, можеби навистина им е потребна помош за да го прават тоа постојано. Клуч да им помогнеш се твоите молитви (Псалм 18:2; 20:1, 2; 34:15; 46:1; 121:1—3).
Работи на тоа да ги зајакнуваш другите
15. Зошто треба да бидеме заинтересирани за заклучниот дел од Колошаните?
15 Секако, горливата и конкретна молитва не е единствениот начин да им помагаш на другите, особено на оние кои ти се блиски и драги. Тоа јасно се гледа од книгата Колошаните. Многу изучувачи сметаат дека откако Павле дал водство во врска со доктрините и практични совети, тој додал само лични поздрави (Колошаните 4:7—18). Напротив, веќе откривме дека овој последен дел од книгата содржи совет кој е вреден за внимание, и од него има да се научи многу повеќе.
16, 17. Што можеме да кажеме за браќата спомнати во Колошаните 4:10, 11?
16 Павле напишал: „Аристарх, мојот созатвореник, ви испраќа поздрави, исто и Марко, братучедот на Варнава (за кого добивте заповеди да му изразите добредојде ако некогаш дојде кај вас), и Исус, наречен Јуст; тие се од обрежаните. Само тие се мои соработници за Божјето царство, и токму тие ми станаа зајакнувачка помош“ (Колошаните 4:10, 11).
17 Овде Павле идентификувал извесни браќа кои биле достојни за посебно внимание. Тој рекол дека тие биле меѓу обрежаните, со еврејско потекло. Во Рим имало многу обрежани Евреи, и некои од нив веќе биле христијани. Сепак, оние кои ги спомнал Павле му дошле на помош. Веројатно тие не се колебале да се дружат со христијаните од нееврејско потекло, и сигурно радо учествувале со Павле во проповедањето на не-Евреите (Римјаните 11:13; Галатите 1:16; 2:11—14).
18. На кој начин Павле пофалил некои кои биле со него?
18 Забележи го коментарот на Павле: „Токму тие ми станаа зајакнувачка помош“. Тој употребил еден грчки збор кој во Библијата се појавува само овде. Многу преведувачи го преведуваат со „утеха“. Меѓутоа, постои уште еден грчки збор (паракалео) кој почесто се преведува со „утеха“. Павле го употребил тој збор во истото писмо, но не во Колошаните 4:11 (Матеј 5:4; Дела 4:36; 9:31; 2. Коринќаните 1:4; Колошаните 2:2; 4:8).
19, 20. а) Која е смислата на изразот што го применил Павле на браќата кои му помагале во Рим? б) На кои начини можеби тие браќа му помагале на Павле?
19 Оние кои Павле ги навел по име сигурно сториле повеќе отколку само да му дадат утеха со зборови. Грчкиот термин преведен со „зајакнувачка помош“ во Колошаните 4:11 понекогаш се користел во световни текстови за лек кој ја ублажува маката. New Life Version гласи: „Од колкава само помош ми беа тие!“ Today’s English Version ја користи фразата: „Тие ми беа од голема помош“. Што можеле да сторат тие христијански браќа кои биле близу до Павле за да му помогнат?
20 Павле можел да има посетители, но имало многу работи што самиот тој не можел да ги прави, на пример, да го купува она што му било неопходно — храна и облека за зима. Како можел да набави свитоци за проучување или да купи прибор за пишување? (2. Тимотеј 4:13). Зарем не можеш да си замислиш како тие браќа му помагаат на Павле за неговите потреби, грижејќи се за основните работи како што е купување или вршење на неговите лични работи? Тој можеби сакал да провери како е некое собрание и да го изгради. Бидејќи бил затворен, не можел да го стори тоа, па затоа тие браќа можеби правеле посети наместо Павле, носеле пораки, и му донесувале извештаи. Колкаво зајакнување!
21, 22. а) Зошто треба да нѐ интересираат зборовите од Колошаните 4:11? б) Кои се некои начини на кои можеме да го примениме примерот на оние кои биле со Павле?
21 Она што го напишал Павле во врска со ‚зајакнувачката помош‘ ни дава увид во тоа како можеме ние да им помагаме на другите. Можеби тие одат достојно на Јехова што се однесува до неговите морални мерила, присуствуваат на христијанските состаноци и учествуваат во делото на проповедање. Заради сето тоа ги заслужуваат нашите зборови на ценење. Но, би можеле ли да сториме и повеќе, да им бидеме „зајакнувачка помош“ како што биле оние со Павле?
22 Ако познаваш некоја сестра која мудро се држи за 1. Коринќаните 7:37, но на која сега ѝ недостига семејство околу неа, би можел ли да ја вклучиш во некои семејни активности, можеби да ја поканиш на оброк или да присуствува на некој мал собир со пријатели или роднини? Како би било да ја поканиш да патува со вашето семејство на конгрес или на одмор? Или, покани ја да ви се придружи во некое погодно време кога пазарите храна. Скоро истото би можело да важи и за вдовиците или за вдовците, или можеби за оние кои сега не можат да возат. Ќе видиш колку е наградувачки да ги слушаш нивните искуства или да црпиш од нивното знаење за работи кои се толку вообичаени, на пример, како се избира овошје или како се купува облека за децата (Левит 19:32; Пословици 16:31). Како природен последователен ефект од тоа може да биде зголемената блискост. Така може да бидат послободни да побараат помош од тебе ако им треба некој лек од аптека, или нешто слично. Браќата кои биле со Павле во Рим сигурно му дале практична, зајакнувачка помош, а таква може да биде и твојата помош. И во тоа време и сега додатен благослов е тоа што се зајакнуваат врските на љубовта, а ние сме цврсто решени заедно лојално да му служиме на Јехова.
23. Во што би било добро да поминува време секој од нас?
23 Секој од нас може да размисли за ситуациите спомнати во оваа статија. Тоа се само примери, но тие можат да нѐ потсетат на реални ситуации во кои можеме уште повеќе да им станеме „зајакнувачка помош“ на нашите браќа и сестри. Поентата не е дека развиваме склоности на филантропи. Тоа не им било цел на браќата спомнати во Колошаните 4:10, 11. Тие биле „соработници за Божјето Царство“. Зајакнувачкиот ефект е директно поврзан со тоа. Нека биде ова случај и со нас.
24. Која е главната причина поради која се молиме за другите и настојуваме да ги зајакнуваме?
24 Ги спомнуваме другите по име во нашите лични молитви и вложуваме напори да ги зајакнуваме поради ова: Веруваме дека нашите браќа и сестри сакаат да ‚одат достојно на Јехова, за потполно да му угодуваат‘ (Колошаните 1:10). Тој факт е поврзан со една друга работа што ја спомнал Павле кога пишувал за молитвите на Епафрас за колошаните — тие да можат ‚да стојат потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘ (Колошаните 4:12). Како можеме лично да го постигнеме тоа? Да видиме.
[Фуснота]
a Види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 1, страници 490, 491, и „Све је Писмо надахнуто од Бога и корисно“, страници 226—228, издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Дали забележа?
• Како би можеле да бидеме од уште поголема помош со своите лични молитви?
• Во која смисла некои христијани му биле „зајакнувачка помош“ на Павле?
• Во какви сѐ ситуации можеме да бидеме „зајакнувачка помош“?
• Која е целта што стои зад нашите молитви за нашите браќа и сестри и нашето настојување да ги зајакнуваме?
[Слика на страница 18]
Можеш ли да вклучиш и некој друг христијанин во своите семејни излети?
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Green Chimney’s Farm