Како влијаело врз две жени тоа што останале вдовици
САНДРА е вдовица која живее во Австралија. Кога пред неколку години ѝ починал сопругот, нејзината непосредна реакција била тотален шок. „Кога сфатив дека наеднаш го изгубив мојот најдобар пријател, бев скршена. Навистина не можам да се сетам како сум успеала да дојдам од болница до дома или што сум правела во останатиот дел од тој ден. Во текот на наредните неколку седмици, моите стравови се претворија во константна физичка болка.“
Сандра има една постара пријателка, Илејн, која е вдовица веќе шест години. Илејн шест месеци го негувала својот сопруг, Дејвид, пред да умре од рак. Нејзината жалост била толку силна што набрзо по смртта на сопругот доживеала привремено слепило. Две години потоа, се онесвестила на јавно место. Лекарот ѝ рекол дека нема знаци на некоја физичка болест. Меѓутоа, открил дека Илејн во себе ја чува својата жалост, па затоа ѝ препорачал да си оди дома и да вложи напор да се исплаче. „Ми беше потребно извесно време за да излезам на крај со мојата жалост“, признава Илејн, додавајќи дека, кога била осамена, ‚дури одела во спалната и ја забивала главата во облеката на Дејвид‘.
Да, смртта на саканиот брачен другар може да предизвика различни реакции, затоа што да се биде вдовица всушност вклучува повеќе отколку само да се живее без сопруг. На пример, Сандра извесно време имала чувство дека го изгубила својот идентитет. Како и многу други од неодамна ужалени вдовици, и таа се чувствувала ранлива, несигурна. Сандра се присетува: „Поради тоа што бев навикната мојот сопруг да ги донесува конечните одлуки, ненадејно останав сама да донесувам такви одлуки. Ми се наруши сонот. Бев уморна и исцрпена. Едноставно не знаев што да правам“.
Низ светот секој ден се повторуваат приказни слични на овие на Сандра и Илејн. Болеста, несреќите, војните, етничкото чистење и насилството, општо земено, придонесуваат да се зголеми бројот на вдовиците.a Многу од овие жени страдаат во себе, не знаејќи што да прават. Што можат да сторат пријателите и роднините за да им помогнат на таквите да се приспособат кон животот како вдовици? Следната статија има некои предлози што можат да бидат од помош.
[Фуснота]
a И други жени се во слична ситуација како вдовиците бидејќи се напуштени од сопрузите. Иако одвојувањето и разводот си создаваат свои проблеми, некои начела, за кои ќе се дискутира во следната статија, можат да им помогнат и на жените што се наоѓаат во такви околности.