Да се изгради духовно јако семејство
„Подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (ЕФЕШАНИТЕ 6:4).
1. Каква била Божјата намера за семејството, но што се случило наместо тоа?
„ПЛОДЕТЕ СЕ и множете се и наполнете ја земјата“ (Битие 1:28). Со тие зборови, упатени на Адам и Ева, Јехова Бог го воспоставил семејното уредување (Ефешаните 3:14, 15). Гледајќи кон иднината, првиот пар можел да си ја замисли Земјата полна со свои потомци — едно пошироко семејство од совршени поединци кои радосно живеат на рајска Земја и обединето го обожаваат својот Величествен Творец. Но, Адам и Ева западнале во грев, и Земјата не се наполнила со праведни, богобојазливи луѓе (Римјаните 5:12). Наместо тоа, семејниот живот брзо се влошил, па почнале да преовладуваат омразата, насилството и недостигот на „природна наклоност“, особено во овие „последни денови“ (2. Тимотеј 3:1-5; Битие 4:8, 23; 6:5, 11, 12).
2. Какви способности имале потомците на Адам, но што им било потребно за да изградат духовно јако семејство?
2 Адам и Ева биле создадени според Божји лик. Иако Адам веќе бил грешник, Јехова му дозволил да има деца (Битие 1:27; 5:1-4). Како и татко им, потомците на Адам имале морален капацитет и можеле да научат да разликуваат добро и зло. Можеле да бидат поучени за тоа како да го обожаваат својот Творец и за тоа колку е важно да го љубат со сето срце, душа, ум и сила (Марко 12:30; Јован 4:24; Јаков 1:27). Освен тоа, можеле да бидат воспитани да ‚практикуваат правда и да ја љубат љубезноста и скромно да одат со . . . Бог‘ (Михеј 6:8, NW). Меѓутоа, како грешници требало да обрнат прилично внимание за да изградат духовно јако семејство.
Да се откупува времето
3. Како можат родителите ‚да откупат време‘ за да подигаат христијански деца?
3 Во овие комплицирани, критични времиња мора да се вложат големи напори за децата да станат „љубители на Јехова“ кои навистина „го мразат она што е зло“ (Псалм 97:10, NW). Мудрите родители ќе ‚откупуваат време‘ за да се соочат со овој предизвик (Ефешаните 5:15-17). Ако си родител, како можеш да го постигнеш тоа? Најпрвин, постави приоритети, обрнувајќи внимание на „поважните работи“, во кои спаѓаат поучувањето и воспитувањето на твоите деца (Филипјаните 1:10, 11). Второ, поедноставете го вашиот начин на живот. Можеби ќе морате да се откажете од активности кои не се вистински потребни. Или, можеби ќе треба да се ослободите од непотребни поседи за чие одржување е потребно време. Како христијански родител, никогаш нема да зажалиш што си ги вложил напорите кои се потребни за да се подигнат богобојазливи деца (Пословици 29:15, 17).
4. Како може да се одржи едно обединето семејство?
4 Времето кое го поминувате со своите деца, особено кога се сосредоточувате на духовните работи, е мошне вредно за напор и е еден од најдобрите начини да го одржите семејството обединето. Но, не препуштајте го тоа на случајноста. Планирајте одредени периоди што ќе ги поминете заедно. Ова не значи само да бидете во истата куќа, и секој да си работи нешто свое. Децата најмногу цветаат ако секојдневно им се обрнува лично внимание. Љубовта и грижата треба да им се покажуваат неограничено. Уште пред да решат да имаат деца, брачните парови мораат сериозно да размислат за оваа важна одговорност (Лука 14:28). Тогаш подигањето на децата нема да го сметаат за товар. Наместо тоа, на него ќе гледаат како на благословена предност (Битие 33:5; Псалм 127:3).
Поучувај со збор и со пример
5. а) Со што започнува поучувањето на децата да го љубат Јехова? б) Каков совет им е даден на родителите во Второзаконие 6:5—7?
5 Поучувањето на твоите деца да го љубат Јехова почнува со твојата љубов кон него. Силната љубов кон Бог ќе те поттикне верно да ги следиш сите негови упатства. Ова вклучува децата да ги воспитуваш „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Бог ги советува родителите да им дадат пример на своите деца, да комуницираат со нив и да ги поучуваат. Второзаконие 6:5—7 вели: „Љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила! Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; и кога легнуваш и кога стануваш“. Со чести опомени и повторување, можете да ги всадите Божјите заповеди во своите деца. Значи, вашите потомци ќе ја осетат љубовта што вие ја имате кон Јехова и самите ќе бидат под влијание и тие да развијат блискост со него (Пословици 20:7).
6. Како можат родителите да го искористат фактот што децата учат со пример?
6 Децата се желни за учење. Тие се будни слушатели и набљудувачи и брзо го имитираат вашиот пример. Ако гледаат дека не сте материјалистички настроени, тоа им помага да научат како да ги следат Исусовите совети. Ги учите да не бидат тегобно загрижени за материјалните работи туку да ‚го бараат најнапред Божјето царство‘ (Матеј 6:25-33). Учествувајќи во здрав, изградувачки разговор за библиската вистина, за Божјето собрание и за наименуваните старешини, ги поучувате децата да го почитуваат Јехова и да ги ценат неговите духовни подготовки. Со оглед на тоа што децата брзо ги забележуваат недоследностите, усната поука мора да се поткрепи со однесување и став кои го покажуваат вашето сопствено длабоко ценење за духовните работи. Колкав само благослов е кога родителите гледаат дека нивниот добар пример создал кај децата сесрдна љубов кон Јехова! (Пословици 23:24, 25).
7, 8. Кој пример ја покажува вредноста на воспитувањето на децата уште од рана возраст, и кому му припаѓа заслугата за успехот?
7 Вредноста да се воспитуваат децата уште од рана возраст може да се види од еден пример од Венецуела (2. Тимотеј 3:15). Се работи за еден млад брачен пар, Феликс и Мирлен. Тие се пионери. Кога се родил нивниот син Фелито, биле желни да сторат сѐ што можат за да го подигнат како вистински обожавател на Јехова. Мирлен почнала на Фелито да му чита наглас од Моја книга со библиски приказни, издадена од Јеховините сведоци. Се чинело дека уште на рана возраст Фелито ги препознавал Мојсеј и другите луѓе прикажани во оваа книга.
8 Додека сѐ уште бил прилично мал, Фелито почнал сам да сведочи. Му се исполнила желбата да стане објавител на Царството, и подоцна се крстил. Со текот на времето, Фелито станал општ пионер. Неговите родители коментираат: „Додека го гледаме напредокот на нашиот син, сфаќаме дека тоа му го должиме на Јехова и на неговата поука“.
Помогни им на децата духовно да растат
9. Зошто треба да бидеме благодарни за духовната поука што ја добиваме преку класата на верниот и разборит роб?
9 Постојат многу списанија, стотици книги и илјадници Интернет веб-сајтови кои нудат совети за тоа како да се подигаат децата. Многу често „информациите се противречни“, вели едно специјално издание на Newsweek во врска со децата. „Уште повознемирувачки е кога информациите, за кои мислиш дека можеш да им веруваш, испаѓаат сосема погрешни.“ Колку само сме благодарни што Јехова на обилен начин се грижи за поуката и духовниот развој на семејствата! Дали целосно ги користиш сите подготовки што се прават преку класата на верниот и разборит роб? (Матеј 24:45-47).
10. Како делотворната семејна библиска студија им користи и на родителите и на децата?
10 Една многу важна потреба е редовната, доследна семејна библиска студија која се одржува во опуштена атмосфера. За таа да биде поучна, пријатна и охрабрувачка, потребна е добра подготовка. На тој начин што ќе ги наведат децата слободно да се искажуваат, родителите ќе можат да дознаат што имаат во срцето и умот. Еден начин да се одреди делотворноста на една семејна студија е да се забележи дали сите членови на домаќинството едвај ја чекаат.
11. а) Кои цели можат родителите да им помогнат на своите деца да си ги постават? б) Каков бил резултатот кога едно девојче од Јапонија работело на својата цел?
11 За духовно јако семејство придонесуваат и библиските цели, а родителите треба да им помогнат на своите деца да си ги постават. Соодветните цели вклучуваат секојдневно да ја читаат Библијата, да станат редовни објавители на добрата вест и да напредуваат кон предание и крштавање. Други цели можат да вклучуваат полновремена служба како пионер, во Бетел или како мисионер. Додека одело во основно училиште, едно девојче од Јапонија по име Ајуми си поставило за цел да му сведочи на секого во своето одделение. За да побуди интерес кај наставникот и кај соучениците, добило дозвола да стави неколку библиски публикации во библиотеката. Како резултат на тоа, во текот на шесте години во основното училиште воспоставило 13 библиски студии. Една од тие библиски студентки, како и други од семејството на таа студентка станале крстени христијанки.
12. Како можат децата да извлечат најголема корист од христијанските состаноци?
12 За јако духовно здравје е потребно и редовно присуство на состаноците. Апостол Павле ги опоменал соверниците да ‚не го оставаат заедничкото собирање, како што некои имаат обичај‘. Тоа никогаш нека не ни стане обичај, зашто младите и старите подеднакво извлекуваат голема корист од редовното присуство на христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25; Второзаконие 31:12). Децата треба да бидат поучувани внимателно да слушаат. Битна е и подготовката за состаноците, зашто најголема корист произлегува кога активно се учествува со коментирање. Иако едно мало дете можеби за почеток ќе каже неколку збора или ќе прочита еден мал дел од пасусот, користа ќе биде најголема ако децата се обучат да ги пронајдат одговорите и да ги изразат со сопствени зборови. Дали вие родители сте пример со тоа што давате редовни, смисловни коментари? Добро е и секој член на семејството да има своја Библија, песнарка и примерок од публикацијата што се користи за библиската дискусија.
13, 14. а) Зошто треба родителите да работат со своите деца во службата? б) Што ќе помогне службата на теренот да им стане корисна и радосна на децата?
13 Мудрите родители ќе ја насочат младешката енергија на своите деца кон служењето на Јехова, помагајќи им проповедањето да го направат важен дел од својот живот (Евреите 13:15). Само на тој начин што со своите деца ќе работат во службата, родителите ќе можат да бидат сигурни дека нивните малечки ќе го добијат потребното обучување за да станат министри ‚кои нема од што да се срамат, и кои исправно ракуваат со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15). Тогаш, како е со тебе? Ако си родител, дали им помагаш на твоите деца да се подготвуваат за службата на теренот? Така ќе им ја направиш службата радосна, смисловна и продуктивна.
14 Зошто е корисно родителите и нивните деца да работат заедно во службата? Децата можат на тој начин да набљудуваат и да го имитираат добриот пример на своите родители. Истовремено, родителите можат да ги набљудуваат ставот, однесувањето и способноста на своите деца. Погрижете се да ги носите децата во различните гранки на службата. Ако е можно, секое дете нека си има своја торба за сведочење, и научете го да ја одржува уредна и претставителна. Со доследно обучување и охрабрување, ќе се изгради вистинско ценење за службата, и децата ќе гледаат на проповедничкото дело како на начин да покажат љубов кон Бог и кон ближниот (Матеј 22:37-39; 28:19, 20).
Задржете ја духовноста
15. Со оглед на тоа што е толку важно да се задржи духовноста на едно семејство, на кои начини се постигнува тоа?
15 Задржувањето на духовноста на семејството е неопходно (Псалм 119:93). Еден начин да се постигне тоа е за духовните работи да дискутирате со членовите на вашето семејство во секоја прилика. Дали дискутирате со нив за дневниот библиски стих? Дали имате обичај да споделувате искуства од службата на теренот или некои точки од најновите списанија Стражарска кула и Разбудете се! ‚кога одите патем‘? Дали се сеќавате да му заблагодарите на Јехова во молитва за секој ден живот и за неговите обилни подготовки ‚кога легнувате и кога станувате‘? (Второзаконие 6:6-9). Кога вашите деца гледаат како љубовта кон Бог се одразува во сѐ што правите, тоа ќе им помогне да ја направат вистината своја сопственост.
16. Од колкава вредност е да се охрабруваат децата самите да истражуваат?
16 Понекогаш, на децата им е потребно водство за успешно да се справат со проблемите или ситуациите што се појавуваат. Наместо секогаш да им кажувате што да прават, зошто не им покажете како да го најдат Божјето гледиште за работите, охрабрувајќи ги сами да истражуваат? Ако децата се поучат добро да ги користат сите алатки и публикации кои ги обезбедува ‚верниот роб‘, тоа ќе им помогне да развијат близок однос со Јехова (1. Самоил 2:21б). А кога тие ги споделуваат користите од своето истражување на Библијата со другите членови на домаќинството, духовноста на семејството уште повеќе се зголемува.
Целосно потпри се на Јехова
17. Зошто не треба да очајуваат самохраните родители кога станува збор за подигањето на нивните деца како христијани?
17 А што е со семејствата со еден родител? Тие се соочуваат со додатни предизвици кога станува збор за подигањето деца. Но, самохрани родители, не губете храброст! Успехот е можен, како што покажуваат многуте самохрани родители кои имаат доверба во Бог, послушно ги применуваат неговите совети и подигаат прекрасни духовно јаки деца (Пословици 22:6). Се разбира, христијаните кои се самохрани родители треба во целост да се потпрат на Јехова. Мораат да имаат вера дека тој ќе им помогне (Псалм 121:1-3).
18. На кои умствени и физички потреби на своите деца треба да обрнат внимание родителите, но на што треба да се стави нагласокот?
18 Мудрите родители сфаќаат дека ‚има време за плачење и време за играње‘ (Проповедник 3:1, 4). За да се изгради умот и телото на едно дете неопходно е време за релаксација и урамнотежена, здрава рекреација. Изградувачката музика, а особено пеењето песни за фалба на Бог ќе му помогне на детето да развие здрав став кој може да игра важна улога во зајакнувањето на неговиот однос со Јехова (Колошаните 3:16). Младоста е и време за подготовка за некој да стане богобојазлив возрасен човек и засекогаш да продолжи да ужива во животот на рајска Земја (Галатите 6:8).
19. Зошто родителите можат да бидат уверени во Јеховиниот благослов врз нивните напори да ги подигнат децата?
19 Јехова сака сите христијански семејства да успеат како јаки духовни единки. Ако навистина го љубиме Бог и правиме најдобро што можеме за да бидеме послушни на неговата Реч, тој ќе ги благослови нашите напори и ќе ни ја даде силата која ни е потребна за да ги следиме неговите инспирирани упатства (Исаија 48:17; Филипјаните 4:13). Запомнете дека приликата која сега ја имате да ги поучувате и обучувате вашите деца е ограничена и нема веќе да се повтори. Правете го најдоброто што можете за да ги примените советите од Божјата реч, и Јехова ќе ги благослови вашите напори да изградите духовно јако семејство.
Што научивме?
• Зошто откупувањето време е толку важно кога ги воспитуваме децата?
• Зошто е потребен добар родителски пример?
• На кои важни начини можеме да им помогнеме на децата духовно да растат?
• Како може да се одржи духовноста на едно семејство?
[Слики на страници 24 и 25]
Духовно јаките семејства редовно ја проучуваат Божјата реч, присуствуваат на христијанските состаноци и учествуваат во службата заедно