Да останеме цврсти како да го гледаме Невидливиот
„[Мојсеј] остана цврст како да го гледа Оној кој е невидлив“ (ЕВРЕИТЕ 11:27).
1. Каква извонредна изјава за Бог дал Исус во својата Проповед на гората?
ЈЕХОВА е невидлив Бог. Кога Мојсеј го замолил да ја види Неговата слава, Јехова му одговорил: „Не можеш да го видиш Моето лице, зашто човек не може да Ме види Мене и да остане жив“ (Излез 33:20). А апостол Јован напишал: „Ниеден човек никогаш не го видел Бог“ (Јован 1:18). Кога бил човек на Земјата, дури ни Исус Христос не можел да го види Бог. Меѓутоа, во својата Проповед на гората Исус рекол: „Среќни се оние кои се со чисто срце, бидејќи тие ќе го видат Бог“ (Матеј 5:8). Што мислел Исус со тоа?
2. Зошто не можеме да го видиме Бог со своите физички очи?
2 Писмото го идентификува Јехова како невидлив Дух (Јован 4:24; Колошаните 1:15; 1. Тимотеј 1:17). Затоа, Исус не рекол дека ние луѓето би можеле буквално да го видиме Јехова со своите физички очи. Точно, помазаните христијани ќе го видат Јехова Бог на небото откако ќе бидат воскреснати како духовни суштества. Но, луѓето кои се „со чисто срце“ и имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата исто така можат да го „видат“ Бог. Како е можно тоа?
3. Како можат луѓето да согледаат некои Божји својства?
3 Со грижливо набљудување на она што Јехова го создал, можеме да научиме нешто за него. На тој начин можеме да бидеме импресионирани од неговата моќ и да бидеме поттикнати да го признаеме како Бог Творец (Евреите 11:3; Откровение 4:11). Во тој поглед, апостол Павле напишал: „[Божјите] невидливи својства, дури и неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се согледуваат по она што е направено“ (Римјаните 1:20). Значи, Исусовите зборови во врска со тоа да се види Бог ја вклучуваат способноста да се согледаат некои Јеховини својства. Таквото гледање се темели на точно спознание и се согледува духовно со ‚очите на срцето‘ (Ефешаните 1:18). Зборовите и постапките на Исус исто така откриваат многу за Бог. Затоа Исус рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Исус совршено ја одразувал личноста на Јехова. Значи, спознанието за животот и учењата на Исус може да ни помогне да видиме, односно да согледаме некои Божји својства.
Битна е духовноста
4. Како многумина денес покажуваат недостиг на духовност?
4 Денес, верата и вистинската духовност се навистина ретки. „Верата не ја поседуваат сите луѓе“, рекол Павле (2. Солуњаните 3:2). Многумина се целосно преокупирани со своите лични стремежи и немаат вера во Бог. Нивното грешно однесување и недостиг на духовност ги спречува да го видат со очите на разбирањето, зашто апостол Јован напишал: „Кој прави зло, не го видел Бог“ (3. Јованово 11). Бидејќи не го гледаат Бог со своите физички очи, таквите поединци постапуваат како тој да не гледа што прават (Езекиел 9:9). Тие ги презираат духовните работи, па затоа не можат да го стекнат „знаењето за Бога“ (Пословици 2:5). Соодветно на тоа, Павле напишал: „Телесниот човек не ги прима работите што се од духот на Бог, зашто тие за него се безумство; и не може да ги спознае, бидејќи тие се испитуваат на духовен начин“ (1. Коринќаните 2:14).
5. За кој факт се свесни духовно настроените луѓе?
5 Меѓутоа, ако сме духовно настроени, постојано ќе бидеме свесни дека Јехова, иако не е Бог кој наоѓа маани, знае кога постапуваме според лошите мисли и желби. Навистина, „пред Господовите очи се човековите патишта, и тој ги набљудува сите негови патеки“ (Пословици 5:21). Ако нѐ совлада грев, поттикнати сме да се покаеме и да побараме Јеховино простување бидејќи го љубиме и не сакаме да му нанесеме болка (Псалм 78:41; 130:3).
Што нѐ прави цврсти?
6. Што значи да се биде цврст?
6 Иако Јехова е невидлив за нашите очи, секогаш да се потсетуваме дека ние сме видливи за него. Свесноста за неговото постоење и уверувањето дека тој е близу до сите што го повикуваат ќе ни помогне да бидеме цврсти — постојани, непоколебливи во верноста кон него (Псалм 145:18). Можеме да бидеме како Мојсеј, за кого Павле напишал: „Со вера го напушти Египет, но не се плашеше од гневот на царот, бидејќи остана цврст како да го гледа Оној кој е невидлив“ (Евреите 11:27).
7, 8. На што се должела храброста на Мојсеј пред фараонот?
7 Додека го извршувал налогот што го добил од Бог — да ги изведе Израелците од египетско ропство — Мојсеј честопати се појавувал пред тиранскиот фараон на царскиот двор што вриел од религиозни и воени магнати. Веројатно на ѕидовите на палатата биле наредени идоли. Но, иако е невидлив, Јехова му бил реален на Мојсеј, за разлика од сите идоли што ги претставувале безживотните богови на Египет. Не е ни чудо што Мојсеј не се уплашил од фараонот!
8 Што му дало на Мојсеј храброст секогаш одново да се појавува пред фараонот? Писмото ни кажува дека ‚Мојсеј бил мошне скромен човек, најскромен човек на земјата‘ (Броеви 12:3). Јасно, јаката духовност и уверувањето дека Бог е со него му ја дале на Мојсеј потребната сила да го претставува ‚Невидливиот‘ пред безмилосниот цар на Египет. На кои начини оние што го ‚гледаат‘ невидливиот Бог ја покажуваат својата вера во него денес?
9. Кој е еден начин на кој можеме да продолжиме цврсто?
9 Еден начин да се покаже вера и да се продолжи цврсто како да се гледа Оној кој е невидлив е преку храбро проповедање и покрај прогонство. Исус ги предупредил своите ученици: „Ќе бидете предмет на омраза на сите луѓе поради моето име“ (Лука 21:17). Исто така, тој им рекол: „Робот не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Верно на Исусовите зборови, набрзо по неговата смрт, следбениците поднесувале прогонство во облик на закани, апсења и тепање (Дела 4:1-3, 18-21; 5:17, 18, 40). Иако имало бран прогонство, Исусовите апостоли и другите ученици продолжиле со смелост да ја проповедаат добрата вест (Дела 4:29-31).
10. Како нашата доверба во Јеховината заштитничка грижа ни помага во службата?
10 Слично на Мојсеј, Исусовите први ученици не биле заплашени од многуте свои видливи непријатели. Учениците на Исус имале вера во Бог и, како резултат на тоа, можеле да го поднесат жестокото прогонство што го доживеале. Да, продолжиле цврсто како да го гледале Оној кој е невидлив. Денес, постојаната свесност за Јеховината заштитничка грижа нѐ храбри, давајќи ни смелост и бестрашност во нашето дело на проповедање на Царството. Божјата реч вели дека „стравот му поставува стапица на човекот, а кој се надева на Господа, наоѓа закрила“ (Пословици 29:25). Затоа, ние не се повлекуваме во страв од прогонство; ниту, пак, се срамиме од нашата служба. Верата нѐ мотивира храбро да им сведочиме на соседите, колегите, соучениците и на другите (Римјаните 1:14-16).
Невидливиот го води својот народ
11. Според Петар и Јуда, како некои што биле поврзани со христијанското собрание покажале недостиг на духовност?
11 Верата ни помага да го гледаме Јехова како оној што ја води својата земна организација. На тој начин избегнуваме критизерски став кон оние што носат одговорност во собранието. Апостол Петар и Исусовиот полубрат Јуда предупредиле дека имало поединци на кои толку многу им недостасувала духовност што зборувале навредливо за мажите кои предводеле меѓу христијаните (2. Петрово 2:9-12; Јуда 8). Дали таквите лица, кои само барале грешки, би зборувале така во присуство на Јехова кога тој би им бил физички видлив? Тешко! Но, бидејќи Бог е невидлив, тие телесни луѓе пропуштиле да ја земат предвид својата одговорност пред него.
12. Каков став треба да покажуваме кон оние што предводат во собранието?
12 Точно, христијанското собрание е составено од несовршени луѓе. Оние што служат како старешини прават грешки кои понекогаш можат да нѐ погодат нас лично. Сепак, Јехова користи такви мажи како пастири на своето стадо (1. Петрово 5:1, 2). Духовно настроените мажи и жени признаваат дека ова е едно средство преку кое Јехова го води својот народ. Затоа, како христијани, избегнуваме дух на критизерство и жалење и покажуваме почит кон Божјите теократски подготовки. Со тоа што сме им послушни на оние што предводат меѓу нас, покажуваме дека го гледаме Оној кој е невидлив (Евреите 13:17).
Да го гледаме Бог како наш Голем Учител
13, 14. Што значи за тебе да го гледаш Јехова како Голем Учител?
13 Постои уште едно подрачје на кое е потребно духовно согледување. Исаија прорекол: „Очите ќе ти Го гледаат твојот [Голем, NW] Учител“ (Исаија 30:20). За да признаеме дека Јехова е оној што нѐ поучува преку својата земна организација, потребна е вера (Матеј 24:45-47). Да го гледаме Бог како наш Голем Учител значи повеќе отколку само да задржиме добри навики за проучување на Библијата и редовно да присуствуваме на христијанските состаноци. Тоа значи во целост да ги користиме Божјите духовни подготовки. На пример, треба да обрнеме повеќе од обично внимание на водството што Јехова го дава преку Исус за да не отпловиме во духовен поглед (Евреите 2:1).
14 Понекогаш е потребен посебен напор за да црпиме целосна корист од духовната храна. На пример, можеби сме склони само брзо да прелетаме преку некои библиски извештаи кои ни се тешки за разбирање. Кога ги читаме списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, можеби дури прескокнуваме извесни статии бидејќи темата посебно не нѐ интересира. Или, можеби дозволуваме да ни лутаат мислите на христијанските состаноци. Меѓутоа, можеме да останеме будни ако внимателно размислуваме за точките што се разгледуваат. Нашето длабоко ценење за духовната поука што ја добиваме покажува дека го признаваме Јехова како наш Голем Учител.
Мораме да положиме сметка
15. На кој начин постапуваат некои како да се невидливи за Јехова?
15 Верата во Оној кој е невидлив е особено битна бидејќи во ова ‚време на свршетокот‘ злобата многу преовладува (Даниел 12:4). Нечесноста и сексуалниот неморал земаат огромен замав. Се разбира, мудро е да запомниме дека Јехова ги набљудува нашите постапки дури и кога луѓето не можат да нѐ видат. Некои ја изгубиле свесноста за тој факт. Кога другите не ги гледаат, можеби си дозволуваат небиблиско однесување. На пример, некои не се спротивставиле на искушението да гледаат штетна забава и порнографија на Интернет, телевизија и други облици на современата технологија. Бидејќи вклученоста во такви работи може да се случува насамо, некои постапуваат така како нивното однесување да е невидливо за Јехова.
16. Што треба да ни помогне да се подложиме на Јеховините возвишени мерила?
16 Добро е да ги имаме на ум зборовите на апостол Павле: „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12). Треба да бидеме свесни дека секојпат кога грешиме, грешиме против Јехова. Ова сознание треба да ни помогне да се подложиме на неговите возвишени мерила и да избегнуваме нечисто однесување. Библијата нѐ потсетува: „Нема ниедно создание кое не е видливо пред неговиот поглед, туку сѐ е голо и отворено изложено пред очите на оној кому ние мораме да му положиме сметка“ (Евреите 4:13). Точно, мораме да положиме сметка пред Бог, но секако, главна причина заради која ја вршиме неговата волја и се придржуваме кон неговите праведни мерила е нашата длабока љубов кон Јехова. Затоа, да практикуваме разборитост во работи како, на пример, изборот на забава и однесувањето со спротивниот пол.
17. Со каков интерес нѐ набљудува Јехова?
17 Јехова е длабоко заинтересиран за нас, но тоа не значи дека тој чека да направиме грешки за да може да нѐ казни. Наместо тоа, тој нѐ набљудува со љубезна грижа каква што има еден татко кој сака да ги награди своите послушни деца. Колку е само утешително да знаеме дека нашиот небесен Татко е задоволен од нашата вера и дека „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“! (Евреите 11:6). Да практикуваме безрезервна вера во Јехова и да ‚му служиме со сето срце‘ (1. Летописи 28:9).
18. Бидејќи Јехова нѐ набљудува и ја забележува нашата верност, каква гаранција добиваме од Писмото?
18 Во Пословици 15:3 се вели: „Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите“. Да, Бог ги набљудува лошите луѓе и со нив постапува според нивното однесување. Меѓутоа, ако спаѓаме во „добрите“, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги забележува нашите дела на верност. Колку само ја зајакнува верата сознанието дека ‚нашиот труд во врска со Господ не е залуден‘ и дека оној кој е невидлив нема ‚да го заборави нашето дело и љубовта што ја покажуваме кон неговото име‘! (1. Коринќаните 15:58; Евреите 6:10).
Да го замолиме Јехова да нѐ испита
19. Кои користи произлегуваат од јаката вера во Јехова?
19 Како Јеховини верни слуги, ние сме му драгоцени (Матеј 10:29-31). Иако тој е невидлив, може да ни биде реален, и можеме длабоко да го цениме нашиот драгоцен однос со него. Таквиот став кон нашиот небесен Татко ни донесува многу користи. Нашата силна вера ни помага да имаме чисто срце и добра совест пред Јехова. Исто така, верата без лицемерство нѐ спречува да водиме двоен живот (1. Тимотеј 1:5, 18, 19). Нашата непоколеблива вера во Бог служи како добар пример и може да има позитивен ефект врз луѓето околу нас (1. Тимотеј 4:12). Освен тоа, таквата вера унапредува побожно однесување, што го радува Јеховиното срце (Пословици 27:11).
20, 21. а) Зошто е пожелно Јеховиното будно око да бдее над нас? б) Како можеме да го примениме на себе Псалм 139:23, 24?
20 Ако сме навистина мудри, ќе ни биде драго што Јехова внимава на нас. Ние не само што сакаме тој да нѐ гледа туку имаме желба и темелно да ги испита нашите мисли и постапки. Ќе биде добро во молитва да го замолиме Јехова да нѐ испита и да увиди дали имаме некаква неисправна склоност. Тој сигурно може да ни помогне да излеземе на крај со проблемите и да ги направиме сите потребни преиначувања. Соодветно на тоа, псалмистот Давид пеел: „Испитај ме целиот, Боже, запознај ми го срцето, испитај ме и запознај ги моите мисли: Погледај да не одам по гибелен пат и поведи ме по вечниот пат!“ (Псалм 139:23, 24).
21 Давид молел Јехова да го испита целиот за да види да не оди по „гибелен пат“. Исто како псалмистот, зар ние не копнееме Бог да ги испита нашите срца и да види дали имаме некакви неисправни мотиви? Затоа, со вера да бараме Јехова да нѐ испита. Но, што ако нѐ вознемирува тегобна грижа поради некоја грешка или во нас постои нешто што предизвикува болка? Тогаш, да продолжиме горливо да го молиме нашиот полн со љубов Бог, Јехова, и понизно да се подложиме на водството на неговиот свет дух и на советите од неговата Реч. Можеме да бидеме уверени дека тој ќе ни подаде рака и ќе ни помогне да следиме правец што ќе води до вечен живот (Псалм 40:11-13).
22. На што треба да бидеме решени во врска со Оној кој е невидлив?
22 Да, Јехова ќе нѐ благослови со вечен живот ако ги исполнуваме неговите барања. Се разбира, мораме да ја признаеме неговата моќ и неговиот авторитет, исто како што сторил апостол Павле кога напишал: „На Царот на вечноста, нераспадливиот, невидливиот, единствениот Бог, нека му е чест и слава во сета вечност. Амин“ (1. Тимотеј 1:17). Секогаш да покажуваме таква искрена длабока почит кон Јехова. И што и да дојде, никогаш да не се поколебаме во нашата решеност да продолжиме цврсто како да го гледаме Оној кој е невидлив.
Како би одговорил?
• Како е можно луѓето да го видат Бог?
• Ако Јехова ни е реален, како ќе постапуваме кога сме прогонувани?
• Што значи да го гледаме Јехова како наш Голем Учител?
• Зошто треба да сакаме Јехова да нѐ испита?
[Слика на страница 18]
Мојсеј, кој не се уплашил од фараонот, постапувал како да можел да го гледа Јехова, невидливиот Бог
[Слика на страница 21]
Никогаш да не постапуваме како Јехова да не може да види што правиме
[Слика на страница 23]
Горливо бараме спознание за Бог бидејќи го гледаме како наш Голем Учител